Новите печати ќе бидат и со новото име и според Законот за употреба на јазиците


Скопје, 20 февруари, 2019 - 14:19 (META) 

По налогот од Владата од пред неколку дена сите државни институции во својата работа и во различните документи да почнат да го употребуваат новото име на земјава – Република Северна Македонија, од Илинденска број 2 стаса ново задолжение – да се изработат нови печати во склад со законот за употреба на јазиците.

Како што објасни владиниот портпарол Муамет Хоџа, на вчерашната 122. седница на Владата, било задолжено Министерството за правда да изработи предлог-закон за Инспекторат за спроведување на законот за јазиците, а исто така е усвоен и испратен во Собранието и предлог-законот за реформа на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), а се очекува наскоро да се формира и Инспекторатот за спроведување на законот за јазиците, кој ќе изрекува казни.

– Владата ги задолжи министерствата во рок од седум дена до Генералниот секретаријат на Владата, односно до меѓуресорската работна група, да достават листа на закони кои ќе содржат одредби од законот за јазиците. Исто така, го задолжи Министерството за правда во рок од 15 дена да достави предлог-закон за формирање Инспекторат за употреба на јазиците. Истовремено, Владата им препорача, укажа, на сите институции при изготвување на печатите да го почитуваат овој закон – објасни Хоџа.

Владиниот кабинет истовремено усвоил неколку закони за реформата на безбедно – разузнавачкиот сектор, од кој најбитниот е Предлог – законот за Агенција за национална безбедност.

– Од трите предложени модели – УБК да остане во МВР или да стане целосно независно тело или да се спои со Агенцијата за разузнавање, избран е моделот УБК да се трансформира во независно тело – Агенција за национална безбедност (АНБ), чии припадници нема да имаат полициски овластувања, туку само прибраните информации ќе ги даваат на надлежните институции за соодветно постапување. Ова е дел од реформите на безбедносно-разузнавачките служби, за да се оневозможат злоупотреби во иднина и да се спречи концентрација на моќ во овие структури – објасни владиниот портпарол Миле Бошњаковски, кој напомена дека директорот на новата агенција ќе го избира Владата на предлог на премиерот, додека пак неговиот заменик исто така ќе се избира од Владата, но на предлог на веќе назначениот директор.

Во пакетот закони за реформите кои биле усвоени вчера и веќе се доставени до Собранието, Владата со европско знаменце го испратила и предлог-законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница. Тој предвидува  формирање на посебно тело за координација на безбедносно-разузнавачката заедница, со точно утврден делокруг на работа, состав, начин на работа.

Контролата на новата Агенција за Национална безбедност ќе ја спроведува собраниска комисија, но и граѓанскиот сектор – вели увери Бошњаковски.

Прашан за вработувањата на роднини на функционери во државни институции и јавни претпријатија, тој рече дека Антикорупциската комисија веќе работи и ќе треба да се почека да се види што ќе содржи нејзиниот извештај.

– Повикот на премиерот Заев да си поднесуваат откази е упатен до сите – рече Бошњаковски на дополнителното прашање дали апелот важи и за роднините на функционери во ДУИ.

На прашањето за надминување на проблемот со листовите за влез во Грција, Бошњаковски рече дека работните групи се посветени на изнаоѓање решенија за сите административни проблеми и појасни дека до замената на пасошите, веројатно ќе се издаваат посебни потврди на граѓаните за новото уставно име на Македонија, за да се надмине проблемот при влез во Грција.


ФООМ: Новиот предлог закон за слободен пристап до информации ќе ја зголеми отчетноста


Скопје, 19 февруари, 2019 - 12:53 (META) 

Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) го поздравува процесот на финализирање на Предлог-законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во кој се внесени измените за кои се залагаше Фондацијата во процесот на подготовка на Предлог-законот.

„Од особена важност е проширувањето на листата на иматели која се утврдува во новиот Предлог-закон. Поточно, во новиот Предлог-закон, вклучени се политичките партии како иматели во делот на финансирањето. Со ова дополнување сите информации за финансирањето на политичките партии, односно приходите и трошоците, ќе бидат информации, кои партиите ќе ги обезбедат во законскиот рок. На овој начин на граѓаните, новинарите и здруженијата им се овозможува и правото на жалба во случаите кога политичките партии нема да обезбедат пристап до приходите и трошоците“, се вели во соопштението.

