Тевдовски: Преку ЕБОР обезбедни 10 милиони евра повластени кредити за претпријатијата


Скопје, 20 јуни, 2018 - 15:21 (META) 

Министерот за финансии, Драган Тевдовски присуствуваше на потпишувањето на договорот помеѓу ЕБОР и Охридска банка, со кој, на малите и средни претпријатија им се ставаат на располагање 10 милиони евра повластени кредити за нови инвестиции.

Тевдовски истакна дека ваквите кредитни линии кои ги поддржуваат инвестициите на малите и средни претпријатија се од големо значење за економијата.

– Кредитната линија од ЕБОР, преку Програмата за поддршка на конкурентност и иновативност, е стимул за вложувања во нови производни капацитети и отворање на нови работни места. За време на годишните состаноци на ЕБОР со претставници од банката зборувавме за вложувањата во приватниот сектор и заклучивме дека ова е навистина добар проект. Со вкупен фонд од 30 милиони евра и 6 милиони евра ЕУ инвестициски грантови оваа линија е ликвидносна инјекција, која ќе придонесе за раздвижување во секторот мали и средни претпријатија-  рече Тевдовски.

Кредитната линија содржи механизми за стимулирање на инвестициите. Малите и средни претпријатија за 15 проценти од реализираната инвестиција ќе може да добијат поврат на средствата во форма на грант.


Анѓушев: 40 милиони евра за компаниите преку ИПА-програмата за 2019 година


Скопје, 12 март, 2018 - 14:58 (META) 

На денешната средба со компаниите членки на Сојузот на стопански комори ССК, вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев им порача дека може да ги користат средствата предвидени во третиот столб од Програмата за економски пораст, а кои се даваат преку Фондот за иновации.

Компаниите за овие мерки може да конкурираат во март и во јуни, врз основа на резултатите од завршните сметки. Може да добијат пари за нови инвестиции, но и да си направат одреден поврат на средства доколку лани инвестирале и нивната работа била поуспешна за разлика од изминатите две години.

Анѓушев додаде дека и да не биде изгласан законот за иновации, овие средства се предвидени со буџетот и компаниите ќе можат да конкурираат врз основа на правилник, а не субјективна оценка на одредени лица. Тој најави и европски пари од ИПА програмата за 2019 година

„За догодина се предвидени 40 милиони евра за малите и средни претпријатија што претставува значителна помош од Европската комисија. За годинава и лани, немаше предвидено такви средства. Европските грантови за мали и средни претпријатија ќе бидат за регионална распределба, според регионално неразвиените подрачја“, рече Анѓушев.


Промовирана програмата за поддршка на малите и средни претпријатија


Скопје, 1 март, 2018 - 15:52 (META) 

Микро, малите и средните претпријатија ќе бидат најсилно поддржани преку мерките од Планот за економски раст, најавија денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски.

Анѓушев потенцираше дека микро, малите и средни претпријатија се во привилегирана положба, затоа што ќе можат да ги користат мерките од сите три столба на Планот за економски раст кои ќе се спроведуваат преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, преку спроведување на среднорочната Програма за поддршка на мали и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, како и мерки кои ќе се спроведуваат преку Министерството за економија.

– Малите и средни компании ќе имаат можност да добијат 30 отсто поврат на средства направени во инвестиции за градење на нови хали, купување машини и други основни средства, а доколку прават инвестиции за развивање на нови производи, Владата ќе изврши поврат од 70 отсто од направените инвестиции за развивање на новите производи – потенцираше Анѓушев.

Деспотовски рече дека преку Програмата за поддршка на малите и средни претпријатија на Фондот, државата станува инвеститор и партнер на компаниите. Тој информираше дека во 2018 година за програмата се наменети 645 милиони денари и даде детално објаснување за секоја од петте мерки со која ќе се овозможи помош за компаниите.

Министерот за економија Бектеши објасни дека министерството ќе ја спроведува и Програмата за конкурентност, претприемништво и иновации каде што се наменети околу 38 милиони денари.

