Иванов ја предложил Анита Ангеловска – Бежоска за нов гувернер на Народна банка


Скопје, 16 мај, 2018 - 14:44 (META) 

Откако Димитар Богов ја повлече кандидатурата за гувернер, претседателот Ѓорге Иванов ја предложил вицегувернерката Анита Ангеловска – Бежоска за нов гувернер на Народната банка и предлогот го доставил до Собранието, потврдија од кабинетот на Иванов за МИА.

Претседателот Иванов смета дека актуелната вицегувернерка, Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика.

Ангеловска-Бежоска осум години е на функцијата вицегувернер во Народната банка задолженa за областите монетарна политика, истражување и статистика. Таа беше реизбрана за вицегувернер на Народната Банка, на предлог на Богов, на 20 септември 2017 година во Собранието.

„Од 2004 до 2010 година Ангеловска-Бежоска била главен економист во НБРМ. Воедно, била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон, во Одделот за макроекономски политики во европските земји и во Одделот за фискални политики. Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на Меѓународниот монетарен фонд за склучување аранжмани меѓу Меѓународниот монетарен фонд и земји-членки. Од 1996 до 2004 таа има богато работно искуство во Министерството за финансии каде работела на повеќе позиции, од стручен соработник за финансиски систем, советник за подготовка и извршување на буџетот, раководител на секторот Трезор до државен секретар на Министерството за финансии. Ангеловска-Бежоска се стекнала со титулата доктор на науки на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година, а темата на нејзината докторска дисертација е „Координација на монетарната и фискалната политика во Република Македонија“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов за МИА.


Заев и Иванов денеска ќе разговараат околу предлогот за нов гувернер на НБМ


Скопје, 7 мај, 2018 - 10:42 (META) 

На барање на премиерот Зоран Заев, денеска ќе се одржи втора средба со претседателот Ѓорге Иванов за усогласување на ставовите околу изборот на гувернер на Народната банка.

– Верувам дека по пат на кохабитацијата и дијалогот кој што го имаме ќе изнајдеме решение. Правото е апсолутно на претседателот да предложи, но правото е и на парламентарното мнозинство да избере гувернер. Оваа институција мора да ја држиме професионална. Разговараме за експертски решенија, не за партиски решенија, кои што и понатаму би ја чувале монетарната политика стабилна, затоа што и нас како Влада тоа ни е од голема важност за да можеме да ги креираме другите економски политики – изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања.

Тој вели дека за предлогот на Иванов се информирал од медиумите.

– Како за предлозите за Уставен суд, така се случи и со предлогот за гувернер на НБРМ, се информиравме од медиумите – додаде Заев.

Од кабинетот на претседателот Иванов инфомираа дека претседателот, предлогот за гуврернер го доставил до Собранието на 27 април 2018 година.


Иванов предлогот за Богов за гувернер го доставил до Собранието на 27 април


Скопје, 4 мај, 2018 - 10:35 (META) 

Во врска со предлогот Димитар Богов повторно да биде гувернер на Народната банка, од кабинетот на претседателот Ѓорги Иванов информираат дека по сите консултации тој бил посочен како најквалитетна, најпрофесионална и најсоодветна личност за извршување на оваа функција и кандидирање за негов втор мандат.

„По извршените консултации, претседателот Иванов оствари средба со премиерот Заев на 26 март оваа година, на која македонскиот претседател го запозна премиерот за исходот од консултативните средби и дека Димитар Богов ќе биде предложен за нов мандат од страна на македонскиот претседател“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.

Потоа, како што се додава во соопштението, следувала и средба на претседателот Иванов со гувернерот Богов на која била соопштена намерата.

– Откако актуелниот гувернер му дал согласност на претседателот Иванов за негова повторна кандидатура, Димитар Богов остварил средба со премиерот Заев на која му ја искажал согласноста за одлуката на македонскиот претседател за негова повторна кандидатура. За предлогот Димитар Богов да биде гувернер на НБРМ, освен премиерот Заев, информиран е и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски – велат од кабинетот на Иванов.

Оттаму информираат и дека претседателот Иванов изминатиот период остварил и средби со други потенцијални кандидати за гувернерското место, меѓу кои и со Фатмир Бесими.

