Почина Љубиша Георгиевски


Скопје, 6 декември, 2018 - 10:38 (META) 

Утрово на 81 година почина Љубиша Георгиевски, театарски и филмски режисер, драмски писател, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра.

Веста за смртта на Георгиевски на социјалните мрежи ја објави актерот Роберт Вељановски.

Љубиша Георгиевски е роден во Битола на 30 мај 1937 година.

Тој беше и кандидат за претседател на државата во 1994 година, а беше и претседател на Собранието од 2006 до 2008 година.

Во периодот 2000 – 2004 година беше македонски амбасадор во Бугарија, а во периодот од 2009 до 2013 година ја извршуваше и функцијата амбасадор на Македонија во Србија


Ахмети: Денко Малески е прифатлив кандидат за иден консензуален претседател


Скопје, 28 ноември, 2018 - 16:01 (META) 

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање денеска го откри својот фаворит за иден претседател на државата, јави телевизијата 21.

Според Ахмети, најдобар кандидат засега е Денко Малески.

– Досега не сме зборувале за имиња, но мислам дека Денко Малески е угледен професор, професор што ги исполнува сите стандарди. Но сепак останува за ова да разговараме со сите политички субјекти – рече Ахмети.


Николиќ сè уште чека договор, Вучиќ и натаму молчи


Белград, 16 февруари, 2017 - 21:00 (META) 

Претседателот на Србија Томислав Николиќ, по синоќешната неофицијална најава дека има намера повторно да се кандидира за шеф на државата, денеска изјави дека и понатаму чека договор со премиерот на земјата, Александар Вучиќ, кого врвот на неговата партија – Српската напредна странка (СНС) го предложи за претседателски кандидат. Вучиќ сè уште не излегол со став околу ова прашање.

– Јас и понатаму чекам договор со Александар Вучиќ. Пред тоа нема да носам никаква одлука и во своите изјави никого нема да го ставам пред свршен чин – вели Николиќ за српскиот дневен весник „Курир“.

Српските медиуми пишуваат дека по синоќешната најава на Николиќ дека има намера да се кандидира за претседател на земјата, комуникацијата меѓу него и Вучиќ „целосно пукнала“ и дека српскиот премиер нема намера ниту да го бара Николиќ, ниту да одговара на неговите повици.

Николиќ изминатите месеци не криеше дека сака уште еден претседателски мандат. Српските медиуми денеска пренесуваат дека тој од Вучиќ наводно го барал челното место во СНС и во владата, во замена за поддршка на неговата (на Вучиќ) кандидатура за претседател. Вучиќ, како што наведуваат медиумите, не го прифатил предлогот и свикал седница на претседателството на СНС, на кое едногласно било предложено тој да биде кандидат на партијата за претседател на Србија.

Главниот одбор на СНС утре треба да ја донесе конечната одлука за кандидатурата на Александар Вучиќ на претстојните претседателски избори во Србија.


Сто јавни личности побараа од српскиот омбудсман да се кандидира за претседател на државата


Белград, 25 ноември, 2016 - 16:53 (META) 

Стотина јавни личности во Србија, меѓу кои угледни книжевници, новинари, глумци и професори, денеска упатија апел до народниот правобранител, Саша Јанковиќ, да се кандидира за претседател на Србија како непартиски кандидат и ги повикаа демократски ориентираните граѓани и партии да ја поддржат оваа иницијатива.

Тие оценуваат дека Србија веќе неколку години се соочува со длабока и тешка криза, дека институциите се разорени или под притисок, како и дека сиромаштијата е реалност за мнозинството граѓани и додаваат дека граѓаните имаат можност да почнат да ги менуваат работите на претседателските избори кои треба да се одржат следната година.

Меѓу потписниците на апелот се и писателот Драган Великиќ, режисерот Горан Марковиќ, глумците Небојша Глоговац, Бранко Цвејиќ, Воја Брајовиќ, Никола Којо, Никола Ѓуричко, Предраг Ејдус и Радослав Миленковиќ, универзитетските професори Илија Вујачиќ, Ратко Божовиќ и Миодраг Зец, правниците Вида Петровиќ-Шкеро и Зоран Ивошевиќ и други јавни личности.

Јанковиќ, кој од позицијата омбудсман често ја критикува власта и кого медиумите подолго време го споменуваат како можен заеднички кандидат на опозицијата на претседателските избори, сè уште не реагирал на овој апел.

Апелот го поддржаа претседателот на опозициската Нова партија, Зоран Живковиќ, кој на „Твитер“ напиша „поддршка“, додека поранешниот претседател на Демократската партија, Бојан Пајтиќ, исто така на „Твитер“ напиша дека апелот „покажува дека има надеж за Србија“.

Како можен претседателски кандидат медиумите го споменуваат и поранешниот шеф на дипломатијата и кандидат на Србија за генерален секретар на Обединетите нации, Вук Јеремиќ.

Исто така, се очекува на изборите да се кандидира и лидерот на Српската радикална партија и поранешен обвинет од Хашкиот трибунал, Воислав Шешељ.

Кандидатот на владејачката Српска напредна партија засега сè уште не е официјално соопштен, но се верува дека тоа ќе биде актуелниот претседател Томислав Николиќ, и покрај тоа што одредени аналитичари веруваат дека на кандидатура во последен момент може да се одлучи и актуелниот премиер, Александар Вучиќ, кој засега ја негира таквата можност.


