!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почнува „Галичка свадба 2017“, младенците се запознале во Галичник


Галичник, 15 јули, 2017 - 10:52 (META) 

Скопјаните Тања Чаловска и Бошко Лепчески, обајцата со потекло од Галичник, се младенците на „Галичка свадба 2017“ која ќе се одржува овој викенд. Триесет и едногодишниот правник и 28-годишната економистка се запознале пред седум години токму во Галичник, каде што утре ќе бидат и венчани во црквата „Св. Петар и Павле“.

По подолго време се случува на Галичка свадба двајцата младенци да имаат потекло од Галичник. Чаловска на свадбата ќе носи носија која е семејно наследство и е стара еден век, а необлечена повеќе од 50 години. Носијата сосе историски вредниот накит што ќе ги носи тежат околу 25 килограми.

Свадбата ќе почне вечерва во 19.30 часот, со китење, редење на бајракот и фрлање пушка, а утре наутро во 9 часот ќе продолжат обичаите меѓу кои централен настан ќе биде венчавката во црквата „Св. Петар и Павле“.

Посетителите своите возила ќе може да ги остават на фудбалското игралиште близу Галичник, а потоа со организиран превоз со комбиња ќе бидат превезени до влезот на Галичник.

Со Галичката свадба ќе биде отворено и годинашното Галичко културно лето, во чии рамки се 24. Галичка книжевна колонија во организација на Здружението „Галикул“, на која ќе учествуваат домашни и странски писатели, како и 28. Галичка ликовна колонија на која гости ќе бидат осум уметници од Израел, Индија, Босна и Херцеговина, Македонија, Словенија, Косово и од Бугарија.


Трошоците за авионски превоз и за болнички услуги најмногу се зголемиле во март


Скопје, 7 април, 2017 - 15:50 (META) 

Трошоците на животот во март, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,5 отсто, а цените на мало за истиот период се зголемени за 1,4 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Зголемување на цените има кај свежото и разладеното овошје за 7,3 проценти, тутунот за 2,6 проценти, безалкохолните пијалаци за 0,8 отсто и друго.

Во март, најголемо зголемување на трошоците е забележано кај авионскиот превоз на патници за 24,2 проценти, болничките услуги за 6,6 проценти, чистењето, поправката и изнајмувањето облека за 6,2 проценти и друго.


Јавното претпријатие за јавен превоз „Тетово транспорт“ функционира само на хартија


Тетово, 30 март, 2017 - 14:29 (META) 

Јавното претпријатие за јавен превоз „Тетово транспорт“, функционира само на хартија. Ова претпријатие се формираше пред една година за, како што посочија општинските власти, да се намали големото аерозагадување во градот, но и поради потребата од ваков превоз, со оглед на фактот дека Тетово е втор по големина град во Македонија, по фреквенција на луѓе и на возила. Студентите велат дека се изложуваат на големи трошоци затоа што нема јавен градски превоз.

– И двата универзитети, Државниот тетовски универзитет и Универзитетот на Југоисточна Европа се на крајот од градот, а за да стигнеме до таму, потребен ни е превоз. Има приватни превозници, но тие немаат редовни линии, па честопати мора да плаќаме такси да стигнеме навреме на предавање или на испит – вели една студентка.

На 28 февруари минатата година, на седница на Советот на Општина Тетово, беше изгласан надзорниот и управниот одбор на Јавното претпријатие за јавен превоз „Тетово транспорт“. На седницата беше кажано дека јавното претпријатие ќе почне со работа во текот на 2016 година ако Министерството за транспорт и врски одговори позитивно на општинското барање и одобри неколку автобуси со кои претпријатието ќе стопанисува.

Од Општина Тетово велат дека сè уште очекуваат одговор од Министерството за транспорт и врски, кое на Град Скопје му дало помош за набавка на нови автобуси.

– Нашето барање е во иста насока и нужно е рамноправно третирање на сите општини од страна на Владата – посочија локалната власт на Тетово.

Од Министерството за транспорт и врски неодамна ни одговорија дека до нив нема поднесено никакво барање за донација на автобуси за јавен градски превоз. Оттаму додадоа дека не располагаат со автобуси и немаат надлежност вакви превозни средства да донираат на единици на локални самоуправи.


Блокадите продолжуваат, превозниците го намалуваат бројот на камиони


Скопје, 13 февруари, 2017 - 12:36 (META) 

Граничниот премин Евзони е затворен веќе две недели, а македонските превозници најмногу трпат од блокадата на грчките земјоделци кои протестираат против владините мерки на Грција.

Камионите кои превезуваат нафта и нафтени деривати се пренасочуваат преку Ново Село, но и преку Меџитлија, граничен премин преку кој од денеска може да поминуваат камиони кои пренесуваат само нафта, но не и друг вид на акцизна стока. Камионите кои превезуваат акцизна стока не можат да поминат преку граничниот премин Дојран, бидејќи нема одобрение од грчка страна.

