Светска банка: Со просечни 2,8 проценти пораст, ќе ви требаат 70 години да ја стигнете ЕУ


Скопје, 29 ноември, 2018 - 14:52 (META) 

Светска банка смета дека Македонија има голем потенцијал за забрзување на економскиот пораст, за намалување на сиромаштијата и за подобрување на животниот стандард, особено за луѓето во најдолниот дел на распределбата на приходите.

Ова денеска беше посочено на презентација на анализата „Постигнување посветла иднина за сите“ во која се разгледува напредокот на Македонија во текот на 27 години по остамостојувањето, а беше презентиран од страна на регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Линда Ван Гелдер.

Во анализата се идентификувани три патеки кои меѓусебно се надополнуваат, за земјата да ги искористи новите можности за надминување на предизвиците. Првата е да поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор, втората е вложување во луѓето за да се изгради конкурентна и приспособлива работна сила и третата се однесува на остварување економска социјална одржливост, како и одржливост на животната средина преку делотворно управување

Македонија е рангирана како земја со средни до високи приходи, но, како што беше посочено, има потенцијал да биде и со високи приходи за што треба да се спроведат одредени реформи.

Претставникот на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели потенцира дека Македонија се наоѓа во историски период. Потенцираше дека, државата од 2.000 година има просечна стапка на пораст од 2,8 проценти и со таков пораст за 70 години би постигнала нивото на ЕУ, доколку се зголеми на 5 отсто тогаш целта ќе се оствари за 30 години.

Во однос на најавеното прогресивно оданочување, Мантованели посочи дека Македонија е една од земјите со најмали приходи и оти има простор за прогресивно оданочување, но при тоа да се има предвид да не се поткопа ефикасноста.


Гувернерката на НБРМ ќе учествува на Регионален економски преглед на ММФ


Копенхаген, 8 ноември, 2018 - 9:51 (META) 

Гувернерката на Народната банка на Република Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска денеска ќе учествува на јавното претставување на есенскиот Регионален економски преглед за Европа на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што ќе се одржи во Копенхаген, Данска.

Таа и гувернерот на Централната банка на Данска, Пер Калесен преку одделни излагања ќе ги изнесат своите видувања и оценки за одделни области опфатени со Прегледот.

ММФ редовно го презентира полугодишниот Регионалниот економски преглед за Европа, пред светската јавност на настан од ваков формат, а есенва, за првпат на настанот за еден од тројцата говорници е поканет гувернер на НБРМ.

„Во Прегледот на ММФ се прикажуваат најновите економски случувања и перспективите за земјите од различни региони на Европа, при што се посочуваат и економските политики кои што влијаат на економските состојби. Меѓу другото, во него е содржана и дискусија за главните предизвици со кои се соочуваат економските и политичките чинители во Европа. Истовремено, во Прегледот се презентираат специфични податоци и анализи за европските држави, како и аналитички текстови за прашањата ко ишто се од особен интерес за некои од државите“, се вели во соопштението на Народна банка.

Ангеловска-Бежоска ќе го искористи овој значаен настан на ММФ и за билатерална средба со гувернерите на Централната банка на Данска, Ларс Роде и Пер Калесен.


Јанкулоска се подбива со предвидувањата на Гарет за Македонија во 2027 година


Скопје, 19 јануари, 2017 - 11:58 (META) 

Поранешната министерка за внатрешни работи и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска, преку објава  на „Твитер“, со подбив ги искоментира предвидувањата на актуелниот британски амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, за тоа каде ја гледа земјава за 10 години.

Јанкулоска ја ретвитна англиската верзија од текстот на „Мета“ за оптимистичките предвидувања на британскиот амбасадор за Македонија, со наслов „Гарет: Македонија во 2027 година ќе има жена премиер и ќе биде во ЕУ и во НАТО“, и напиша: „Се покажа во сегашноста, па се зафати и со иднината“, со хаштаг „Нострадамус“.

Поранешната министерка за внатрешни работи не пропушта можност преку социјалните мрежи да ги искоментира случувањата поврзани со Велика Британија и со нејзиниот амбасадор во земјава, Чарлс Гарет.

Ден по референдумот во Велика Британија, на кој нејзините граѓани гласаа за Брексит, односно за излегување на земјата од Европската Унија, Јанкулоска на британскиот амбасадор му твитна „Сега шу праиме?!?“.

Инаку, Јанкулоска е стипендист на Велика Британија, односно како што може да се види во нејзината биографија, таа има магистрирано на кентскиот универзитет, во Кентербери. Во јули 2004 година, универзитетот ѝ доделува награда за посебни достигнувања во областа на правото.

