Повторно протести синоќа пред унгарската државна телевизија


Будимпешта, 18 декември, 2018 - 12:13 (META) 

Протестите против режимот на Виктор Орбан продолжија и вчера во Будимпешта, со околу 2.000 демонстранти што протестираа пред објектот на унгарската државна телевизија. Исто како и претходната ноќ, се бараше независност на јавниот телевизиски сервис и судството.

Дел од демонстрантите, следени од бројни полициски сили кои кои се соочија со силно полициско обезбедување, носеа транспаренти со пораки дека јавната телевизија станала пропагандно средство на власта.

-Дојдов најмногу за одбрана на независноста на судството. Се надевам дека ќе видиме уште многу протести со повеќе илјади луѓе и јас можам да помогнам само преку моето доаѓање овде“, изјавил за „Еуроњуз“ Габор Хачи, 35-годишен правник, кој на демонстрациите излегол поради новиот закон со кој административните судови треба да одговараат пред извршната власт.

На синоќешните демонстрации им претходеше инцидент вчера претпладнето во државната телевизија, откако обезбедувањето со груба примена на сила исфрли двајца од десетте пратеници кои сакаа на телевизија да ги прочитаат барањата.

Тие заедно со уште осум колеги преноќија во телевизијата по големите протести во неделата вечерта, кога полицијата употреби и солзавец.


Лавров го демантираат пратениците од опозицијата што гласаа за уставните измени


Скопје, 7 декември, 2018 - 16:39 (META) 

Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“ објавено денеска, обвини дека се случува грубо систематско мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Македонија.

Во тој контекст тој рече дека „Собранието на 19 октомври се протурка одлука за уставни измени со уцени и поткуп на пратениците од опозицијата. Во тоа непосредно учествуваа странски дипломати, а вклучувајќи го амбасадорот на САД“.

Наспроти тврдењата на шефот на руската дипломатија за притисоци и поткуп на пратениците од опозицијата, во што, како што рече „непосредно учествувале странски дипломати, вклучувајќи го актуелниот амбасадор на САД“, осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што го поддржаа почетокот на уставните измени, категорично посочија дека одлуката ја донеле со слободна волја, според своите убедувања.

Нола Исмајлоска-Старова:

По сопствено убедување гласав „за“. Овој процес мора заеднички да го спроведеме, јас сакам да бидам активно вклучена во него, да помогнам за изнаоѓање на решенија и затоа се изјаснив за отворање на Уставот. При носење на одлуката се водев од личната желба за просперитет на Македонија и одговорно ги отфрлам наводите за закани кон мене при изјаснувањето

Зеќир Рамчиловиќ:

Наместо да се разбудиме во еден почеток на хаос, Македонија се разбуди со почеток на решавање на кризата. Тоа се вистинските причини за гласањето и нашата одлука е последица на таквите напори донесена без никакви притисоци од било кого, туку како наша слободно изразена волја врз основа на политичката одговорност која ја имавме во овој судбоносен момент за нашата држава. Сето останато се шпекулации и смислени клевети кои нема да поминат несанкционирани.

Емилија Александрова:

Одлуката беше тешка навистина, свесни за сериозноста на ситуацијата како во државата така и во политиката и какви се бранувањата таа ќе направи посебно во мојата партија. Но, јас и моите колеги цврсто веруваме дека тоа што дадовме шанса е вистинскиот пат по кој треба да се движиме, нормално уште еднаш да напоменам со прифаќање на нашите услови

Љубен Арнаудов:

Не сметам оти некој е предавник. Не е точно дека сме имале закани и дека сме примиле пари. Ништо не е ветувано.


Лавров ги обвини ЕУ и САД за грубо мешање во внатрешните работи на Македонија


Москва, 7 декември, 2018 - 10:24 (META) 

Се случува грубо систематско мешање на САД и ЕУ во внатрешните работи на Македонија. Секојдневно нејзините граѓани беа убедувани да гласаат потврдно на референдумот за Преспанскиот договор на 30 септември годинава. Референдумот, како што е познато, не успеа. Во таква ситуација во Собранието на 19 октомври се протурка одлука за уставни измени со уцени и поткуп на пратениците од опозицијата. Во тоа непосредно учествуваа странски дипломати, а вклучувајќи го амбасадорот на САД, обвинува Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија во интервју за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон“.