ФООМ го поздравува и фактот дека во предлог-законот има јасна дефиниција за јавниот интерес.

„Досега немаше прецизна дефиниција за тоа што значи јавен интерес, а со тоа беше оставена можноста за различни толкувања, па дури и за одбивање институциите да дадат информации. Со новиот Предлог-закон, јасно е дефиниран јавниот интерес со што ќе се мери дали интересот кој го штити институцијата е поголем од јавниот интерес, а истиот ќе повлијае на можноста за давање дури и на заштитени информации. Воедно, намалена е листата на исклучоците од слободниот пристап до информации, што значи намалување на можноста за злоупотреба на класификација на информациите“, стои во соопштението.


Еколошките налепници за старите возила заглавија поради уставните измени (видео)


Скопје, 13 февруари, 2019 - 15:27 (META) 

Поради целата постапка со донесувањето на уставните измени во Собранието, во заден план беше турнат Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за возила, кој предвидува неколку промени, меѓу кои и еколошка категоризација на возилата.

Од Министерството за економија, предлагачот на законот за „Мета“ одговорија дека се очекува наскоро повторно да влезе во собраниска процедура, односно да продолжи пленарната седница на чиј дневен ред е ставен, откако претходно помина во Комисијата за економски прашања на 21 ноември, а имаше и јавна расправа во Комисијата за транспорт, врски и екологија.

Предложените измени на законот предизвикаа голема дискусија на социјалните медиуми, како и критики од опозициските пратеници при расправите во Собранието. Една од најчесто споменуваните забелешки беа на фактот дека иако во претходната верзија се предвидуваше еколошкото категоризирање да се прави со најмалку 15-минутно испитување на испуштените гасови од автомобилите и најмалку 25 минути испитување за товарните возила и автобусите, во верзијата што е пуштена собраниска процедура во почетокот на ноември седмици, тоа го нема, односно најверојатно ќе се продолжи со сегашниот циклус на мерење при технички преглед.

Екологистите сметаат дека промените се недоволни за да се предизвика некаква суштинска и позитивна промена. Според нив, тоа нема логика, бидејќи еколошката категоризација мора да биде според реалната состојба, односно да се доделува налепница врз основа на загадувањето што возилото го предизвикува, што би се утврдило со посебно мерење, а не само врз основа на годината и моделот, што е идентично на постапката за хомологација.

– Не може да се прави категоризација само врз основа на документите. Налепниците имаат поента само доколку секоја година при технички преглед се врши мерење на емисиите на возилото. Само тогаш, не по дифолт и по датум на производство и по модел, поради тоа што сите знаат дека со текот на времето колата го губи стандардот. Ваквата мерка нема да вроди со плод – за „Мета“ изјави Ана Чоловиќ – Лешоска, директор на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) во две свои студии, изготвени минатата и оваа година, препорачува поригорозни мерки за да се сузбива загадувањето од старите возила. Во студијата „Транспорт во Скопје реалност и предизвици – Патека кон зелен транспорт“, која беше презентирана на конференцијата „Загадувањето на градовите во Република Македонија: кои се решенијата?“, која се одржа во МАНУ на почетокот на ноември, посебно внимание се обрнува на дизелите.

„Да се забрани увоз на возила постари од осум години во земјава и таа старосна граница постојано да се почитува, да се спроведуваат постојани контроли на издувните гасови на возилата и да се казнуваат оние кои ги извадиле катализаторите од возилата. Постојано да се зголемува и акцизата на дизел горивото за неговата цена да се изедначи со цената на акцизата на дизелот“, се дел од препораките за намалување на загадувањето на воздухот изнесени во погоренаведената студија, подготвена од Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој (ИЦЕОР) на МАНУ.

По стапувањето на законот на сила, со зелена налепница, за 1 еколошка категорија, ќе се означуваат возилата со стандарди Евро 5 и Евро 6, како и возилата со Евро 4 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас, како и електричните и хибридните возила. При енормно зголемување на загадувањето на воздухот во градовите, тие возила ќе може слободно да се движат во заштитените еколошки зони, според одлуките на општините и Град Скопје.

