!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев, Рама, Марковиќ и Звиздиќ ќе учествуваат на „Самит 100“


Скопје, 13 октомври, 2017 - 10:32 (META) 

Премиерот Зоран Заев ќе учествува на регионалниот настан „Самит 100“  за бизнис-лидери од Југоисточна Европа, кој на 16 и 17 октомври ќе се одржи во Скопје.

Заев е поканет да учествува со свое излагање на премиерската пленарна панел-дебата под наслов „Нов договор за новото време или дали регионот е подготвен за натпревар на глобалната сцена?“, на која ќе се дебатираат и темите за енергијата, за економиите засновани на знаење, за брендирањето, за дигиталната економија и за стратегиите за поврзување на регионот и за заеднички иницијативи во областа на туризмот.

Учество на оваа пленарна дебата, која ќе се одржи на 17 октомври, потврдија и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, и претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.

Посебно обраќање на овој исклучително значаен регионален настан ќе има и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

„Самит 100“ на бизнис-лидерите на Југоисточна Европа се одржува по шести пат. Централната тема оваа година е „Поврзаност“, која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и низ панел-дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилност на луѓе и на идеи, енергија и дигитализација.


Бизнис-форумот на Копаоник ќе се одржи од 7 до 9 март, ќе има и претставници од Македонија


Скопје, 3 март, 2017 - 10:47 (META) 

Традиционалниот бизнис-форум на Копаоник, годинава ќе се одржи од 7 до 9 март и на него ќе учествуваат повеќе од 1.000 учесници, високи државни функционери и влијателни бизнис-лидери, кои ќе ја разгледуваат програмата за реформи, не само во Србија, туку и во регионот.

На првиот ден на форумот, говорник ќе биде и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, кој ќе зборува на темата „Реформска програма на регионалните инвестиции: Еден регион, едно стопанство“.

Во хотелот „Гранд“ на Копаоник, каде ќе биде одржан тридневниот форум, ќе бидат одржани 20 панел-дискусии, три пленарни сесии, четири специјални случувања и две панел-презентации. Тема на форумот е „Програма за реформи во Србија: Што може да се научи од минатото и кои се решенијата за иднината“.


Нова комуникациска практика на СЈО – пресовите ќе паузираат, ќе фрчат соопштенија


Скопје, 24 јануари, 2017 - 15:21 (META) 

Првпат во досегашното постоење, Специјалното јавно обвинителство двете нови истраги со име „Тарифа“ и „Тенк“, наместо на прес-конференција, ги презентираше во јавноста преку соопштение на својата официјална интернет-страница.

Последната прес-конференција СЈО ја одржа пред повеќе од два месеци, на 18 ноември минатата година.

Причината за ваквата промена во практиката на објавување истраги од СЈО официјално не ја соопштија, но тоа од СЈО го објаснуваат со моменталната „презафатеност“ и со времето кое се губи за подготовки и за одржување на прес-конференциите. Оттаму велат дека дента кога се држи прес-конференција, на неколку часа се блокира целото СЈО – од обвинителите до службениците.

Од кабинетот на Јанева не појаснуваат дали оваа нова практика на комуникација со јавноста има врска со критиките кон СЈО што ги изнесуваат и домашните аналитичари, но и странците.

На 25 октомври минатата година, европските дипломати во земјава на брифинг со новинарите, меѓу другото, истакнаа дека се загрижени што СЈО се нашло во центарот на предизборните кампањи на партиите и на власта и на опозацијата, секоја за свои цели, и рекоа оти сметаат дека е подобро во овој период СЈО да биде помалку видливо во јавноста, а да ја интензивира својата работа на случаите поврзани со незаконското прислушување.

СЈО, вклучително со последните две, досега отвори вкупно 11 истражни постапки и поднесе две обвиненија за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година и за уништување на документацијата поврзана со системите од незаконското прслушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК).

На прес-конференцијата одржана на 12 февруари 2016 година, беше презентирана првата истражна постапка на СЈО, под името „Титаник“, а по неа следуваа прес-конференциите за случаите „Тортура“, „Тврдина“, „Транспортер“, „ТНТ.“, „Трезор“, „Топлик“, „Тендери“ и „Таргет“, презентиран на 18 ноември минатата година, кога СЈО ја одржа последната прес-конференција.

Прес-конференциите предизвикуваа голем интерес кај медиумите, па едвај имаше место да ги собере сите нивни претставници во просториите на СЈО, да ги слушнат воведното обраќање на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, презентацијата на случаите, за што беше задолжена обвинителката Фатиме Фетаи, и да постават прашање и да добијат одговор од обвинителката Ленче Ристоска, која беше задолжена за тој дел од прес-конференциите.