!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Претседателот на Бразил осомничен за примање мито


Бразилија, 21 јуни, 2017 - 13:25 (META) 

Федералната полиција на Бразил вчера соопшти дека нејзините инспектори дошле до докази дека претседателот на земјата, Михел Темер, примал мито за да помага на бизниси, што отвора нова можност да биде симнат од функцијата. Тоа ќе биде третиот по ред бразилски претседател вмешан во финансиски скандал.

Истрага против Темер е почната по сведочење на богатиот месарски магнат, Жоесли Батиста, кој постигнал спогодба со истрагата, што ги поврзува претседателот и негов советник со земање мито, а Темер и со давање поткуп на поранешниот претседател на конгресот, Едуардо Кунха, за да премолчи некои работи. Кунха е сега в затвор.

Бразилскиот претседател негираше дека сторил какви било престапи и нагласи дека нема да си даде оставка.

Доколку главниот обвинител на Бразил ги прифати препораките од бразилската федерална полиција, конгресот ќе треба да одлучи дали Темер треба да падне под истрага на Врховниот суд, кој е единственото тело што може да врши истраги за претседателот.


Хоџа: Долгот на државата кон приватните компании е околу милијарда евра


Скопје, 18 јуни, 2017 - 11:39 (META) 

Новата влада треба да направи ревизија на тоа колку должи државата и кои институции колку должат за да можеме понатаму да размислиме дали ние би влегле во преговори за соработка со некоја од тие институции, вели Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

Тој вели дека долгот на владата или на државата кон приватните компании, најверојатно изнесува некаде околу една милијарда евра.

– Долгот на владата или на државата кон приватните компании, се шпекулира дека е некаде околу една милијарда евра, меѓутоа тоа во сите држави е така, секаде државата му должи на приватниот сектор. Најбитниот фактор е тоа тие задолжувања да не бидат подолги од три месеци, затоа што во приватниот сектор секое задолжување е товар за бизнисот. Во однос на тоа, нормално дека новата влада треба да направи ревизија на тоа колку тие долгови изнесуваат, за да можеме ние како бизнис-сектор во иднина да имаме увид кои државни институции колку должат за да можеме понатаму да размислиме дали ние би влегле во преговори за соработка со некоја од тие институции – вели Хоџа.

На прашањето може ли бизнис-секторот да си дозволи зголемување на минималната плата, а просечната плата да се искачи на 500 евра, тој вели дека тоа е не само изводливо, туку и неопходно за да се задржи квалитетниот кадар во земјава.

– Ние како стопанска комора подолго време го промовираме тоа дека митот на евтина работна сила во Македонија мора да се промени, поради тоа што со таква социјална политика ние не можеме да имаме некоја перспектива во однос на сите држави во опкружувањето. Во друг контекст гледајќи ние како стопанственици не можеме со таква евтина работна сила да ги држиме нашите капацитети или нашите човечки ресурси од повисок ранг. Во овој случај сите капацитети кои излегуваат од нашите универзитети, кои мислиме дека ќе бидат прифатливи за нашите компании, размислуваат да избегаат од државата. Со ваква просечната плата, каква што беше во минатото, мислиме дека нема да има некаков успех и ќе бидеме повеќе социјална политика, отколку економска политика – вели претседателот на Стопанската комора на Северозападна Македонија.


Заев побара поддршка од Туск за решавање на блокадата на процесот на пристап кон ЕУ


Брисел, 12 јуни, 2017 - 14:45 (META) 

На средбата со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во Брисел, денеска македонскиот премиер Зоран Заев порачал дека новата влада е подготвена да води квалитетен реформски процес, но истовремено ја нагласил важноста на поддршката од Европскиот совет за наоѓање решенија да се спречи билатералните прашања да претставуваат пречка за процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ.

На средбата, премиерот бил придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, соопшти Владата.

– Новата Влада е подготвена да предводи силен и квалитетен реформски процес за обновување на препораката за преговори со ЕУ, до крајот на оваа година. Но, од голема важност е и поддршката од Европскиот совет за наоѓање решенија со кои билатерални прашања нема да претставуваат долгорочна блокада на процесот на пристапување во ЕУ – порачал Заев и се заблагодарил на претседателот на Европскиот совет за позитивните сигнали од европските институции за поддршка на евроинтеграциските аспирации на Македонија.

Заев рекол оти се надева дека Европскиот совет во декември ќе прифати почеток на отворање преговори за пристапување на Македонија кон Европската Унија.

– Амбициозни сме бидејќи е изгубено многу време во евроинтегрцискиот процес на Македонија – рекол Заев.

На средбата, според соопштението, била нагласена посветеноста на Владата на Македонија за регионална соработка, што би ги отворило и зацврстило европските перспективи на државите.

„Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, го поздрави формирањето на новата влада во Македонија и оцени дека тоа е одлична можност за придвижување на евроатлантските аспирации на земјата. Претседателот на Советот, Туск, изрази очекување дека Република Македонија ќе го подобри својот углед преку посветена работа, меѓуетнички и меѓупартиски дијалог и добрососедски односи“, стои во соопштението.


