СЕММ: Министерот Поповски неосновано критикува


Скопје, 13 април, 2018 - 11:33 (META) 

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) реагира на, како што вели, неоснованата критика на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, околу ажурноста на СЕММ во обработката на поднесена претставка од неговиот кабинет за содржина објавена на порталот „ДоказМ“.

Поповски на вчерашната јавна расправа на Комисијата за транспорт, врски и екологија за Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, истакна дека Советот реагирал ненавремено, односно дека одговорот за овој случај доцнел месец и половина и дека тој самиот го потсетувал СЕММ да го забрза процесот на донесување одлука по поднесената жалба.

„Негирајќи ги овие искази, СЕММ потсетува дека жалба од Кабинетот на министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност официјално доби на 25.02.2018 година, по што, според Правилникот за работа на Комисијата за жалби, доставено е барање за одговор до засегнатиот портал. По истекот на рокот за одговор од 7 работни дена, односно на 07.03.2018 година, Комисијата за жалби одржа седница на 09.03.2018 година, а нејзината одлука е објавена на 12.03.2018 година.


Почина Стамен Филипов, човекот што поднесе најмногу претставки до Уставен суд


Скопје, 18 декември, 2017 - 10:41 (META) 

Стамен Филипов, пензиониран правник од АРМ со чин потполковник, познат каков човекот што поднел најмногу претставки до Уставниот суд на РМ, починал вчера на 74-годишна возраст.

Во текот на своите пензионерски денови, Филипов поднел 1.200 претставки за оценување на уставноста на законски одредби и разни решенија, а од нив му биле прифатени 308. Од нив, 239 законски одредби се укинати или поништени, од кои 9 закони во целина и 65 подзаконски прописи, а 32 подзаконски прописи укинати во целина. За 569 негови иницијативи, судот не почнал постапка.

Телото на Стамен Филипов ќе биде изложено во капелата на градските гробишта Бутел во Скопје утре од 12.30 часот, а погребот ќе биде од 13.30 часот.


ЗНМ го осуди приведувањето на двајца новинари и бара одговори од МВР и од ОЈО


Скопје, 3 ноември, 2017 - 14:28 (META) 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска го осуди приведувањето на снимателот на „ТВ 21“, Ибрахим Махмути, и на фоторепортерот од Косово, Бљерим Ука, за време на изрекувањето на пресудата за случајот „Диво Насеље“.

Оттаму наведуваат дека ваквиот однос на институциите е целосно неприфатлив и дека има цел да ги заплаши новинарите и да поттикне самоцензура кога известуваат за одредени судски постапки.

Махмути и Ука, како што стои во соопштението на ЗНМ, вчера шест часа биле задржани во полициска станица со образложение дека на судењето ги снимале судиите. По пуштањето од полициска станица, тие, во разговор со претставници на Здружението, кажале дека снимањето на судиите било само изговор за да бидат испрашанувани затоа што снимале припадници на полицијата пред судската зграда.

Од ЗНМ велат дека останува и дилемата дали полицијата имала налог за приведување на новинарите бидејќи, како што тврдат од Здружението, вчера од Основното јавно обвиниетлство им било кажано дека тоа не дало налог, а дека денеска од Обвинителството го тврделе спротивното.

„Прашуваме, што придонело да се смени ставот на јавното обинителство“, велат од ЗНМ.

Здружението најави дека ќе поднесе претставка до МВР за, како што велат, неоправданото шестчасовно задржување на колегите во полициска станица без да им се даде можност да ги известат редакцијата и нивните семејства дека се приведени и дека очекуваат полицијата сериозно да го истражи овој инцидент и да изрече соодветни санкции.

Во информацијата за настанот, во денешниот билтен на МВР се наведува дека двајцата новинари биле приведени во полициската станица Кисела Вода поради неовластено снимање пред објектот на судот.

