Коѕиас: Дојдено е време за големо „да“ или големо „не“


Атина, 5 јуни, 2018 - 9:27 (META) 

Мислам дека доаѓа моментот да го кажеш големото „да“ или големото „не“ и ги разбираш тешкотиите што се наоѓаат пред тебе, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ во однос на последните случувања во преговорите меѓу Македонија и Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Тој се надева дека пробој во ситуацијата ќе се постигне во следните неколку денови

– Имам чувство дека раководството во нашата земја има пријател на север, раководството во Скопје сега, кога треба да завршиме со ова, ги сфати големите тешкотии што постојат за имплементација на договорот и ова одигра улога да сака одново да го разгледа договорот, да разговара за одредени појаснувања за самиот договор, но длабоко сум убеден и се надевам дека ова, набргу, за неколку дена ќе се надмине – рече Коѕиас.

Тој објасни дека тоа е негово чувство дека ќе се затвори прашањето, но истакна дека „никогаш не треба да се вели никогаш, сè додека не паднат потписите“ и изрази надеж дека тоа ќе се случи набргу. Додаде дека 5-10 дена порано или подоцна, не прават голема разлика.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција не сакаше да открие кое е договореното име бидејќи „тоа е вклучено во пакетот и ќе треба да го објават двете влади, односно двајцата премиери“.

Од пакетот пет имиња предложени од медијаторот Метју Нимиц, Коѕиас рече дека во игра се три („Република Северна Македонија“, „Република Горна Македонија“ и „Република Нова Македонија“), откако „Република Македонија (Скопје)“ било отфрлено од грчка, а „Република Вардарска Македонија“, од македонска страна.

Во однос на договорот, шефот на грчката дипломатија откри дека е на 20 страници, на почетокот бил 17, потоа стигнал до 19, за конечната верзија да биде на 20 страници.

За ратификацијата и имплементацијата на договорот, рече дека ќе се следат конкретни чекори, како што се ратификација во македонското Собрание, па референдум и уставни промени, а потоа зелено светло од грчкиот Парламент.

– Најпрво потребна е ратификација на договорот во Собранието во Скопје. Самото Скопје, не ние, решаваат да одржат референдум, сакаат да одржат референдум. Референдумот не го наметнуваме ние, не го бараме ние, не го наметнува никој, тоа е политичка одлука, да се задржи даденото ветување и ние, од наша страна целосно ја почитуваме оваа одлука. Ние треба да го разбереме следното: тоа за нив не е само еден едноставен компромис, тие ќе го сменат името на нивната држава. И тоа колку што знам, во историјата само еднаш се има случено во централна Европа, со Австро-Германците – рече Коѕиас.

Тој оцени дека ако договорот се склучи набргу, во македонското Собрание ќе стигне во следните седмици, референдумот веројатно би бил на есен, додека пак по референдумот, би се направиле уставни промени.

– Мислам дека ако помине на референдумот, тогаш и претседателот на пријателската земја и пратениците ќе ја земат предвид народната волја. Мислам дека тоа е една обврска – вели шефот на грчката дипломатија во однос на тоа каков би бил ставот на македонскиот претседател и опозициските партии.

На прашањето кога договорот би пристигнал во грчкиот Парламент, Коѕиас објаснува дека „договорот ќе ги предвидува предусловите за ратификација и дека нема да може да биде пред референдумот во Скопје“.

Министерот за надворешни работи на Грција, прашан за тоа дали постои можност да се направат промени во договорот, вели дека „сѐ што требаше да се направи, е направено“ и објасни дека со неговиот македонски колега во неделата вечерта на средбата во Брисел, до раните утрински часови одново го разгледале договорот завршен два дена претходно во Њујорк и стигнале до промените што требало да се направат.

Во однос на специјалниот претставник на ОН во разговорите за името, шефот на грчката дипломатија рече дека „Нимиц се наоѓа пред најголемиот успех во неговиот живот, бидејќи ќе заврши нешто на кое работи 25 години“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, министерот за надворешни работи на Грција во синоќешното опширно двочасовно интервју на грчка државна телевизија ЕРТ, говореше за грчките влади во минатото што го прифатиле предлогот Македонија – Скопје, за македонскиот јазик признат во ОН уште во 1977, за предлогот Илинденска Македонија, што беше отфрлен од грчка страна, за ставот на опозициските партии кај јужниот сосед, но и за како што рече „демократското право на Каменос да не гласа“ за договорот во грчкиот Парламент.