– Компанијата „Окта“ превезува преку Ново Село, Бугарија. Но оттаму трошоците на превозниците се зголемуваат за 20-30 проценти, така што тие веќе го редуцираат бројот на камиони. Има патарини, километражата е поголема, па оттука и цената на превозот се зголемува –  вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Таа вели дека превозниците засега не најавуваат одредени протести, бидејќи користат алтернативни патишта за превоз, а поскапувањето на нафтата ќе зависи од одлуката на Регулаторна комисија за енергетика.


Забавена е доставата на нафта во земјава, можно е поскапување


Скопје, 7 февруари, 2017 - 15:03 (META) 

Девет камиони што превезуваат нафта и нафтени деривати и беа заглавени на граничниот премин Евзони поради штрајкот на грчките земјоделци, се пуштени да влезат во земјава, вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

– Вчера, со посредство на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје, девет камиони ја поминаа границата, а шест останаа да чекаат. Ги пропуштија само оние кои се сметаат за опасни. Засега нема најава кога ќе бидат пуштени другите што останаа – вели Муратовска.

Таа објаснува дека доставата на нафта во земјава не е редовна како претходно, а компаниите се снаоѓаат од каде ќе ја купат и ќе ја донесат во земјава. Можно е, според Муратовска, цената на нафтата да се зголеми поради зголемување на трошоците и користењето на алтернативни патишта за да се донесе.

– Компаниите бараат алтернатива од каде ќе ја купат. Од Грција им беше најблиску и си ги знаеја доставувачите, а сега бараат начини тоа да биде преку Бугарија, што ги чини поскапо – вели Муратовска.

Министерот за економија, Дритон Кучи, на денешната прес-конференција изјави дека контактираат со грчките органи за да се надмине проблемот, бидејќи ја загрозува економската ситуација во земјава.

– Блокадата е внатрешен проблем на Грција и се надевам дека што поскоро ќе се реши. Како надлежен орган, правиме напори да им олесниме на сите што патуваат кон Грција, а не само на транспортерите –  изјави Кучи.

Тој додаде дека Министерството за економија ќе спречи да дојде до каква било нафтена криза.

– Вчера од секторот за енергетика ми укажаа дека веќе треба да се справиме со можната нафтена криза и затоа од денеска ќе ги интензивираме состаноците за надминување на проблемот – рече Кучи.

Камионите што превезуваат нафта и нафтени деривати се најзагрозени помеѓу превозниците кои се заглавени на грчко-македонската граница, бидејќи превозниците на друг вид стока се пренасочуваат кон граничниот премин Дојрани.

Поради блокадата на Евзони, железничкиот превоз e оптоварен и капацитетите на возовите се целосно исполнети.


Пензионерите од Виница бараат бесплатен превоз


Виница, 6 февруари, 2017 - 20:05 (META) 

Пензионерите од Виница бараат субвенции од локалната власт за користење јавен превоз. Нивните аргументи се дека скопските пензионери се привилегирани, со тоа што можат двапати неделно да користат бесплатен јавен превоз. Виничките пензионери додаваат дека еднаш неделно имаат потреба да заминат на лекар или во набавка на лекови, а билетите за јавниот превоз им се товар, особено на тие со ниски пензии, кои доаѓаат од околните населени места.

Овие пензионери, како што тврдат, се лишуваат од лекарска грижа поради трошоците со патувањето. Градоначалникот на Виница, Емил Дончев, изјави дека веќе од почетокот на март, пензионерите ќе може бесплатно да го користат јавниот превоз.

Како што наближуваат локалните избори, општините од Источна Македонија срамежливо излегуваат со повремени олеснувања за граѓаните. Веќе од 10 февруари пензионерите и социјално ранливите граѓани на Македонска Каменица ќе може да користат бесплатен локален превоз. За овие потреби, Општината веќе набави две комби-возила. Олеснувањето ќе важи само во петок, кога е пазарен ден во Македонска Каменица и најчесто доаѓаат жителите од околните села. Во другите денови, новите возила Општината ќе ги користи за превоз на спортисти и на ученици.


СДСМ: ЈСП да го среди проблемот со градскиот превоз што им го создаде на граѓаните


Скопје, 28 јануари, 2017 - 12:45 (META) 

„Веднаш да престанат кражбата и малтретирањето на граѓаните преку јавниот градски превоз во Скопје. Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) веднаш да го средат проблемот со градскиот превоз што им го создадоа на скопјани“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека „додека Никола Груевски се вози со „мерцедес“ од 600.000 евра, а неговите соработници дивеат во службени лимузини и дење и ноќе, загрозено е правото на граѓаните на редовен и достапен јавен градски превоз“.