„На 2 ноември 2017 година, во 14 часот, во полициската станица Кисела Вода, поради неовластено снимање пред објектот на Судот, биле приведени М.И. (29) од Скопје – снимател од една македонска телевизија и Б.У. (35) од Косово – снимател на телевизија од Косово. Во координација и по насоки на јавен обвинител, по извршениот разговор, лицата се пуштени. Од страна на СВР Скопје ќе биде доставено известување до Основното јавно обвинителство за досега преземените мерки“, стои во информацијата за настанот од МВР.


СЈО: Судијката Бахчованска антидатирала одлука за отфрлање на „бомбите“ како доказ


Скопје, 1 ноември, 2017 - 14:14 (META) 

Специјалното јавно обвинителство поднело претставка до Советот за утврдување на факти и поведување постапка за утврдување одговорност за судија, против судијката Моника Бахчованска од скопскиот Кривичен суд. СЈО бара од Советот да ја испита работата на судијката Бахчованска поради наводи што укажуваат на нестручно и несовесно вршење на судиската функација.

Во претставката на СЈО се наведени околности кои укажуваат на тоа дека судијката Бахчованска го антидатирала решението со кое прислушуваните разговори се отфрлаат како доказ во постапката за случајот „Тифани“, во кој новинарката и уредничка на телевизиијата „Сител“ е обвинета за даночно затајување.

Според СЈО, Бахчованска решението за издвојување на „бомбите“ од доказниот материјал го донела на 11 септември оваа година, а во образложението на својата одлука се повикала на одлука на Апелацискиот суд Скопје околу користењето на прислушуваните разговори во случајот „Триста“, која второстепениот суд ја донел на 18 септември, односно седум дена подоцна.

Решението на Бахчованска за „Тифани“, СЈО го добило на 5 октомври.

„Оттука, произлегува дека судијата Бахчовановска посочила решение што во моментот на донесување на одлуката сè уште не е дел од правниот поредок на Република Македонија, односно не е воопшто донесено според временскиот момент. Се поставува прашањето како судијата Бахчовановска можела да ја знае содржината на одлуката на Апелацискиот суд Скопје седум дена пред истиот да одлучи. Тоа упатува дека решението на судијата Моника Бахчовановска од 11 септември 2017 година, всушност, е антидатирано решение, односно не е донесено на наведениот датум, туку на некој подоцнежен датум, што, пак, понатаму упатува на заклучок дека судијата Бахчовановска при носењето на наведената одлука постапувала несовесно“, стои во претставката на СЈО до Советот за утврдување на факти.

Од СЈО наведуваат дека „временскиот момент на носење на судските одлуки е исклучително значаен, бидејќи тоа е моментот од кој одредена судска одлука почнува да опстојува како таква во правниот поредок и стекнува одредена правна сила, односно произведува одредено правно дејство“, поради што е недозволива каква било манипулација.


Караџовски по средбите со Панчевски и со судиите: Проблемите во судот не се големи


Скопје, 28 ноември, 2016 - 17:30 (META) 

Деветмина од вкупно 13 судии што му поднесоа претставка на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, денеска одговорија на поканата и се појавија во Судскиот совет, каде имаа средба со членовите и со претседателот на Советот, Зоран Караџовски.

Како што соопшти Караџовски по состанокот, средбата поминала во конструктивен дијалог, на кој било разговарано за известувањето што судии го поднесоа против Панчевски, како и за проблемите во судот, за кои, како што изјави претседателот на Судскиот совет, било заклучено дека не се толку големи, како што се претставуваат во јавноста.

– Ги повикавме судиите кои со кратки и нечитки потписи се потпишаа на известувањето. Благодарни сме што дојдоа поголемиот број. Тие што не дојдоа биле спречени од објективни причини, не дека не сакале да дојдат. Дискутиравме за повеќе теми, конкретно за известувањето (на судиите против Панчевски н.з.) и за состојбите во Основниот суд Скопје 1. Имавме конструктивен дијалог со добра намера од двете страни. Дојдовме од заклучок дека воопшто проблемите не се толку големи, ниту горливи како што се претставени во јавноста – рече Караџовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Караџовски рече дека претходно имале средба со претседателот на Кривичниот суд, а доколку има потреба ќе биде организирана и заедничка средба меѓу судии и Панчевски.

