Почина Љубиша Георгиевски


Скопје, 6 декември, 2018 - 10:38 (META) 

Утрово на 81 година почина Љубиша Георгиевски, театарски и филмски режисер, драмски писател, теоретичар на театарот и професор по театарска режија и актерска игра.

Веста за смртта на Георгиевски на социјалните мрежи ја објави актерот Роберт Вељановски.

Љубиша Георгиевски е роден во Битола на 30 мај 1937 година.

Тој беше и кандидат за претседател на државата во 1994 година, а беше и претседател на Собранието од 2006 до 2008 година.

Во периодот 2000 – 2004 година беше македонски амбасадор во Бугарија, а во периодот од 2009 до 2013 година ја извршуваше и функцијата амбасадор на Македонија во Србија


Џафери: Милошоски доверливите документи ги добил по недозволив и заобиколен пат


Скопје, 26 јули, 2018 - 12:46 (META) 

Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, се огласи со реакција за случајот со потегот на претседателот на Комисијата за надоврешна политика, Антонио Милошоски, односно непочитување на Законот за класифицирани информации од страна на пратеникот, кој е претседател на Комисијата за надворешна политика.

„Претседателот на Комисијата за надворешна политика повеќе од една година нема безбедносен сертификат, иако од стручните служби во Собранието му било укажувано дека е истечена важноста на претходниот. Според ова, пратеникот и претседател на Комисијата, согласно Законот за класифицирани информации, кој е без неопходниот безбедносен сертификат, не можел да бара, поседува и да изнесува јавно документи кои имале назнака „строго доверливо“, се вели во реакцијата.

Според кабинетот на Џафери, Милошоски доставил барање до Кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов за добивање материјали од лидерските средби одржани во јануари и во мај годинава „и на недозволив и заобиколен пат, лично, не преку архива, ги добива материјалите од Кабинетот на претседателот Иванов, нешто што не е според законот“, стои во соопштението од Џафери.

„Материјалот е отворен, и по неколку дена од други лица во Собранието е донесен во Архива за да се процесуира. Со ова овој материјал станува сопственост на Собранието. Укажуваме дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, постапил согласно член 52 од Деловникот за работа на Собранието, во кој е наведено дека пратеникот е должен да ја чува државната, службената, воената и деловната тајна. Како тајна се сметаат сите материјали што му се упатуваат на Собранието и на работните тела, а кои како такви се означени од предлагачот на материјалот. Начинот на ракување и чување на материјалите што се сметаат за тајна се уредува со посебен акт што го донесува претседателот на Собранието“, се вели во соопштението.


Собранието денеска со три седници, до полноќ треба да избере влада


Скопје, 31 мај, 2017 - 9:51 (META) 

Покрај втората собраниска седница, на која единствената точка е изборот на владата, во Собранието на Република Македонија денеска ќе се одржи и 21. продолжение на конститутивната седница, на која ќе се расправа за изборот на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Македонија.

Продолжението е прво на распоредот, а почнува во 10 часот. Во 11 часот ќе почне третата седница, на која ќе се расправа за предлог-одлука за основање на постојани работни тела на Собранието на Република Македонија, поднесена од пратениците Горан Мисовски, Ејуп Аљими и Илија Димовски, односно на комисиите.

Потоа, во 12 часот ќе продолжи втората седница, почната вчера, на која најдоцна до полноќ треба да се избере владата предложена од мандатарот Зоран Заев.

Седницата почна вчера, а по образлагањето на програмата на новата влада од страна на Заев, уследи расправата во која се слушаа напади од пратеници на Беса за ДУИ и нејзините кандидати за министри, како и помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, седницата ја одбележаа расправиите на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, Антонијо Милошоски и Владимир Ѓорчев, за тоа колку може да се зборува и да се бара збор за процедурална забелешка. Џафери во еден момент доцна попладнето по неколкуминутна препирка не му дозволи на Ѓорчев да даде процедурална забелешка од говорницата.

Претседателот на Собранието, инаку, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ им се обраќаше главно на албански, бидејќи, како што на почетокот кажа Милошоски, тие не го признаваат за легитимен претседател, туку само како легитимно избран пратеник и му забележуваа дека не смее како спикер на законодавниот дом да зборува на албански јазик.

Во обраќањето на пратениците од СДСМ, покрај честитките до новата влада и напомените дека и тие будно ќе ја контролираат, една од главните точки беше искажаната почит кон Владимир Ѓорчев поради неговото бранење на нападнатите пратеници при насилствата на 27 април.


Вељаноски не ги предал печатите зашто тие се кај собраниските служби


Скопје, 4 мај, 2017 - 10:51 (META) 

Примопредавањето на кабинетот на претседателот на Собранието не е поврзано со некакво предавање на печати, од проста причина што ниту еден претседател на Собранието немал печати, туку само факсимили, велат за „Мета“ од собраниските служби.

– Претседателот не е архивар, па да има печат – изјавија кратко од службите.

Печатите, инаку, се потребни за да може претседателот на Собранието, Талат Џафери, да испрати официјално писмо до претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, дека е формирано парламентарно мнозинство за формирање влада, но и за сета друга службена комуникација.

Примопредавањето на кабинетот на претседателот на македонското Собрание се случи вчера, а како што изјави Џафери, тоа се одвивало „нормално“.


Џафери седна во кабинетот на собранискиот спикер, примопредавањето било „најнормално“


Скопје, 3 мај, 2017 - 12:54 (META) 

Новоизбраниот претседател на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска својот работен ден го почна во претседателскиот кабинет, соопштија службите на Собранието.

