Кацарска ќе им суди на Груевски и на Јанкулоска за „мерцедесот“ од 600 илјади евра


Скопје, 12 јануари, 2018 - 16:41 (META) 

Кривичниот суд денеска ги објави имињата на судии кои според новиот распоред на претседателот на судот, Иван Џолев ќе ги водат предметите на Специјалното јавно обвинителство.

Така, судијката Добрила Кацарска ќе им суди на поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска за случајот „Тенк“, односно за набавката на „мерцедесот“ од 600 илјади евра.

Кацарска ќе ги суди и случаите „Триста“ и „Транспотер“, кои досега ги водеше судијката Лидија Петровска, која со новиот распоред на Џолев е прераспоредена во друго одделение во судот.

Судија во случајот за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во јавноста познат како „Шамарите во Центар“, каде обвинети се Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште десетина лица, ќе биде Душан Јосифов, кој предметот го презема од својата колешка Татјана Михајлова, која исто така е прераспоредена во друго одделение.

Од другите предмети на СЈО кои се судат во одделението за организиран криминал, „Сопот“ и „Шпион“ ќе ги суди Владимир Туфегџиќ, а Џанета Бегтовиќ ќе ги води „Трезор“ и „Таргет и Тврдина“ во кои обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и екс началникот на петтата управа, Горан Грујевски и Никола Бошковски.

Огнен Ставрев ги ќе суди „Титаник 2“, „ТНТ“, а судијата Осман Шабани ќе ги води „Топлик“ и „Тендери“.

Судијата Ставрев го презема и случајот „Монструм“, кој Врховниот суд го врати на повторно судење, откако ја укина првичната пресуда со која шест лица беа осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско езеро од 12 април 2012 година.

Од Кривичниот суд велат дека предметите се распределени согласно автоматизираниот систем за управувње со судските предмети и новиот распоред на претседателот на судот.

За останатите предмети кои сè уште не се распределени и обвинителните акти кои сè уште не се оценети од судот велат дека дополнително ќе информираат.


Џолев донел нов распоред во Кривичен, дел од предметите на СЈО ќе добијат нови судии


Скопје, 20 декември, 2017 - 18:23 (META) 

Новиот претседател на Основниот суд Скопје 1, Иван Џолев донел нов годишен распоред на судиите, со кој, дел од предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ќе добијат нови судии, јавува телевизија „Телма“ повикувајќи се на свои извори.

Со новиот распоред, голем дел од досегашните судии во одделот за организиран криминал, кои ги судат предметите на СЈО, се префрлени во одделот за прекршоци, односно ќе судат сообраќајни и прекрушувања на јавниот ред и мир.

Според информациите во медиумите, меѓу нив се судијките Лидија Петровска, која ги суди случаите „Тврдина 2“, „Триста“ и „Транспортер“, Татјана Михајлова, која го води случајот за насилствата пред Општина Центар и Моника Бахчовановска, сопруга на функционер на претходната власт.

Во одделот за организиран криминал, останува судијата Горан Бошевски, кој го суди предметот „Траекторија“ на СЈО, а во овој оддел ќе судат и судијата Владимир Туфегџиќ, кој беше истражен судија во случајот „Монструм“, поранешната претседателка на судот Добрила Кацарска, судијката Софче Гаврилова – Ефремова, која го суди предметот „Тотал“, во кој обвинет е Драган Павловиќ – Латас, потоа судиите Огнен Ставрев, Дарко Тодоровски и Осман Шабани и судијката Џенета Бектовиќ.

Претседателот на судот, Иван Џолев потврдил дека има нов годишен распоред на судии кој ќе стапи на сила откако ќе стане правосилен и дека сите предмети кои ги воделе судии кои се префрлени во други оддели ќе добијат нови судии.

Инаку, судиите кои не се задоволни од новиот распоред имаат право на жалба до Врховниот суд.


Советот за утврдување на факти бара да не биде укинат до Нова година


Скопје, 22 ноември, 2017 - 15:10 (META) 

Советот за утврдување на факти, кој треба да биде укинат со предлог-закон, бара од Собранието и од Министерството за правда престанокот на работа да важи од први јануари 2018 година, а не со денот на објавување на новото законско решение во „Службен весник“.

Од Советот денеска соопштија дека во понеделникот доставиле барање до Собранието и до координаторите на пратеничките групи од Министерството за правда, предлог-законот за укинување на инстутуцијата да биде дополнет со член во кој јасно ќе се наведе дека новото решение ќе почне да се применува од почетокот на следната година.