Во интервјуто објавено на денот кога грчкиот премиер Алексис Ципрас е во во официјална посета на Москва, Лавров го користи зборот Македонија, што грчкиот весник го означува со ѕвездичка и долу во фуснота објаснува дека Грција таа земја ја признава како Поранешна Југословенска Република Македонија.

Шефот на руската дипломатија посочува и дека притисоците во Македонија продолжуваат и сега, со обид да се истурка процесот на уставните измени во почетокот на 2019 година.

– Интересно е што таквото брзање е во функција единствено на задачата поставен од Вашингтон за форсирано внесување на Скопје во НАТО. Шпекулациите за неопходноста за одобрување на Преспанскиот договор поради забрзано придружување во ЕУ не можат да одговорат на критиките. Преговорите со Брисел за тоа би можеле, според искуството да се развлечат и на пар децении – вели Лавров.


Прв состанок на собраниското тело за помирување


Скопје, 28 ноември, 2018 - 9:44 (META) 

Интерпартиската парламентарна група за помирување денеска во 10 часот ќе го одржи својот прв состанок, информираат од Собранието. Во јавноста излегоа информации дека веќе е подготвен нацрт – закон за амнестија, но официјална потврда за тоа се уште нема.

Пратеници од независната група на ВМРО-ДПМНЕ пред два дена соопштија дека на седницата се очекува да бидат изнесени размислувања во врска со содржината на законот за помирување за настаните во Собранието од 27 април минатата година.

Најавија дека ќе ги соочат фактите и дека има консултации со правници во врска со законот за помирување.

Координативното тело што го предводат потпретседателката на Собранието Фросина Ташевска Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група, брои 25 членови меѓу кои потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи со исклучок на ВМРО-ДПМНЕ и претставници на независните пратеници и партиите кои немаат пратенички групи.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека имал средба со Никола Тодоров и Митко Јанчев во Струмица на која разговарале за работата на Координативното тело за помирување, за реформите и процесот на интеграција на земјата во ЕУ и НАТО, како и за процесот за уставни измени.

Тој нагласи дека верува оти јасно изразената одговорност од страна на Тодоров и градоначалникот Јанчев може да охрабри одредени пратеници кои „знаат кој е исправниот чекор, а се уште немаат доволно храброст да го направат тој чекор“.

Изрази верување дека бројката од 80 пратеници може да се зголеми.

-Таа бројка од 80, која беше овозможена при првото гласање беше само за тогаш и никој не може да каже дека таа бројка ќе опстојува. Јас искрено се надевам дека бројката ќе расте – рече Заев.


Заев: Ќе сторам сè процесот на уставни измени да биде успешен


Скопје, 27 ноември, 2018 - 16:17 (META) 

На средбата со Никола Тодоров и Митко Јанчев разговарав за Координативното тело за помирување и реформите, рече премиерот Зоран Заев на новинарско прашање на маргините на регионалниот форум „Промовирање на имплементацијата на Истанбулската конвенција во земјите на Западен Балкан и во Турција – Интегрирани политики, инклузивни партнерства“

-Јасно изразената одговорност од Никола Тодоров и градоначалникот Митко Јанчев, верувам дека може многу да охрабри одредени пратеници кои што знаат кој е исправниот чекор, а се уште немаат доволно храброст да го направат тој чекор. Навистина, ќе сторам се за реализирање на овој процес, имаме максимална консолидација во општеството, во врска со ова исклучително важно прашање за Македонија, а тоа се уставните амандмани, заради тоа што, гледате дека уште во првата фаза имавме инклузивен процес. Верувам дека и во оваа фаза сега, која што привршува со пленарната седница, која ќе почне на 1 декември, но посебно во последната фаза кога ќе помине јавната дебата и ќе бидат конечни амандманите, можеме бројката од 80 пратеници да ја зголемиме многу повеќе. Затоа што и таа бројка од 80, која што беше овозможена при првото гласање беше само за тогаш и никој не може да каже дека таа бројка ќе опстојува. Јас искрено се надевам дека бројката ќе расте – рече Заев.

