Адвокатите на Канческа – Милевска ги спорат вештачењата на СЈО, следното рочиште на 13 март


Скопје, 21 февруари, 2018 - 13:02 (META) 

Со приговори на одбраната околу вештачењето на доказите и за надлежноста на Специјалното јавно обвинителство помина првото рочиште од судскиот процес за случајот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска.

Претседателот на судечкиот совет на Кривичниот суд во Скопје, Осман Шабани, го прекина рочиштето и следното го закажа за 13 март, кога ќе треба да се произнесе по приговорите на одбраната.

Адвокатите Сашо Дуковски и Еленко Миланов, на почетокот на денешното рочиште, реагираат до судот околу вештачењето на „ЕОС консалтинг“, кое го оценија како неообјективно. Според нив, станува збор за вештачење на поддржуница на италијанска, односно странска компанија, која не може да врши вештачења. Тие ја оспорија и лиценцата на потписникот на вештачењето, Страхил Глигоровски, која важела до 17 април 2017 година, а вештачењето било изготвено на 30 мај, истата година. Лиценцата на Глигоровски му била продолжена кон средината на јули 2017 година. Поради ова адвокатите бараат изземање на вештачењето и негово издвојување од другите материјали во предметот.

Адвокатката Сања Алексиќ рече дека барале од СЈО да им бидат предадени аудио-материјалите кои се дел од доказите, но, оти тоа не било направено, поради што сега бараат копии од нив. Алексиќ рече дека преку вештаци, кои ќе ангажираат, ќе бараат да се утврди дали прислушуваните разговори се монтирани и дали се целосни или се прекинати.

Адвокатите бараат и да се провери надлежноста на СЈО, односно дали тоа може да постапува во овој случај.

На приговорите на одбраната реагираше обвинителот на СЈО, Стевчо Донев, кој рече дека дел од нив биле изнесени и при поднесувањето на обвинението, но Советот за оценка на обвинителен акт ги одбил како неосновани. Во врска со приговорот за вештачењето, тој наведе дека кога била дадена наредбата за вештачење двајцата вештаци имале важечки лиценци.


Се чека Управен суд да каже што решил за приговорите на партиите


Скопје, 5 ноември, 2017 - 10:54 (META) 

Според соопштението објавено на веб-страницата на Управен суд вчера доцна вечерта, денеска судот би требало да соопшти какви пресуди донел за вчера разгледаните 10 тужби од политичките партии против одлуките на Државната изборна комисија (ДИК), што ги разгледуваше.

Од вкупно 16 примени тужби, судот вчера разгледуваше 10, а за денеска остануваат шест. Партиите незадоволни од неприфаќањето на нивните приговори во ДИК поднесоа тужби, и тоа Алијанса за Албанците – 11, Беса поднесе четири тужби и НДМ една тужба.

Според соопштението потпишано од претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини, донесена е одлука само за една тужба.

„Ве известуваме дека во текот на денешниот ден, 4 ноември 2017 година, во Управниот суд се одржаа 10 јавни седници по тужби на подносителите на кандидатски листи за локалните избори 2017 година, додека јавните седници за преостанатите шест тужби ќе се одржат во текот на утрешниот ден и тие се објавени на веб-страницата на Управниот суд. Исто така, Ве известуваме дека до овој момент донесена е одлука по една тужба, која на веб-страницата на судот ќе биде објавена и достапна за јавноста најдоцна утре, 5 ноември 2017 година“, стои во вчерашното соопштение објавено на веб-страницата на Управен суд.


Управен суд почна да решава по 16 тужби за вториот круг од изборите


Скопје, 4 ноември, 2017 - 14:45 (META) 

Вкупно 16 тужби од политички партии за вториот круг на локалните избори се поднесени до Управниот суд заклучно до денеска до 10 часот.  Во соопштението од Управниот суд, потпишано од претседателот на судот, се наведува дека 11 тужби се поднесени од Алијанса на Албанците, четири од Движењето Беса и една од Народно движење за Македонија.

ДИК на седница ги отфрли сите приговори поднесени за вториот круг од локалните избори. Управниот суд е должен да донесе одлука по жалбите во рок од 48 часа по нивниот прием, а постапките почнаа денеска во 11 часот.


ДИК ги отфрли приговорите на Беса, Алијанса за Албанците и на НДМ


Скопје, 2 ноември, 2017 - 21:16 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница, која заврши вечерва, ги разгледа и ги отфрли сите приговори поднесени од партиите Беса, Алијанса за Албанците и НДМ за гласање, сумирање и за утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори, што се одржа на 29 октомври.

Од вкупно 89 приговори поднесени од Беса, ДИК отфрли 88, а еден приговор бил повлечен од партијата. На барање на Беса, 84 приговори биле разгледани како еден бидејќи сите се однесувале на гласањето во општина Чаир и имале исти наводи.

