!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иранските власти се заканија со „железна тупаница“ доколку протестите продолжат


Техеран, 31 декември, 2017 - 12:29 (META) 

Револуционерната гарда на Иран ги предупреди демонстрантите, кои изминатите три дена протестираат поради лошиот животен стандард во земјата, дека ќе се соочат со „железна тупаница“ доколку немирите продолжат, пренесува „Би-би-си“.

Командирот на Револуционерната гарда изјавил дека протестите се претвориле во политички собори, а демонстрантите палат и уништуваат јавен имот.

Според наводите што ги пренесува „Би-би-си“, на протестите во градовите Хорамабад, Занјен и Ахваз имало повици за рушење или смрт на иранскиот врховен лидер Ајатолахот Али Хамнеи.

– Ако луѓето излегле на улиците поради високите цени, тогаш не би требало да извикуваат такви пароли и да палат јавен имот и автомобили – изјавил генералот Есмаил Ковсари за новинската агенција ИСНА.

Инаку, моќната Револуционерната гарда е поврзана со врховниот лидер на Иран и нејзината задача е да го чува и заштитува исламскиот систем во земјата.

Предупредување до демонстрантите дека ќе сносат одговорност упати и министерот за внатрешни работи на Иран, Абдолреза Рахмани Фазли, кој порача дека „оние кои што го уништуваат јавниот имот, го нарушуваат редот и ги кршат законите ќе мора да одговараат за своите постапки и да ја платат цената за тоа“

Протестите поради лошиот животен стандард почнаа во четвртокот, оваа недела, во градот Машад, на североистокот на Иран, а потоа се проширија и во другите градови.

Бранот протести вчера стигна и во главниот град на земјата, Техеран, каде студенти и други учесници извикувале антивладини пораки, неколку часа по собирот организиран за поддршка на властите.

Светските медиумите пренесуваат дека на вчерашните протести најмалку две лица загинале во судирите меѓу полицијата и демонстратните во градот Доруд во западен Иран, каде протестите биле проследени со силно насилство.

Некои од демонстрантите се снимени со повреди од огнено оружје, додека други на снимките се гледаат како палат полициски возила. Има извештаи и за напади на владини згради, пренесуваат медиумите. Информациите за протестите во Иран претежно се пренесуваат преку социјалните мрежи и за дел од нив нема официјална потврда.

Ова се најголемите протести во Иран од прореформските демонстрации кои беа одржани во 2009 година.


ФРОДЕМ: Опозицијата се сведе само на негирање


Скопје, 16 јули, 2017 - 15:32 (META) 

Фронт за демократска Македонија (ФРОДЕМ) ги повика добронамерните членови на ВМРО-ДПМНЕ „во наредниот период да се воздржат од вплеткување во манипулативни игри на Груевски и на врхушката за спасување на сопствената криминална кожа“.

„Опсесивниот, секојдневен притисок за вклучување на партиски лица во јавните реакции не е ништо друго туку „димна завеса“ која треба да создаде привид на божемна опозициона активност. А која е, всушност, опозиционата активност: негирање, негирање и негирање. Тоа не е став на опозиција, туку став на очајници кои не сакаат ништо друго освен трескавично, папагалско промовирање на зададени пропагандни пароли. Но, таа импотентност не нè загрижува. Нас реално нè загрижува фактот што зад параванот на партиските соопштенија, на божемната партиска активност, се врши активно попречување на правдата, односно безобѕирно криминално бранење на огромниот организиран криминал кој досега е направен“, се вели во соопштението од ФРОДЕМ.

Од партијата порачуваат дека власта мора да „го демонтира режимот“ или да им овозможи на вонпартиските професионалци да ги вратат нормалноста и редот во државата.


САД со предупредување до своите државјани што патуваат во Европа, поради тероризам


Вашингтон, 2 мај, 2017 - 11:13 (META) 

Стејт департментот на САД издаде предупредување до американските државјани што имаат намера да патуваат во Европа, укажувајќи на континуираната закана од терористички напади.

