ЈСП: Поради најавени три протести, голем дел од автобуските линии ќе бидат пренасочени


Скопје, 12 јули, 2018 - 13:04 (META) 

Денеска поради најавени три протести, голем дел од автобуските линии ќе бидат пренасочени, а дел од автобусите ќе возат по скратена траса од вообичаената, информираат од ЈСП.

Од таму додаваат дека „автобусите од јавниот превоз, како возилата на ЈСП Скопје, така и на приватните превозници, ќе сообраќаат согласно условите на терен и наложениот режим од страна на сообраќајната полиција.“

„Поради протестот на Бит пазар предвиден во период од 12 до 16.30 часот, изменет режим на сообраќање ќе важи за автобуските линии 2, 8, 9, 12, 17, 19, 45, 50, 54, 55, 57, 59, 62, 63, 63А, 63Б, 65, 65А, 65Б, 65В, 73, како и за сите останати градски и приградски линии кои по редовната траса минуваат преку Бит пазар. Најавен е и протест во период од 15 до 17 часот на крстосницата на „Рузвелтова“ со булевар „Партизански одреди“. Автобусите што сообраќаат во овој реон ќе возат во зависност од моменталните услови на терен, односно по траса наложена од сообраќајната полиција. Вообичаено како и во изминатите неколку денови и вечерва во период од 20 до 22.30 часот поради протест пред Собрание на РМ, затворен за сообраќај ќе биде центарот на градот. Возилата од јавниот сообраќај ќе бидат пренасочени по улица „Даме Груев“ (позади Собрание на РМ) и по булевар „Свети Кирил и Методиј“ (Рамстор)“, се вели во соопштението на ЈСП.


Камионите што ни носат нафта се најпогодени од блокадата на грчката граница


Скопје, 3 февруари, 2017 - 15:58 (META) 

Камионите што превезуваат нафта и нафтени деривати се најзагрозени помеѓу превозниците кои се заглавени на грчка граница поради блокадата и штрајкот на грчките земјоделци, вели за „Мета“, Билјана Муратовска од Здружението на превозници „Макам-транс“.

Таа додава дека камионите што превезуваат друг вид стока се пренасочуваат кон граничниот премин Дојрани и поради тоа тензиите се намалени.

– Порадби безбедност, потребно е грчката полиција во коридор да ги спроведе камионите и да ги донесе во меѓузона. Препораките и на Светската царинска организација се дека камионите што превезуваат опасни материи не треба да се држат во место, а нашите камиони таму стојат од понеделникот. Во нивна близина луѓето се греат, палат цигари, а сето тоа може да биде многу опасно – додава Муратовска.

Таа истакна дека проблемот не е во грчката царина, која постојано е во комуникација со македонските царински служби, туку проблемот треба да се реши на повисоко институционално ниво.

– Ние испративме допис до Канцеларијата за врски на Грција во Скопје, но сè уште нема одговор. Засега ситуацијата е статус кво и нема информација кога границата ќе биде одблокирана – вели Муратовска.

Директорот за продажба во „Макстил“, Јане Адамчевски, вели дека тие како компанија индиректно се загрозени од блокадата на границата.

– Заради специфичноста на производите, транспортот од и кон Солун го правиме преку железнички пат. Но, сега, заради блокада на границата, сите превозници се ориентираа кон железнички превоз. Побарувачката за овој транспорт е зголемена, а капацитетите на македонската и на грчката железница се ограничени и не можат да одговорат навремено на овој обем на побарувања. Поради тоа планираната и нормална динамика на испорака на производите е загрозена – изјави Адамчевски за „Мета“.

Првиот човек на солунското пристаниште, Константинос Мелиос, во изјава за грчката информатицна агенција АПЕ, посочил дека во моментов на пристаништето се насобрани 15.000 тони никел, 10.000 тони сол и 7.000 тони челик, сите наменети за индустриите во Македонија.

– В понеделник чекаме на пристаништето да пристигнат уште два брода кои носат 43 тони никел – вели Мелиос.


Девојка тешко повредена во сообраќајка кај Умин Дол, Кумановско


Куманово, 26 јануари, 2017 - 13:34 (META) 

Девојка на возраст од 29 години е тешко повредена во сообраќајна несреќа што се случи утрово, околу 10.40 часот, кај кумановското село Умин Дол. Автомобил, марка „БМВ“, со скопски регистерски таблички, удрил во пешакот Е.Н. од Куманово. Девојката со тешки телесни повреди била пренесена во медицинскиот центар во Куманово, но поради тежината на повредите била префрлена во Ургентниот центар во Скопје, соопшти МВР.

Според најновото соопштение од АМСМ, во 12 часот, сообраќајот на регионалниот пат Куманово – Скопје кај село Умин Дол сè уште се пренасочува. Пренасочувањето почна набргу по несреќата.


Пренасочување на сообраќајот Битола-Демир Хисар-Кичево


Скопје, 15 октомври, 2016 - 11:21 (META) 

На регионалниот пат Битола-Демир Хисар-Кичево од денеска до 17. овој месец се пренасочува сообраќајот. Пренасочување на сообраќајот е поради изведување градежни работи во близина на душевната болница, соопштуваат од Авто мото сојузот на Македонија.

Од АМСМ известуваат и дека во вторник од 21 до 22 часот ќе се изврши привремено затворање на тунелот Демир Капија на државниот пат А1, делница Демир Капија – Гевгелија за сите категории на возила, поради извршување на активности за изградба на јавен пат за време на инспекција за безбедност на патишта.

Сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива без забрани, по претежно суви коловози.


Поради одрони, затворен патот Ресен – Битола


Битола, 10 септември, 2016 - 9:34 (META) 

Поради одрони, затворен за сообраќај е магистралниот пат А-3, Ресен – Битола – Прилеп, кај Битола, а возилата се пренасочуваат низ градот, информираат од Автомото-сојузот на Македонија (АМСМ).

Оттаму соопштуваат дека сообраќајот на сите државни патишта се одвива без забрани, по влажни коловози.

Обиколницата кај Скопје е пуштена за сообраќај во двата правци, но има делови од коловозот кои се оштетени, каде се поставени сообраќајни знаци за регулирање на брзината на движење на возилата, велат од АМСМ.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Оваа информација се однесува само за македонската страна на премините.


Воведен посебен сообраќаен режим во местата погодени од невремето


Скопје, 10 август, 2016 - 16:31 (META) 

Полицијата воведе посебен сообраќаен режим на сообраќајниците во регионот на Скопје, кој е најмногу погоден од невремето, за да се обезбеди непречена работа на механизацијата за санирање на штетите и непречен дотур на храна, вода и лекови на жителите на населените места зафатени од поплавите.

„Воспоставен е посебен режим на сообраќај со кој се предвидува граѓаните од село Арачиново кои се упатуваат кон Градот Скопје да не поминуваат низ Сингелиќ туку да ја користат скопската обиколница, а и граѓаните од село Црешево и село Стајковци кои се упатуваат кон Скопје исто така да ја користат скопската обиколница. Апелираме до граѓаните на селата Арачиново, Стајковци и Црешево да ја почитуваат сообраќајната сигнализација како и наредбите од полициските службеници кои ќе траат до надминување на кризната состојба“, стои во соопштението од МВР.


Брачен пар загинал во сообраќајката на патот Удово – Демир Капија


Демир Капија, 3 август, 2016 - 10:45 (META) 

Браничен пар го загубил животот во сообраќајната несреќа што утрово се случила на патот Удово – Деми Капија, неофицијлано велат за „Мета“ од Министерството за внатрешни работи.

Првично беше соопштено дека во несреќата загинала жена, која била сопатничка во возилото „фиат сеиченто“, кое утрово, околу 7.20 часот, се судрило со автобус на „Струмица експрес“.

Во возилото, како што дознаваме, било и седумгодишното дете на двојката, кое е пренесено во болница, а според неофицијалните информации, кај него не се констатирани посериозни повреди.

Увидот на местото на несреќата е сè уште во тек и го води надлежен јавен обвинител. Засега нема официјални информации за идентитетот на загинатите. Неофицијално, станува збор за сопружниците Н.П. и Б.П. од Скопје.

Поради несреќата и увидот на местото, сообраќајот на тој дел од патот е во прекин во двата правци, а сообраќајот се пренасочува кон Радовиш и Струмица.


Посебен сообраќаен режим за празникот Духовден


Скопје, 15 јуни, 2016 - 12:13 (META) 

Поради верскиот празник Духовден, в сабота сообраќајот кон гробиштата Бутел во Скопје ќе биде под посебен сообраќаен режим, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Како што информираат оттаму, сообраќајот кај гробиштата Бутел, почнувајќи од 7 часот па сè додека има потреба, ќе биде пренасочен од улицата Александар Урдарески, покрај пазарот во Бутел, лево по локалниот пат за селото Мирковци и лево по улицата Боца Иванова, до паркиралиштето пред гробиштата. За излез возилата треба да се движат по улицата Боца Иванова до кружниот тек.

„Во другите денови, 17 јуни (петок) и 19 јуни (недела), кај гробиштата Бутел, Ѓорче Петров и Камник од страна на сообраќајната полиција при СВР Скопје ќе бидат преземени сите соодветни мерки за нормално одвивање на сообраќајот“, стои во соопштението на МВР.


Два авиони на „Ер Франс“ принудно слетале поради дојави за бомби


Париз, 18 ноември, 2015 - 11:54 (META) 

Два авиони на компанијата „Ер Франс“ безбедно се приземјени откако авиокомпанијата примила анонимни дојави за бомби, соопшти францускиот авиопревозник.

Авионите летале од Лос Анџелес и од Вашингтон кон Париз.

Едниот лет е пренасочен кон Солт Лејк Сити, во американската сојузна држава Јута, веднаш по полетувањето од Лос Анџелес, додека другиот авион од Вашингтон е пренесочен кон Халифакс во Канада.

Ова се случува само пет дена откако во Париз е изведен терористичкиот напад во кој 129 лица беа убиени.

„Како мерка на претпазливост и поради спроведување на сите неопходни безбедносни проверки, одлучивме да побараме приземјување на двата авиона“, соопшти француската авиокомпанија, додавајќи дека локалните власти спроведуваат темелен преглед на леталата, патниците и на нивниот багаж.

Властите, исто така, се обидуваат да му влезат во трагата на изворот на телефонскиот повик, а сè уште не се знае дали истото лице ги упатило двата повика.

Двата лета на „Ер Франс“ се пренасочени доцна синоќа, веднаш по слетувањето, поради анонимна телефонска закана дека во авионот се наоѓа бомба.