!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пронајдени 150 килограми дрога во Арачиново


Скопје, 9 јануари, 2018 - 13:54 (META) 

При претресот на куќа и помошни простории на двајца осомничени во Арачиново, вчера биле пронајдени околу 150 килограми разновидни материи, за кои се претпоставува дека се наркотични дроги, соопшти Основното јавно обвинителство (ОЈО) – Скопје.

Обвинителството учествувало во акцијата спроведена од СВР Скопје и Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи на Криминалистичка полиција. По наредба на надлежен јавен обвинител, пронајдениот материјал е предаден за вештачење во МВР.

СВР Скопје појасни дека биле пронајдени 120 килограми марихуана, 100 грама хероин, како и 100 грама кокаин.


Пронајдена еден килограм марихуана при претрес кај тетовец


Тетово, 6 јануари, 2018 - 12:51 (META) 

Врз основа на судска наредба, полициски службеници извршиле претрес во дом и помошни простории на лицето Б.М. (22), на улицата Ленин во Тетово, вчера во периодот од 16 до 18 часот.

„При претресот, на повеќе различни места и во различни пакувања, била пронајдена вкупно околу еден килограм наркотична дрога марихуана. Пронајдените предмети со дрогата биле одземени и дадени на вештачење, а Б.М. бил приведен и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против Б.М. ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираат од МВР.


Запленети 30 килограми марихуана во селото Аранѓел, Кичевско


Кичево, 13 декември, 2017 - 11:58 (META) 

Полициски екипи вчера при претрес на домовите на две лица во кичевското село Аранѓел заплениле 30 килограми марихуана, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Претресот бил извршен по добиени оперативни сознанија и врз основа на судска наредба.

Како што информираат од МВР, при претресот во просториите на приземјето од куќата сопственост на А.А. (45) биле пронајдени три најлонски кеси во кои имало три големи пакувања – црни најлонски вреќи завиткани со селотејп трака, додека во спалната соба во куќата на Е.А. (47) била пронајдена една црна најлонска кеса полна со марихуана.

Запленетата марихуана е предадена на вештачење во МВР, а двете лица се приведени и против нив, по целосното документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори.


Панчевски поднесе кривична против Катица Јанева и претседателката на гевгелискиот суд


Скопје, 7 ноември, 2017 - 16:05 (META) 

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, судијата Владимир Панчевски, поднесе кривична пријава против специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и против претседателката на Основниот суд во Гевгелија, Злата Попова.

Панчевски во пријавата ги товари Јанева и Попова дека по претходен договор ги пречекориле своите службени овластувања и го прекршиле законот со издавањето и со спроведувањето на наредбата за претрес на стан во Скопје, во врска со предистражна постапка што ја води Специјалното јавно обвинителство.

Панчевски во кривичната пријава наведува дека Јанева ја повредила тајноста на предистражната постапка и „јавно“ извршила претрес, истражно дејство, кое, како што стои во пријавата, за да биде спроведено, мора претходно да биде донесена наредба за почнување на истражна постапка.

Претседателката на гевгелискиот Основен суд, Злата Попова, според Панчевски, незаконски издала налог за претрес на неговиот дом, бидејќи, како што се наведува во пријавата, гевгелискиот суд не бил надлежен за кривичните дела за кои се однесува налогот за претрес. Панчевски наведува и дека Попова не смеела да издаде таков налог, бидејќи не е судија на претходна постапка, туку работи како граѓански судија и претседател на Основниот суд Гевгелија.

Поранешниот претседател на скопскиот Кривичен суд во пријавата тврди дека при претресот му била нанесена материјална штета, односно незаконски му биле одземени повеќе електронски апарати и други предмети во вредност од околу 300.000 денари (околу 5.000 евра), а му бил, како што вели, украден и клучот од станот.


ДЗЛП: Панчевски смеел да снима дома, но не смеел да ги објавува снимките


Скопје, 30 октомври, 2017 - 10:49 (META) 

Поранешниот претседател на Основниот суд Скопје 1, судијата Владимир Панчевски, не се огрешил спрема Законот за заштита на личните податоци со тоа што поставил камера и снимал во својот дом, но објавувањето на снимките во јавност е проблематично и повлекува одговорност, велат за „Мета“ од Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП).