„Додека локалните влади ги продолжуваат операциите за сузбивање на тероризмот, Стејт департемнтот сепак останува загрижен од можноста за идни терористички напади. Државјаните на САД секогаш треба да имаат на ум дека симпатизери на терористите или саморадикализирани екстремисти можат да изведат напади со мало или без никакво предупредување“, се наведува во соопштението на одделот за конзуларни работи на Стејт департментот на САД.

Во предупредувањето се потсетува на неодамнешните напади во Франција, Русија, Шведска и во Велика Британија, со напомена дека екстремистите се фокусираат на главните туристички локации.


Омбудсманот бара веднаш да престане злоупотребата на деца во протестите


Скопје, 3 март, 2017 - 14:00 (META) 

Народниот правобранител денеска повика веднаш да престане злоупотребата на деца во протестите кои се организираат деновиве. За овие случувања, како што соопштуваат од канцеларијата на Омбудсманот, тие добиле и претставки од родители.

„Народниот правобранител ги предупредува сите инволвирани страни дека секоја злоупотреба на децата подлежи на санкции и укажува дека ќе ги истражи поплаките. Доколку навистина се докаже дека одредени лица, вработени во образовни институции, биле поттикнувачи, за истите ќе бара најстроги казни, затоа што станува збор за деца кои според сите меѓународни и домашни регулативи уживаат посебна заштита“, стои во соопштението на Народниот правобранител.

Од институцијата апелираат до наставниците и до родителите по никоја цена да не дозволуваат инволвирање на учениците во какви било собири и протести и ги повикуваат надлежните институции веднаш да реагираат и да ги спречат ваквите појави.


Силен земјотрес регистриран кај Папуа Нова Гвинеја


Порт Морсби, 22 јануари, 2017 - 13:41 (META) 

Земјотрес со јачина од 7,9 степени според Рихтеровата скала, денеска ја погодил Папуа Нова Гвинеја, соопшти американскиот геолошки институт, јавуваат светските агенции.

Потресот се случил на 40 километри западно градот Пангуна, на островот Бугенвил, во Папуа Нова Гвинеја, на длабочина од 153 километри, соопштил американскиот институт. Оттаму проценуваат дека е можно земјотресот да предизвикал умерена штета на осторовот Бугенвил.

Центарот за тревога од цунами на Пацификот првично издал предупредување дека се можни опасни бранови во некои од крајбрежните делови на Папуа Нова Гвинеја и на соседните Соломонски Острови, но подоцна предупредувањето било повлечено.

Земјотрес со иста јачина ја погоди Папуа Нова Гвинеја кон средината на декември минатата година, но не беше предизвикана никаква штета.

Архипелагот Папуа Нова Гвинеја се наоѓа во јузопадниот дел на Тихиот Океан, и во т.н. пацифички Огнен прстен, територија подложна на силна сеизмичка активност.


Подгответе се за поларна температура и за снег, предупредува Координативното тело за кризи


Скопје, 3 јануари, 2017 - 14:52 (META) 

Граѓаните да бидат подготвени за период на речиси поларни временски услови со снег, замрзнат дожд и со температура која се очекува да се спушти и до минус 22 Целзиусови степени, како и внимателно да ги планираат патувањата и да не тргнуваат на пат без соодветна зимска опрема, предупредуваат од Координативното тело за справување со кризи.

Според директорот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Оливер Ромевски, драстичната промена на временските услови е поради поларен бран од Сибир, кој ќе го зафати целиот Балкански Полуостров.

– Веќе в четврток, со врнежи од снег ќе биде зафатена целата територија на Македонија. На повисоките места тој снег ќе биде и до 50 сантиметри, а на пониските до 25 сантиметри. Ќе дува студен ветер и температурата нагло ќе се спушти под нулата. В петок, сабота и в недела нè очекува дури и дневна температура од минус 10 Целзиусови степени, а ноќната ќе достигне и до минус 22 степени – изјави Ромевски, по денешната седница на Координативното тело за справување со кризи.

Директорот на Јавното претпријатие „Македонија пат“, Гајур Кадриу, вели дека нивни екипи, со специјална опрема, се распоредени на 37 пунктови на целата територија на земјата и ќе дежурираат 24 часа, но посочува дека и покрај преземените мерки во вонредни услови, како што предвидуваат метеоролозите, сообраќајот не може да се одвива како по суви коловози.

