!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Пропаднаа преговорите меѓу власта и опозицијата во Албанија, посредувани од ЕП


Тирана, 26 април, 2017 - 12:42 (META) 

Преговорите меѓу власта и опозацијата во Албанија, посредувани од европарламентарците Кнут Флекенштајн и Дејвид Мекалистер, не успеаја да донесат никакви резултати, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Опозицијата, предводена од Љуљзим Баша, смета дека критериумите за техничка влада не треба да бидат предмет на преговори. Разговорите на двајцата европратеници со претставниците на власта и на опозацијата траеја нeколку часа. Извори блиски до албанската влада потврдија дека премиерот Еди Рама изразил согласност неколку министерски места во владата да бидат заменети и на нивно место да бидат поставени технички министри, но, од друга страна лидерот на опозицијата, Баша, истакнал дека техничка влада значи дека во неа не траба да биде актуелинот премиер Рама.

По неуспехот на преговорите, канцеларијата на Европската Унија во Албанија издаде заедничко соопштение на претседавачот на комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, и на известувачот во ЕП за Албанија, Кнут Флекенштајн.

Во изјавата се наведува дека двајцата европратеници имале добри дискусии со владејчкото мнозинство и со опозицијата и дека дале конкретни предлози за надминување на кризата.

„Двајцата европарламентарци дадоа предлози за во иднина, кои се однесуваат на декриминализацијата, борбата против трговија со дрога, технички мерки за подобрување на изборниот процес, како и мерки за зајакнување на политичката доверба“, се наведува во изјавата на европарламентарците.

Тие, исто така, предложиле неколку идеи околу датумот за парламентарните избори и можни предизборни промени во структурата на владата за долгорочно зајакнување на довербата во системот.


Османи: Груевски и Заев се среќаваат, го охрабруваме тоа за да се формира Владата


Скопје, 21 април, 2017 - 20:28 (META) 

Имаме информации дека Заев и Груевски имале средба и ние тоа го охрабруваме за да се најде решение да се деблокира Собранието и да се формира Владата, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи вечерва за „Мета“.

Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, пак, го негираше тоа.

– Не знам што би имале сега ние да разговараме со нив. Не знам на што се темелат настапите од ДУИ во овие два дена, но нема такво нешто. И заменик-претседателката Шекеринска вчера го негираше тоа – рече Шилегов.


Јункер и Меј следната недела во Лондон ќе разговараат за подготовките за Брексит


Брисел, 20 април, 2017 - 20:37 (META) 

Претседателот на Европската комисија (ЕК), Жан-Клод Јункер, в среда ќе отпатува за Лондон, на разговори со премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, околу подготовките за преговорите за излегувањето на земјата од Европската Унија (Брексит).

Портпаролката на ЕК, Мина Андреева, денеска соопштила дека заедно со Јункер во Лондон ќе отпатува и главниот преговарач на ЕУ за Брексит, Мишел Барние. Таа додала дека станува збор за посета на покана на британската премиерка.

Јункер вчера изјави дека преговорите за излегување на Британија од ЕУ ќе почнат по предвремените парламентарни избори во Велика Британија, закажани за 8 јуни.

Прашана за коментар на пишувањата во медиумите дека Меј ќе ја укине слободата на движење на граѓаните на ЕУ во Велика Британија пред изборите, Андреева го повторила ставот на Брисел дека човековите права мора да се почитуваат и дека никој не треба да ги користи како адут во преговорите.

„Сакаме повторно да ги увериме граѓаните на ЕУ што живеат во Велика Британија, како и британските државјани во ЕУ, дека нивните права и понатаму ќе се почитуваат без дискриминација, како и тоа дека ова ќе биде многу важно прашање во преговорите, кога тие ќе почнат“, истакнала портпаролката на ЕК, пренесуваат агенциите.