Членовите на ДИК ги отфрлија и сите 13 приговори поднесени од Алијанса за Албанците за гласањето во Струга, како и еден приговор поднесен од НДМ.

Приговорите на Беса и на Алијансата за Албанците, Комисијата ги отфрли како неосновани, додека приговорот на НДМ е отфрлен како неуреден.

Против одлуките на ДИК, партиите можат да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решенијата. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбите. Одлуките на Управниот суд се конечни.


Партиите поднесоа 103 приговори до ДИК за вториот круг од локалните избори


Скопје, 1 ноември, 2017 - 9:48 (META) 

Политичките партии до Државната изборна комисија поднеле 103 приговори за вториот круг од локалните избори, информираше за „Мета“ портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска.

Најмногу приговори има поднесено Беса – дури 89. Алијанса за Албанците има поднесено 13 приговори и еден приговор има поднесено НДМ.

ДИК има рок од 48 часа да одговори на приговорите.

– Приговорите треба да се обработат, па потоа ДИК ќе закаже седница на која ќе бидат разгледани и членовите на комисијата ќе одлучуваат по нив – вели Гугучевска.

Емат Мехмети од Беса, при поднесувањето на приговорите, посочи дека имало голем број неважечки ливчиња и разни неправилности.

– Насекаде се виде дека не сме имале избори, туку само крадење. Поради огромниот број на неважечки гласачки ливчиња, имаме сериозни сомневања дека манипулацијата е направена токму со овие гласачки ливчиња. Затоа, поголемиот број приговори се поврзани со ова. Ја повикуваме и меѓународната заедница да ги послуша овие жалби, бидејќи ние нема да дозволиме нашето право да биде повредено. Ние не би сакале нашето право да го бараме на улица – рече Мехмети.

По одлуката на ДИК, партиите имаат рок од 24 часа да поднесат тужби до Управниот суд, кој, пак, по тужбите треба да одлучи во рок од 48 часа.


Нема прегласување на првиот круг од локалните избори, одлучи ДИК


Скопје, 24 октомври, 2017 - 20:06 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) на вечерашната седница ги прогласи за конечни резултатите од првиот круг од локалните избори, откако од Управниот суд ги доби одлуките за тужбите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, ТМРО, Левица и од Алијанса за Албанците.

На седницата на ДИК било заклучено дека нема да има прегласување на првиот круг во ниту една од општините во Македонија, додека вториот круг од локалните избори ќе се одржи во 35 општини, каде на 1.517 избирачки места ќе се гласа за градоначалник.

Втор круг за избор на градоначалник ќе има во скопските општини Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Шуто Оризари, Чаир и Сарај.

Управниот суд прифати само една од 24 тужби поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, односно таа што се однесува на гласачкото место 2461 во Општина Сарај. Сепак, Судечкиот совет го одби приговорот на ВМРО-ДПМНЕ, а во одлуката објавена на веб-страницата на судот се наведува дека ДИК погрешно утврдила дека приговорот на ВМРО-ДПМНЕ се однесува на гласањето за градоначалник на Скопје, а станувало збор за Совет на Град Скопје. По разгледувањето на оригиналните записници, Управниот суд утврдил дека ДИК правилно одлучила да го одбие приговорот бидејќи доказите укажуваат дека не е прекршен Изборниот законик.


Поднесени 27 жалби до Управниот суд за одбиените приговори од ДИК


Скопје, 22 октомври, 2017 - 10:18 (META) 

Вкупно 27 жалби се поднесени до Управниот суд од партиите ноќеска против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за приговорите за првиот круг од локалните избори, што се одржа на 15 октомври, соопшти судот.

Инаку, рокот за за поднесување жалби за одбиените приговори од ДИК истекува денеска во 11 часот.

Најмногу тужби поднела ВМРО-ДПМНЕ, вкупно 24, две жалби се од ТМРО и една од Левица.

Управниот суд има рок од 48 часа во кој треба да донесе одлука по жалбите.

По тужбите ќе одлучуваат пет судечки совети, составени од петмина судии од Управниот суд, избрани со жрепка. Тужбите електронски им се распоредуваат на судиите, а одлучувањето ќе биде на јавни седници.

Управниот суд вчера ја отфрлил тужбата од Ѓорѓи Шарковски против „државната администрација во Кривогаштани“ поради оневозможување на собирање потписи за градоначалник и за членови на совет во Општина Кривогаштани.

Во меѓувреме тече кампањата за вториот круг од локалните изборите. Ноќеска на полноќ заврши рокот за поднесување барања за гласање на болни и изнемоштени лица.

Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 29 октомври.