„На сите тие средби, не била посочена ниту една забелешка за работата на актуелниот гувернер, ниту за работата на НБРМ. Напротив, на сите средби преовладувал ставот дека Богов заслужува повторна кандидатура и дека е најдоброто решение, кое е потврдено и во извештаите на ЕК“, велат од кабинетот на претседателот Иванов.

Согласно своите овластувања, претседателот Иванов на 27 април 2018 година предлогот го доставил до Собранието.


Анѓушев: Во моментов, Регулаторната комисија за енергетика е зависна од опозицијата


Скопје, 3 април, 2018 - 14:14 (META) 

Со стапување во сила на новиот закон за енергетика, кој беше усвоен на владина седница минатата недела и кој треба да биде изгласан во Собранието, ќе престане мандатот на претседателот на Регулаторната комисија за енерегетика (РКЕ), Димитар Петров. Потоа, Владата ќе има рок од 30 дена да достави до Собранието предлог за нов претседател и двајца членови на РКЕ.

На денешното детално претставување на предлог-законот, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека, согласно европските директиви, треба да се обезбеди ротација на комесарите во регулаторните тела и затоа се менуваат дел од тие комесари.

Прашан дали на овој начин Владата не се меша директно во регулаторно тело кое треба да биде независно, Анѓушев рече дека и до сега Владата го предложувала претседателот на РКЕ до Собранието, но важно е кој човек ќе се предложи.

– Пред целокупната јавност ќе го отворам прашањето, дали ние имаме независна Регулаторна комисија за енергетика, дали таа комисија, која ја води човек кој претходно бил јасен член на политичка партија, дава независност. Не. Во моментов Регулаторната комисија за енергетика е зависна од опозицијата. Сакаме независна Регулаторна комисија, и затоа во неа треба да седнат професионалци кои си ја знаат работата во делот на енергетиката – одговори Анѓушев.

Вицепремиерот не одговори кој ќе го наследи  Петров, туку објасни дека ќе има конкурс на кој, како што кажа, се надева дека ќе се јават професионалци и луѓе кои долги години се вклучени во таа проблематика.


ЕУ и нуди на Британија „транзициски статус-кво“ без право на глас


Брисел, 29 јануари, 2018 - 16:31 (META) 

Европската Унија денеска се одлучи да и понуди на Велика Британија 21-месечен транзиционен период по Брексит, односно по излегување на земјата од Унијата, за време на кој ќе се задржи „статус-кво“ во нејзиното членство, но без можност за гласање.

На министрите на ЕУ им требаа две минyти сите да го поддржат заедничкиот став, чиј нацрт го претставија бриселските функционери, напиша на „Твитер“ Сабине Вејанд, заменичка на главниот преговарач на ЕУ за Брексит, Мишел Барние, што значи дека сите преостанати 27 земји-членки на ЕУ се единствени во позицијата кон преговорите за излегување на Британија од ЕУ.

Понудата е, како што напиша Вејанд „статус-кво транзиција без институционално претставување која ќе трае од денот на Брексит до 21 декември 2020 година“.

Според ставот на ЕУ, во текот на транзициониот период, целото законодавство на ЕУ ќе продолжи да важи и за Велика Британија како да е земја-членка. Промените во законодавството на ЕУ што ги усвоиле институциите, телата, канцелариите и агенциите на ЕУ во тој период исто така ќе се применуваат во Велика Британија.

Исто така, ќе се применуваат сите постојни регулаторни, буџетски, надзорни, судски и извршни инструменти и структури на ЕУ, вклучувајќи ја и надлежноста на Судот на правдата на Европската Унија.

Во однос на институциите и телата на Унијата, Велика Британија, како веќе трета земја, повеќе нема да учествува во институциите и во одлучувањето на ЕУ.

„Велика Британија повеќе нема да присуствува на состаноци на експертски групи на комисии, комисии или други слични ентитети каде што земјите-членки се застапени“, стои во документот и се додава дека може да има исклучоци од случај до случај, каде Британија ќе може да биде поканета да учествува, но без право на глас.


Мицкоски: Го очекуваме предлогот за името, не сме вклучени во преговорите


Скопје, 23 јануари, 2018 - 14:53 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за грчката телевизија „Антена“ вели дека неговата партија го очекува предлогот за името, но оти не сакаат да се мешаат за да не влијаат на самиот процес.