– Граѓаните не се навреме информирани за своите права и обврски околу употребата на електронските картички. Не знаат која картичка е најисплатлива за нивните потреби. Во билетарниците и во автобусите, поради турканиците, вработените немаат можност да ги сослушаат граѓаните и тие се принудени да платат најмалку 150 денари за картичка, без да знаат дали им е потребна и кои им се другите поисплатливи опции – велат од СДСМ.

Во соопштението се вели и дека „воведените апсурдни рокови, до кога треба да се потроши сумата на картичката, што е право на граѓаните кои ја платиле, дополнително ги збунува граѓаните“.

– Им истекуваат платени картички, а треба да плаќаат за нови дополнувања. Дополнителен хаос и трошок се возењата со ноќните линии на градскиот превоз, бидејќи за нив не важеле месечните картички, па граѓаните требало да вадат дополнителна картичка за ноќни линии – се додава во соопштението.

Од СДСМ велат дека поради укинати или прераспределени линии, граѓаните наместо по 5 минути, чекаат автобус и по 20 минути на студот.


Повеќе од 4 милиони евра за мерки против загадувањето на воздухот во 2017 година


Скопје, 20 декември, 2016 - 13:15 (META) 

За 2017 година, предвидени се повеќе од 4 милиони евра за конкретни мерки и активности што ќе придонесат за намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во Скопје, се вели во соопштението на Град Скопје.

Оттаму информираат дека за подигнување на нови зелени површини и за посадување нови дрвја предвидени се 80 милиони денари, за изработка и за реализација на програми, планови и стратегии – 10 милиони денари, а за субвенции на граѓани за набавка на печки на пелети – 10 милиони денари.

Еден милион денари се предвидени и за извршување на разни мерења и за изработка за интегрирани Б-дозволи.

Како дополнителна мерка, од Град Скооје ја наведуваат и поддршката за одредени категории граѓани за почесто користење на сите форми на јавен и организиран превоз.

– За 2017 година, предвидени се околу 152 милиони денари или 2,5 милиони евра за субвенции и за финансиска поддршка за организиран превоз и за користење на јавниот превоз на ученици, студенти, повозрасни лица и лица со посебни потреби. Како една од мерките кои ќе се спроведат во иднина е и набавката на 50 електрични автобуси. Цената на еден ваков автобус се движи од 300.000 до 500.000 евра и нивната набавка ќе чини од 15 до 25 милиони евра. Средствата за овие автобуси би биле делумно покриени од буџетот на Град Скопје, а делумно од буџетот на Македонија – информираат од Град Скопје.


Невреме со силен ветер и со дожд го погоди Лондон


Лондон, 20 ноември, 2016 - 15:28 (META) 

Невреме проследено со силен ветер и со дожд го погоди Лондон, а граѓаните останале без превоз бидејќи многу возови кон претстолнината биле откажани.

Невремето Ангус го погодило и јужното крајбрежје на државата, а во Дорсет патиштата биле оштетени. На каналот Ламанш дувале ветрови со брзина од 156 километри на час.

Во Лондон брзината на ветрот изнесувала 64 километри на час, а во западниот дел на градот имало поплави.

Властите издале повеќе од 25 предупредувања за можни поплави и на подрачјето на југозападот на Англија.


Доцни тендерот за превоз на ученици во Битола


Битола, 30 септември, 2016 - 14:42 (META) 

Пропадна обидот на Општина Битола и на градоначалникот Владимир Талески тендерот за школски превоз, наместо локалната власт, да го распише средното техничко училиште „Ѓорги Наумов“. Училишниот одбор не ја прифати понудата, па како што тврди опозицијата, ќе се бара тендерот да го распише друго училиште.

Според опозицијата, тендерот за бесплатниот школски превоз треба да го преземе Министерството за образование, поради случајот „Транспортер“ во кој градоначалникот на Битола и уште 22 други лица, меѓу кои и директори на училишта, се осомничени за криминал со превозот тежок 360.000 евра.

Според Наташа Петровска, советник на СДСМ, на крајот на октомври истекува договорот со превозниците, а со тоа што сè уште нема нов тендер, учениците може да останат без превоз.

– Останува да видиме како ќе ги изведат сето тоа. И во понеделник да го распишат тендерот, никој не гарантира дека навреме ќе се обезбеди превозот. Тогаш учениците ќе навлезат во еден вакуум-простор. Тендерот за превоз требаше да биде почнат далеку порано и требаше да оди преку Министерството за образование поради сензитивните околности, но, за жал, се остави сè да тече вака, со пртисок врз директорите и со притисок врз наставниците – обвини Петровска.

Соња Карапашовска, советник од ВМРО-ДПМНЕ, смета дека заради економичност, тендерот за бесплатниот школски превоз ќе го распише едно од училиштата.

– Општината може да ја делигира таа надлежност на кое било од училиштата и да се избере начин како тоа поекономично да се направи – вели Карапашовска.