Западен Балкан бара начин за решавање на тешката материјална положба на Ромите


Бар, 31 мај, 2018 - 15:42 (META) 

Од 83 до 94 отсто од загрозените Роми што живеат во регионот на Западен Балкан не можат да си дозволат основни материјални работи за нормален живот, а многу домаќинства се уште немаат пристап до вода од чешма и до јавен канализациски систем, ниту пак нивниот отпад некој го собира и го складира.

Ова се дел од прелиминарните податоци на Регионалното истражување за Ромите на УНДП и на Светска банка, што денеска ги презентираше Орхан Усеин, координатор на акциониот тим на Проектот Интеграција на Ромите 2020, на Регионалниот совет за соработка (РСС), зборувајќи на дводневната меѓународна конференција за Ромите што се одржува во Бар, Црна Гора.

Конференцијата, на која присуствуваат преку 80 претставници на земјите од Западен Балкан и од Турција, има за цел министерствата од овие земји што се задолжени за интеграција на Ромите, да се запознаат со начините за најдобро решавање на проблемот со подобрување на станбеното прашање на Ромите. Како што соопшти РСС, посебен фокус на Конференцијата е ставен врз легализација на дивите ромски населби и на социјалните станови, како и заземање на целосен и одржлив пристап за создавање на трајни услови за живот.

„За да се реши прашањето за станбено згрижување на Ромите на најадекватен начин, сите земји од регионот треба бараат начини за одржливо финансирање на станбени фондови, не само преку нови модели на финасирање, туку и преку користење на празни станбени згради и намалување на долгорочните трошоци на станбеното згрижување“, подвлече Усеин.

Проектот „Интеграција на Ромите 2020 од 2016 година“ е поддржан и од Фондацијата Отворено Општество и од Европската Унија, која прашањето на интеграцијата го наведе како еден од условите за пристапниот процес на земјите кандидати за членство.


Синдикатите протестираа за поголеми права и доставија барања до Владата


Скопје, 1 мај, 2018 - 13:44 (META) 

По повод Меѓународниот ден на трудот денеска во Скопје се одржаа неколку различни протести на синдикалните организации на кои учествуваа повеќе стотици граѓани. Тие побараа подобри работнички услови, поголеми права и поголема заштита.

Сојузот на синдикати на Македонија организираше Првомајски марш од пред нивното седиште до владата каде побараа достоинствена плата, покачување на личниот доход, ценење на работничкиот труд, регрес во јавниот и во приватниот сектор и стоп за мобингот што се врши врз вработените.

Првомајски протест од пред зградата на МРТВ до владата организира и Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија(КСОМ).

Повелбата за солидарност чии членови се Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикатот на управата и правосудството(УПОЗ), кој е дел од ССМ, синдикатот на дипломатската служба, синдикатот на култура и Независниот академски синдикат, маршира од плоштадот Карпошово Востание, кај споменикот на Филип Втори до Собранието и владата.

Протестот на политичката партија Левица е започна пред споменикот на Синдикатот меѓу двете светски војни кај Југодрво, а на Левичарското движење Солидарност пред Стопанската комора на Македонија.

Здравко Савески од Левица рече дека би сакал да има еден поголем протест, наместо неколку помали, но оти сепак е поважно да се изрази незадоволството од состојбите и од пасивноста и на новата влада во однос на заштитата на работничките права.

-Во мерките кои се напишани во предизборните ветувања има и мерки за кои нема потреба од никаква претходна подготовка за имплементација. На пример, договорите на определено време кои во моментов траат неверојатни пет години може за максимум еден месец да биде сменето и да биде вратена должината на максимум шест месеци како што беше порано. Но, едноставно тие покажуваат ноншалантност, незаинтересираност, дури и за она што тие го ветиле -вели Савески.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Тамара Чаушидис пред почетокот на Првомајскиот протест посочи дека бараат пристојни услови за работа и пристојна плата.

– Изминативе неколку години дел од синдикатите не се согласија да молчат. Беа на улица, денеска се повторно на улица. Добивме многу ветувања, но ситуацијата не се подобрува – истакна Чаушидис.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски денеска по протестот, до Владата ги достави барањата на синдикалците.

Димовски порача дека протестите се нов почеток на враќање на довербата во синдикалното движење и единството сега е повеќе од потребно зошто работничката класа е разбиена.


Хелсиншки: 78 отсто од жртвите на физичко насилство се жени, треба промена на законите


Скопје, 8 март, 2018 - 9:59 (META) 

Жените во Македонија се уште се соочуваат со дискриминација по основ на пол и род во сите општествени процеси, без притоа да имаат заштита на нивните права, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од таму потсетуваат дека текстилните работнички, жените од руралните средини, жените Ромки, жените жртви на насилство, жените со попречености, спаѓаат меѓу најранливите групи во нашето општество, за кои државата се уште не презема суштински мерки кои би го подобриле нивниот социјален и општествен статус.