Втората еколошка категорија, со жолта налепница, ќе ја сочинуваат возилата со стандарди Евро 3 и Евро 4, како и возилата со Евро 2 на кои е вграден уред за течен нафтен гас или компримиран земјен гас. За тие возила при зголемено загадување ќе има ограничување на движењето, според одлуките на општините и градот Скопје.

Во третата, најниската категорија, која ќе се означува со црвена налепница, ќе бидат возилата со Евро 2 или Евро 1 стандард, или без таков стандард. За нив ќе биде забрането сообраќањето во периоди на загадување на воздухот.

Правилниците и одредбите ќе се донесуваат од општините и Град Скопје по донесувањето на законот.

Предлог-законот предвидува и субвенции од 5.000 евра за секое купено електрично возило, а 3.000 евра за купено хибридно возило. Во првата година по стапувањето на законот ќе се доделат вкупно 200 такви субвенции.

Исто така, ќе се субвенционира вградувањето на уреди на течен нафтен гас или на компримиран земјен гас, односно метан, и тоа најмногу 50 отсто од трошоците за набавка и вградување на уредот, но најмногу до 300 евра по возило. Во првата година се планираат 1.200 такви субвенции.


Изборот на новите антикорупционери денеска на комисија, па на собраниска пленарка


Скопје, 8 февруари, 2019 - 10:40 (META) 

Во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ќе се утврди предлог-листата за именување на претседател и членови на Државната  комисија за спречување на корупцијата, односно за новите антикорупционери.

Потоа таа листа ќе оди на гласање во Собранието.

Во Законодавно-правната комисија ќе се дискутира и за предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за класифицирани информации, по скратена постапка, во второ читање, а во таа комисија  и во Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, во второ читање, ќе биде Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, по скратена постапка.

Се очекува и денеска претседателот на Собранието да ги распише претседателските избори.


СДСМ: Законот за пазарџиите одложен, ќе се бара прифатливо решение


Скопје, 29 јануари, 2019 - 9:41 (META) 

Парламентарното мнозинство предводено од СДСМ на вчерашната собраниска седница го одложи Законот за трговија на зелените пазари на една година, со цел да се најде соодветно и заемно прифатливо решение, порачуваат од партијата.

„Со одлагањето, се отвора простор за консултација и дебата помеѓу сите засегнати страни и без кој било да биде оштетен. Неопходно е институциите, продавачите и организаторите на пазарите на заедничка маса да дискутираат со цел да се подобри организацијата на работата на пазарите и да се дојде до решение со кое ќе бидат заштитени сите засегнати страни. Земјоделците, пензионерите и сите пазарџии да бидат спокојни, се работи за решение со кое секој ќе може достоинствено и чесно да заработи денар повеќе, но и решение кое истовремено ќе обезбеди начин за сузбивање на сивата економија“, велат од СДСМ.


„О2“: Новиот закон за просторно планирање скроен по мерка на бизнисот, а не на граѓаните


Скопје, 17 јануари, 2019 - 15:29 (META) 

Новиот Предлог-Закон за просторно и урбанистичко планирање не нуди решенија за постојниот урбанистички хаос, туку токму спротивното, сметаат од Иницијативата „О2“.

„Во ситуација кога Уставниот суд го укина членот 50 од сегашниот закон за просторно и урбанистичко планирање со кој се утврдуваше кои се градбите од државен интерес и како ќе се градат, подалеку од очите на јавноста и кога мислевме дека таквите пракси се конечно зад нас, во новиот Предлог-Закон сега има нова категорија: Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење“, велат од „О2“.

Тука спаѓаат национални паркови и заштитени подрачја, минерална експлоатација (рудници, каменоломи, минерална и термална вода, итн.), хидроелектрани. Токму овие категории, сметаат од Иницијативата „О2“ се едни од најпроблематичните за јавноста, која бара вклученост во носење на одлуките поврзани со нив, а не комплетна исклученост, како што е предвидено сега – без јавни презентации, без јавни анкети.

