!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Косово го прогласи Денот на независноста на Албанија за национален празник


Приштина, 23 ноември, 2017 - 20:40 (META) 

Косово го прогласи Денот на независноста на Албанија за свој национален празник.

Во соопштението на косовската влада се наведува дека премиерот Рамуш Харадинај го прогласил 28 ноември за „Ден на Албанците, знак на почитување на културните и историските вредности, духот на семејната и на општествената традиција“.

Ваквиот чекор би можел да ги зголеми тензиите со Србија, кои се затегнати од прогласувањето на независност на Косово во 2008 година.

Официјален Белград ги обвинува Косово и Албанија дека се борат за „Голема Албанија“, но Приштина и Тирана ги отфрлаат ваквите тврдења.


Либералната партија бара 23 Октомври да не биде државен празник


Скопје, 23 октомври, 2017 - 14:34 (META) 

Либералната партија денеска побара празникот 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба годинава последен пат да се празнува и да му се одземе статусот на државен празник.

„За тоа има многу причини, од кои секоја поединечно може да биде доволна за оваа одлука. Но, најважна е причината што го тераме народот да празнува празник на политичка партија, која нагло ги губи своите приврзаници, а многу од нив остануваат дури и посрамотени од неа“, се вели во соопштението на ЛП.


Македонија го празнува Денот на македонската револуционерна борба


Скопје, 23 октомври, 2017 - 10:11 (META) 

Република Македонија денеска го одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, а по тој повод, делегации на Собранието на Република Македонија и на Владата ќе положат цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк.

Владата одлучи годинава да не ја додели државна награда „23 Октомври“ бидејќи на комисијата која одлучува за доделувањето на наградата ѝ завршил мандатот во февруари годинава, а претходната влада не назначила нови членови.

На 23 октомври 1893 година, во куќата на Иван Хаџи-Николов во Солун, Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп-Арсов, Антон Димитров и Христо Ботанџиев го формираа Македонскиот револуционерен комитет од кој подоцна произлезе Внатрешно-македонската револуционерна организација (ВМРО) или Внатрешно македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО). Организацијата се бореше за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош однадвор. Двете организации го означуваат почетокот на македонско револуционерно движење кое преку Илинденското востание и Крушевската република во 1903 година и преку НОВ резултира со создавање самостојна македонска држава.

Денот на македонската револуционерна борба – 23 Октомври е неработен ден за сите граѓани на Република Македонија.


Денот на независноста ќе се одбележува под мотото „Македонија слободна, слободно живее“


Скопје, 3 септември, 2017 - 14:59 (META) 

Денот на независноста, 8 Септември, годинава ќе се одвива под мотото „Македонија слободна, слободно живее“, а централното одбележување ќе се одржи пред и во Владата на Република Македонија на 7 септември, во попладневните и во вечерните часови, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

– Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија да бидат гости на Владата на Република Македонија. Владата ќе биде отворена за сите – рече Бошњаковски.

Активностите по повод на Денот на независноста ќе се одвиваат на 6, 7 и на 8 септември, а премиерот Зоран Заев обраќање ќе има на централното одбележување.

На 7 септември, министрите Горан Сугарески, Роберт Алаѓозовски и заменик-министерот Дејан Павлески ќе ја посетат реставрираната спомен-куќа на Блаже Конески во село Небрегово.

На 8 Септември, на Денот на независноста, делегација предводена од премиерот Заев на гробиштата во Бутел ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на Киро Глигоров и на Борис Трајковски.

Одговарајќи на новинарско прашање за изминувањето на стоте дена од формирањето на владата, кои се совпаѓаат со претстојниот празник, портпаролот Бошњаковски рече дека во следниот период Владата ќе ги соопшти резултатите од досегашната работа.


Претседателот Иванов го честиташе Курбан-бајрам


Скопје, 1 септември, 2017 - 11:04 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов, по повод Курбан-бајрам упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема хаџи Сулејман ефенди Реџепи, и до сите граѓани од исламска вероисповед во Република Македонија.