ВМРО-ДПМНЕ до Управниот суд ќе поднесе жалби за сите приговори одбиени од ДИК


Скопје, 21 октомври, 2017 - 13:25 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ ќе го искористи правото на жалба пред Управниот суд за сите приговори за локалните избори на 15 октомври, што беа одбиени од Државната изборна комисија, соопштија денеска од опозициската партија, додавајќи дека нема да дозволат некој да ја уништува демократијата и правната држава во Република Македонија.

Рокот за поднесување жалби до Управниот суд е 24 часа и истекува вечерва, имајќи предвид дека ДИК синоќа им ги достави решенијата на политичките партии за чии приговори одлучуваше. Откако ќе ги добие приговорите, Управниот суд има рок од 48 да одлучи по нив.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека СДСМ ги организирала најнедемократските избори во историјата на независна Македонија и дека целата изборна кампања поминала во изборен поткуп, уцена и со закани врз гласачите, додека во текот на изборниот ден бил спроведен и т.н. бугарски воз, односно гласачките кутиите биле полнети со гласачки ливчиња однапред заокружени за СДСМ.

Партијата ја обвини и ДИК дека станала соучесник во сето тоа, „занемарувајќи и релативизирајќи очигледни факти и докази, со што се стави во функција на прикривање на изборните криминали на СДС“.

„ВМРО-ДПМНЕ ги повикува ОБСЕ/ОДИХР да ги нотираат овие очевидни случаи на криминал, да застанат на страна на демократијата, правото на глас и на слободата како врвни вредности на цивилизираниот свет“, се додава во соопштението.

Државната изборна комисија ги одби сите приговори поднесени за гласањето и за сумирањето на резултатите од првиот круг на локалните избори, од кои 40 беа поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и по еден од ТМРО, Алијанса за Албанците и од Левица.


ДИК на маратонската седница ги одби сите приговори за изборите


Скопје, 20 октомври, 2017 - 10:09 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) ги одби сите приговори поднесени за гласањето и сумирањето на резултатите од првиот круг на локланите избори кои што се одржаа во неделата, на 15 октомври.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска за „Мета“ изјави дека маратонската седница, која почна вчера околу 10 часот претпладне, завршила утрово и дека сите приговори се одбиени.

ДИК одлучуваше по вкупно 43 приговори, од кои 40 беа поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, и по еден од ТМРО, Алијанса за Албанците и Левица.

Против одлуките на ДИК, партиите во рок од 24 од приемот на решенијата можат да поднесат жалба до Управниот суд, кој, пак, е должен по приемот на жалбата да донесе одлука во рок од 48 часа.

Вториот круг на локалните избори ќе се одржи на 29 октомври.

Инаку, седницата на ДИК за разгледување на приговорите до најголем дел помина во жестоки расправии меѓу членовите на Комисијата од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Комисијата за дел од приговорите на ВМРО-ДПМНЕ констатираше дека се полни со технички грешки, кои се повторуваат, односно наместо имињата на општините во кои се наоѓаат избирачките места за кои се однесува приговорот, беше наведено името на друга општина. Претставниците на подносителот ВМРО-ДПМНЕ, беа согласни дека има грешки во приговорите, но, бараат ДИК и покрај тоа да одлучува по нив по службена должност бидејќи имало неправилности.


ДИК го проби рокот за одлучување, досега решени само седум приговори


Скопје, 19 октомври, 2017 - 21:50 (META) 

Државната изборна комисија го проби рокот од 48 часа за разгледување и одлучување по приговорите од политичките партии за изборите, кое требаше да заврши вечерва во 19 часот.

Ова, во текот на седницата, која сè уште е во тек и на која има жестоки расправии меѓу членовите од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, го спомена и претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски, како и членот на ДИК од СДСМ, Игор Милев.

Во моментов се пребројуваат ливчиња од гласачко место во Чаир за да се утврди дали се 406 или 409, во врска со приговорот од ВМРО-ДПМНЕ за поголем број ливчиња во гласачката кутија од бројот на запишани избирачи.

Претходно ДИК отфрли уште два приговори од ВМРО-ДПМНЕ за две избирачки места во Кривогашатни и за едно изборачко место во Аеродром. И во овие два приговори, како и во претходните, се повторуваше грешката со локацијата на избирачките места, односно наместо за избирачки места во општина Кривогаштани и во општина Аеродром беше наведена општина Прилеп.

Комисијата ќе чека да пристигне и општинска изборна комисија од Струга за да објасни зошто не е забележано дека на едно избирачко место гласал граѓанин што не бил во избирачкиот список и не се потпишал во него.

Од вкупно 43 приговори, ДИК на денешната седница досега успеа да разгледа само десет, сите од ВМРО-ДПМНЕ. Од нив отфрли седум, а постапката за трите приговори сè уште е во тек.

За разгледување остануваат уште 30 приговори на ВМРО-ДПМНЕ и по еден од ТМРО, Алијанса за Албанците и на Левица.