Тој смета дека иако Тодоров и Јанчев се исклучени од партиските органи, се уште контактираат и имаат влијание врз пратеници и рече дека за тоа ги повикал на кафе во Струмица.

На прашењето дали ќе го поддржи законот што го подготвија осуммината пратеници од Координативното тело за помирување, тој рече дека не го видел законот, но дека со задоволство би учествувал на средбата на Координативно тело, за да ги види сите детали.

– Јас сум иницијаторот на процесот на помирување, верувам искрено во него. Оваа закрвавеност, омраза кои што се јавуваат во нашето општество, треба да помогнеме, сите заедно да се надминат разликите, посебно во периоди кога сме сите заедно за стратешките цели, а тоа е членството во НАТО и во Европската Унија – вели Заев.


Заев е загрижен за парламентарното мнозинство за уставни измени


Скопје, 16 ноември, 2018 - 15:03 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска рече дека бегството на Никола Груевски не е поврзано со гласањето во Парламентот за почеток на промените на Уставот кој произлегува од Договорот од Преспа, но истовреме, додаде дека е загрижен за парламентарното мнозинство.

– За мене прв приоритет е политичкиот процес во Парламентот, зошто, заради тоа што обезбедуваме иднина во НАТО и ЕУ. Не дека сето друго не е важно, но тоа е условено од успешноста на ова. Верувам во парламентарниот капацитет на пратениците. Се надевам дека бројките ќе растат, но споделувам дека сум и исплашен за бројките, затоа што не можеме да ја спречиме правдата во државата, постапките на правосудните системи, како постапуваат тие има рефлексија врз случаите. Пратениците имаат историска одлука која ќе се потврдува во процесот, се до усвојување на уставните амандамни – одговори Заев на новинарска констатација дека медиумите пишувале за можноста за бегство од страна на Груевски, ако Парламентот изгласа почеток на уставни промени.

Но додаде дека, бегството на Никола Груевски не е поврзано со гласањето во Парламентот и најважниот политички процес кој се одвива во моментот.

– Зошто нема врска? Затоа што Груевски лично ќе гласаше и немаше да ги стави на осуденичка клупа колегите пратеници. Втората работа е, што има влијание постфестум затоа што не знам дали парламентарното мнозинство во вакви околности ќе се одржи. Затоа што веројатно тој ги предаде и своите поранешни другари, соработници. Тоа го направи на најнечовечки начин и последиците уште ги чувствуваат – рече Заев.


Канческа – Милевска: Власта ги прифати нашите предлози за амандманите


Скопје, 2 ноември, 2018 - 12:24 (META) 

Власта ги прифати нашите барања за нацрт-амандманите за измена на уставот. Баравме амандман со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет во Уставот, со обврска на републиката да го штити културното и историското наследство на македонскиот народ. Второто наше барање е доколку Грција не го ратификува Договорот и повторно блокира, да има поништување на сите уставни амандмани, рече Координаторката на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Елизабета Канческа – Милевска.

Таа порача дека за Македонија може многу да се направи само со „соработка, позитивна енергија и позитивна мисла, ни треба обединување“, а за собраниското тело помирување, поранешната министерка за култура појасни дека до претседателот на Собранието е поднесена иницијатива за негово формирање.

– Се надевам в понеделник ќе имаме координација во оваа насока и ќе заземеме став како ќе се води и која ќе биде методологијата. Сериозно е ова тело и сериозно треба да се пристапи и сите да се вклучиме со цел да одиме во насока на помирување и во насока на зацврстување на односите. Очекувам дека ќе земат учество во телото и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – изјави таа.

Првиот нацрт амандман, предложен од независните пратеници кои во Собранието влегоа како членови на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде вграден во членот 49 од Уставот и ќе гласи: Република Македонија ќе го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ, појасни Канческа – Милевска.

– Второто наше барање беше прифаќање одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Грција не го ратификува договорот и ги попречи интеграциите ќе има безуслсовно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од договорот од Преспа. За мене е ова многу важно и нашето барање е прифатено – рече таа.


