!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Судска ферија – предметите на СЈО на стенд-бај до 3 мај


Скопје, 19 април, 2017 - 12:49 (META) 

Во зовриена политичка атмосфера, која никако не губи интензитет, судиите и главните судски инстанци ги ставија на стенд-бај клучните судења и седници, а деновиве како да си дадоа ферија со спојување на велигденските празници и на Први мај.

Уставниот суд за оваа недела, односно за денеска нема закажано седница, а засега нема објавено агенда ниту за седница за следната недела.

Врховниот суд вчера ја одложи седницата на која требаше да се расправа и да се решава по рефератите на претседателот на судот, Јово Вангеловски, со кои се проблематизира користењето на прислушуваните разговори како докази во судските постапки и дали Специјалното јавно обвинителство може да поднесува барања за заштита на законитоста или тоа право ексклузивно му припаѓа на Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.

Причина за одложувањето, наводно, е боледувањето на кое заминале дел од судиите.

По пауза од еден и пол месец, во првите денови од мај на обвинителна клупа еден по друг повторно треба да седнат лидерите на двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, во случаите што се водат против нив во Кривичниот суд во Скопје.

За првата недела е закажано и судењето на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, осомничен во случајот „Тврдина 2“ на СЈО.

Ниту за еден од овие три случаи досега не е почнат официјален судски процес, а досегашните рочишта редовно се одложуваат.

  • 3 мај – Закажано е рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, за кои меѓу 14 обвинети е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Претходното рочиште, кое се одложи, беше на 10 март, но во судницата не се појавија ниту Груевски, ниту другите обвинети. Објаснувањето на адвокатот на Груевски, Никола Додевски, беше дека неговите клиенти не се појавиле бидејќи има решение со кое Советот на јавни обвинители бара промена на обвинителот во случајот, односно на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи;
  • 4 мај – Закажно е рочиште за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Претходното рочиште се одржа на 3 април, на кое судијката Дијана Груевска-Илиевска го прифати барањето на одбраната на Заев, Обвинителството за организиран криминал и корупција да им достави копии од доказите во случајот;
  • 5 мај – Закажано е рочиште за случајот „Тврдина 2“ против поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Претходното рочиште беше одложено бидејќи судијката Лидија Петровска, позната како „сваровски-судијката“, беше на боледување. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, тогаш изјави дека успеале да добијат решенија за декласификација на голем дел од доказите, како што бара Петровска.

Од судењата за кои владее интерес во јавноста, единствено активно е и тече со набиена агенда тоа за настаните во Диво Насеље во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година. Покрај денешното, до крајот на овој месец за тој случај се закажани рочишта за 21, 25 и 27 април.


Охрид и Струга очекуваат десетици илјади гости за велигденските празници


Охрид, 12 април, 2017 - 16:16 (META) 

Охрид и Струга за велигденските празници очекуваат најмалку десетина илјади туристи од земјата и од странство. Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, вели дека побарувачката за Охрид никогаш не била поголема од годинава. Според него, велигденските празници ќе бидат првиот тест и најава за успешна летна туристичка сезона.

Според христијанската православна традиција, велигденските јајца се вапсуваат во четврток, но локалната самоуправа од Охрид веќе ги постави на градскиот плоштад, како најава и мамка за туристите.

Успешна летна туристичка сезона, и покрај мигрантската и политичката криза во земјава, очекуваат и хотелиерите.

– За Велигден, традиционално, имаме огромен број туристи. Најбројни се гостите од регионот, од Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора, но ќе имаме и од подалечните земји. Традиционално ќе ги имаме и гостите од Холандија, Данска, годинава и од Израел и од Полска – вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ и главен менаџер на хотелот „Дрим“ во Струга.


Банките го намалија кредитирањето, а ја зголемија ликвидноста во јануари


Скопје, 15 февруари, 2017 - 16:21 (META) 

Народна банка нотираше намалување на вкупните кредити во јануари како резултат на пониското ниво на кредити на претпријатијата, при умерен раст на кредитирањето на населението.

– На годишна основа, според првичните податоци, кредитната активност во јануари расте со солидно темпо, што е блиску до проектираниот раст за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција – велат од Народна банка.

Во истиот период, ликвидноста на банките се зголемила како резултат на пониската побарувачка на готовина во економијата по новогодишните и божиќните празници.

– Во такви околности, дел од вишокот денарски ликвидни средства на почетокот на годината беше повлечен преку основниот инструмент – благајничките записи. Краткорочните промени кај ликвидноста банките ги усогласуваа преку пласирање средства во расположливите депозити кај Народната банка, чијашто состојба се задржа на релативно високо ниво – додаваат Народна банка.


Божиќ е наработен за сите граѓани


Скопје, 3 јануари, 2017 - 14:02 (META) 

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците, 7 јануари (сабота), Божиќ, првиот ден на Божиќ според православниот календар, е неработен ден за сите граѓани на Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика им го честита Божиќ на граѓаните од православната вероисповед.


2017 година за охриѓани почна бериќетно


Охрид, 2 јануари, 2017 - 15:45 (META) 

Новата година и првата седмица што следи по неа, за охриѓани значи голем бериќет.
Барем десетина илјади гости, од земјата и од светот, уживаат за продолжениот викенд во сончевиот и за овој период од годината топол Охрид.