„Tој заедно со членовите на својот кабинет и со собраниските служби работи на сите формално-административни работи што  мора да бидат направени за нормално функционирање и за вршење на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија. Самиот чин на примопредавање беше извршен најнормално, како што доликува на принципите на парламентаризмот“, се вели во соопштението.

Од кабинетот на претседателот на законодавниот дом информираат и за средбата што Џафери ја имаше со шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар, кому Џафери му соопштил дека со преземањето на функцијата ќе работи на зајакнување на демократските процеси.

„Од своја страна, претседателот на Собранието, Талат Џафери, истакнал дека тој со преземањето на функцијата, пред сè, ќе работи на зајакнување на демократските процеси и на целосно остварување на принципите на парламентарната демократија во функционирањето на Собранието како законодавен дом. Претседателот Џафери истакна дека очекува наскоро да се формира новата влада и потоа сите заедно, почитувајќи ја, пред сè, самостојноста на сите гранки на власта, да работиме за добробит на сите граѓани на Република Македонија, како и за остварување на нашите стратешки определби, а тие се членство во НАТО и во ЕУ“, велат од кабинетот на претседателот на Собранието.


ДС: Парламентарното мнозинство мора да покаже цврстина и одлучност во Собранието


Скопје, 24 март, 2017 - 13:05 (META) 

Партиите од парламентарното мнозинство можат да се обидат во следните два дена да понудат и да постигнат компромис со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, за в понеделник да се избере претседател на парламентот и со тоа се создадат услови за избор на реформска влада и за мирен, демократски и државнички трансфер на власта, велат од Демократскиот сојуз.

Од понеделник натаму, нагласуваат од ДС, парламентарното мнозинство на СДСМ, ДУИ, Беса и на Алијанса за Албанците, мора да покаже цврстина и одлучност и при изборот на претседател и при формирањето на владата.

„Континуираната попустливост ќе биде злоупотребена од ВМРО -ДПМНЕ и преку медиумската манипулативна кампања ќе се настојува да се продлабочи кризата и да се спречи трансфер на власта. Геостратешките и регионалните процеси наметнуваат потреба од итно формирање на нова влада и од стабилизирање на состојбите, како прв чекор за нормализирање на животот и за воспоставување вредносен систем кој почива на владеење на правото во Република Македонија“, стои во соопштението од партијата на поранешниот пратеник Павле Трајанов.


Манчевски: На Хан нема што да му кажеме, а што тој веќе не го знае


Скопје, 19 март, 2017 - 11:22 (META) 

Консултациите помеѓу СДСМ и партии кои ги дадоа своите потписи за мандатар на новата влада да биде Зоран Заев, сè уште се во тек, и утре, а најдоцна до вторник треба да биде познато кој ќе биде предлогот за нов претседател на Собранието, вели потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски за „Телевизија 24“.

– Верувам дека до почетокот на консултатината седница, односно состанокот за кооридинација на Собранието ќе го имаме постигнао и овој договор. Неколку варијанти се во игра, за кои сакаме да се одлучиме откако ќе видиме што всушност е вистинсксата намера од ова неодговорно и крајно безобразно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и на Трајко Вељаноски – вели Манчевски.

Во врска со обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека со иницијативата за свикување на собраниска седница за избор на претседател се реализира платформата на албанските партии, Маневски вели дека за СДСМ повеќе не постои „тиранска платформа“, не постои повеќе ниту програма на СДСМ, туку постои предлог-програма за влада и дека Уставот и унитарниот карактер на државата не се во опасност. Сè друго, додава тој, се шпекулации кои се дел од црната и негативна кампања на Никола Груевски.

Прашан дали е можно одолговлекување на седницата на Собранието, тој вели дека со ВМРО-ДПМНЕ е сè можно.

– Подготвени сме на сè и подготвен сме да ги пресретнеме сите тие мрачни сценарија да не се случат. Се надевам дека разумот ќе надвладе и кај нив и ќе дозволат она што е основен демократски принцип, мнозинството во Собранието да може да ја формира влада. Верувам дека нашите граѓани ќе бидат доволно силни, мудри и спокојни за ова да го направиме на мирен начин – вели Манчевски.

Манчевски вели дека СДСМ и неговите партнери се подготвени и во случај претседателот Ѓорге Иванов да не се премисли и повторно да одбие да го даде мандатот на Заев за состав на влада.

– И ова е едно сценарио што лебди во воздухот подолг временски период. Ние како СДСМ и заедно со другите партнери сме подготвени за ова сценарио. Сепак, она што ќе го каже Иванов и неговиот ментор Груевски воопшто не значи дека е така. Сè што кажаа во претходните две години испадна обратно – вели потпретседателот на СДСМ.

За тоа дали СДСМ, како и ВМРО-ДПМНЕ, ќе испорача некакви барања до еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, кој во вторник доаѓа во Македонија, Манчевски вели дека тие како партија нема да кажат ништо што досега не го кажале.

– Имаме јасно изразена волја од мнозинството граѓани и мнозинството во Собранието треба да ја формира новата влада. Не треба ние ништо да им кажеме ним, самата ЕУ во последниот извештај ја категоризираше Македонија како заробена држава. Македонија се ослободи на минатите избори, а сега е во заложништво, само на еден единствен човек, а тоа е Никола Груевски. Многу бргу ќе дојде денот кога ќе се состане Собрането, ќе се избере претседател на Собранието и Македонија ќе добие нова демократска влада – заклучува Манчевски.