Коѕиас: Да прифатиме еден од предлозите на Нимиц


Вашингтон, 22 мај, 2018 - 9:37 (META) 

Грција ја поддржува потребата да се прифати име од предлозите на Нимиц, вели шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас во изјава за грчките дописници од САД, по средбата со американскиот државен секретар Мајк Помпео, пренесува МИА.

Со оваа изјава и Коѕиас индиректно го отфрли името „Република Илинденска Македонија“, исто како што Грција отфрли и еден од петте предлози на медијаторот Метју Нимиц за името „Република Македонија (Скопје).

– Не се согласуваме, како што знаете, со петтото име од неговите предлози, и да одиме напред кон усвојување на еден стратешки план за пријателска соработка со оваа земја во иднина, со нејзиното ново име, рече Коѕиас.

Шефот на грчката дипломатија објасни дека за прашањето со името не разговарал со американскиот државен секретар Помпео, туку тоа било тема на средбите, вчера и завчера, со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Никос Коѕиас не открива што точно разговарале со Мичел, но вели дека „никој не ја тера Грција на ништо“ во однос на затворањето на прашањето, бидејќи ја има иницијативата за постапките и сите на позитивен начин следат како една земја со активна надворешна политика промовира решенија“.


ВМРО-ДПМНЕ и партиите на Албанците не коментираат за „Илинденска Македонија“


Скопје, 18 мај, 2018 - 12:28 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ нема информации околу процесот што го води Владата и несериозно е сега да лицитира, вели директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, Иво Котевски, во изјава за „Порталб“.

Вчеравечер и денеска многу медиуми, повикувајќи се на дипломатски извори, напишаа дека решението за кое македонскиот премиер Зоран Заев и грчкиот Алексис Ципрас констатирале дека е обострано прифатливо, е Република Илинденска Македонија.

– Несериозно е да лицитираме за вака сериозно прашање. Веќе кажавме дека ВМРО-ДПМНЕ нема информации околу процесот што го води Владата. Не знаеме ниту кој е опсегот што се договара, ниту дали е договорено некакво име кое е прифатливо за двете страни, а нема информации ниту како предвидуваат да ги решат другите идентитетски одредници – вели Котевски за „Порталб“.

Не сакаше да коментира ниту вицепремиерот Бујар Османи, во својство на портпарол на ДУИ.

– Не коментирам шпекулации – гласи кусиот одговор на Османи до „Порталб“.

Од движењето БЕСА, односно крилото на Африм Гаши, велат дека очекуваат официјален одговор, кој потоа ќе се разгледува и ќе се формира партиски став.

– Иако се шпекулира, ние немаме официјално соопштение дека тоа е името кое се предлага. Меѓутоа, ако тоа име биде предложенно и формално, телата на нашата партија ќе го разгледува и потоа ќе излеземе со став – објаснува портпаролот Орхан Муртезани во одговорот за „Порталб“.

И Алијансата за Албанците вели дека не може да се коментира ништо додека не стаса формално известување.

– Не можеме да коментираме за неофицијални решенија, а официјалниот предлог ќе се разгледува од партиските тела – велат од партијата на Зијадин Села.

Од БЕСА на Билал Касами, велат дека немаат конкретна комуникација со страните кои преговараат.

“Досега многу шпекулации дојдоа за многу различни имиња. Немаме конкретна комуникација од страна на преговарачите и не можеме да дадеме било каков официјален став. Во принцип ние поддржуваме брзо решение и такво кое ќе вклучува елементи на мултиетничка и мултирелигиозна реалност што државата ја има. Секое решение што ќе идентификува етничка или верска заедница, ќе донесе уште поголеми поделби во општеството – вели портпаролот на партијата, Абдуш Демири.


Заев прифати ТВ дуел со Мицкоски


Скопје, 16 мај, 2018 - 9:37 (META) 

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, ја прифати поканата за ТВ дуел од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тоа го соопштија од Владата вчера, кратко време откако Мицкоски по седницата на Централниот комитет на партијата упати таков предизвик до Заев.

