!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Дебармаалци попладнево ќе протестираат за безбедни улици


Скопје, 21 август, 2017 - 11:19 (META) 

Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ денеска во 18 часот на протест пред Министерството за култура ќе ги повикаат Општина Центар и Град Скопје да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците од, како што велат „опасноста предизвикана од тротоари окупирани од возила и кафеани, опасно неорганизиран сообраќај и неконтролирано градење“.

Протестот кој се одржува под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“, ќе се одвива од 18 до 19.30 часот, на улицата Антоние Грубишиќ, на потегот од ОУ „Коле Неделковски“ до Министерство за култура.

Минатата недела, кај ОУ Коле Неделковски загина постара жена која одеше по коловозот на улицата Антоние Грубишиќ.

„Тротоарите се постојано зафатени со возила, а комбето што ја усмрти се движеше во рикверц затоа што нема простор и затоа што дотур се прави во најфреквентните часови и во текот на цел ден. Брзината, иако формално ограничена, никој не ја санкционира, бучавата ги надминува сите дозволени граници, градежните активности продолжуваат и покрај тоа што граѓаните го оспорија предложениот Детален урбанистички план. Иако градоначалникот на Центар и Општината се обврзани со закон да одговорат на анкетните ливчиња за ДУП-от, градоначалникот Андреј Жерновски и Општината го прекршија законот и сѐ уште одбиваат да одговорат на над 400 анкетни забелешки од граѓаните“, велат од граѓанската иницијатива, потсетувајќи дека повеќе од две години предупредуваат на опасноста и бара од градоначалниците на Центар Андреј Жерновски и Скопје Коце Трајановски.


Прегазена жена кај „Буњаковец“, дебармаалци бараат средување на сообраќајниот хаос


Скопје, 17 август, 2017 - 12:08 (META) 

Повозрасна жена била прегазена и усмртена утринава од комби што се движело наназад кај основното училиште „Коле Неделковски“ во близина на Министерството за култура.

Уличките во тој дел се полни со паркирани автомобили, а има и големо движење бидејќи тоа е еден од пристапите до пазарот „Буњаковец“.

Крајно време е да се среди хаосот во тој дел, реагираат од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“.Активистите потсетуваат дека со години иницијативата апелира до Општина Центар, јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар и Град Скопје да се среди урбанистичкиот хаос, да се ослободат тротоарите за безбедно движење на пешаците, да се престане со градби додека не се провери дали и постојните ги исполнуваат критериумите пропишани со дозволите. Бараат и да се ограничи сообраќајот на товарни возила за дотур и да се води грижа за безбедноста на граѓаните, особено децата кои немаат каде освен да се движат по коловозите.

Сепак, како што велат „Во одбрана на Дебар Маало“, на сите барања упатени досега надлежните одговараат со молк. Единствениот одговор стасал од Град Скопје, со забелешка дека „достава е дозволена од 9 до 14 и од 17 до 22 часот, според одлука донесена во консултација со фирмите“.


Старица прегазена на пат кај Крива Паланка


Крива Паланка, 4 август, 2017 - 15:50 (META) 

Во сообраќајна несреќа вчера претпладнето била усмртена 87-годишна жителка на Крива Паланка, извести СВР Куманово.

Според полицискиот билтен, вчера околу 10.30 часот на магистралниот пат А-2 во Крива Паланка, во близина Осички мост, автомобил „сеат кордоба“ со кривопаланечки регистерски ознаки удрил во 87-годишната С.В., која починала веднаш. Со автомобилот управувал Б.В. (53) од Крива Паланка.

Увид извршиле јавен обвинител и екипа од Полициската станица во Крива Паланка, а по наредба на обвинителот, телото на починатата е дадено за обдукција.


Воз прегазил жена на железничката станица во Прилеп


Прилеп, 20 јули, 2015 - 13:02 (META) 

Патнички воз, кој сообраќал на линијата Велес – Битола, синоќа, околу 23.10 часот, на железничката станица во Прилеп, прегазил жена, чиј идентитет засега е непознат, соопшти полицијата.

Од тешките повреди, жената починала на самото место.

Полициски екипи извршиле увид на местото и преземаат мерки за утврдување на идентитетот на починатата и на околностите за несреќата.