– Министерството за економија ќе спроведе 13 мерки преку оваа Програма, кои не се преклопуваат, туку се надополнуваат со мерките од Планот за економски раст. Со годинешниот буџет од 38 милиони и 390 илјади денари, само за делот на Поддршка на развојот на мали и средни претпријатија, и дополнителни 9 милиони за мерки на индустриска политика и кластери, усвоена е програма која е збогатена со нови мерки, креирани на барање и во корист на претприемачите – рече Бектеши.


20 компании добија 80 милиони денари за иновативни проекти


Скопје, 8 февруари, 2018 - 18:20 (META) 

Дваесет домашни микро, мали и средни претпријатија кои аплицираа на два јавни повици од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, денеска потпишаа договори во Владата за финансирање на иновативни проекти.

Вкупната вредност на овие договори изнесува 80 милиони денари, од кои 58 милиони денари се обезбедени од Владата во соработка со Светска банка.

„Иновациите и технолошкиот развој на компаниите ги поставивме како суштина на новите економски политики. Цврсто сме уверени дека токму иновациите и технолошкиот развој ќе бидат еден од генераторите на економскиот развој на земјата и причина поради која младите луѓе ќе ги задржиме да живеат и работат тука“, рече премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека од буџетот се обезбедени пари за финансирање иновативни проекти и решенија кои што ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот во урбаните средини.


Договорите за јавни набавки ќе бидат објавувани на „e-nabavki.gov.mk“


Скопје, 9 јануари, 2018 - 15:50 (META) 

За зголемување на транспарентноста и отчетноста во јавните набавки, на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) отсега ќе се објавуваат и доделените договори, при што во нив јавноста ќе има увид, информираат од Министерство за финансии.

„Договорите ќе бидат достапни во рамките на самите известувања за склучена набавка. По спроведување на набавките договорите ќе се објавуваат на следниот линк https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/Home.aspx#/home“, информираат од министерство.

Владата оваа мерка ја најави со цел да се спречи обидот за корупција при склучување на договори помеѓу државни органи и компании.

Лани во март, на конференција на УСАИД, „Јавните набавки во Македонија: искуства и предлози за законски решенија за нивно подобрување“ беше истакнато дека од околу 70.000 активни компании во земјава, само 4.800 се вклучени во бизнисот со јавни набавки, кој годишно вреди околу една милијарда евра.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Бектеши: Финансиска поддршка за малите претпријатија ќе има и догодина


Скопје, 19 декември, 2017 - 14:58 (META) 

Министерството за економија, во рамки на годишната Програма за конкурентност, иновации и претприемништво, годинава поддржало 89 претпријатија, 23 занаетчии и 30 проекти на фондации, кои ги исполниле условите.

На манифестацијата „Претприемач на годината“, министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека и догодина претприемачите ќе може да добијат поголем финансиски стимул за реализација на своите бизнис активности.

– Значењето на малите и средните претпријатија (МСП) и нивната значајна улога во генерирањето на економски раст и креирањето на нови работни места е широко препознаена и призната, па во ЕУ-стратегијата за пораст „Европа 2020“, како посебна иницијатива се издвојува поддршката на претприемништвото – рече Бектеши.

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Северозападна Македонија, Неби Хоџа во своето обраќање истакна дека, младите во земјава се соочуваат со административни и професионални бариери при регистирањето на компании.

– Тоа резултира со помал број барања за отворање биниси. Затоа треба да се промени перцепцијата дека бизнисот е тежок и проблематичен –  рече Хоџа.

Помеѓу наградените компании на манифестацијата „Претприемач на годината“ која се одржува по 11. пат, се  „Линк шпед“ од Тетово, „Аерус“ од Пробиштип, „Силотер“ од Струмица.