Примамливите пакет-аранжмани, главно со лански цени, беа привлечни, пред сè, за гостите од соседството и од регионот.

Најбројни се туристите од Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија и од Хрватска, како и помали групи и од Полска, Грција и од Турција.

Охриѓани се презадоволни, бидејќи, покрај од Бугарија, овојпат им се вратија и туристите од Србија.

Задоволството е уште поголемо што, за православните христијани, следуваат три големи празници: Свети Наум Охридски – на 5 јануари, следниот ден Бадник, а веднаш по него еден од најголемите христијански празници посветен на Христовото раѓање, Божиќ.

Јануарските празници продолжуваат на 13 јануари – Стара Нова година, а ќе завршат со 19 јануари, Богојавление – Водици.


Охриѓани, за Нова година, ќе патуваат во Будва, Белград и во Милано


Охрид, 30 декември, 2016 - 12:27 (META) 

Повеќе илјади странски туристи, главно од соседните земји, ќе ги исполнат хотелските капацитети и дел од приватното сместување во Охрид, за време на новогодишните празници.

Резервации има и од гости од земјата, пред сè, од Скопје, Битола, Куманово, но и од други места.
Покрај за дочекот на Нова година, интерес за посета на Охрид од страна на туристите има и за празникот Богојавление – Водици.

Добар дел од охриѓани, покрај тоа што чекаат гости за Нова година, ќе патуваат надвор од својот град, главно во места од соседството и во земјите на поранешна Југославија.

– Најголем интерес за престојаните празници има за Будва. Исто така, доста голем интерес има и за Белград, но и за Милано, Италија. Што се однесува до божиќните празници, обично сите сакаат да бидат дома за празникот, па нема некои посебни барања за патувања за овој празник – вели директорката на туристичката агенција „Венус травел“, Драгана Ристевска.

Споредено со минатата година, годинава, зголемен е интересот кај охриѓани да отпатуваат надвор, дополнува Ристевска.


Понеделник е неработен ден за сите граѓани


Скопје, 26 декември, 2016 - 13:15 (META) 

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека во согласност со Законот за празниците на РМ, 1 јануари 2017 година (недела), Нова година, односно 2 јануари 2017 година (понеделник) е неработен ден за сите граѓани на Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика, на граѓаните на Македонија им ја честита Новата година.


Голем број туристи во Охрид за католички Божиќ


Охрид, 25 декември, 2016 - 14:20 (META) 

Охрид викендов е во празнично расположение, со полни тераси на кафулињата и рестораните, шеталиштата и тесните улички во старото градско јадро.

Празничната атмосфера ја создадоа бројни туристи од Грција, Бугарија, Албанија, Црна Гора и од други земји, дојдени тука да го прослават Божиќ според Грегоријанскиот календар.

Хотелиерите им понудија прифатливи тридневни пакет-аранжмани.

Крсте Блажески – Крис, претседател на ХОТАМ и менаџер на хотелот „Дрим“ во Струга, вели дека хотелските капацитети на охридско-струшката ривиера се исполнети повеќе од 90 проценти, главно со гости од соседните земји.

Бугарските туристи, покрај приватното сместување и понатаму го претпочитаат хотелот „Силекс“, додека во „Гранит“, покрај од Бугарија, гости има и од Италија, Србија и од Црна Гора.

Сончевото и за овој период топло време преку денот, на гостите им оди прилог, а на градскиот плоштад Св. Климент Охридски, се одвива програма во живо, во рамките на новогодишниот пакет.

Локалната власт го украси центарот на Охрид, а хотелиерите за новогодишните празници очекуваат речиси целосна исполнетост на капацитетите.


И Индонезија ги зголемува безбедносните мерки за време на празниците


Џакарта, 22 декември, 2016 - 11:02 (META) 

Индонезиската полиција соопшти дека ги зајакнала безбедносните мерки во земјата за време на претстојните празници.
Соопштението доаѓа еден ден откако припадници на индонезиските антитерористички единици убија тројца осомничени екстремисти за време на рација во една куќа во близина на главниот град Џакарта.

Шефот на полицијата, Тито Карнавијан, рече дека безбедноста ќе биде зголемена во црквите и на местата каде што ќе има јавни настани и забавна програма за време на божиќните и новогодишните празници.

Полицијата, по вчерашната акција, соопшти дека во куќата се пронајдени поголеми количества бомби и не се исклучува можноста осомничените да планирале напади за време на празниците.

Рацијата почна пред две недели, откако полицијата уапси четири исламски екстремисти, меѓу кои и една жена, источно од Џакарта.


Понеделник е неработен ден за сите граѓани


Скопје, 19 октомври, 2016 - 10:51 (META) 

Министерството за труд и социјална политика соопштува дека во согласност со Законот за празниците, 23 октомври (недела), Денот на Македонската револуционерна борба, односно 24 октомври (понеделник) е неработен ден за сите граѓани на Македонија.

Истовремено, Министерството за труд и социјална политика на граѓаните им го честита Денот на Македонската револуционерна борба.