По тепачката на Роберт Димитров во дискотека, полицијата и обвинителството почнаа истрага


Штип, 22 октомври, 2018 - 13:39 (META) 

Во исчекување на првичните наоди од истрагата на Основното јавно обвинителство за инцидентот вчера ноќта во дискотеката „Клик“ од Штип, полицијата излезе со официјална потврда на настанот, во кој учествувал основачот на „Телекабел“, Роберт Димитров. Во инцидентот со тешки телесни повреди во болница заврши сопственикот на кафулето „Илужн“, Ацо Панов.

Според соопштението на СВР Штип, настанот се случил во неделата, 21 октомври, во 2:55 часот, кога „Р.Д. (45) држејќи стаклено шише се доближил до масата на која седеле А.П.(34), заедно со М.К. (26), С.С. (22) и Ѓ.Ш. (35), сите од Штип, при што во еден момент Р.Д. неколку пати го удрил А.П. со шишето во пределот на главата, по што му се придружиле С.З. (28), Ф.З. (23) и Ж.К. (38), кои продолжиле со чаши и шишиња да го удираат А.П. по главата и телото. Потоа напаѓачите ја напуштиле дискотеката, а А.П. е пренесен во Клиничката болница во Штип“, соопшти СВР Штип.

Со оглед на констатираните тешки телесни повреди, на инцидентот работи и Основното јавно обвинителство од Штип.

Од Клиничката болница потврдија дека Панов има поголема расеченица на главата и повреди по ‘рбетот и телото.

Во текот на вчерашниот ден се сослушуваа учесниците и сведоците во инцидентот. Остана непотврдена информацијата дека Роберт Димитров ја напуштил државата и заминал во Грција, каде има свој бизнис.

„Мета“ се обиде телефонски да контактира со Роберт Димитров, но телефонот му беше исклучен. Контактиравме и со адвокат на Димитров, но тој посочи дека во оваа фаза не може да даде каква било изјава.

Повредениот Ацо Панов, во изјава за „Канал 77“ го посочи Димитров како иницијатор на тепачката.

– Седев со друштвото во дискотека „Клик“, кога одеднаш Роберт Димитров без никаква причина ме нападна, земајќи го шишето од масата и удирајќи ме по главата. Оттука му се приклучија од неговото друштво, кои што беа со него, поранешниот затвореник Здравко Коцев, неговото обезбедување и некои негови другари, кои беа таму со него. Ме нападнаа и фрла со чаши, со шишиња, со сè што имаше по масата – вели Панов.

На ова претходи инцидент од пред два месеци, во кој биле вмешани Панов и момчето на внуката на Роберт Димитров.  Расправијата во кафулето на Панов, продолжила на улица, кога дошло и до физичка пресметка. На случајот работеа полицијата и обинителството.


Поднесено обвинение за убиството на Никола Саздовски


Скопје, 11 септември, 2018 - 13:41 (META) 

Обвинителен акт за убиство е поднесен денеска против двајцата осомничени за свирепото претепување на Никола Саздовски во Автокоманда на 29 јуни годинава, соопшти  Основното јавно обвинителство Скопје. Исто така, за нив е побарано продолжување на притворот.

Истражната постапка против третиот осомничен, кој се смета за соизвршител, е прекината поради тоа што е во бегство. Против него се распишани домашна и меѓународна потерница, и кога ќе биде приведен, истрагата ќе продолжи, велат од обвинителството.


Во Обвинителство стасало вештачењето за смртта на Никола Саздовски


Скопје, 16 јули, 2018 - 16:40 (META) 

Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје по наредба од Основното јавно обвинителство Скопје, денеска до обвинителството го доставил вештачењето за причинско-последичната врска на нанесените повреди кај 21-годишниот Никола Саздовски, од претепувањето на автобуска постојка во Автокоманда со неговата смрт пред една седмица.

​Наодот од вештачењето е кај надлежниот јавен обвинител, кој, заедно со другите досега прибрани материјални и вербални докази, ќе биде решавачки фактор каква ќе биде правната квалификација, односно за какво кривично дело ќе бидат обвинети тројцата насилници.

Како што известија од Јавното обвинителство на Република Македонија, претходно во скопското обвинителство бил доставен обдукцискиот протокол, а бил сослушан и законскиот застапник на покојното момче.


Поповски: Јавноста ги знае сите информации за истрагата за Никола Саздовски


Скопје, 10 јули, 2018 - 16:48 (META) 

Роберт Поповски, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентост, по многуте реакции во јавноста и социјалните мрежи за водењето на истрагата за убиството на 21-годишниот скопјанец Никола Саздовски, кој на 29 јуни беше брутално претепан на автобуска постојка во Автокоманда и вчера почина, порача дека јавноста е навреме информирана за истрагата за случајот.

Поповски, во соопштението, изразувајќи го сочувството на Владата до семејството на починатото момче, апелира да не се користи говор на омраза и да не се потпалува насилство.

„Во случајот со младиот Никола Саздовски, чијшто живот за жал згасна прерано, јавноста е целосно и навремено информирана за активностите кои ги преземаа и се уште ги преземаат сите владини надлежни институции. Не постојат информации или какви било податоци кои се прикриваат или не се достапни за медиумите и граѓаните. Министерството за внатрешни работи веднаш по несаканиот инцидент за настанот објави информација во дневниот билтен, а во наредните денови беа приведени и двајца од тројцата сторители“, порачува Поповски.

Тој во името на Владата ги повика сите државни институции „да ја завршат постапката во однос на случајот транспарентно и со целосна посветеност во интерес на правдата“.