Британскиот парламент го поддржа предлогот на Меј за предвремени парламентарни избори


Лондон, 19 април, 2017 - 20:05 (META) 

Со 522 гласови „за“ и со 13 „против“, пратениците во Долниот дом на Парламентот го поддржаа предлогот на премиерката на Обединетото Кралство, Тереза Меј, да се одржат предвремени парламентарни избори на 8 јуни.

Меј вчера повика на одржување на предвремени парламентарни избори за да се обезбеди стабилност во текот на преговорите за Брексит.

Изборите ќе се одржат речиси една година по референдумот за истапување на Британија од ЕУ.


Вучиќ ги повика косовските Албанци на продолжување на дијалогот во Брисел


Белград, 9 април, 2017 - 12:05 (META) 

Српскиот премиер Александар Вучиќ ги повика денеска косовските Албанци на продолжување на дијалогот во Брисел, пишува електронското издание на „Блиц“.

Тој, на прес конференција, по прием на деца од Косовско Поморавље се осврнал на заканите од страна на косовските Албанци и рекол дека поради тоа и предложил на албанската страна, што поскоро, без оглед на потенцијални избори, да го продолжат дијалогот во Брисел или било каде на друго место.

Според Вучиќ, важно е да се спуштат тензиите, а не да се предизвикуваат нови.


ВМРО-ДПМНЕ: Ја отфрливме платформата уште во текот на преговорите


Скопје, 26 март, 2017 - 10:50 (META) 

Нови предвремени парламентарни избори се решение за излез од политичката криза во која СДСМ по изборите повторно ја втурна државата, велат од ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение.

„За да се спаси себе и екипата околу себе, Заев ја прифати тиранската платформа, која во целост е неуставна. Со неа се пропишува целосна двојазичност и промена на името по грчки терк. Тиранската платформа го загрозува и го поништува мултиетничкиот и унитарен карактер на државата. Со реализација на таквата платформа, Заев го прави првиот чекор кон федерализација на Република Македонија и нејзина идна дисолуција, што ќе значи дефинитивен распад на државата. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлива ваквата тиранска платформа и ја отфрли уште во текот на преговорите“, се вели во партиското соопштение.

Според ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните се дрско излажани и изиграни, бидејќи СДСМ под превезот „За живот“ им донел двојазичност, федерализација и растурање на државата.


ЛП: Иванов со скандалот со Хан се покажа како крајно неспособен за функцијата што ја врши


Скопје, 22 март, 2017 - 13:27 (META) 

Либералната партија го осудува скандалот што го направи Ѓорге Иванов, поврзан со посетата на еврокомесарот Јоханес Хан и на тројцата европратенции, со што, како што велат од партијата, се покажал како крајно неспособен за функцијата што ја врши и за тоа треба да поднесе одговорност.

Претседателот Иванов вчера ја откажа средбата со еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Хан, и со европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Кнут Флекенштајн, поради работната посета на Унгарија и својот термин им го препушти на членовите на иницијативата „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан.

„Либералната партија смета дека најдобар резултат од посетата на функционерите од Брисел е утврдената можност во решавањето на кризата голема улога да има одлуката на Европската Унија за почеток на преговорите за полноправно членство на Македонија во ЕУ и отворањето на поглавјата 23 и 24, во првите сто дена од формирањето на владата на парламентарното мнозинство на чело со СДСМ за која се собрани 67 потписи“, стои во соопштението на Либералната партија.


ВМРО-ДПМНЕ: Има два излеза – или нови избори или СДСМ да се откаже од платформата


Скопје, 3 март, 2017 - 9:49 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ јасно ја соопшти својата позиција уште пред да влезе во преговори за формирање на идната владина коалиција, а таа гласеше „Влада да, но не по секоја цена“, стои во денешното соопштение на партијата.

Оттаму велат дека партијата одбила да разговара за прифаќање на платформата подготвена и потпишана во Тирана, чија крајна цел, според ВМРО-ДПМНЕ, е редефинирање на Македонија и нејзино трансформирање од мултиетничка во бинационална држава.