Најавени протести во Белград по повод заклетвата на Вучиќ за нов шеф на државата


Белград, 30 мај, 2017 - 10:45 (META) 

Досегашниот премиер и избран претседател на Србија, Александар Вучиќ, утре ќе положи заклетва пред пратениците во собранието на Србија и ќе ја преземе должноста шеф на државата.

Според пишувањата на српските медиуми, Вучиќ ќе ја положи заклетвата над специјално изработен примерок на уставот на Србија, на кој заклетва ќе полагаат идните претседатели, а под уставот на говорницата ќе се наоѓа и реплика на Мирославовото евангелие. По церемонијата во собранието ќе биде објавено официјалното примопредавање на должноста помеѓу стариот и новиот претседател, со смотра на почесната гарда на српската војска.

По повод стапувањето на Вучиќ на должноста претседател на Србија, повеќе органиизации и здруженија за утре најавија мирни протести во центарот на Белград. На протест повика и Движењето на слободни граѓани, чиј водач е Саша Јанковиќ, кој му беше противкандидат на Вучиќ на претседателските избори. Јанковиќ изјави дека со полагањето на заклетвата на Вучиќ за претседател на Србија, ќе се случи „последниот чин од воведувањето диктатура и киднапирање на државата Србија“.

Вучиќ беше избран за претседател на Србија на изборите на 2 април, во првиот круг, освојувајќи 55,08 отсто од гласовите на излезените гласачи. Инаугуарцијата на Вучиќ, според неговите зборови, би требало да биде одржана на 23 јуни. Вучиќ изјави дека на свеченоста очекува да присуствуваат шефови на држави и на влади од регионот, односно од Унгарија, Романија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Албанија, Грција, Словенија и од Црна Гора.


Заев реизбран за лидер на СДСМ, побара трпение и вети сегашност и иднина за сите


Скопје, 27 мај, 2017 - 19:19 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на 22. конгрес на партијата беше повторно избран за претседател на партијата, а Радмила Шекеринска беше реизбрана за заменик претседателка.

Од 723 делегати, на конгресот гласале 643, а од нив 597 делегати му дале поддршка на Заев кој беше единствен кандидат за лидер на партијата. На конгресот избрани се и членови на Централниот и на Надзорниот одбор.

Заев на завршното обраќање им се заблагодари на делегатите на дадената поддршка и рече дека чест му е што ја води партијата.

– Оваа поддршка за мене е обврска. Ќе продолжам да работам со уште поголема одлучност и верба дека може да создадеме сегашност за сите и да изградиме иднина за сите. Пред нас е долг пат, бараме да имате трпение. Ќе работиме темелно и посветено. Ќе изградиме општество на вредности и на еднакви шанси. Ќе имаме унитарна држава водејќи се од демократските вредности и човековите слободи и права. Македонија има со што да се гордее, граѓаните со пенкало срушија режим и се на чекор на формирање на реформска европска влада – рече Заев.

Клучниот збор кој покажавме дека функционира секаде е зборот доверба, изјави заменик претседателката Шекеринска која рече дека партијата сака да го врати животот во Македонија.

– Не беше лесно, но чекор по чекор, создававме впечаток на луѓе кои знаат каде да ја движат државата и партијата. Нашата цел е позната, јасна, тешка и возможна. А тоа е да ги заборавиме изгубените 11 години и да ја вратиме Македонија на патот кон членство во НАТО и ЕУ. Ви ветувам дека заедно ќе работиме во полза на Македонија и по четери години повторно ќе бидеме горди на тоа што сме го направиле – додаде Шекеринска.

Конгресот траеше околу 6 часа, а на отворениот дел присутни беа и градоначалниците на ДУИ, Теута Арифи, Изет Меџити и Невзат Бејта, лидерот на Беса, Билал Касами, лидерот на Достоинство, Стојанче Ангелов, поранешни функционери од СДСМ како и европратеници и претставници од сестринските партии на СДСМ.


Заев задутре на конгресот на СДСМ ќе биде единствен кандидат за претседател


Скопје, 25 мај, 2017 - 10:48 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев по вчерашната вечера во Брисел со Федерика Могерини и со премиерите од земјите од Западен Балкан задутре на конгресот на партијата го очекува реизбор за претседател на СДСМ. Заев е единствениот кандидат за претседател на партијата што ќе се избира на задутрешниот, 22. редовен конгрес, кој ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“, известија од СДСМ за „Мета“.

Со оглед на тоа дека конгресот треба да се одржи еден ден откако Заев најверојатно ќе го достави предлогот за новата влада во Собрание, очекувано е за предлогот да се изјасни Централниот одбор на партијата пред тој да биде доставен во Собрание на разгледување. Според изворот од СДСМ можно е седница на Централниот одбор да се одржи и деновиве пред конграсот.

На конгресот ќе се избира и нов состав на ЦО на партијата, оти мандатот на сегашниот истекува во јуни.

Конкурсите за нов претседател и за членови на Централниот одбор беше распишан на почетокот на месецов и во нив се бараше тоа да се направи по принципот на „самокандидирање“.