„Најискрено посакувам празникот да го поминете во добро здравје, радост, среќа и во хармонија, споделувајќи љубов со ближните. Како еден од најголемите празници во исламот, Курбан-бајрам ги нагласува човечките доблести – солидарноста и грижливоста, помагањето и дарувањето. Нека и годинешново празнување помине во духот на споделување и на давање на сите оние кои имаат потреба од материјална поддршка, но и потреба од љубов и од внимание. Би сакал токму на овој голем празник, уште еднаш да го изразам своето уверување дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници како нераскинлив дел од македонското општество и понатаму активно ќе придонесуваат за градење почит и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија“, вели Иванов во честитката за празникот.


Џафери на муслиманските верници им го честиташе Курбан-бајрам


Скопје, 1 септември, 2017 - 10:05 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, од свое име и од името на пратениците во Собранието, на Исламската верска заедница и на сите муслимански верници им го честиташе за Курбан-бајрам.

„Празник кој, над сè, симболизира подавање рака на солидарност помеѓу луѓето, рака на добрина на посреќните кон оние помалку среќните, убав збор и човечко однесување, со надеж дека овој благословен ден Курбан-бајрам ќе нè најде сплотени во хармонија, мир и во меѓусебно разбирање и ќе ни даде мудрост да ги надминеме разликите во нашето општество, кое е изградено врз вредностите на етничкиот, верскиот и на културниот диверзитет, за земјата да напредува, а граѓаните и идните генерации да ги уживаат резултатите од нашиот ангажман. Имајте секогаш среќа, мир и добрина во вашите семејства и во вашите срца“, пишува Џафери во честитката.


Заев за празникот Пресвета Богородица порача дека Македонија е се што имаме


Струмица, 28 август, 2017 - 15:03 (META) 

Премиерот Зоран Заев, денеска во Струмица од храмот на Пресвета Богородица во Струмица им го честиташе верскиот празник Успение на Пресвета Богородица на сите православни христијани во земјата.

„Ова е еден од нашите поголеми христијански празници кога треба да сме во нашите цркви, со нашиот народ, за да споделуваме христијански вредности. Споделувањето на христијанските вредности значи дека сме добри луѓе, кои сакаме да си помагаме, меѓусебно да си пружиме рака и заедно да се надеваме на подобра иднина на сите нас. Македонија е се што имаме, а нашата црква е нашиот покровител, надевајќи се дека овие празници ќе ни ја вратат добрината во душата за да продолжиме да бидеме пред се добри луѓе“, рече Заев во неговата честитка.

Oд протоколот на Владата на присутните новинари им беше соопштено дека премиерот нема да одговара на новинарски прашања поради големиот христијански празник.


Груевски и Кирацовски упатија честитки за празникот Пресвета Богородица


Скопје, 28 август, 2017 - 11:38 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски го честиташе празникот Пресвета Богородица и повика на молитва за здравје, мир, спокој, радост, благодети, успеси и спасение за секој човек, секое семејство и целата држава.

„Како народ кој столетија наназад, со неизмерна почит, го слави овој голем христијански празник, денес истовремено ги славиме и традиционалните вредности на нашето општество и на нашите семејства. Во нашите традиционални вредности ликот и личноста на Пресвета Богородица се слика за ликот и значението на жената како мајка и столб на семејството. Вредности кои не движеле низ вековите и кои треба да ни бидат пример за насушно потребното човекољубиво функционирање и во иднина, бидејќи само така ќе се задржиме на вистинскиот пат“, се вели во честитката упатена од лидерот на опозицијата.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски по повод празникот побара сплотување околу заедничките вредности што носат меѓусебна почит и напредок.

„Во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и во свое лично име ви го честитам денешниот празник Успение на Пресвета Богородица. Во овие мигови на спокој испраќаме порака за сплотеност, посветеност и заедништво кон вистинските вредности. Да бидеме скромни и горди во денешното празнување и да се сплотиме околу заедничките вредности што носат мир, меѓусебна почит и напредок за сите“, вели Кирацовски.

По повод празникот Голема Богородица денеска по 15 пат во Дом на Арм од 9 до 17 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција во организација на Општинската организација на Црвен крст-Центар во соработка со Институтот за трансфузиона медицина.