– Премиерот Зоран Заев е подготвен за ТВ дуел во секое време со Христијан Мицкоски, бидејќи основа на демократијата е отвореноста и подготвеноста да се соочиш со политичките опоненти – изјави за МИА портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Мицкоски синоќа по седницата на Централниот комитет на партијата го повика Заев да се соочат на телевизија и да дискутираат за преговорите за името.

– Да дискутираме за ова прашање, да може тој да ги информира граѓаните Република Македонија, за тоа како преговара, за што преговара. Но, и да дискутираме за сите оние фаули што ги прави на полето на економијата, на немањето реформи, во образованието, во здравството, да дискутираме за сите оние погрешни политики што се случуваат оваа измината една година, така што еве можност да можат граѓаните да видат за каква политичка гарнитура станува збор, а ние се разбира да можеме да слушнеме да видиме и да ја дознаеме конечно таа лекција која така одамна ја најавуваше само да можат граѓаните да ја слушнат, па можеби и ќе научиме нешто – рече Мицкоски.

Тој најави дека ВМРО-ДПМНЕ на 2 јуни во Скопје пред Владата на Република Македонија ќе организира голем протест.


ВМРО-ДПМНЕ повторно повика Заев да каже што се договара за името


Скопје, 15 мај, 2018 - 14:41 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го повика премиерот Зоран Заев да соопшти на јавноста што се разговара за името и повторно побара лидерска средба.

– Трет ден имаме молк од владата и премиерот Заев на повикот за итна лидерска средба на која ќе се разговара за деталите и тековите на  најважното прашање на граѓаните на Република Македонија, прашањето за името. Единствените информации со кои располага македонската јавност се оние кои се од грчките медиуми. Дополнително на ова претходеше еден процес на ретерирање во изјавите на премиерот и владините претставници околу прашањето за организирање на референдум и непромена на Уставот, што само ги зголемува дилемите дека работите се движат во непосакуван правец за Република Македонија – порача генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

Тој побара премиерот Заев јавно да излезе и да каже што се преговара за името, посочувајќи дека со сегашната ситуација Македонија ја става пред свршен чин.

– Дали решението кое го договарате или веќе сте го договориле значи капитулација на Република Македонија? Нема ниту една причина да нема итна лидерска средба. Власта се плетка во сопствените лаги и лажни надежи искреирани за народот. Кажаа дека претседателот Иванов не е тука, а претседателот на државата  е тука. Кажаа дека проблем бил терминот на одржување на средбата, а  досега лидерите не се воопшто исконтактирани за можен термин. Обврска на владата е да бара консензус за вакви историски прашања. Итната лидерска средба ќе помогне, никако не може да одмогне – порача Јанушев.


Заев: Не е можен исчекор во спорот за името до четврток


Скопје, 14 мај, 2018 - 17:02 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска порача оти пред четврток, кога во Софија ќе се најде со грчкиот колега Алексис Ципрас, не е можно да се постигне исчекор во процесот за решавање на спорот за името.

– Се појавуваат информации дека е готово, сега на 17-ти сè ќе се реши… Не е така. Јас би сакал некаде пред Самитот на Советот на Европа, а потоа и Европскиот Совет, тоа е 25, 26, па 28 и 29 јуни, тогаш се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш да имаме некое решение, па дури треба да знаеме сите дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации – рече Заев.

Тој нагласува дека средбата со грчкиот премиер сепак не е кулминација на досегашниот преговарачки процес, оти најсуштинските прашања се сè уште на маса и оти на средбата во Софија треба да се направи рекапитулар на веќе сработеното и да се дадат насоки на министрите Никола Димитров и Никос Коѕиас, кои го водат преговарачкиот процес.


Нимиц, Димитров и Коѕиас денеска се среќаваат во Виена


Скопје, 25 април, 2018 - 9:36 (META) 

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас денеска во Виена ќе се сретнат со Метју Нимиц, посредникот во преговорите за името под покровителство на ОН.

Како што соопштија од седиштето на ОН во Њујорк, Нимиц ќе им „асистира на двете страни во изнаоѓање заедничко прифатливо решение за прашањето со името“.

Иако вчера еврокомесарот Јоханес Хан изрази оптимизам дека во следните две седмици може да се реши проблемот со името, премиерот Зоран Заев рече дека посакува, но не верува дека спорот со Грција ќе биде решен за две недели.