Оттаму велат дека ако на членовите и на вработените во Советот им престане мандатот, односно работниот однос, со објавувањето на законот во „Службен весник“, не може да биде извршено примопредавање на нивните предмети и архивата во Судскиот совет, бидејќи во предлог-законот „воопшто не е определен разумен рок во кој овие обврски треба да бидат завршени“.

„Освен обврските околу примопредавањето на предметите и архивата, законот со кој се укинува Советот се носи при крај на календарската година, поради што сите вработени и членовите на Советот ќе бидат оштетени при остварувањето на нивните права од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и статусот на вработените на кои сè уште им трае договорот за вработување“, стои во соопштението од Советот за утврдување на факти и за поведување постапка за утврдување одговорност на судија.


Кривичниот суд ги отфрли „бомбите“ како доказ во уште шест случаи на СЈО


Скопје, 20 октомври, 2017 - 13:11 (META) 

Кривичниот суд во Скопје денеска официјално соопшти дека советите за оценка на обвинителните акти за случаите „Титаник 2“, „Тенк“, „Титаник“, „ТНТ“, „Тревник“ и „Тифани“ на Специјалното јавно обвинителство, донеле решенија со кои прислушуваните разговори не можат да се користат како докази во судските простапки за овие случаи.

Според одлуките на Кривичниот суд, овие докази, приложени со обвинителните акти, се прибавени на незаконит начин и со кршење на слободите и на правата утврдени со Уставот, закони и со меѓународни договори и не може да се користат и врз нив не може да се заснова судска одлука.

Сепак, овие одлуки на Кривичниот суд не се правосилни и СЈО има право на жалба против решенијата до Апелацискиот суд, во рок од три дена.

Инаку, Основниот суд Скопје 1 кон крајот на септември донесе идентични одлуки, со кои „бомбите“ беа изземени како доказ во случаите „Тендери“, „Топлик“ и „Тортура“. СЈО веднаш ги обжали решенијата до Апелацискиот суд, кој сè уште не донел одлука по жалбите.

Претходно, Апелација, постапувајќи по жалби на СЈО, донесе одлука дека прислушуваните разговори можат да се користат како докази во судскиот процес за насилствата пред Општина Центар, во кој првообвинет е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и во судската постапка за случајот „Триста“.

Од Кривичниот суд денеска соопштија дека Апелација им го доставила решението со кое се прифаќа жалбата на СЈО и се дозволува користење на „бомбите“ како доказ во случајот „Триста“.

Првостепениот суд соопшти и дека судија за оценка на обвинителен акт го прифатил обвинението на СЈО за случајот „Труст“, во кој првообвинет е бизсменот Сеад Кочан, како и обвинението за случајот „Тотал“, каде обвинет е новинарот и уредник на „Сител“, Драган Павловиќ – Латас.

Судењето за „Труст“ е закажано за 7 ноември, додека за „Тотал“ судот дополнително ќе одреди датум за почеток на главната расправа.


Панчевски: Судските предмети не сум ги распределувал рачно


Скопје, 18 октомври, 2017 - 20:57 (META) 

Судијата Владимир Панчевски во вечерашното гостување на „Топ тема“ на телевизија „Телма“, уште еднаш повтори дека како поранешниот претседател на Кривичниот суд не го злоупотребил автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тој додаде и дека во врска со овој случај се работи за предистражна постапка за друго лице, а не за него.

На новинарско прашање дали судските предмети ги распределувал рачно, тој негираше.

„База на податоци на сите предмети има во Врховен суд и никој не може да интервенира по завршување на тековниот месец. Потребно е посебно барање до Судскиот совет за да се изврши интеревенција. Не сум Џемс Бонд да правам паралелен систем и да местам случаи“, одговори Панчевски.

Во врска со објавување на снимката од претресот на Специјалното јавно обинителство во неговиот дом во медиумите, тој рече дека „во неговиот дом има налепница“ која информира за постоење на видеонадзор и во домот „може да снима и да прави што сака“.

На прашањето, дали додека бил претседател на Кривичниот суд трпел притисоци од политичарите, рече дека тој не познава политичари, немал контакти со нив, не бил фаворизиран од никого и на функцијата бил избран од Судски совет поради постигнати резултати во работата.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со истражители од МВР, на 5 октомври изврши претрес во канцеларијата на Панчевски, против кого, како што тогаш изјави таа, СЈО води предистражна постапка поради злоупотреби на системот за распределба на судски предмети и за оддавање службена тајна.