„78 отсто од жртвите на физичко насилство се жени додека 98 отсто од сторители на семејно насилство се мажи. Од 2008 до 2016 година, регистрирани се 70 фемициди од кои 15 се случиле само во периодот од 2013 до 2016. Над три четвртини од случаите на семејно насилство не се пријавени во ниту една јавно достапна служба. Најчестата причина поради која девојчињата го напуштаат училиштето се малолетничките бракови. 81 процент од вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија се жени и тие се едни од најниско платените работнички со 35 отсто пониска просечна плата од просечната плата на државно ниво“, се вели во соопштението.

Според Хелсиншки комитет, ратификувањето на Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жената и семејното насилство, позната како Истанбулска конвенција, претставува најзначајниот чекор, кој оваа Влада го направи во борбата со насилството врз жените и домашното насилство.

Но, постсетуваат дека изминатиов период бевме сведоци на неколку случаи на насилство врз жени, вклучително и сексуално насилство врз малолетно девојче, штитеник на Јавната установа за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми „25 мај”3, кои претставуваат само примери на целосно нефункционалниот систем за грижа и заштита на жените и девојчињата.

„Од овие причини бараме државата итно да започне со промена на законската рамка и собирање на статистички податоци за регистрирање на сите форми на родово базирано насилство, да обезбеди сервиси за жените и девојчињата жртви на насилство и да им обезбеди заштита на сите жени чии права секојдневно се прекршуваат“, апелираат од Хелсиншки комитет.


Во Македонија има 283.834 вработени жени – најголем дел во приватниот сектор


Скопје, 8 март, 2018 - 9:51 (META) 

Државниот завод за статистика објави податоци за жените во Македонија по повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената.

Според нивната последна статистика за 2016 година, вкупниот број на вработени жени изнесува 283.834 од кои 74,8 отсто се вработени во приватни компании.

Бројот на дипломирани жени изнесува 6.787 или 58 отсто од вкупниот број на дипломирани студенти. Жени магистри на науки изнсува 1.107 или 58,9 отсто од вкупниот број на магистри, а на доктори на науки 111.

Во текот на денот вработените жени поминуваат 15 отсто на слободни активности, а невработените 21 отсто.

Жените во урбаните средини на забава и култура поминуваат просечно дневно по два часа и 16 минути што е двојно повеќе од жените во руралните средини односно еден час и 13 минути.

Жените во Македонија се почесто се одлучуваат да раѓаат по едно или две деца. Во домаќинствата кои имаат деца, жените просечно дневно поминуваат по еден час и 57 минути во нивно згрижување.

Од сите домашни активности на жените, 16 отсто отпаѓаат на чистење на станот.

Жените живеат 77,4 години или 4 години подолго од мажите.


Ердоган ги предупреди Грција и Кипар за барањето на гас во Средоземно Море


Анкара, 13 февруари, 2018 - 12:38 (META) 

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган ги предупреди Грција, Кипар и меѓународните организации кои се во потрага по природен гас во Средоземното Море да не „ја преминат линијата“ и да не ги загрозат правата на Турција.

Неговото предупредување е во период кога турски воени бродови продолжуваат со блокирање на достава на опрема за дупчење на Кипар кое го изведува италијанска компанија.

Турција се противи на барањето на нафта и тврди дека таквите постапки ги кршат правата на Турците кои живеат на Кипар.

Ненаселените острови Имиа кои во Турција се позната под името Кардак, долго време претставуваат проблем во односите помеѓу Турција и Грција имајќи предвид дека и двете земји имаат право над нив.


Mej: Граѓаните на ЕУ нема да ги имаат истите права во Велика Британија по Брексит


Лондон, 1 февруари, 2018 - 11:02 (META) 

Британската премиерка Тереза Меј изјави денеска дека, граѓаните на Европска унија кои ќе дојдат во Велика Британија за време на транзицискиот период по Брексит, нема да ги имаат истите права за да останат во таа земја, како претходно, додека земјата беше членка на ЕУ.

Меј, која се наоѓа во посета на Кина, изјави дека ќе бори против предлогот, граѓаните на ЕУ да добијат полно право на престој во Велика Британија по Брексит.

Според нејзе, постои разлика помеѓу луѓето кои ќе дојдат во Велика Британија по Брексит и оние кои престојуваат таму од пред државата да ја напушти Европска унија.


