Рочиштето за „Тарифа“ прекинато, откако му се слоши на сведок, следното закажано за 1 март


Скопје, 13 февруари, 2018 - 14:50 (META) 

Судијката Софче Гаврилова Ефремова го прекина денешното рочиште за случајот „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинет е поранешниот директор на ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, откако на вториот сведок, Влатко Чакаровски, му се слоши во судницата додека даваше исказ.

Тој рече дека и вчера не се чувствувал добро и бил советуван од лекар да земе боледување. Следното рочиште судијката го закажа за 1 март.

Инаку, Чакаровски, кој е сведок и на СЈО и на одбраната, е вработен во ЕЛЕМ и бил член на работната група за имплементација на софтверскиот систем – ЕРП.

Пред него, два часа траеше испрашувањето на сведокот Жарко Миленковски, чија фирма учестувала како партнер во конзорциумот за набавка на софтверот за потребите на ЕЛЕМ.

Поранешниот директор на Електрани на Македонија, Дејан Бошковски, и уште две лица, се обвинети дека незаконски го набавиле софтверскиот систем, вреден околу четири милиони евра.

Обвинителите на СЈО рекоа дека ќе докажат оти тројцата обвинети се виновни за делото за кое се товарат, додека пак одбраната најави дека со 160 сведоци ќе го докажува спротивното.

Тројцата обвинети се изјаснија за невини.

Инаку, денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје го следеше и претставник на Амбасадата на САД во Скопје.


Прекин на гласањето на избирачко место во Аеродром, на гласач му недостигало едно ливче


Скопје, 15 октомври, 2017 - 11:58 (META) 

Во општина Аеродром на избирачкото место 2686, во детската градинка на улица Коста Новаковиќ, гласањето е во прекин откако интервенирала полиција поради гласач на кој му недостигало избирачко ливче.

Од изборната комисија му биле дадени четири избирачки ливчиња, а при внесувањето на ливчињата во избирачките кутии, гласачот имал само три ливчиња, по што било утврдено дека му недостига ливчето за советничката листа за Аеродром.

По реакција на изборната комисија, полицијата го прекинала гласањето, а гласачот е задржан во избирачкото место.


Гласањето во Теарце 15 минути прекинато поради дефект на УВ-ламбата


Тетово, 25 декември, 2016 - 9:51 (META) 

Неколку минути пред 9 часот прекинато беше гласањето на избирачкото место 2011 во Теарце бидејќи не работела УВ-ламбата со која се проверува дали гласачот претходно гласал на друго место.

Избирачкиот одбор констатираше дека треба да се прекине гласањето на еден час, но по 15 минути, гласањето продолжи нормално откако УВ-ламбата проработела.

– Во 8.30 часот имавме мал проблем со УВ-ламбите. Гласањето беше 15 минути во прекин, поради тоа што ламбите беа во дефект. Ја известивме ДИК и оттаму донесоа други УВ-ламби. Излезноста во утринските часови е поголема за разлика од гласањето пред две недели на 11 декември – рече заменик-претседателка на избирчко место 2011, Татјана Чуприна.

Во текот на вчерашниот ден гласале две болни лица.

На избирачкиот список во ова гласачко место има запишано 714 лица, а на изборите на 11 декември гласаа 404 лица.

Првичните неофицијални резултати од ова гласање ДИК ќе ги соопшти вечерва околу 21.30 часот.

На терен се присутни и претставници на граѓанската асоцијација „Мост“ и на невладината „Цивил“ кои го набљудуваат изборниот процес.

Причината за поништување на гласањето е бидејќи било утврдено дека од кочанот со гласачки ливчиња недостигало едно ливче, кое потоа, со дел од кочанот, било пронајдено во гласачката кутија. Освен тоа, во доверливиот гласачки материјал недостига и образецот број 15.


Членовите на Анкетната пак се скараа, Ставрески нема да сведочи


Скопје, 17 декември, 2015 - 16:21 (META) 

Седницата на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето на која денеска требаше да сведочи министерот за финансии, Зоран Ставрески, е прекината.

Членовите на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, како и вообичаено, повторно се скараа за дневниот ред, по што претседателот на комисијата, Петре Шилегов, ја прекина седницата.

Во изјава за новинарите, Шилегов рече дека е целосно нефер кон граѓаните од вкупно шест поканети функционери и членови на ВМРО-ДПМНЕ да сведочат само двајца, од кои ниту еден јавно. Тоа што Никола Груевски и Зоран Ставрески одбиле да одговараат јавно на прашањата, според Шилегов, е обид да ги скријат своите криминали од граѓаните.

– Со ваквото однесување на ВМРО-ДПМНЕ, се доведува во прашање целта на комисијата. Се добива впечаток дека сето ова е само фарса затоа што изјавите од Анкетната комисија требаше да служат за граѓаните да добијат увид во целата афера со прислушување, но ВМРО-ДПМНЕ одлучи да се крие – изјави Шилегов.

Тој рече дека сè додека Зоран Ставрески не одлучи да зборува јавно, оваа седница нема да продолжи.

Изјава за прекинувањето на седницата имаше и Антонио Милошоски, според кој, СДСМ ја одолжува целата работа за да има изговор и да каже дека некој дел од Договорот од Пржино не е исполнет и да може да побара одложување на изборите, како и за тоа што неговите претставници во комисијата не сакаат на ред да дојдат следните сведоци.