Мицкоски нагласува дека има позитивна атмосфера, но оти не ја знае причината за тоа бидејќи со доаѓањето на новата влада немаат никакви информации за текот на преговорите.

Тој во изјавата не ги коментира можните предлози, како што е, на пример, „Нова Македонија“.


Иванов ги предложи Осман Кадриу и Дарко Костадиновски за уставни судии


Скопје, 20 ноември, 2017 - 16:57 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов ги предложи Дарко Костадиновски и Осман Кадриу за судии во Уставниот суд.

Предлозите за двајцата нови судии на Уставниот суд се доставени до Собранието. Тие треба да ги заменат Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова, на кои мандатот им истече минатиот месец.

Од кабинетот на шефот на државата нагласуваат дека пред донесувањето на одлуката, претседателот Иванов извршил консултации со релевантни фактори од оваа област.

Дарко Костадиновски е доктор на правни науки од областа на меѓународното право и во последните 16 години ја извршуваше функцијата советник за надворешна политика во кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Осман Кадриу доаѓа од академската заедница, како професор на Факултетот за правни науки на ФОН, а зад него е и долгогодишен стаж во Општинскиот суд во Кичево и во Републичкиот судски совет.


Димовски: ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи потпретседател на Собранието


Скопје, 7 ноември, 2017 - 14:38 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ нема да достави предлог за едно од петте потпретседателски места на Собранието, иако на опозицијата ѝ следува место по деловникот, изјави пратеникот и координатор на една од пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

– Кажавме дека сме против тоа да има пет потпретседатели на Собранието. Нема да го поддржиме овој предлог и нема да го пополниме местото со наш предлог. Ние одамна укажуваме дека Собранието не функционира како што треба. Вчерашниот настан, кога не беа изгласани препораките за подобрување на човековите права, е потврда за тоа. Имаше пратеници, да, но смешно е што не дадоа поддршка – рече Димовски.

Пратеникот посочи дека кога ќе дојде на дневен ред законот за јазиците, пратениците на опозицијата ќе гласаат против законот поднесен во ваква форма.

Димовски не сакаше да ги коментира вчерашните обвинувања од новиот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, дека тој имал возач вработен во Општината. Според него, Коцевски овие обвинувања ги изнел поради личен анимозитет кон него.


Реформите во УБК биле причината Владата да бара да запре постапката за членот 175 во Уставен


Скопје, 11 октомври, 2017 - 15:01 (META) 

Владата бара Уставниот суд да ја запре постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, бидејќи веќе работи на реформите во безбедносниот систем, а оваа „иницијатива е парцијална и не ѝ приоаѓа на оваа тема сеопфатно, и пресретнува еден процес кој е веќе во одмината постапка“.

„Во врска со одлуката на Владата на Република Македонија, на Уставниот суд, на негово барање да му достави мислење за прекинување на постапката за преиспитување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, информираме дека Владата веќе работи на реформите на безбедносниот систем, вклучувајки ја и Управата за безбедност и контраразузнавање и на Законот за следење на комуникациите. Затоа Владата, на 31. седница на 10 октомври оваа година, донесе мислење Уставниот суд да ја запре постапката за преиспитување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации, зашто оваа иницијатива е парцијална и не ѝ приоаѓа на оваа тема сеопфатно, и пресретнува еден процес кој е веќе во одмината постапка“, стои во соопштението на Владата во врска со барањето кое предизвикува голем интерес во јавноста.

Во соопштението се додава дека предлозите на законските решенија на работната група, направени согласно препораките на меѓународните и на домашните експерти, се во завршна фаза и наскоро ќе бидат објавени.

„Тоа е и во приоритетите на планот „3-6-9“, и тоа во овој, тековен временски интервал од планот. Во подготовката на овие промени, Владата се раководи од идејата реформата во оваа област да биде транспарентна, темелна и сеопфатна и да биде под целосна контрола на институциите“, стои во соопштението од Владата.

Оттаму нагласуваат дека ова мислење на Владата е донесено „врз основа на барањето на Уставниот суд, Владата да даде мислење за оваа иницијатива и е редовна практика во комуникацијата меѓу Владата и Уставниот суд“.

Инаку, спорниот член 175 ѝ овозможува на Управата за безбедност и контраразунавање (УБК) директно да прислушува преку телекомуникациските оператори.

