МОН: Нема шуга во училиштето „Владо Тасевски“, случајот е изолиран


Скопје, 29 март, 2018 - 11:57 (META) 

Од Министерството за образование и наука (МОН) ги демантираат пишувањата на одредени медиуми дека во основното училиште „Владо Тасевски“ во Карпош има зараза од шуга и наведуваат дека се работи за само едно дете, односно изолиран случај за кој родителот пријавил минатиот четврток.

„Ја уверуваме јавноста дека во училиштето нема појава на заразна болест, а родителите можат да бидат спокојни и сигурни дека нивните деца се безбедни. По добивањето на пријавата, директорката на училиштето веднаш презела итни превентивни мерки и Центарот за јавно здравје направил систематски преглед кај другите учениците по што било утврдено дека нема присуство и други случаи на заразна болест во училиштето“, информираат од МОН.

Во соопштението се додава дека преземени се и мерки за дезинфекција и дезинсекција за целосна заштита на учениците, за да се спречи ширење на заразата во просториите на училиштето.


Бесплатни прегледи за ХОББ во „Сити мол“


Скопје, 18 ноември, 2015 - 11:05 (META) 

По повод Светскиот ден за хронична опструктивна белодробна болест – ХОББ 2015 година, кој се одбележува под мотото „Не е предоцна“, Институтот  за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје денеска организира бесплатни прегледи за мерења на дишната функција.

Прегледите ќе се изведуваат во период од 10 до 13 часот во „Сити мол“.

Со овој настан треба да се испрати порака до населението на Република Македонија за важноста на препознавањето на оваа болест, како и за нејзино навремено дијагностицирање и лекување.

Навременото дијагностицирање и правилното лекување на оваа болест ќе го подобрат квалитетот на живот и животниот век на овие болни.

Еден од најголемите ризик-фактори за појава на ХОББ е пушењето.

 


Бесплатни прегледи за младите рекреативни спортисти


Скопје, 12 јули, 2015 - 16:13 (META) 

Лицата кои рекреативно спортуваат од следниот месец ќе можат да направат бесплатен преглед на Спортска медицина, соопшти денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

Со новата мерка, како што соопшти Тодоров, ќе бидат опфатени околу 25.000 лица, на возраст од 14 до 29 години, кои аматерски се занимаваат со спорт.

Во основниот пакет спаѓа ЕКГ-преглед, хематолошки и уринарен статус, основна крвна слика, мерења на масното ткиво, мускулната и на коскената маса.

Според Тодоров, спортските прегледи имаат цел да им дадат препораки на лицата кои спортуваат во однос на исхраната, како за начинот и за интензитетот со кој треба да се одвива тренингот.

Статистичките податоците на Институтот за јавно здравје во Македонија укажуваат дека 60,5 отсто од машката популација и 47,8 отсто од женската популација на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, што последица на нередовната физичка активност.


Лекари ги прегледале мигрантите во прифатниот центар: Нема појава на инфективни болести


Скопје, 19 јуни, 2015 - 14:32 (META) 

Тим на лекари-специјалисти по инфектологија и по дерматовенерологија извршиле прегледи на мигрантите, сместени во прифатниот центар за странци во Гази Баба и утврдиле дека нема појава на кожни и на инфективни заболувања, соопштија од Министерството за здравство.

„Во прифатниот центар е постојано присутна екипа од доктор и од медицинска сестра ангажирани од Црвениот крст, кои се снабдени со потребната медицинска терапија и со лекови, и континуирано ја следат здравствената состојба на лицата во центарот. Доколку има потреба од медицинска интервенција на повисоко ниво, мигрантите се транспортираат до соодветната здравствена установа. Превентивно, денеска во прифатниот центар се врши дезинфекција, дезинсекција и дератизација од екипа на Центарот за јавно здравје – Скопје. Лицата кај кои во изминатиот период имало појава на шуга или вошливост, се соодветно третирани со потребната медицинска терапија (медицински препарати, кремови, шампони), и на тој начин е спречено ширење на овие заболувања во епидемиски размери“, велат од Министерството за здравство.

Деновиве од министерството информираа дека во соработка со Црвениот крст биле организирани вкупно три мобилни медицински тимови (доктор, медицинска сестра и возач) во регионите во кои се движат мигрантите, на територијата на земјата.