Панчевски на почетокот на октомври оваа година, преку медиумите, во јавноста објави снимки од претресот во неговиот дом што го изврши Специјалното јавно обвинителство во врска со предистражна постапка. Тој тогаш, а и подоцна изјави дека снимката од претресот ја објавил како доказ за неговите тврдења дека еден од истражителите му го украл клучот од станот за време на претресот.

„Во согласност со член 4, став 1 од Законот за лични податоци, одредбите од Законот за лични податоци не се применуваат врз обработката на личните податоци што се врши од страна на физички лица исклучиво заради лични активности или активности во домот“, стои во првиот дел од одговорот на ДЗПЛ, што го добивме денеска, на нашето прашање дали е законски лице да снима и да објавува снимки во јавност од видеонадзор во својот дом, што го испративме до Дирекцијата на 9 октомври.

На одговорот е потпишан директорот на ДЗЛП, Горан Трајковски.

За објавувањето на снимките во јавност, од ДЗЛП велат дека без разлика дали постои или не постои повреда на правото на заштита на личните податоци на лицата кои се на снимките, снимањето во домот и јавното објавување на снимките не ја исклучува одговорноста предвидена со друг закон.

„Во однос на второто прашање, односно објавувањето на снимките од домот во јавност и евентуалната повреда на правото за заштита на личните податоци, потребно е истото да се поврзе и да се оценува низ призма на дефициницијата за тоа што претставува личен податок, која е дадена во членот 2, став 1, точка 1 од Законот за заштита на личните податоци:

Личен податок е секоја инфромација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице кое може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет.

Оттука доколку од објавените снимки не може на директен или индиректен начин да се утврди идентитетот на субјектот на личните податоци, објавувањето на таквата снимка не претставува повреда на прописите за заштита на личните податоци. Во спротивно, доколку од објавените снимки може на директен или индиректен начин да се утврди идентитетот на субјектот на личните податоци, а притоа таквата снимка е направена без нивно претходно информирање и согласност, би можело да претставува повреда на прописите за заштита на личните податоци. Во секој случај, без разлика на постоењето или непостоењето на повреда на правото на заштита на личните податоци на субјектите на личните податоци, таквото постапување (снимање во домот и јавно објавување на снимките ) не ја исклучува и одговорноста предвидена со друг закон“, стои во одговорот од Дирекцијата за заштита на личните податоци.

Инаку, според членот 152 од Кривичниот законик, „тој што неовластено ќе направи фотографски, филмски или видеоснимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој што таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото противзаконито го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години. Гонењето за делото од став 1 се презема по приватна тужба.

Во членот 149, пак, се вели дека тој што спротивно на условите утврдени со закон без согласност на граѓанинот прибира, обработува или користи негови лични податоци, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, а ако делото го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години.


Јакимовски: Полицијата насилно упадна, од Општината собиравме лични работи


Скопје, 17 октомври, 2017 - 16:48 (META) 

Досегашниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција обвини дека полицијата „под водство на режимот на Зоран Заев“ насилно упаднала во Општина Карпош додека неговите колеги пакувале лични работи.

Тој рече дека некој им јавил на вработените во Општината дека денеска ќе се случи примопредавањето на градоначалничката функција и дека затоа тие пакувале работи од кабинетот на Јакимовски.

– Јас таму имам лични предмети на мое име и нормално дека треба да се одвои што е на Општината, а што е на лично име, како документи и фотографии, бидејќи во оваа Општина јас сум бил осум и пол години. Ние денеска можевме да ја видиме ефикасноста на нашата полиција под водство на режимот на Зоран Заев и можевме да се увериме како тие изминативе два дена не можат да ги најдат и не направиле разговор со тие што сакаа да нè колат вечерта на изборите, ама денеска ефикасно дојдоа, вклучувајќи и „алфи“, и забранија влез во Општината за потоа да дојдат инспектори од стопански криминал и да констатираат дека ние раздвојуваме што е лично, а што општинско и ништо повеќе од тоа. Луѓето се насмеаја и си заминаа – изјави Јакимовски.

Поранешниот градоначалник нагласи дека сите документи што се важни за локалната самоуправа се наоѓаат во архивата и додаде дека Општината има електронска архива.

Настанот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи, од каде истакнаа дека добиле дојава дека се изнесуваат документи од Општината.