Обама го нарече Трамп „чукнат“ и „неинформиран“


Виентиан, 8 септември, 2016 - 17:48 (META) 

Барак Обама денеска од Лаос го критикуваше Доналд Трамп и го нарече „чукнат“ и „неинформиран“, откако републиканскиот кандидат за претседател на САД синоќа изјави оти смета дека рускиот претседател, Владимир Путин, е подобар лидер од Обама, јавува „Би-би-си“.

Обама, кој учествува на Азискиот самит во Лаос, изјавил дека секојпат кога Трамп ќе почне да зборува, станува сè појасно дека кандидатот на републиканците е неквалификуван да биде претседател.

„Мислам дека човекот е неквалификуван да биде претседател на САД и секојпат кога ќе прозбори тоа се потврдува. Мислам дека она што е важно за јавноста и за новинарите е да го следат што зборува и да поставуваат прашања за тоа што изгледа контрадикторно, неинформирано или како чисто чукнати идеи“, изјави Обама.

Трамп, кој синоќа во Њујорк заедно со својата ривалка од демократската партија, Хилари Клинтон, одговараше на прашања на воените ветерани, рече дека доколку биде избран за претседател на САД во ноември, „добро ќе се сложува со Путин“.

„Тој (Путин) има рејтинг од 82 отсто. Кога тој ме нарекува брилјантен, јас ќе го прифатам неговиот комплимент“, изјави Трамп, додавајќи дека рускиот претседател има „одлична контрола врз својата земја“.


Трамп и официјално е претседателски кандидат на републиканците


Вашингтон, 20 јули, 2016 - 9:53 (META) 

Доналд Трамп сега и официјално е кандидат на Републиканската партија за претседател на САД, јави „Си-ен-ен“, пренесувајќи ги резултатите од гласањето на републиканската конвенција.

Трамп освои доволен број делегати за номинација и убедливо е во предност во однос на Тед Круз.
Трамп засега има повеќе од 1.720 делегати, со што ја мина долната граница, односно минимум 1.237 делегати за номинација. Вкупниот број на делегати изнесува 2.472, а Круз „заостана“ за нешто повеќе од 480 делегати.

За време на конвенцијата уапсени се тројца демонстранти кои со знамиња го изразиле својот протест против Трамп.
Полицијата во Кливленд претходно спречи судир меѓу демонстрантите во близина на салата каде што се одржуваше републиканската конвенција.


Трамп: Ако станам претседател, нема да имам добри односи со британскиот премиер


Лондон, 16 мај, 2016 - 11:36 (META) 

Кандидатот за претседател на САД, милијардерот Доналд Трамп, изјави дека доколку победи, најверојатно нема да има добри односи со премиерот на Велика Британија Дејвид Камерон, бидејќи тој ја отфрлил неговата идеја за забрана за влез на муслимани во САД, нарекувајќи ја „глупа и погрешна“.

Камерон го критикуваше Трамп во британскиот парламент поради неговиот став за муслиманите и порача дека Велика Британија ќе биде обединета против републиканскиот кандидат, доколку дојде во посета на земјата.

„По сè изгледа дека нема да имаме особено добри односи“, изјавил Трамп во интервју за британската телевизија „Ај-ти-ви“, одговарајќи на прашање околу тоа какви ќе бидат неговите врски со Лондон доколку победи на изборите за претседател на САД на 8 ноември оваа година.

Во интервјуто, Трамп ги повикал муслиманите да соработуваат со полицијата и да „пријавуваат луѓе“, додавајќи дека неговиот став не е „антимуслимански“ туку „антитерористички“.

Во врска со неговиот повик за итна привремена забрана за влез на муслимани во САД, Трамп рекол дека овој негов став наишол на критики само од политичари, но, од друга страна, бил прифатен од милиони луѓе во целиот свет.


Папата Франциск смета дека Доналд Трамп не размислува христијански


Мексико сити, 18 февруари, 2016 - 19:40 (META) 

Папата Франциск ги стави под знак прашалник христијанските убедувања на кандидатот за претседател на Соединетите Американски Држави (САД) од редовите на Републиканската партија, Доналд Трамп, кој повикува на подигнување ѕид долж границата со Мексико, пренесува „Би-Би-Си“.

„Личност која размислува само за градење ѕидови, каде и да било, а не за градење мостови, не е христијанин“, изјавил папата пред крајот на својата посета на Мексико.

Коментарот на папата Франциск се однесува на изјавите на Трамп на неговите јавни настапи, во кои како претседателски кандидат најавува и дава отворена поддршка на поставувањето ѕид на границата со Мексико, како и депортирање на речиси 11 милиони имигранти без документи.

Американскиот бизнисмен, пак, во обраќање на собир во сојузната држава Јужна Каролина, како одговор на коментарите на папата рекол дека „е срамно за еден верски лидер да ја преиспитува верата на друг човек“.

„Ниту еден лидер, особено верски, нема право да ја преиспитува религијата или верата на друг човек. Папата искажа негативни работи за мене бидејќи Мексиканците го убедиле дека Трамп не е добар човек“, пренесува „Би-Би-Си“ дел од изјавата на Трамп.