Британската амбасада во Скопје преку социјалната мрежа „Фејсбук“ почна кампања насловена „Македонија 2027“, преку која сака да слушне од граѓаните каде ја гледаат земјата за десет години, што би сакале земјата да постигне.

Свој поглед на иднината на Македонија, прв даде британскиот амбасадор, Чарлс Гарет, кој предвидувањата ги претстави преку личниот дневник, напишан „на 26 август 2027 година“.


Светска банка предвидува пораст на македонската економија со 3,7 проценти


Скопје, 8 април, 2016 - 13:45 (META) 

Пораст на македонската економија од 3,7 проценти за оваа и зголемување на 4 отсто во 2017 година, предвидува Светска банка во нејзиниот најнов извештај. Невработеноста е намалена на 26,1 отсто, сиромаштијата за 2 отсто.

– Најбрз пораст во 2015 година од земјите во регионот бележи Македонија со 3,7 отсто, а по неа е Косово со 3,6 проценти. Порастот се пресликува во создавање нови работни места во приватниот сектор, а тоа и ниската инфлација им помага на приходите во домаќинствата и ја намалува сиромаштијата – изјави регионалниот директор во Светска банка, Елен Голдстин.

Двигател на економијата биле приватната потрошувачка, јавните расходи и извозот од странските директни инвестиции. Трговскиот дефицит се намали, а фискалниот беше нешто понизок од проектираниот со буџетот. Структурата на трошење останува неповолна, јавниот долг бележи благо зголемување, но со нагорна тенденција за иднина.

Најголем ризик, според оцените на Светска банка, е актуелната политичка несигурност.

Светска банка препорачува Македонија да ги надмине политичките превирања и да се насочи кон рестартирање и кон интензивирање на структурните реформи, намалување на фискалниот дефицит, подобрување на управувањето со јавните финансии и ефикасноста на трошењето, понатамошно намалување на сиромаштијата и на невработеноста, како и кон приближување кон стандардите на живеење на ЕУ.


ЕК: Порастот на македонската економија ќе изнесува 3,3 отсто


Брисел, 4 февруари, 2016 - 15:19 (META) 

Европската комисија предвидува пораст на македонската економија од 3,3 проценти за годинава и пораст од 3,5 проценти за 2017 година.

– Во 2016 и во 2017 година, порастот се предвидува да остане цврст. Домашната побарувачка ќе остане клучен двигател и потрошувачката на домаќинствата се очекува да има корист од позитивните трендови за зголемување на платите, создавањето работни места, како и од понатамошно зголемување на трансферите и на пензиите – стои во извештајот.

И за годинава, главен предизвик за Македонија е фискалната консолидација, високите социјални трансфери, зголемувањето на јавниот долг, како и невработеноста кај младите и кај жените.

Комисијата препорачува приватната потрошувачка да остане клучен двигател на порастот во Македонија, а власта да го намали трошењето и нивото на јавниот долг.

Според пишувањата во извештајот, Владата ја зголемила потрошувачката, особено за социјалните трансфери и за платите во јавниот сектор, и дополнителните приходи од данокот на додадена вредност не биле искористени за обнова на фискалниот простор.

Придонесите од нето-извозот се намалуваат, а увозот и понатаму ќе остане висок со оглед на содржината на увоз на производство од страна на странски компании, што е околу две третини од извозот на економијата.

 


Година на неизвесност и на несигурен извоз за македонските компании


Скопје, 2 јануари, 2016 - 12:02 (META) 

Годината што почнува, за македонските компании носи неизвесност и несигурност на извозот на производите на странските пазари. За домашниот пазар, велат дека се губи куповната моќ на населението, а за странскиот големо влијание имаат глобалните случувања, како забавување на порастот на кинеската економија и европското ембарго кон Русија.

Претседателот на Здружението на металургија при Стопанска комора, Митко Кочовски, вели дека металуршките компании веќе подолго време работат на минимум и не се рентабилни. Извозот за следната година е неизвесен поради случувањата на глобалните пазари.

– Забавување на економската активноста на Кина, продолжување на ембаргото кон рускиот пазар, одобрувањето кредити се во прашање и сето ова негативно влијае врз намалување на производството. Помалото производство значи намалување на извозната и на увозната активност – вели Кочовски.