„Врз основа на допрен глас дека од просториите на Општина Карпош се изнесува документација на Општината, од страна на полициски службеници од СВР Скопје е излезено на местото на настанот, при што е констатирано дека во моментот на проверката не се изнесува никаква документација. Од извршениот разговор со градоначалникот Стевчо Јакимовски, утврдено е дека тој се подготвувал за изнесување на личните предмети од сопствениот кабинет заради подготвување за примопредавање на функцијата“, велат од МВР.


Јанева: Затоа што снимал, Панчевски треба да биде предмет на психијатриска опсервација


Скопје, 9 октомври, 2017 - 16:41 (META) 

Апсолутно не е одземен клуч од домот на Панчевски, а тоа што тој снимал нешто во својот стан, тоа веќе треба да биде предмет на друга психијатриска опсервација, изјави денеска специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

– Многупати во такви ситуации кога нè напаѓале, сме мислеле дека е поважно да ја вршиме нашата работа и да ги оставиме таквите маргинални работи сами по себе да се средат, бидејќи прво и основно е тоа што се знае зошто ние влеговме во неговиот стан, се знае и зошто отидовме и во судот, да видиме дали тој ја злоупотребува својата службена должност и овластување, односно дали оддава државна службена тајна. Тоа е важното прашање. А другото, не е воопшто важно –  вели Јанева, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе поведе постапка против Панчевски бидејќи објавил снимка од предистражна постапка.

Јанева вели дека претресот во станот на поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, за цело време бил сниман и од криминалистичката полиција на МВР и уште еднаш нагласи дека не е одземен клучот од станот на Панчевски.

– Апсолутно не е одземен клучот. Можеби ви изгледа на камерата како да го одзема, но тоа не е така и тоа мислам дека во еден момент ќе биде објаснето – изјави Јанева.

Во врска со „еуфоријата што се навлече во јавноста во врска со претресот“, таа вели дека СЈО сакало колку што може да биде професионално и тајно во тој дел на предистражната постапка, а самото наметнување од страната на Панчевски за нивната работа, според Јанева, е резултат на неговата загриженост и незадоволство од тоа што СЈО професионално си ја врши работата.

Јанева изјави дека е извршен попис на сите предмети што се одземени од кај Панчевски и дека ќе се почне со нивна анализа од страна на стручни лица.


Панчевски: Со претресот на СЈО настапи целосен мрак за правдата во Македонија


Скопје, 9 октомври, 2017 - 16:25 (META) 

Судијата Владимир Панчевски денеска обвини дека во четвртокот минатата недела настапил „целосен мрак за правдата во Македонија“ со, како што вели, „незаконитиот и брутален претрес“ што врз него го извршиле Специјалното јавно обвинителство и истражители на Министерството за внатрешни работи.

Панчевски, во интервју за „Алсат-М“, тврди дека не бил извршен претрес во простории во Кривичниот суд во Скопје, туку станувало збор за личен претрес врз него. Тој ја оспорува и наредбата за претрес, издадена од гевгелискиот суд, и вели дека стварната надлежност за постапување против него ја има Основниот суд Скопје 1, а доколку имало потреба од „конспиративност“, постапката во ваков случај ја одредува Апелацискиот суд Скопје.

– Од канцеларијата на в.д. претседателот на судот, бев спроведен во канцеларијата каде ја извршувам судската функција, без да ми се објасни зошто ми е ограничена слободата и сум спроведен на друго место да ми се врши претрес. Насилно ми одзедоа мобилни телефони. Женско лице, инспектор, односно припадник на истражителите на МВР, ми ги одзеде (телефоните) од џебовите на панталоните иако според сите стандарди, меѓународни, домашни и секакви, женско лице не врши претрес на машко лице, додека двајца инспектори ми ги држеа раширени рацете – вели Панчевски, кој во интервјуто за себе зборува во трето лице.

Тој тврди дека за време на претресот во судот имало вооружени лица и полицајци насекаде.

– Незаконитата процедура на крај заврши со кражба на клуч, што се гледа од снимката од видеонадзорот што го доставив до медиумите. Снимката е таа, може да ме распнат, да ме судат и да ме осудат. Панчевски е со чиста совест за сè досега, како претседател на Основниот суд Скопје 1 и како судија во тој суд. Сум постапувал секогаш чесно, во согласност со закон и никако поинаку – вели судијата.