Маж претепан до смрт пред продавница во Охрид


Охрид, 24 јули, 2017 - 16:14 (META) 

Маж на возраст од 59-години вчера колабирал и починал во Охрид од повредите добиени во тепачка, извести СВР Охрид. Поради тоа, кривична пријава за убиство е поднесена против Н.С. (79), З.С. (45) и Д.С. (24), сите од Охрид.

Според СВР Охрид, вчера околу 17.30 часот, пред продавница на раскрсницата на улиците Будва и Радојца Новичиќ во Охрид, дошло до расправија помеѓу сега починатиот С.Г. (58) и најстариот од учесниците во тепачката, 79-годишниот Н.С., во која се вклучил и М.Г. (29) синот на починатиот.

Малку подоцна дошло до тепачка, во која се вклучиле и другите двајца пријавени за убиството, кои на починатиот 59-годишник му нанеле тешки повреди на главата.


Срби и Грк претепале до смрт американски турист на Закинтос


Закинтос, 7 јули, 2017 - 19:42 (META) 

Американски турист починал како резултат на повредите добиени од претепувањето од страна на српски туристи и на еден Грк. Нападот се случил во кафе-бар на грчкиот остров Закинтос, а му претходела расправија меѓу група Американци и група Срби. И двете групи биле под дејство на алкохол.

Околу 3.15 часот денеска, близу локалот „Бар код“ во Лаганас, српските гости заедно со грчкиот бармен и обезбедувачот Британец со српско потекло го претепале 22-годишното момче од Тексас. Откако излегол од локалот, го фатиле на 20-тина метри од излезот и го удирале и го клоцале околу половина минута. Неговите придружници кои излегле да му помогнат, не успеале да го одбранат. Потоа бил префрлен во болница со тешка рана на главата, но докторите не можеле да го спасат.

Полицијата ги уапсила барменот Грк и обезбедувачот на кафулето, кој е Србин со британско државјанство.


Зијадин Села в понеделник првпат ќе се појави во јавност по нападот


Тетово, 19 мај, 2017 - 10:49 (META) 

Претседателот на Движење за реформи на ДПА (ДР-ДПА), Зијадин Села, првпат по нападот во Собранието на 27 април, кога беше брутално претепан, ќе одржи прес-конференција в понеделник, извести портпаролот на ДР-ДПА, Арбен Таравари, на својот фејсбук-профил.

„ДР-ДПА со задоволство известува дека в понеделник, во 13 часот, во седиштето во Тетово ќе се одржи првата прес-конференција на нашиот претседател Зијадин Села. Прес-конференцијата е првата по нападот на 27 април, кога лидерот Села беше онеспособен и сериозно повреден, но Албанците не потпаднаа на гнев кон криминалците и на радост на секој пријател на Албанците, господин Зијадин Села се враќа в понеделник во Тетово“, напиша Таравари.


Насилници претепале скопјанец и демолирале кафуле во Шутка


Скопје, 29 март, 2017 - 13:29 (META) 

Седум-осум непознати лица вчеравечер во кафуле во населбата Шуто Оризари претепале млад скопјанец, а потоа превртеле неколку маси и го скршиле стаклото на влезната врата, по што заминале, соопшти СВР Скопје, информирајќи дека во врска со инцидентот засега се приведени тројца и се работи на расчистување на случајот.

Случајот во полиција вчера во 21.30 часот го пријавил претепаниот К.С. (24), кој бил однесен во Ургентен центар – Скопје, каде му била  укажана лекарска помош и бил пуштен на домашно лекување.

Насилниците го тепале 24-годишникот со раце, палки и со други тврди предмети, при што му нанеле телесни повреди.


Претепан снимател на „Анадолија“ во Белград


Белград, 5 јануари, 2017 - 15:39 (META) 

Снимател на турската новинска агенција „Анадолија“, Нихад Ибрахимкадич, рано утринава беше повреден при напад во близина на железничката станица во Белград. Снимателот е префрлен на одделението за интензивна нега во Воено-медицинската академија.

Како што наведе агенцијата „Анадолија“, непознатите напаѓачи го нападнале Ибрахимкадич од зад грб, а за време на нападот не зборувале ништо и не зеле никакви вредни предмети.

Ибрахимкадич добил тешки телесни повреди.

Снимателот е нападнат по неговото враќање од Босна и Херцеговина, каде што бил на новогодишно отсуство. Агенцијата „Анадолија“ го осуди нападот на нејзиниот вработен и ги повика сите надлежни служби во Србија што побргу да го расчистат случајот.


Разбојник ограбил и до смрт претепал 91-годишен жител на Свети Николе


Свети Николе, 29 јули, 2016 - 15:48 (META) 

Вчера, во периодот меѓу 13 и 18.20 часот, непознат сторител претепал и ограбил 91-годишен жител на Свети Николе, во неговиот дом, информираат од МВР. Старецот, на кој му била укажана лекарска помош во светиниколската болница, ноќеска околу 2 часот им подлегнал на повредите.

Според полициските информации, разбојникот во станот на улицата Рахилка Гонева, влегол преку незаклучена врата и со тап предмет го нападнал 91-годишниот С.К., нанесувајчи му повреди по целото тело.

Откако го принудл да каже каде ги чува парите, разбојникот ги зел и ја напуштил куќата. Станува збор за сума од околу 30.000 денари.

Старецот, кој бил во бесознание, во болница бил однесен од неговиот син, од каде по укажната помош бил пуштен дома. Денеска, околу 2 часот, С.К. им подлегнал на повредите.

Полицијата презема марки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.