СДСМ, се вели во соопштението, е уценет само поради тоа што изгубил на изборите, на кои не освоил мнозинство гласови за да формира влада.

„Сега СДСМ е доведен до ѕид заради патолошката желба на Зоран Заев да биде премиер по секоја цена. Затоа СДСМ прифаќа и гледа позитивно на платформата од Тирана. Затоа СДСМ се согласува на официјализирање на албанскиот јазик и на воведување двојазичност на цела територија. Затоа СДСМ се согласува на менување на банкнотите и на униформите. Целата јавност деновиве беше сведок дека СДСМ ги прифатил и другите сегменти од платформата кои подразбираат носење резолуција за прогласување геноцид врз Албанците“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде додаваат дека сите овие отстапки на СДСМ се „исклучително опасни“ по иднината на државата.

Од партијата велат дека има два излези од состојбата во која е доведена земјата. Првиот е одржување на брзи вонредни избори, а вториот е лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да се откаже од платформата на Албанците.


Попладнево Ахмети на состанок со централното претседателство на ДУИ


Тетово, 22 февруари, 2017 - 12:52 (META) 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, го свика централното претседателство на партијата за денеска во 17.30 часот, потврдиле од ДУИ за „Телевизија 24“.

На состанокот, како што пренесува телевизијата, тројцата потпретседатели на ДУИ, Теута Арифи, Невзат Бејта и Изет Меџити, треба да реферираат за текот на разговорите со работниот тим на СДСМ.

Состанокот на централното претседателство на партијата доаѓа по синоќешната средба на лидерите на ДУИ и на СДСМ, Али Ахмети и Зоран Заев, во Мала Речица.

Заев по тричасовната средба изјави дека двете партии се блиску до договор и оти на средбата било разговарано за уставноста на предложените решенија.

– Во тек се преговори. Интензитетот се зголемува. Одредени прашања се расчистени и тие прашање ќе ги пренесеме на нашите работни групи, на СДСМ и на ДУИ. Ова се прави за да се решат одредени прашања во интерес на албанската заедница, но во рамки на Уставот – рече Заев и додаде дека Уставот нема да се менува дури и по цена да не ги добие потписите за добивање мандат.

Лидерот на ДУИ, Ахмети рече дека на средбата со Заев не било разговарано за потписите за добивање мандат и го најави свикувањето на состанокот на централното претседателство на партијата.

– Експертите од двете партии се очекува да најдат заедничко решение. Можам да кажам дека немаме големи разлики со СДСМ околу предлогот за употребата на албанскиот јазик – изјави Ахмети.


Попоски: Најдобро е кога има политичка влада што може да носи одлуки


Загреб, 21 февруари, 2017 - 14:35 (META) 

„Во овој момент тешко е да се прогнозира кога и во каква форма би формирале влада или дали би се одлучиле за повторни избори. Практиката ни покажа дека најдобро е кога имате влада со политички мандат, која може да носи одлуки и врз основа на кои може да цените колку е успешна“, вели вицепремиерот и министер за надворешни работи, Никола Попоски, во интервју за Хрватската радио-телевизија (ХРТ).

Прашан како ги коментира критиките на сметка на владата на Никола Груевски во смисла на пресметките со политичките неистомисленици или задушувањето на слободата на медиумите, Попоски вели дека темата „поприлично се злоупотребува“ и дека „треба да ги погледнеме работите реално“.

Според Попоски „доколку во 2009 година се затвореше прашањето и Македонија беше во НАТО и да почнеше преговори со ЕУ, легитимно е да прашаме дали ќе дојдевме до ваква тешка политичка криза“.

Попоски вели дека „најголемата гаранција за стабилност во регионот е доколку сите земји од него се дел од Европската Унија и, оние кои сакаат, да бидат дел од НАТО“.