Новиот закон за возила предвидува еколошки налепници и посебни таблици за таксистите


Скопје, 15 јануари, 2018 - 14:34 (META) 

Министерство за економија е во процес на подготовка на предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за возила. Со предлог-законот се воведуваат посебни таблици за такси возилата и се воведуваат еколошки налепници за возилата.

„Предлог-законот има за цел да ги уреди постапките за остварување на заштитата на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица, како и заштитата на јавниот интерес по кои се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, правните лица и физичките лица на кои со овој закон им е доверено да вршат јавни овластувања“, се вели во објаснувањето за овој предлог-закон на ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи на Република Македонија).

Мислењата, забелешките и сугестиите од засегнатите страни може да се достават до Министерство за економија до 28 февруари.


ВМРО-ДПМНЕ: Политичкиот прогон мора да престане


Скопје, 30 декември, 2017 - 10:14 (META) 

Во Македонија нема да има атмосфера за конструктивна дискусија се додека пратеници, уметници, доктори, архитекти, актери, оперски пејачи и полициски службеници се прогласуваат за терористи, се вели во денешното соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, во кое опозициската партија повторно реагира на притворањето на лицата осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, оваа година.

„Судот наместо да одлучува врз основа на фактите, реши да ги задоволи неаргументираните барања за продолжување на притворот од страна на Јавното обвинителство кое конструира политички мотивирани истраги“, велат од партијата.

Оттаму наведуваат дека правото во Република Македонија е сериозно девалвирано, а институциите се претвораат во алатка за пресметка со сите кои не мислат исто како власта.

„Неосновано притворените за настаните од 27 април се лишени од основните права во постапката. Презумпцијата на невиност како основен принцип на кривичната постапка е прекршена. Тоа го потврди и Народниот правобранител. Полицијата ги пречекори овластувањата, судовите одлучуваат по конструирани обвиненија, а кршењето на законите продолжува и во притворските установи. Оваа злоупотреба на институциите не смее да продолжи. Правото мора да важи подеднакво за сите. Граѓаните на Република Македонија тоа го заслужуваат. Политичкиот прогон мора да престане“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.


Советот за утврдување на факти бара да не биде укинат до Нова година


Скопје, 22 ноември, 2017 - 15:10 (META) 

Советот за утврдување на факти, кој треба да биде укинат со предлог-закон, бара од Собранието и од Министерството за правда престанокот на работа да важи од први јануари 2018 година, а не со денот на објавување на новото законско решение во „Службен весник“.

Од Советот денеска соопштија дека во понеделникот доставиле барање до Собранието и до координаторите на пратеничките групи од Министерството за правда, предлог-законот за укинување на инстутуцијата да биде дополнет со член во кој јасно ќе се наведе дека новото решение ќе почне да се применува од почетокот на следната година.

Оттаму велат дека ако на членовите и на вработените во Советот им престане мандатот, односно работниот однос, со објавувањето на законот во „Службен весник“, не може да биде извршено примопредавање на нивните предмети и архивата во Судскиот совет, бидејќи во предлог-законот „воопшто не е определен разумен рок во кој овие обврски треба да бидат завршени“.

„Освен обврските околу примопредавањето на предметите и архивата, законот со кој се укинува Советот се носи при крај на календарската година, поради што сите вработени и членовите на Советот ќе бидат оштетени при остварувањето на нивните права од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, како и статусот на вработените на кои сè уште им трае договорот за вработување“, стои во соопштението од Советот за утврдување на факти и за поведување постапка за утврдување одговорност на судија.


Каталонците стапуваат во генерален штрајк


Барселона, 3 октомври, 2017 - 10:48 (META) 

Каталонците денеска стапуваат во генерален штрајк, кој ќе го блокира функционирањето на најголем дел од регионот кој бара независност, односно од одвојување од Шпанија, пренесува „Би-би-си“.

Штрајкот го организираат каталонските синдикати и трговските здруженија, поради, како што се наведува, тешко кршење на правата и на слободите, за време на обидот за одржување на референдумот во неделата.

Шпанските централни власти, врз основа на пресудата на Уставниот суд, го прогласија референдумот за незаконски, но, како што тврдат каталонските власти, 2,2 милиони граѓани гласале и покрај забраната. Неколку стотини лица беа повредени за време на полициската интервенција и претресите во неделата на неколку од избирачките места.

За време на денешниот штрајк, ќе биде прекинат јавниот транспорт и работата на училиштата и на болниците. Се очекува и познатиот фудбалски клуб „Барселона“ да учествува во штрајкот, иако денеска нема закажани натпревари. Како што е најавено, ќе штрајкуваат и универзитетските професрои и другите јавни службеници во Каталонија.