– Апелираме сите учесници во сообраќајот да бидат опремени со зимска дополнителна опрема, а особено тешките товарни возила кои без зимска опрема и неподготвени не би требало да тргнуваат на пат бидејќи тие се голема пречка при вакви временски неповолности. Сите учесници во сообраќајот треба да внимаваат и да ги почитуваат собраќајни знаци и правила – изјави Кадриу.


Кина жестоко се противи на американскиот антиракетен штит во Јужна Кореја


Хангџу, 5 септември, 2016 - 11:54 (META) 

Кинескиот претседател Си Џинпинг на својата колешка, претседателката на Јужна Кореја, Парк Геун Хје, ѝ соопштил дека Кина е против распоредувањето на американски противракетен штит во нејзината земја, јавуваат светските агенции.

Си Џинпинг, за време на билатералниот состанок, на маргините на Самитот на Г20, кој се одржува во Хангџоу, Кина, ја предупредил дека неадекватното третирање на ова прашање не е добро за мирот во регионот и може да го интензивира спорот меѓу двете земји.

Кина претходно остро реагираше на одлуката на Сеул за распоредување на антиракетниот систем ТХААД, во воена база на југот на Јужна Кореја.

Вашингтон и Сеул тврдат дека поставувањето на ракетниот штит е за заштита од заканите на Северна Кореја, додека Пекинг предупредува дека штитот ќе ѝ овозможи на војската на САД увид длабоко на североистокот на Кина.

Инаку, Северна Кореја денеска истрелала три балистички ракети во водите на својот североисточен брег, соопштија јужнокорејски официјални претставници, јавува „Би-би-си“.

Проектилите биле истрелани од регионот Хвангџу, соопштила денеска здружената команда на јужнокорејската армија, пренесува агенцијата „Јонхап“.

Засега нема информации за типот на ракетите и за нивниот дострел.


Еврообврзницата вторпат понудена на продажба


Скопје, 19 јули, 2016 - 12:55 (META) 

По одложувањето на продажбата на еврообврзницата од 650 милиони евра, таа вторпат е понудена на продажба, јавува „Ројтерс.

Пред пет дена, Македонија го одложи издавањето на седумгодишната еврообврзница откако член на опозицискиот СДСМ преку писмо до банките гаранти ја оспори легалноста на постапката.

Во писмото било наведено дека земјава нема соодветен правен механизам за издавање на еврообврзницата и доколку се издаде, можно е да се прекршат одредени закони и правила во Македонија.

Опозицијата го поздрави одложувањето, но и предупреди дека опасноста од „финансиско злосторство“, односно повторна продажба останува.


Лагард: Земјите членки на ЕУ подобро да комуницираат во интерес на економијата


Вашингтон, 3 јули, 2016 - 15:25 (META) 

Од суштинско значење за економијата е земјите членки на Европската Унија прашањето со Брексит да го решат со крената глава, изјави првиот човек на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард.

Taa даде забелешка за недостигот од комуникација во EУ и за префрлувањето на одговорноста од едни на други. Според неа, треба да се согледа економската реалност и да се работи на подобра соработка и комуникација.

Лагард изрази жалење што напорите за објаснување на негативните последици од Брексит, пред да се одржи референдумот во Велика Британија, биле залудни.


Обилните врнежи предизвикаа поплави во Франција


Париз, 1 јуни, 2016 - 19:34 (META) 

Како последица на обилните врнежи изминатите неколку денови, реката Сена денеска се излеа преку поставените насипи и поплави делови од главниот град на Франција.

Поплавени се и други делови од државата, а спасувачките служби извршиле повеќе од осум илјади операции за спасување во близина на границата со Белгија.

Поради зголеменото ниво на водата на реката, затворени се патиштата по должината на брегот на Сена, од југозападниот дел на градот до областа околу Ајфеловата кула.

Градските власти ги предупредија жителите и посетителите да бидат внимателни во близина на брегот бидејќи водостојот ќе продолжи да се зголемува.

Националната метеоролошка служба синоќа прогласи тревога во северните области и портокалово предупредување во пет департмани поради поплави.

Се очекуваа оваа состојба да потрае до петок.