Прашан дали ги предупредил обвинителите на СЈО дека има видеонадзор и околу законитоста на снимањето, Панчевски вели дека тој не бил должен да предупредува за тоа дали има видеонадзор и дека тој бил поставен поради здравствената состојба на неговата мајка, која починала пред 20 дена.

– Го прегледав видеонадзорот бидејќи кога требаше да го заклучам станот, по завршувањето на претресот, го немаше клучот. Знаејќи го начинот на работење на СЈО како судија во Основниот суд Скопје 1 и сите незаконитости за кои сум кажувал претходно во мои изјави, што писмени што усни до медиумите и до јавноста, се посомневав дека можеби некој го зел. Од кои причини го зеле клучот не знам. Генерално, морам да кажам дека се плашам за личниот живот повеќе, со овој мрак на правдата. Не е битно дали ќе водат постапки за Панчевски, Панчевски е веќе осуден и лежи казна затвор во нечија глава. Тие ќе ги реализираат своите намери и слободно можат да ги реализираат, јас сум со чиста совест и не се плашам – вели Панчевски.

Тој тврди дека никогаш не местел предмети, а шпекулациите за постоење на двоен АКМИС, преку кој тој ги следел предметите од дома, ги оценува како „параноидни халуцинации за некакво сценарио во нечија глава“.


СЈО го сомничи Панчевски дека местел судски предмети и оддавал службени тајни


Скопје, 5 октомври, 2017 - 18:26 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со истражители од МВР денеска изврши претрес во канцеларијата на судијата Владимир Панчевски, против кого, како што изјави Јанева, СЈО води предистражна постапка поради злоупотреби на системот за распределба на судски предмети и за оддавање службена тајна.

Претресот на СЈО во Кривичниот суд почна околу пладне и траеше пет часа, а покрај канцеларијата на Панчевски, претреси биле извршени и во канцелариите на двајца информатичари вработени во судот.

– Денеска по судска наредба, СЈО изврши личен претрес кај лицето Владимир Панчевски и со друга наредба од судот ги одзеде сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување предмети во Основниот суд Скопје 1 – изјави Јанева пред судот, додавајќи оти се надева дека СЈО наскоро ќе почне со истрага.

Јанева се сомнева дека Панчевски местел кои судии да ги добиваат предметите на СЈО, а покрај тоа, постојат и сомнежи дека тој оддавал службени тајни на лица надвор од судот.

Инаку, Панчевски е поранешен претседател на Кривичниот суд во Скопје, а четиригодишниот мандат на оваа функција му истече на почетокот на декември минатата година.

Во Кривичниот суд денеска беше и комисијата на Министерството за правда, која треба да утврди дали има злоупотреби со автоматизираниот систем за распределба на предмети.

Претседателот на комисијата, Лазар Нанев, изјави дека комисијата ќе продолжи со контролата во судот, но не откри дали се утврдени некакви неправилности со автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС).

Индиции за злоупотреби на АКМИС беа нотирани и во извештајот на експертската група на Европската комисија, предводена од Рајнхард Прибе.


Уапсено уште едно лице осомничено за поврзаност со нападот во Лондон


Лондон, 17 септември, 2017 - 10:10 (META) 

Британската полиција уапсила уште едно лице под сомневање за поврзаност со бомбашкиот напад што се случи во петокот оваа недела, во метро-станицата Парсонс грин во Лондон, јавува „Би-би-си“.

Станува збор за 21-годишно момче, кое синоќа било уапсено во западен Лондон. Осомничениот бил однесен во полициската станица во јужен Лондон, каде останува во притвор.

Вчераутро, во пристанишниот град Довер, полицијата уапси 18-годишно момче кое, исто така, се поврзува со нападот во лондонското метро.

Полицијата вчера почна претрес во куќа во Сунбери, кој, како што пренесува „Би-би-си“, и понатаму трае. Куќата му припаѓа на повозрасен брачен пар, познат по прифаќањето на стотици деца, вклучувајќи и бегалци.

Заканата од терористички напад во Велика Британија и понатаму е на највисоко – критично ниво, што значи дека постои реална опасност од напад.

Во детонацијата на импровизираната експлозива направа поставена во лондонското метро повредени беа 29 лица.