Караџовски рече дека Судскиот совет овие средби ги прави со цел да се зачува угледот на судството, додека разгледувањето на претставката од судиите против Панчевски е во надлежност на Совет за утврдување факти за одговорност на судија.

Кон средината на месецов, тринаесет судии од Основниот суд Скопје 1 испратија писмо до Судскиот совет, во кое реагираа и го обвинија претседателот на скопскиот Кривичен суд дека ја злоупотребува официјалната интернет-страница на судот со објавување „лични постапувања и ставови за одреден судија“.


Караџовски: Преголемата транспаретност за состојбите го урива угледот на судството


Скопје, 23 ноември, 2016 - 15:11 (META) 

Преголемата транспаретност и изнесувањето информации за состојбите во судовите во медиумите го нарушуваат угледот на судството, изјави претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, по денешната седница на која, меѓу другото, членовите на советот дискутираа и за последните случувања и скандали во Основниот суд Скопје 1.

Караџовски не ги соопшти заклучоците што Судскиот совет ги донел за состојбите во Кривичниот суд и препораките за смирување на тензиите меѓу одредени судии, но истакна оти повикуваат тие да се решаваат со разум и во рамките на институциите.

– Мислам дека ваквите состојби, особено транспаретноста за работи што не треба да бидат транспаретни во јавноста, односно иницијални фази на поднесување кривични пријави или соопштување на некои работи на медиумите, а истите тие работи да не бидат соопштение на Судскиот совет, придонесуваат угледот на судството неосновано да биде нарушен – рече Караџовски.

Тој додаде дека доколку некои судии имаат претпоставки за кривична одговорност кај свои колеги и поднесуваат кривични пријави, треба за тоа да ги известат Судскиот совет и надлежните инситуции без да се даваат информации во јавноста за тоа.

Караџовски посочи дека на денешната седница не ја разгледувале претставката што 13 судии ја поднесоа против претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, бидејќи тоа не било нивна работа.

– Разгледувањето претставки не е наша надлежност, туку на новиот Совет за утврдување факти за одговорност на судија. Нашата надлежност е заштита на угледот на судството. Доколку Советот за факти одлучи дека треба да се бара утврдување на одговорност, таквиот предлог можат да го достават до нас. Досега таков предлог Судскиот совет нема добиено – рече Караџовски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава, конкретно за состојбите во судството, Караџовски рече дека на некоја од наредните седници Судскиот совет ќе го разгледува извештајот.

Прашан дали се согласува со забелешките за партизираноста во судството, тој изјави дека тие не се аргументирани во извештајот.

– Не држи и не е аргументирано. Има и некои прогрешни констатации кои не знам од каде произлегуваат – изјави претседателот на Судскиот совет.


ЗНМ бара МВР да го казни обезбедувањето на Груевски за упадот во „ТВ 21“


Скопје, 21 јуни, 2016 - 18:19 (META) 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска доставило претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди на Министерството за внатрешни работи за упадот на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во „ТВ 21“.

Во претставката, ЗНМ бара да биде поведена постапка против двајцата припадници на обезбедувањето на Груевски, кои минатата недела упаднаа во просториите на телевизијата и го присилија новинарот Кристијан Ландов да избрише снимки од мобилен телефон.

„ЗНМ бара МВР да ги утврди сите околности на настанот и најостро да ги казни припадниците на обезбедувањето на Груевски за незаконско и непрофесионално постапување“, стои во соопштението на ЗНМ.

Оттаму велат дека бришењето снимки на новинари е чин на цензура, која е забранета со Уставот и потсетуваат дека Груевски како лидер на политичка партија е јавна личност и новинарите имаат право да го снимаат.

„Никој нема право, па и припадници на полицијата, да одземат приватен мобилен телефон од новинар или да му наложат да избрише снимен материјал надвор од судска постапка. Ако Груевски сметал дека новинарот му ја нарушил неговата приватност, можел да поднесе соодветна пријава до надлежен суд, но во никој случај вашите припадници не смееле да упаднат во телевизијата и да му наредат на новинарот да ја избрише снимката“, наведуваат од ЗНМ во претставката до МВР.