По изјавата на Хан реагираше и официјална Атина. Грчкото министерство за надворешни работи преку соопштение го повика еврокомесарот да престане да дава погрешна слика за преговорите, оти не ги разбира, а со такви изјави и ги поткопува.


Коѕиас по средбата со Дачиќ: Направен е чекор напред во преговорите на Грција и Македонија


Белград, 11 април, 2018 - 14:14 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас по денешната средба со неговиот српски колега Ивица Дачиќ во Белград изјави дека во преговорите на Грција и Македонија за спорот за името е направен чекор напред, како и дека клучот за решавање на проблемот се „реализмот, прагматизмот и сфаќањето дека треба да се направат компромиси“, пренесуваат српските медиуми.

– Треба да направиме компромиси, но не „гнили“ компромиси, туку такви од коишто ќе добијат двете страни. Компромис значи дека обете страни треба да сфатат дека не може да добијат сè, но дека треба да имаат придобивка – рече шефот на грчката дипломатија.

Коѕиас додава оти се надева дека двете страни во преговорите ќе го сфатат тоа и оти ќе има позитивни резултати.

Српскиот министер за надворешни работи, пак, рече дека најделотворно и најкорисно би било тие разговори да се водат директно и да се мисли на заедничкиот интерес во целиот регион. Дачиќ истакна дека Србија има разбирање за ставот на Грција и го повтори својот повеќепати изнсен став дека било грешка тоа што поранешна Сојузна Република Југославија ја признала Македонија под нејзиното уставно име, нагласувајќи дека тоа било „непромислен и погрешен чекор“.

– Однесувањето на Скопје кон Србија и српскиот национален и државен интерес не беше адекватно. Тие признаа еднострани акти – рече тој, мислејќи на признавањето на Косово од страна на Република Македонија.

Според Дачиќ, Србија сака прашањето за името да се реши, но дека не може многу да помогне, освен да понуди двете страни понекогаш да се состануваат во Србија.


Димитров: Нашата платформа се разликува од грчката, нема поместување од минатата средба


Скопје, 20 март, 2018 - 16:43 (META) 

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот Никола Димитров не сакаше да коментира за точките на грчката нацрт-платформа за решавање на спорот, а за македонската платформа рече дека се разликува од грчката.

– Грчката нацрт сподогоба е предмет на анализа во овој период, не знам колку ќе биде корисно да коментирам за содржината. Имаме и наша нацрт-спогодба за која не зборувавме оти, учејќи од самиот процес, научивме дека е подобро да сработиме, по потоа да обелодениме. Убедени сме дека елементите од нашата нацрт-спогодба ќе бидат корисни и во рамките на главниот процес, тој што се води со посредништво на медијаторот Метју Нимиц – рече Димитров.

Тој објасни дека најсуштинската работа што се случила од неговото вклучување во преговорите како министер за надворешни работи е средбата што тој и неговиот грчки колега Коѕиас ја имале со посредникот Нимиц во Виена, иако на неа не е постигнат значителен напредок.

– Се обидуваме за неколку месеци да направиме огромни скокови. Еден од главните предизвици е да се изгради доверба, да се убедат двете јавности, а притиснати сме и од европската агенда – рече Димитров.

Во однос на роковите, тој рече дека ни следните преговори со Нимиц во Виена на 30 март не се зацртани како момент на постигнување спогодба.

– Ние в петок ќе го отвориме тој процес, ќе го продолжиме со медијаторот Нимиц. Ова не е строго пропишан процес – рече шефот на македонската дипломатија.


Коѕиас в четврток слетува на „Скопје“


Скопје, 20 март, 2018 - 13:20 (META) 

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас в четврток ќе пристигне во официјална дводневна посета на Македонија, извести македонското Министерство за надворешни работи.

Посетата на Коѕиас в четврток ќе почне со неговото слетување на меѓународниот аеродром „Скопје“, само повеќе од месец откако со одлука на македонската влада името на овој аеродром беше сменето од „Александар Велики“ во „Скопје“.

На 30 март, петок, тој  со својот македонски колега Никола Димитров ќе бидат во Виена, каде ќе се сретнат со личниот пратеник на Генералниот секретар на ОН и посредник во преговорите за името, Метју Нимиц.