Во овој период текстилните компании работат со полна пареа, а како ќе биде за следната година, претседателката на Текстилниот кластер, Маријана Перковска, вели дека неблагодрано е да се каже. Порачките се од месец за месец, а сè зависи и од економската и од политичката состојба на државите каде што извезуваат. Перковска додава дека добро е што Европа се врти повторно кон земјите од Балканот како доставувачи.

– Можеме да се надеваме само извозните компании да работат добро, бидејќи тие што се ориентирани кон домашниот пазар, немаат добри изгледи бидејќи куповната моќ е многу слаба. Во моментот има нарачки до март, а не се знае што ќе биде по тоа кога е одлучувачки период. Текстилната е сезонска работа и периодот кога има нарачки не е доволен за да го покрие периодот кога компаниите немаат работа – вели Перковска.

Марта Наумовска Грнарова од „Завар дизајн“, компанија која 85 проценти од производството го извезува, вели дека побарувачката се намалува, а конкуренцијата се зголемува, па оттука и условите за работа нема да бидат полесни.

– Нема причини зошто да биде подобро. Околностите за работа нема да бидат полесни, но колку побргу ќе сфатиме, ќе реагираме и ќе се прилагодиме, ќе бидеме подготвени за да се носиме со конкуренцијата – вели Наумовска Грнарова.

Според неа, инвестиции во производство, нови технологии, кадар, додадена вредност на производот е она што нè прави конкурентни надвор.


„Стратфор“: На Македонија ѝ претстои бурна година


Скопје, 30 декември, 2015 - 12:05 (META) 

Македонската влада во 2016 година ќе мора да се справува со политички и со етнички поделената земја, со бегалската криза и со нерешениот спор за името со Грција, предвидува американската агенција за геополитички стратегии, „Стратфор“, додавајќи дека аспирациите за членството во ЕУ и понатаму ќе влијаат врз политичката ситуација во земјата, иако нема наскоро да стане членка на Унијата.

„Стратфор“ оценува дека пролонгирањето на преговорите за влез во ЕУ може, со текот на времето, да ја намали поддршката за усогласување на барањата со ЕУ и да предизвика поголема политичка и општествена нестабилност.

„Доколку официјално Скопје се откаже од идејата за членство во ЕУ, Македонија би можела да го загуби интересот за одржување на добрите односи со соседите. Тоа би можело да отвори врата за конфликт со Албанија и со Косово, поради ситуациите со етничките Албанци во Македонија, како и со Грција, поради блокадата на Атина за влез на земјата во ЕУ и во НАТО. Иако според агенцијата, ваквото сценарио е малку веројатно, сепак не може целосно да се отфрли имајќи ја предвид политичката поделеност на ЕУ“, оценува „Статфор“.

Во анализата се наведува дека првата половина на 2016 година ќе биде клучна за иднината на Македонија, која освен со политичката криза се справува и со бегалската криза. По изборите, новата влада ќе мора да се справува со растечката, но кревка економија, со политички и со етнички поделената земја. Агенцијата оценува дека шансите за етнички конфликт во земјата не се така високи, но не ја исклучува можноста за насилства.

Прв императив за Македонија следната година е да создаде стабилна влада. Во анализата се додава дека политичките партии ќе мора да се позанимаваат со разочараните гласачи, кои, според анкетата на ИРИ, сметаат дека земјата во последните години станала понестабилна и се движи во погрешна насока.

Новата влада, според Стратфор, ќе треба, исто така, да се справи со потенцијално бурната етничка ситуација. Агенцијата наведува дека настаните од мај 2015 година се показател дека земјата е кревка кога станува збор за меѓуетничките односи и оти уште еден период на политичка нестабилност во Македонија може да ги разгори етничката поделба и националистичката реторика.

Агенцијата наведува дека стапката на невработеност, исто така, може да придонесе за социјални немири. Во анализата се наведува дека без разлика на намалувањето на невработеноста, сепак повеќе од четвртина од работоспособното население е невработено. Лошата економска состојба би можела да создаде простор за засилување на екстремистичките политички сили, кои би ги продлабочиле политичките и етничките проблеми.


ЕБРД: Македонската економија со пораст од 3,5 проценти


Лондон, 14 мај, 2015 - 15:12 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) предвидува дека македонската економија годинава ќе има пораст од 3,5 проценти.

Македонската економија, како што наведено во извештајот на ЕБОР за регионалните економски перспективи, продолжува да расте со најбрза стапка во регионот.

Според ЕБОР, ризиците од намален пораст, главно, произлегуваат од внатрешните политички несогласувања.

Неодамна, Народната банка излезе со проекција за пораст на македонската економија од 4,1 отсто.