Братислав Гашиќ е нов шеф на Безбедносно-информативната агенција во Србија


Белград, 22 мај, 2017 - 14:35 (META) 

Поранешниот министер за одбрана на Србија, Братислав Гашиќ ќе биде новиот шеф на Безбедносно-информативната агенција (БИА), потврдил денеска премиерот во заминување и избраниот претседател, Александар Вучиќ.

„Гашиќ издржа една и пол година без ниту една функција, не беше присутен во јавноста и плати скапа цена поради еден инцидент“, одговори Вучиќ на прашање на новинарите.

Гашиќ од местото на министер за одбрана беше сменет во февруари 2016 година, поради сексистички пораки упатени кон новинарката на телевизијата „Б92“.

Вучиќ изјавил и дека должноста претседател на Србија ќе ја преземе на 30 или 31 мај, а инаугурацијата ќе биде околу 20 јуни. Името на мандатарот за составот на новата влада ќе биде познато околу 13 јуни.


Само Заев кандидиран за претседател на СДСМ, поддршка од сите општински комитети?


Скопје, 14 мај, 2017 - 12:57 (META) 

Засега не можеме да излеземе со информации, затоа што треба да провериме какви пријави се стигнати на конкурсот. Дури од утре ќе може да дадеме соодветни информации, изјави пред малку портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, на прашањето колку кандидатури за претседател на партијата и за членови на централниот и на надзорниот одбор на СДСМ се пристигнати до вчера, кога истече рокот за самокандидирање.

Сепак, од други извори во СДСМ дознаваме дека најверојатно нема ниеден друг кандидиран за претседател на СДСМ освен актуелниот лидер Зоран Заев, како и дека „зад него застануваат сите општински организации на партијата“.

Според роковникот, кандидатурите ќе се доставуваат до централниот одбор на партијата, по што на 17 мај, односно в среда, централниот одбор ќе ги утврди предлог-листите на кандидатите за претседател на партијата и за членови на нејзиниот централен и надзорен одбор, а потоа следуваат 6 дена за презентирање на кандидатурите. Утврдување на кандидатите ќе се прави на 27 мај, а потоа истиот ден, на редовниот конгрес на СДСМ, ќе се изврши изборот.


СДСМ: Нелегални се блокадите и насилството, а не изборот на Џафери


Скопје, 10 мај, 2017 - 16:45 (META) 

„Новиот претседател на Собранието е избран легално и легитимно според Уставот, законите и деловникот. Според Уставот, деловникот и законите ќе биде избрана и новата реформска влада“, порача СДСМ во одговор на денешната прес-конференција на Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Илиоски обвини дека СДСМ и Горан Мисовски нелегално го избрале Талат Џафери за претседател на Собранието и дека на тој начин „покажаа дека се подготвени да ги погазат и Уставот и волјата на народот за да ги платат политичките фактури од албанските партии и да ја реализираат албанската платформа“.

СДСМ ѝ порача на ВМРО-ДМПНЕ дека треба да се откаже од лаги и од опструкции и да стане конструктивна опозиција.

„Неопходно e ВМРО-ДПМНЕ да се постави како конструктивна опозиција во интерес на граѓаните и на евро-атлантските перспективи, а прв чекор кон тоа е да се откажат од лаги и од опструкции на легалните демократски процеси. Нелегално и незаконски е извршено насилството во Собранието преку сериозни кривични дела на терористичко загрозување на уставниот поредок, за што ќе следува одговорност и за нарачателите и за извршителите“, се вели во реакцијата од СДСМ.


СДСМ: Иванов да не брои до десет, Македонија има потреба од нова влада


Скопје, 10 мај, 2017 - 10:25 (META) 

Ѓорге Иванов нема потреба да чека десет дена, туку е неопходно конечно да постапи во согласност со Уставот и час поскоро да го додели мандатот за составување нова влада, на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, побара утринава СДСМ.

Партијата потсетува дека процедурата е завршена и се чека само претседателот на Република Македонија да го додели мандатот.

„Веќе не постојат никави пречки за доделување на мандатот. Сите неразумни објаснувања од Иванов се побиени со разумни чекори од парламентарното мнозинство, кое внимателно постапи според деловникот, законите и Уставот. Така е избран новиот претседател на Собранието, кој веднаш испрати известување до Иванов дека има ново декларирано мнозинство. Исто така, идниот мандатар, претседателот на СДСМ, Заев, соопшти дека е подготвен повторно да ја реафирмира програмата на новата реформска влада, која ја штити унитарноста, се обврзува дека ќе работи во согласност со Уставот и со евроатлантските перспективи. Граѓаните, општините, институциите, компаниите, сите имаат итна потреба од придвижување на демократските процеси и од смирување на општествено-политичката состојба. Тоа е можно само со брзо формирање на новата влада“, се вели во соопштението од СДСМ.

Спроведувањето брз, мирен и сигурен трансфер на власта е врвен државен прироитет и секое спротивставување на демократсите процеси е противдржавно и противуставно дело кое е казниво со закон, порачува партијата.