ССК бара да не се укинуваат веќе донесените ДУП-ови, бидејќи компаниите трпат штети


Скопје, 19 јули, 2018 - 14:59 (META) 

Да не се укинуваат веќе донесените детални урбанистички планови (ДУП), бидејќи на тој начин се доведува во прашање правната сигурност на инвеститорите во градежниот сектор кои трпат големи финансиски штети.

Ова денеска на прес-конференција го истакна претседателот на Градежната комора на Македонија при Сојузот на стопански комори (ССК), Ивица Јаќимовски.

Тој додаде дека „самиот процес на прекин на градба значи финански товар и за останатите 26 гранки поврзани со градежништвото, граѓаните кои одлучиле да инвестираа во стан, за самите општини и државата“.

– Инвеститорот започнува со градба на претходно донесен ДУП, од страна на општините, Град Скопје и Министерството за транспорт и врски, поточно градежната компанија не учествува во донесување на ДУП-овите. Укинување на ДУП на готов објект, во кој вложиле и компаниите и граѓаните и сите вклучени во процесот значи огромен финансиски товар. Врз онова на проценките на Градежна комора на Македонија, со моментот на укинување на ДУП-ови делот на мораторим на ДУП-ови кој се води, државата претрпува штета поголема од една милјада евра, како и сите чинители инволвирани во процесот. Донесување на нов ДУП, е сложен процес кој трае повеќе од две години во зависност од носителот на ДУП – вели Јаќимовски.

Тој додаде дека доколку се укине одреден ДУП за изградба на станбен објект, по автоматизам се блокираат сите процеси кои се поврзани со делот на градење.

Градежната комора на Македонија бара внимание за во иднина при донесување на деталните урбанистички планови, бидејќи секое стопирање кога веќе започнал процесот на градба значи штета која не може да се надомести.


Сообраќајот на патот Крупиште – Пробиштип е во прекин поради превртен камион


Скопје, 20 март, 2018 - 10:08 (META) 

Сообраќајот на магистралниот пат село Крупиште – Пробиштип е во прекин, поради превртен камион и во тек е негово извлекување, информираат од Авто-мото сојузот на Македонија.

На регионалниот пат Маврови Анови – Дебар, во близина на село Трница поради одрон на земја, сообраќајот се одвива по една коловозна лента и само за патнички моторни возила.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со слаб интензитет има во Маврово, додека на Ѓавато снежните врнежи се со умерен интензитет, но не се задржуваат на коловоз.


Сообраќајот на патот Кочани-Македонска Каменица во прекин поради одрони


Скопје, 12 февруари, 2018 - 19:06 (META) 

Поради отстранување одрони во близина на село Истибања сообраќајот на патниот правец Кочани-Македонска Каменица е во прекин во двата правци.  Се користи алтернативен пат Кочани- Виница- Драгобрашта- Бигла- Македонска Каменица.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно влажни коловози, без забрани, застои и ограничувања. Слаб снег кој не се задржува на коловозот провејува на планинскиот превој Пресека.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Во клисурите и засеците можна е појава на одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


Сообраќајот прекинат на два патни правци, поради излевање на реките


Тетово, 3 февруари, 2018 - 22:52 (META) 

Водата од реката Поника се излеала на главниот пат Тетово – Јажинце, при што сообраќајот се одвива по едната коловозна лента, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

На влезот за село Долно Орашје, тетовско на патниот правец кој води од село Јегуновце кон село Радуша се излеала водата од Голема река, поради што патниот правец е во целосен прекин.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. На Попова Шапка се бележат врнежи од снег кој наместа се задржува на коловозот, но во моментов не претставува пречка за одвивање на сообраќајот.


„Оне-Вип“: Има проблеми поради прекин на главните оптички врски


Скопје, 14 декември, 2017 - 14:47 (META) 

Корисниците на телекомуникацискиот оператор „Оне-Вип“ претпладнево се жалат на прекин на мрежата и невозможност за остварување телефонски повици како и употреба на интернет.

Од „Оне-Вип“ велат дека се соочуваат со проблем поради прекин на главните оптички врски.

„Поради прекин на главни оптички врски во моментов се соочуваме со глобален проблем кој се манифестира со остварување на повици кон мрежата на ‘Оне-Вип’ и проблем со употреба на интернет сервисите. Нашите екипи веќе работат на отстранување на потешкотиите во најбрз можен рок. Ви благодариме на разбирањето“, велат од „Оне-Вип“.


Железничкиот товарен сообраќај е во прекин, патничкиот ќе се одвива до полноќ


Скопје, 11 декември, 2017 - 17:13 (META) 

Железничкиот товарен сообраќај во Македонија е во целосен прекин од 07.30 часот утрово, а  железничкиот патнички сообраќај ќе се одвива само до полноќ, соопшти попладнево „МЖ-Транспорт“.

Како што информираат од компанијата, група вработени од машинскиот и извршен персонал во „МЖ-Транспорт“, еднострано и ненајавено, решиле да прекинат со извршување на своите работни обврски, поради неисплатен втор дел од платата за октомври.

„Железничкиот патнички сообраќај од станица Скопје Патничка ќе се одвива само до крајот на денешниот ден, т.е. до 24 часот. Сите возови кои во текот на денешниот ден ќе тргнат од станица Скопје Патничка, ќе бидат вратени во текот на утрешниот ден, согласно важечкиот возен ред“, се вели во соопштението.