Оттаму информираат дека доколку има потреба од пружање прва помош кај некој од мигрантите, потребно е да се повика Црвениот крст на Македонија, на некој од следните телефонски броеви: 071 261 787, 070 257 994, 02 3139 578

Според министерството, мобилните медицински тимови на Црвениот крст вршат тријажа и пружаат прва помош, а по потреба повикуваат и Итна медицинска помош и мигрантите добиваат помош во јавна здравствена установа од повисоко ниво на здравствена заштита.


Јутјуб-натпревар: Бомбите им водат на тајните средби!


Скопје, 23 февруари, 2015 - 17:08 (META) 

Прес-конференцијата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за третиот дел од „бомбата“ има речиси 225.000 прегледи на „Јутјуб“ за три дена. Овој аудиозапис насловен „Слушнете ужас: Местат апсење и изживување врз Љубе Бошкоски“ предизвика најголема заинтересираност од сите досега објавени снимки на официјалниот „Јутјуб“ канал на СДСМ и има рекордна гледаност за толку кратко време.

 

Видеоснимка Прегледи       Датум на објавување
  1. Слушнете кого прислушувале Груевски и Мијалков  291.271               9 февруари
  2. Слушнете ужас: Местат апсење и изживување врз Љубе Бошкоски  224.997               20 февруари
  3. Слушнете: Местат судии, обвинители, пресуди…!  170.373               15 феврураи
  4. Вистината на виделина1  147.041               2 февруари
  5. Вистината за Љубе Бошкоски – Дел 1    89.537               21 февруари
  6. Вистината на виделина2    77.649               2 февруари
  7. Вистината за Љубе Бошкоски – Дел 2    39.183               21 февруари
  8. Вистината за Љубе Бошкоски – Дел 3    30.876               21 февруари
  9. Вистината за Љубе Бошкоски – Дел 4    30.737               21 февруари
10. Вистината за Љубе Бошкоски – Дел 5         301               Денес
11. Вистината за Љубе Бошкоски – Дел 8         301               Денес
12. Вистината за Љубе Бошкоски – Дел 6         215               Денес
13. Вистината за Љубе Бошкоски – Дел 7         171               Денес

 

Трите аудиоснимки на СДСМ за прислушувањата имаат вкупна гледаност од 686.641 прегледи. Видеозаписите на анонимните канали на „Јутјуб“ за тајните средби на Заев со Груевски и на Бошковски со непознатотo лице имаат вкупна гледаност од 416.011 прегледи.

Аудиозаписот од првиот дел од „бомбата“, кој беше објавено пред 12 дена, досега има речиси 300.000 прегледи.

Втората снимка за пет дена имаше 165.000 прегледи, а третата за 18 часа ја виделе 173.000 пати.

Пред аудиозаписите на СДСМ од прислушувањата, на „Јутјуб“ се појавија снимки од тајна средба помеѓу Никола Груевски и Зоран Заев, кои сè уште се прикачени на мрежата иако МВР доби задолжение од Јавното обвинителство да го контактира сервисот со барање тие да бидат повлечени. Снимките се објавени на 2 февруари и за 20 дена, едната, насловена „Вистината на виделина1“, има 147.041 прегледи, а втората, „Вистината на виделина2“, има 77.649 прегледи.

Пред два дена на „Јутјуб“ беше формиран каналот „Чкљ Чкљ“ на кој се поставени видеозаписи од Љубе Бошкоски како разговара со уште едно лице чиј лик е заматен, за предизборната кампања на Бошкоски во 2011 година, за пари и за спорот за името со Грција.

На анонимниот канал со псевдоним „Чкљ Чкљ“, се поставени вкупно осум видеозаписи насловени „Вистината за Љубе Бошкоски“. Четири од видеоснимките се поставени пред два дена, а четири се поставени пред неколку часа. Најголема гледаност од нив има видеозаписот „Дел1“, кој досега има речси 90.000 прегледи.

 


Бесплатни прегледи по повод Светскиот ден на дијабетот


Скопје, 14 ноември, 2014 - 8:53 (META) 

ЈЗУ Здравствен Дом на Скопје, денеска, во рамките на Светскиот ден на дијабетот, ќе организира бесплатни превентивни прегледи на пункт кој ќе биде поставен на плоштадот Македонија.

Медицинските екипи на граѓаните ќе им мерат ниво на шеќер во крвта, крвен притисок, како и телесна тежина и висина и притоа ќе им даваат совети за здрава исхрана.

Годинава Светскиот ден на дијабетот се одржува под мотото „Здравата исхрана и дијабетот“, а во рамки на одбележувањето се организирани повеќе активности поврзани со спречување на дијабетот тип 2, како и ефикасно контролирање.