„Згора на сè, имаме повторување на ,мала’ недореченост, која отвора многу можности и со која секоја одлука на Владата се покрива, а тоа е делот ,и други подрачја и објекти од државно значење’“, се вели во реакцијата од „О2“.

Коментирајќи некои од другите предложени решенија во идниот закон за просторно и урбанистичко планирање, од О2 потсетуваат дека пред неполн месец Градежната комора на Македонија во паника барала од Министерството за транспорт и врски да најде начин и да го заобиколи мораториумот во Центар и укинатите ДУП-ови во Карпош за да продолжат со градење.

„Во рок од 10 години (2006 до 2016) биле направени 13 измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање и 25 на Законот за градење и секогаш тие промени оделе во прилог и на барање на инвеститорите,а резултатите ги гледаме секојдневно“, велат екологистите.

Тие укажуваат и дека во новиот предлог закон буквално не се спомнува „Стратегиска оцена за влијание врз животната средина“ и ја прашуваат Владата дали е таа намерно заборавена за да може да „се реши“ проблемот со мораториумот и укинатите ДУП-ови, односно за да може да се продолжи со градење во атрактивните општини Центар и Карпош.

Исклучиво за задоволување на апетитите на градежниот сектор, сметаат од „О2“, е и „иновацијата“ во новиот закон според која, ако некој урбанистички план или дел од него е укинат од надлежен орган, веднаш да се започне со  изработка на нов план или дел од план, но притоа претходниот урбанистички план или негов дел да биде на сила до донесувањето на новиот.


16 граѓански организации побараa итно да се повлечат измените на Кривичниот законик


Скопје, 28 декември, 2018 - 15:46 (META) 

Вкупно 16 граѓански организации денеска од претседателот на Собранието и од пратениците-предлагачи, побараа итно да го повлечат Предлогот на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка. Тие сметаат дека со промената во членовите на Кривичниот законик, ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот.

„Ние, долупотпишаните граѓански организации, бараме веднаш да го повлечете од дневен ред Предлогот на законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, по скратена постапка, доставен од пратениците Артан Груби, Снежана Калеска Ванчева, Соња Мираковска, Лидија Тасевска, Весел Мемеди и Реџеп Мемеди“, се вели во барањето на 16-те граѓански организации.

Тие велат дека преку повлекување на овој предлог-закон, пратениците ќе спречат можност некој да не понесе одговорност за сторениот криминал за кој СЈО води судски или истражни и предистражни постапки. Инаквото постапување ќе значи и продолжување на заробувањето на државата, порачаа организациите.

„Инсистираме на повлекување на предлогот, поради промената во членовите на Кривичниот законик, со кои ќе им се овозможи во предметите кои ги води СЈО да се изречат помали казни или делата да застарат и со тоа да не се одговара за криминалот. Неприфатливо е да се менува Кривичниот законик и кој било друг закон за да се избегне правдата и да се продолжи со заробување на државата од политичките партии. На овој начин се амнестираат криминалот и корупцијата, и продолжува неказнивоста“, се вели во прогласот.

– Итно повлекување на точката за промена на Кривичниот законик со којшто сметаме дека ќе овозможат најголем број од обвинетите во предмети на специјалното јавно обвинителство да имаат намалени казни или нивните обвиненија да застарат. Тој факт нè вознемирува многу. Се боревме за правда за да има мир. Нè вознемируваат овие измени, сметаме дека ова е неприфатливо за да се прават промени на закони за да се оневозможи правдата – рече Фани Каранфилова-Пановска од Фондација „Отворено општество“.

Зад барањето за повлекување на законот застанаа Фондација Отворено општество – Македонија, Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“, НВО Инфоцентар Центар за европски стратегии, Евротинк Форум – ЦСИД,  Коалиција „Сите за правично судење“, Институт за демократија „Социетас цивилис“ Скопје, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Македонско здружение на млади правници, Агора – Центар за промовирање на граѓански вредности Скопје, ЦИВИЛ – Центар за слобода, Kоалиција МАРГИНИ, Центар за современи уметности и Институтот за европска политика – Скопје и Институт за човекови права.