Џафери ја прекина седницата оти пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе одат на слави и на имендени


Скопје, 12 јули, 2017 - 18:55 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина собраниската седница на која како точка на дневен ред е разрешувањето на државниот јавен обвинител Марко Зврлевски, откако координаторот на една од десетте пратенички групи на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, рече дека поради верскиот празник Петар и Павле голем дел од неговите колеги пратеници „треба да одат на слави, имендени и на прослави“ и побара седницата да биде прекината.

– Продолжуваме утре во 11 часот, но ова како практика не трудете се да го користите од утре натаму – рече Џафери и ја прекина седницата која требаше да трае до 19 наместо до 18 часот затоа што претходно, координаторот на втората пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, побара еден час пауза за на пратениците да им се поделат стенограми од обраќањето на Зврлевски во Собранието.

По паузата од еден час, прв за збор беше пријавен пратеникот на СДСМ, Петре Шилегов, кој за Зврлевски рече дека им служел на криминалците и станал „послушник на МВРО-ВМРО“.

– Јавниот обвинител е доказ, за жал, дека нешто што треба да биде врв на една политичка кариера станува дно затоа што е човек кој не успеа да ја одбрани Република Македонија од криминалците. Затоа што им служеше на криминалците и стана послушник на МВРО-ВМРО. Во Македонија и истрагите и истражните дејства и судењата ги вршеше една личност, криминалец. Половина од вас кои што сте на истрага од професионалните обвинители, немате пасоши и здодевно ви е, немате каде да одите ова лето, па сакате да нè држите тука, но ние сме подготвени и да не одиме на одмор оваа година. Вие, Зврлевски, не успеавте да ја сочувате Македонија од политичарите од оваа лева страна, кои се криминалци какви што ги нема родено оваа земја, Вие сте непосреден асистент и прикривач на организираната банда на ВМРО-ДПМНЕ која го организираше нападот на 27 април – рече Шилегов.

Тој додаде дека Зврлевски треба да се разреши поради нестручност, неспособност и затоа што со намера го помагал криминалот на ВМРО-ДПМНЕ.


Штрајкот на грчките цариници на полноќ ќе ги затвори граничните премини Евзони и Дојрани


Атина, 31 мај, 2017 - 16:29 (META) 

Патувањето кон Грција утре ќе биде отежнато поради 24-часовниот штрајк на грчките цариници кои реагираат поради владините мерки за штедење. Од граничните премини Евзони и Дојрани велат дека границите ќе бидат затворени од полноќ вечерва до полноќ в четврток, а работата ќе се нормализира в петок.

Од Евзони во телефонски разговор за „Мета“ потврдија дека границата ќе биде главно затворена и се очекуваат проблеми и долги задржувања за патничките возила поради штрајкот. Посочуваат дека ќе има само гранично обезбедување и дека ќе може да се преминува пеш.

Неофицијално, од грчката граница велат дека има шанси да се отвори преминот во одреден момент на кратко за да се пропуштат одредени возила или камиони кои се итни случаи, како и дека доколку има голема редица и за да им се излезе во пресрет на патниците, но велат дека главно преминот ќе биде блокиран во текот на речиси целиот ден поради договорениот штрајк на цариниците и на вработените во Министерството за економија.

Од преминот Дојрани кај Дојран, пак, велат дека границата ќе биде затворена и нема да се пропуштаат ниту патнички возила ниту камиони во текот на целиот ден.

Граничарите и вработените во министерството бараат подобрување на работничките услови, проценката на нивната работа и плати, а најавуваат и протест пред просториите на министерството во Атина утре изутрина.

Штрајк за утре најави и грчката железница, поради што нема да има ниту еден воз во Грција во текот на целиот ден.

Од македонското Министерство за внатрешни работи попладнево соопштија дека добиле известување од грчките власти за еднодневниот генерален штрајк на грчките царински служби, поради што од вечерва па во наредните 24 часа, во прекин ќе биде сообраќајот на сите три гранични премини кон Република Грција.