Претрес беше извршен и во домот на Панчевски, за што тој изјави дека тогаш настапил целосен мрак за правдата во Македонија.


Кои се судиите кај кои се распределени обвиненијата на СЈО?


Скопје, 29 јуни, 2017 - 19:56 (META) 

По обвиненијата што Специјалното јавно обвинителство денеска ги поднесе во Кривичниот суд ќе одлучуваат судии кои веќе судат предмети на СЈО, како и нивни колеги кои работеле или сè уште работат на големи случаи, како „Монструм“, „Сопот“ и „Диво Насеље“.

Како што информираше Кривичниот суд, случаите „Тарифа“, „ТНТ“ и „Траекторија“ се распределени кај судијките Лидија Петровска и Татјана Михајлова.

Лидија Петровска, која во јавноста е позната како „сваровски-судијката“, според еден разговор од т.н. „бомби“ што ги објави СДСМ, го суди случајот на СЈО „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. Нејзе ѝ се падна да го суди и предметот „Транспортер“, во кој првообвинет е градоначалникот на Битола, Владимир Талески. СЈО во февруари оваа година до Советот за утврдување на факти поднесе претставка против Петровска заради нестручно и несовесно вршење на судската функција, а во септември минатата година бараше и нејзино изземање од случајот „Тврдина 2“.

Татјана Михајлова го суди случајот за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспрот и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката Даниела Рангелова. Михајлова на едно од рочиштата ги казни Фетаи и специјалната обвинителка Катица Јанева по 2.000 евра, поради неопочитување на судот. СЈО, пак, до Советот за утврдување факти и покренување одговорност за судија, поднесе претставки против Михајлова поради нестручно и несовесно вршење на судската функција.

Моника Бахчованска, која треба да ги оценува обвиненијата за предметите „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“, го судеше случајот за кражбата на артефакти од Музејот на Македонија, во кој на седумтемина обвинети им пресуди високи казни, од вкупно 30 години затвор.

Горан Бошевски, од одделението за организиран криминал, кај кого се обвиненијата за случаите „Трезор “ и „ Тенк“, минатата година беше назначен за нов судија за случајот „Сопот“. Инаку, овој случај подолг период го бара Специјалното јавно обвинителство, но Советот на јавни обвинителни сè уште не одлучил дали ќе му го предаде.

Верка Петковска, која го доби обвинението за „Титаник 2“, во моментов го суди случајот „Диво Насеље“, за настаните во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година.

Ленка Давитковска, кај која е распределен предметот „Топлик“, е судија во случајот против новинарот и сопственик на порталот „Буревесник“, Зоран Божиновски, обвинет за шпионажа, уцена и за изнуда.

Ивица Стефановски од 2013 година до декември минатата година му беше заменик на тогашниот претседател на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски. Стефановски го судеше случајот „Монструм“, во кој шесттемина обвинети беа осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.


ДКСК: Очигледно сме погодиле во целта штом не стивнуваат реакциите на невладините


Скопје, 4 јуни, 2017 - 19:44 (META) 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) постапувала и постапува во сите случаи каде што има индиции за несовесно работење и за злоупотреба на службената позиција и на овластувањата, се вели во реакцијата на Антикорупциската комисија на денешното соопштение од 22 граѓански организации и фондации во кои шест месеци се вршат контроли по налог на Комисијата.

Од ДКСК велат дека очигледно погодиле во целта штом реакциите и нападите на граѓанските организации врз комисијата не стивнуваат.

„Доколку граѓанските организации немале што да кријат, ќе ја поздравеа постапката поведена од државен орган и ќе излезеа уште помотивирани да работат понатаму. Во кој дел овие граѓански организации препознаа постапување за партиски цели? Контрола на работењето на граѓанските организации мора да има не само од донаторите туку и од надлежните органи во согласност со законските прописи во Република Македонија, исто како што се вршат контроли врз сите државни институции и приватни фирми“, стои во соопштението на ДКСК.

Во врска со наводите дека Антикорупциската комисија не треба да се занимава со работата на граѓанските организации, оттаму велат дека станува збор за елементарно непознавање на надлежностите, работата и на постапувањето на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Во соопштението на ДКСК се наведува дека предметите против организациите се оформени врз основа на „објавени информации и фотографии на интернет-порталите во Македонија, кои укажуваат на сомневања за сторени незаконити дејства на поединци, здруженија на граѓани и една политичка партија во периодот од денот на донесување на одлука за распишување избори до завршување на изборот за пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата“.