Решението за Сирија ќе бара отстапки од сите страни, изјави Путин


Сочи, 22 ноември, 2017 - 17:46 (META) 

Рускиот претседател, Владимир Путин, денеска изјави дека постои вистинска шанса за ставање крај на судирите во Сирија, додавајќи дека решението ќе бара отстапки од сите учесници во судирите, вклучително и од сириските власти на претседателот Башар ал Асад, јавуваат светските агенции.

Путин ова го истакна во своето обраќање во Сочи, на отворањето на мини-самитот посветен на Сирија, на кој учествуваа претседателите на Турција и на Иран, Реџеп Таип Ердоган и Хасан Рохани.

– Сирискиот народ треба сам да ја одреди својата иднина… Очигледно е дека тој процес нема да биде едноставен и ќе бара компромиси и отстапки од сите учесници, вклучувајќи ја и сириската влада – рекол Путин.

Тој додал дека Москва, Техеран и Анкара ќе преземат најактивни напори овој процес да биде што е можно попродуктивен.

Судирите меѓу сириските владини сили и опозициските бунтовници траат од 2011 година.


Високите катови во Аеродром и во Ново Лисиче без вода в недела


Скопје, 15 септември, 2017 - 15:03 (META) 

Почнувајќи од првите минути по полноќ, в недела ќе биде во прекин дотекот на вода за високата зона во населбите Аеродром и Ново Лисиче, извести Град Скопје.

Прекинот е поради зафат на водоводните цевки кај кружниот тек на булеварот Србија и на улицата Христо Татарчев.

Водоснабдувањето ќе се нормализира дури по завршување на зафатот, а информации може да се побараат од ЈП „Водовод и канализација“ на телефонскиот број 02/3073010.


Голема сончева бура може да ја погоди Земјата утре и задутре


Вашингтон, 7 септември, 2017 - 16:06 (META) 

Од утре попладне до сабота околу пладне, голем дел од светот би можел да ги почувствува последици од големата соларна ерупција што се случила вчера, алармираше Центарот за вселенска метеоролошка прогноза при американската Национална администрација за океаните и атмосферата.

Русија, балтичките републики, Јужна Шведска, Данска, Обединотото Кралство и голем дел од северните држави на САД ќе бидат земјите кои веројатно ќе ги почувствуваат најсилно последиците од сончевата бура, предизвикана од ерупцијата на Сонцето со сила Х 9,3, која е најсилниот „факел“ исфрлен од Сонцето во последните 10 години.

Три часа претходно имало ерупција, односно „факел“, со сила Х 2,2, која избила од голема дамка на површината на Сонцето, а потоа уследила и гигантската ерупција од Х 9,3б, за која се очекува да предизвика магнетни бури и други последици на Земјата од утре попладне до задутре до пладне.

Последната толку силна ерупција, која имала сила Х 9, се случила во 2006 година, кога на осончаната површина на Земјата предизвикала прекин на радиосигналите во период од еден час и ги нарушила фрекфенциите. Научниците сметаат дека новата ерупција може да предизвика штети на сателити, комуникациски апарати и системи, па дури и на електропреносната мрежа.

Новата силна ерупција се случила во сончевата дамка во активниот регион 2673, помалата од двете масивни дамки на Сонцето. Оваа дамка е седумпати поширока од Земјината топка а висока колку девет Земји, објаснува астрофизичарот Карл Батамс.


Димовски побара седницата за Зврлевски да продолжи во октомври, Џафери не гледа зошто


Скопје, 7 август, 2017 - 12:30 (META) 

На шестата пленарна седница, на која почна расправата за владиниот предлог за разрешување на јавниот обвинител, Марко Зврлевски, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, веднаш побара седницата да биде прекината и да продолжи по одржувањето на локалните избори, на 15 октомври.

– Во согласност со членот 8а од Изборниот законик, од денот на донесувањето на одлуката за распишување избори до завршување на изборите, пратениците не можат да носат одлуки, не можат да се почнат постапки за вработување нови лица и за престанок на работните односи на јавните функционери, односно постапките се ставаат во мирување. Владата на 5 август, денот пред распишување на локалните избори, назначи 1.000 членови на управни и на надзони одбори, назначи директори бидејќи знаеше дека е последен рок пред распишувањето избори – рече Димовски.

Тој му порача на Џафери дека како што тој на денот на распишувањето на локалните избори повикал да се почитуваат законите, должен е и самиот да ги почитува законите и Уставот и постапката за разрешувањето на Зврлевски да ја стави во мирување.

На ова, претседателот на Собранието, Талат Џафери, кажа дека тој може да го толкува деловникот како сака, а тој ја спроведува нормата.

– Не навлегувам во интерпретација и во толкување на деловникот, должен сум да го спроведам. Ако има спор, постои надлежна комисија во однос на толкување на одредбите на деловникот. Нема пречка да се поведе постапката за толкување одредби, но и нема пречка во однос на продолжување на работата. Според истиот член 8а од Изборниот законик, формално-правно Собранието како законодавен дом, не зависи од ниту една друга власт. По ваша логика, Собранието од денеска треба да оди на одмор и да не работи до 16 октомври. Собранието нема никаква пречка да продолжи со дебата и со евалуација – изјави Џафери.

На ова Димовски одговори дека тие можат да продолжат да дебатираат по други точки и да се закажат седници за депонијата во Струга, Договорот со Бугарија или за стратегијата за мигрантите.