Големата реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем ќе ги „поткачи“ и странците


Скопје, 11 декември, 2018 - 16:47 (META) 

Министерството за внатрешни работи (МВР) подготвува нови и менува повеќе постоечки закони во насока на реформирање на безбедносно-разузнавачкиот систем во Македонија. На Единствениот национален електронски регистар на прописи е објавена подготовка на повеќе прописи, а меѓу другите и на предлог за изменување на законот за странци со цел, како што се вели, усогласување со предложените закони во врска со реформата во безбедносно-раузнавачкиот систем.

Истовремено, се подготвува нов закон за Агенција за внатрешно разузнавање.

„Со усвојување на предложениот закон ќе се овозможи реформирање на Управата за безбедност и контраразузнавање односно основање на Агенција за внатрешно разузнавање, со цел воспоставување на моделот на реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија“, се вели во образложението објавено на ЕНЕР.

МВР подготвува и предлог на закон за изменување на Законот за следење на комуникациите, за кој се вели дека е дел од сетот прописи предвиден во рамки на активностите за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија.

Во фаза на подготовка е и законот за внатрешни работи, а се подготвува и нов предлог на Закон за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Македонија.

Реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем почнаа со формирањето на новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) која треба да биде гаранција за спречување на злоупотребата на системите на следење на комуникациите, а која веќе почна со работа.


Коморите реагираат: Данокот на личен доход влезе во Собрание пред истекот на рокот за забелешки


Скопје, 27 ноември, 2018 - 12:58 (META) 

Предлог-законот за данок на личен доход влезе во собраниска процедура пред истекот на рокот за забелешки на ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи), реагираат од Стопанска комора на Македонија, Стопанската комора на северо-западна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Сојуз на стопански комори, како дел од Проектот на УСАИД, „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.

„Бизнис-заедницата остро реагира дека не само што не се послушани нивните аргументи против новите даночни решенија, туку не е испочитуван рокот за доставување на забелешките. Со овој потег се нарушува партнерскиот однос помеѓу јавниот и приватниот сектор како клучна алатка за постигнување на поволен деловен амбиент кој ќе овозможи предвидливост, стабилност и ќе резултира со економски раст во Македонија“, се вели во соопштението.

Четирите комори, во септември годинава излегоа со став дека реформата во даночната политика треба да се одложи за минимум пет години. Ваквиот заеднички став резултираше по направените детални анализи, бројни анкети со бизнис секторот и реализирани работни средби со компаниите.

„Ваквиот вид на ад-хок измени не и одат во прилог на држава која изминатите неколку години ги помина во правна несигурност и економска криза, заради што целокупната економија беше ставена пред предизвик на опстанок”, се вели во заедничкиот став на стопанските комори кои и покрај тоа што навремено и аргументирано укажаа на негативните ефекти од овие реформи и истите во септември ги доставија до сите релевантни државни институции, сепак гласот на бизнис-заедницата не беше слушнат.


Собранието не го усвои предлог-законот за целосна амнестија на учесниците од 27 април


Скопје, 26 ноември, 2018 - 12:42 (META) 

Собранието со 59 гласа „против“ и 25 „за“ не го усвои предлог законот за амнестија што го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија.

Пратениците од опозицијата бараа овој закон да се донесе по скратена постапка. Тој предвидуваше неселективно спроведување на правдата, односно амнестија на сите осомничени, обвинети и осудени лица за настаните од 27 април.

Зад овој закон стојат пратениците Драган Данев, Горан Манојлоски, Иван Иванов, Никола Мицевски, Весна Дамчевска Илиевска, Крсто Јовановски, Илија Димовски, Магдалена Манаскова, Слаѓана Митовска, Стојан Миланов, Нада Ципушева, Невенка Стаменковска, Дафина Стојаноска, Лилјана Затуроска, Павлинче Честојнова, Весна Пемова, Благица Ласовска, Жаклина Пешевска, Трајчо Димков, Владимир Ѓорчев, Трајко Вељаноски, Зоран Илиоски, Ане Лашкоска, Лилјана Кузмановска, Никола Попоски, Антонијо Милошоски, Емил Димитриев, Драган Цуклев, Димитар Стевананџија.