Рибарев: Нема да има промена на судиите за предметите што се во тек


Скопје, 4 мај, 2017 - 20:11 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска се одржал колегиум на судиите на кој в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев, ги известил колегите дека со новиот годишен распоред за работа, помеѓу судиите ќе бидат прераспределени само прекршочните предмети за кои сè уште не е закажно судење, соопштија од судот.

Сите други предмети, соопштил Рибарев на колегиумот, за кои процедурата веќе тече, „ќе ги завршат судиите кај кои тие се распоредени и по кои постапуваат, со што нема да има никакво непотребно одолжување на предметите и штетни последици за странките“.

„Истовремено претседателот на судот ги извести судиите дека поради промена на околности, односно промена на бројот на предмети и заминувањето на одредени судии во пензија, ќе почне измена и дополнување на постојниот распоред за работа на судот, во кој ќе бидат земени предвид и забелешките на судиите во однос на распоредот“, се додава во соопштението.


Вангеловски: Неделкова е изземена од предметите на СЈО бидејќи син ѝ таму е ангажиран


Скопје, 27 април, 2017 - 14:28 (META) 

Врховната судијка Лидија Неделкова била изземена од одлучувањето за предметите на Специјалното јавно обвинителство поради „состојба на блискост“, односно затоа што нејзиниот син бил во некаков работен однос во СЈО, рече претседателот на Врховниот суд, Јово Вангелвоски, на денешниот бирфинг со новинарите.

Станува збор за случаите за апсењето на градоначалникот на општината Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, во случајот „Титаник“ и за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во „Труст“.

Барањето за изземање на Неделкова, до Вангеловски го поднеле адвокатите на Темелко и на Кочан, а причината била сомневањето во непристрасноста на Неделкова, поради ангажманот на нејзиниот син во СЈО. Како доказ тие доставиле снимка од телевизијата „Телма“, на која случајно во кадарот бил „уловен“ синот на Неделкова, како излегува од просториите на СЈО.

Вангеловски, наведе и друг пример, како „доказ“ дека синот на Неделкова е ангажиран во СЈО.

– Од Врховниот суд беше пратено писмо до СЈО, на кое службено лице на приемното одделение ставило приемен печат и се потпишало на доставницата дека писмото е примено. Тоа лице што го примило писмото и се потпишало врз печатот е Давид Неделков, според потписот на доставницата, која стигна во судот – вели Вангеловски.


Обвинителството истражува 42 случаи на изборни нерегуларности


Скопје, 2 декември, 2016 - 13:35 (META) 

Комисијата за следење на изборни нерегуларности на Јавното обвинителство досега отворила 42 истраги за кривични дела извршени за време на изборниот процес. Како што информираа денеска од Јавното обвинителство, 20 предмети биле оформени по службена должност, односно по допрен глас по информациите објавени во медиумите, порталите и на социјалните мрежи, три кривични пријави се поднесени од физички лица, а 19 случаи биле отворени по пријави од здруженија на граѓани, политички партии и од институции.

„Голем дел од пријавите поднесени од здруженија на граѓани или политички партии, пристигнаа по оформување на предмети по допрен глас за истите настани. Стигнатите кривични пријави беа придружени кон основниот предмет оформен по допрен глас и препратени кај надлежните обвинителства на понатамошно постапување“, велат од Јавното обвинителство.

Сите 42 отворени случаи веднаш биле препратени на „итно постапување“ до надлежните основни јавни обвинителства, кои, како што се наведува во соопштението, преземаат итни мерки за расветлување на настаните и за утврдување на фактите за откривање на евентуална кривична одговорност.

„Се испитуваат подносители на пријавите, сведоци, лица кои можат да помогнат во откривање на настаните, издадени се бројни наредби до Министерството за внатрешни работи за прибирање на потребни факти и податоци во предметите, како и до други институции за прибирање на потребни информации. Постапувањето на основните јавни обвинителства ќе продолжи сè до утврдување на фактичката состојба и до донесување на јавно-обвинителска одлука. Јавното обвинителство на Република Македонија дополнително ќе ја извести јавноста за нив“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство во март годинава формираше комисија за следење на изборни нерегуларности, чија цел е да го заштити изборниот процес од криминални и од други противзаконити активности.

„Јавното обвинителство на Република Македонија ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции, сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок, односно пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.gov.mk и до сите надлежни основни јавни обвинителства“, апелираат од обвинителството.