Уставниот суд во јуни донесе одлука да поведе постапка за утврдување на уставноста на овој член, откако мнозинството судии на седницата изразија сомнеж дека како што е уреден Законот, преку членовите 168 и оспорениот 175, на УБК и на МВР им се овозможува произволно и неконтролирано следење на комуникациите преку телекомуникациските оператори.

Судот требаше да донесе конечна одлука на седницата на 27 септември, но одлучувањето беше одложено бидејќи судот работи во скратен состав и нема мнозинство за донесување конечна одлука.

Укинувањето или измена на членот 175 од Законот за електронски комуникации е и една од препораките во извештаите на германскиот експерт, Рајнхард Прибе, оној од 2015 година и последниот од годинава.


Зврлевски имал мирна совест, работел по закон, немал врска со политиката


Скопје, 12 јули, 2017 - 17:27 (META) 

„Со мирна совест ве уверувам дека во изминатите четири години работев совесно, само врз основа на законот и Уставот и врз основа на правилата во Јавното обвинителство. Разрешувањето на Марко Зврлевски нема да изврши никаква реформа во правосудството. Во јавноста сум познат како некој кој нема никаква врска со политиката“, истакна дражавниот јавен обвинител Марко Зврлевски во своето обраќање во Собранието на Република Македонија, каде денеска почна расправата по предлогот на Владата за негово разрешување.

Зврлевски, зборувајќи за себе во трето лице, нагласи дека ништо од наводите во барањето за негово разрешување – дека несовесно, нестручно и незаконски ја извршувал функцијата – не е точно.

– Тоа го докажува самиот предлог на Владата, каде во ниту една алиенеа не стои како јавниот обвинител Марко Зврлевски нестручно, несовено и незаконски ја вршел функцијата. Денеска овде нафрлано со наведените случаи не укажавте на нестручноста во работата, туку на апсолутно непознавање на функцијата на jавниот обвинител и кои се неговите обврски – рече Зврлевски.

Тој рече дека нему, како на јавен обвинител, не му е работа да поведува кривични постапки, не запира постапки, не одлучува да не се поведува постапка, туку дека тоа е работа на јавните обвинители во одделените обвинителства, кои се самостојни во својата работа.

„Марко Зврлевски не влијаел на никого“, нагласи јавниот обвинител, додавајќи дека исто така негова работа не е да предлага, избира и да разрешува јавни обвинители.

За случајот „Актор“, Зврлевски рече дека за него е отворена истрага, сослушани се повеќе сведоци, обезбедени се докази и дека истрагата на Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) целосно се базира на истрагата на македонското обвинителство.

Тој наведе дека немало погрешно постапување ниту во случајот „Македонска банка“, ниту за притворот на Сеад Кочан, каде, како што рече, не се барало укинување на притворот, туку запазување на законитоста на постапката, како и дека обвинителствот стручно, согласно околностите и фактите откриени од МВР, води истрага и за насилствата од 27 април во Собранието.

Тој истакна дека во Јавното обвинтелство е речиси 30 години и дека како менаџер на институцијата се трудел да го подобри статусот – професионален и материјален – на јавните обвинители.

– Обезбедивме мобилни телефони за сите обвинители, преносни и персонални компјутери за сите обвинители. Обезбедивме надомест за дежурства. Обезбедиме надоместоци кои досега не се исплаќаа во обвинителстава, а се исплаќаа во други институции. Обезбедивме специјален компјутерски систем за следење на предметите – рече Зврлевски, реагирајќи на довикувањата од пратениците, посочувајќи дека кога тој дошол во јавното обвинителство, неговите колеги немале мобилни телефони и компјутери.

Зврлевски нагласи дека не си поднел оставка бидејќи немало основни причини за тоа и дека следејќи ја негативната кампања во медиумите против него, свесен е оти со него ќе се случи истото што и со неговите претходници, Стефан Павлески, Ставре Џиков и Александар Прчевски, кои иако многу придонеле за јавното обвинителство, биле разрешени како наводно нестручни и неспособни.

– Никој од нив не беше нестручен и неспособен. Ако ме разрешите и мене, тоа ќе значи токму спротивното дека сум бил еден од најдобрите – нагласи Зврлевски.

Пратеникот Антонио Милошоски побара да биде обезбеден стенограм од обраќањето на Зврлевски, по што Џафери даде еден час пауза и најави дека седницата ќе продолжи по 18 часот.