!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Разгледани 170 амандмани за предлог-буџетот, расправата продолжува утре во 11 часот


Скопје, 6 декември, 2017 - 21:01 (META) 

На второто продолжение на 12. седница на Комисијата за финансирање и буџет, кое продолжи и по 18 часот, беа разгледани околу 170 амандмани на предлог-буџетот, од вкупно 279, кои се предложени од ВМРО-ДПМНЕ и од Беса.

На расправата, на која не учествуваа пратениците од опозицијата, беа прифатени шест амандмани, четири од ВМРО-ДПМНЕ и два од Беса, додека осум беа повлечени од пратениците на Беса, кои учествуваа во расправата.

Според пратеникот на СДСМ, Јован Митревски, прифаќањето на амандманите на опозицијата значи дека власта сака да биде конструктивна и да соработува со опозицијата.

– Предложените амандмани ги делиме на добри и на лоши, а не според тоа од кого се предложени. Потребно е да се разгледат добрите предлози и за нив да се одвојат пари од предлог-буџетот – рече Митревски.

Комисијата ги прифати амандманите што се однесуваат на субвенции за печки на пелети, ТИР-зоната во Куманово, изградба на колекторски систем во Неготино, решавање на проблемот со депонијата во Струга, изградба на детски парк во Нерези, Општина Карпош.

Васко Ковачевски, кој претседава со Комисијата за финансирање и буџет, денеска за „Мета“ изјави дека амандманската расправа може да заврши и утре, односно побргу од предвидениот рок од 10 дена, бидејќи законот го дозволува тоа.

Ковачевски го закажа продолжението на седницата за утре во 11 часот.


Тројца осомничени за 27 април од куќен притвор одат во истражен затвор


Скопје, 1 декември, 2017 - 10:23 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 вчера уважил дел од жалбите на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и на тројца осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, им го заменил куќниот притвор, што претходно им беше одреден, со построга мерка – притвор, потврдија од судот.

Како што соопштија оттаму, станува збор за лицата М.П., Г.Ѓ. и Е.Д.Б.

Ова значи дека овие тројца осомничени треба, а според дел од медиумите, веќе и се префрлени од домашен притвор во притвор во истражен затвор.

За другите двајца кои добија куќен притвор, за кои се жалеше Обвинителството, Кривичниот совет ќе одлучува дополнително.

Инаку, уште еден осомничен, кој ѝ беше недостапен на полицијата, вчера самиот им се предал на органите на прогонот. Тој, како што информираат од судот, бил изведен пред судија на претходна постапка, кој по распитот му одредил мерка притвор од 30 дена.

Со ова вкупниот број на осомничени за насилствата од 27 април кои добија притвор, сега изнесува 19 лица.

Денеска, Собранието ќе одлучува за одземањето на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска, во врска со барањето на Кривичниот суд за нивно притворање.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција во вторникот оваа недела, соопшти дека отворило истрага против 36 лица за насилствата од 27 парил во Собранието.

Осомничените, меѓу кои се поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски, се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.


Врховниот суд ги укина пресудите и го врати „Монструм“ на повторно судење


Скопје, 24 ноември, 2017 - 16:02 (META) 

Врховниот суд ги укина пресудите за „Монструм“ и го врати случајот на повторно судење. Судот донесе пресуда со која ги уважува жалбите на обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, што се случи на 12 април 2012 година.

Со пресудата на највисокиот суд во земјава се укинати пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје, со кои шест лица беа осудени на доживотна казна затвор, и го враќа предметот на повторно судење.

„Врховниот суд на Република Македонија донесе пресуда по предметот Вкж2 бр.3/2016, познат во јавноста како „Монструм“, со која жалбите на одбраната се уважени, а првостепената и второстепената пресуда се укинати и предметот е вратен на првостепениот суд на повторно одлучување“, стои во денешното соопштение од Врховниот суд.

Оттаму наведуваат дека „во тек е постапка за објавување на наведената пресуда и дека за тоа јавноста ќе биде дополнително информирана“.

Одлуката на Врховниот суд доаѓа по јавната седница за разгледување на жалбите на обвинетите во случајот што се одржа на 3 октомври годинава и на која јавната обвинителка Лилјана Спасоска побара укинување на пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд и враќање на предметот на повторно судење.

Барањето на Спасоска, која е и в.д. шеф на Јавното обвинителство, беше поради „неутврдена фактичка состојба“, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство и кои би можеле да го сменат текот на постапката.

Обвинителката пред судот, исто така, побара да бидат уважени и жалбите на одбраната на обвинетите за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, кои пред Врховниот суд ги отфрлија обвинувањата дека се извршители на масакрот и повторно тврдеа дека се невини.

За петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, на доживотен затвор се осудени Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Самил Љута. Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.


Врховниот суд го поништил прераспоредувањето на седум судии


Скопје, 2 март, 2017 - 19:46 (META) 

Врховниот суд денеска на седница прифатил седум од вкупно осумте приговори поднесени од судии во Основниот суд Скопје 1, кои со новиот годишен распоред на в.д. претседателката на судот, Татјана Михајлова, беа прераспоредени од кривичниот во прекршочниот оддел, јавува „СДК“, повикувајќи се на судии од Врховниот суд.

Според судии во Врховниот суд, сега Михајлова ќе треба да прави нов распоред. Тие за порталот, сепак, рекле дека не можат да ги вратат прераспоредените судии на старите работни места и на предметите што претходно ги работеле, бидејќи тоа е во надлежност на претседателот, односно на в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1.

Приговорите на судиите биле прифатени бидејќи Михајлова ги распоредила без нивна согласност.


Повеќе од 4.000 бегалци влегле во Словенија откако Унгарија ја затвори границата


Љубљана, 18 октомври, 2015 - 12:12 (META) 

Илјадници мигранти, во изминатото деноноќие, влегле во Словенија, откако ноќта меѓу петокот и саботата унгарските власти ја затворија границата со Хрватска и го запреа протекот на бегалци на нивна територија.

Како што соопшти Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), во Словенија од Хрватска влегле околу 4.000 мигранти. Најголем дел од нив имаат намера да го продолжат својот пат кон Австрија и кон Германија.

Словенечките власти вчера донесоа одлука да ја вклучат војската која ќе ѝ помага на полицијата во справувањето со бегалскиот бран.

Премиерот Миро Церар изјави дека Словенија ќе ги прифаќа мигрантите сè додека границите на Австрија и на Германија се отворени за прием на бегалците.