УЈП ја објави најновата листа на должници


Скопје, 8 декември, 2017 - 16:29 (META) 

Управата за јавни приходи (УЈП) ја објави најновата листа на должници за долгови доспеани до 31 август и неплатени до 30 ноември врз основа на данок на додадена вредност (ДДВ), данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност и повисок од 300.000 денари за правните лица.

На листата се наоѓаат повеќе од 4.000 должници, а помеѓу најголемите должници, како и во претходните листи на УЈП, се и „Македонската радио-телевизија“ (МТВ), „МЖ – Инфраструктура“ и повеќе јавни претпријатија.


Дополнителни 450 милиони евра за иновативните претпријатија од ЕИФ


Скопје, 10 август, 2017 - 12:43 (META) 

Европскиот инвестициски фонд (ЕИФ) и „Прокредит групацијата“ обезбедуваат дополнителни 450 милиони евра за иновативни мали и средни компании, што вкупно изнесува 820 милиони евра пласман во кредити за бизнисите во 11 земји.

Финансирањето обезбедено од ЕИФ е пласирано преку банките „Прокредит“ во Европа (Германија, Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија, Молдова, Украина и Грузија) и е наменто за компании кои инвестираат во нови технологии и производи.

Овие договори беа потпишани во согласност со иницијативата „Инов фин“ (InnovFin), која им овозможува на банките да пласираат кредити за иновативни компании со гарантна шема обезбедена преку Европскиот инвестициски фонд.

„Европската комисија верува дека малите бизниси придонесуваат за развој на нови вработувања и за пораст во Европа. Со олеснување на пристапот до финансии, кој на претпријатијата ќе им овозможи нови инвестиции, проширување на бизнисот и креирање нови работни места, Европска Унија активно ги поддржува малите и средни компании во Европа“, изјави потпретседателот на Европската комисија, одговорен за вработување, пораст, инвестиции и конкурентност, Јирки Катајнен.

Од банката „Прокредит“ за „Мета“ изјавија дека за неколку дена ќе се знае колку од овие средства ќе бидат наменети за Македонија.


Владата на денешната седница донела одлуки поврзани со спроведување на планот „3-6-9“


Скопје, 9 август, 2017 - 17:35 (META) 

Владата денеска ја одржа 22. седница, на која биле донесени одлуки поврзани со спроведување на планот „3-6-9“, а се од интерес на локалната самоуправа и се однесуваат на енергетиката, информираат од владината прес-служба.

„На денешната седница, Владата ја донесе уредбата за методологија за распределба на приходите од данокот на додадена вредност (ДДВ) по општини за 2018 година. На седницата беше истакнато дека оваа уредба спаѓа во делот на оние документи кои се од особена важност за рамномерниот развој на општините, како дел од стратешките определби на Владата“, се вели во соопштението.

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата денеска ја разгледала и ја усвоила информацијата за потребата од подготвување стратегија за зајакнување на капацитетите за водење финансиски истраги и конфискација на имот, со акционен план за нејзино спроведување.

Владата ја разгледала и информацијата за решавање на проблемите во Јавното претпријатие за државни патишта и во „Македонија пат“, а биле разгледани и усвоени извештаи за работењето на повеќе јавни претпријатија.

На седницата било одлучено да се формираат работни групи за да се подготви нацрт-текст за нов закон за енергетика.


СДСМ: Ќе бидат преиспитани милионските долгови на државните претпријатија


Скопје, 11 мај, 2017 - 16:04 (META) 

„Ќе бидат преиспитани сите милионски долгови што државните и јавните претпријатија ги направиле врз основа на неплатени даноци“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него се додава дека и според последната должничка листа на УЈП, меѓу најголемите должници се државните и јавните претпријатија, кои должат и по неколку милиони евра за неплатен данок.

„Институциите го толерираат ваквото расипничко работење на државните и на јавните претпријатија, меѓу кои е „Македонската радио-телевизија“, без никој да поднесе одговорност за тоа, а илјадници граѓани заради сметки за радиодифузна такса секојдневно се мачат со блокирани сметки и со извршители на врата“, се додава во соопштението.