Заев: Уставот ќе се менува со четири амандмани, во нив е и Охридскиот договор


Скопје, 2 ноември, 2018 - 11:50 (META) 

Владата низ инклузивен и транспарентен процес изготви текст за четири нацрт-амандмани за промена на Уставот согласно Договорот од Преспа, информираше премиерот Зоран Заев на прес-конференција во Владата.

-Првиот амандман ќе биде замена на името Македонија со Северна Македонија во целиот Устав, освен во членот 36 каде има историски аспект. Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот, каде одлуките на АСНОМ се заменуваат со прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор за да биде конститутивен елемент на државата. Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегриет и политичката независност на соседните држави, што дава посилни гаранции за трајност и неповредливост на границите со Грција, иако се однесува за сите соседи. Во четрвтиот амандман покрај потврдување на македонскиот идентитет стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство, и ги унапредува нивните врски со татковината – рече Заев.

На новинарско прашање зошто ја променил одлуката Охридскиот рамковен договор да биде дел од Уставот, премиерот рече дека низ дебата со пратениците одлучиле кога веќе се отвора Уставот, да се додаде и тој важен документ, кој и онака е веќе вграден во Уставот.

– Охридскиот рамковен договор и до сега бил целосно вграден во Уставот, а аргументацијата што беше дадена во дебата со пратениците и во Владата беше дека коа се отвора веќе Уставот редот е да биде вграден и насловот на Рамковниот договор како конститутивен елемент затоа што тој е дел од нашиот Устав и затоа пресековме дека треба да остане – рече Заев.

На прашањето што беше спорно со АСНОМ за да се менува тоа во Уставот, Заев вели дека сега Уставот ќе се осврнува на прогласот на АСНОМ, наместо на одлуките на АСНОМ затоа што, ако не се направи промената, тоа би предизвикало одредени проблеми во одредени можни идни времиња на соработка помеѓу Македонија и Грција.

– Тоа е така затоа што дел од одлуките на АСНОМ велат „Македонци од Грција и Бугарија обединете се“. Тоа не е пријателство. Прогласот го нема тој дел и се осврнуваме на него затоа што збори за единството во државата, за демократијата за државотворноста, за слободата и човековите права и тоа е фер пристап за градење пријателство – смета Заев.

Премиерот рече дека стручната академска јавност оценила дека нацрт-амандманите се во согласност со меѓународното право, додаде дека целосниот текст ќе биде објавен и апелираше да продолжи процесот на инклузивен дијалог.


Заев: Нема потреба од предвремени парламентарни избори


Неготино, 24 октомври, 2018 - 16:38 (META) 

Премиерот Зоран Заев верува во полн четиригодишен мандат и не смета дека треба да има предвремени парламентарни избори, но  вели дека за таква одлука се важни и опозицијата, албанските политички партии и, пред сè, Парламентот.

– Го знаете мојот став, освен ако е насушно потребно, неопходно и било кои големи фактори тоа го предизвикаат, тогаш би отишле на избори. Јас верувам во полн мандат, пред се заради економијата, заради бизнисот, заради сите институции, заради граѓаните да можат да испланираат конечно после долги години четиригодишен мандат, а тоа значи и успех и развој и севкупен раст – рече Заев одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Стоби.

Тој додаде дека изборите ќе беа неопходност ако процедурата за уставни измени во Собранието не беше возможна.

– Сега гледаме дека е возможно и ќе го продолжиме тој пат. Знам дека почетокот на април или крајот на март се паѓаат претседателските избори. Веројатно до крајот на годината ќе утврдиме дека треба да бидат само претседателски избори, но пак ќе повторам, јас сум само еден од оние кои се важни за вакви одлуки, тука е важна опозицијата, албанските политички партии,тука пред се и над е важен Парламентот – рече Заев.

На прашање дали пратениците од опозицијата кои во петокот го поддржаа предлогот за пристапување кон уставни измени ќе се зачленат во СДСМ, рече дека тие се членови на ВМРО-ДПМНЕ, а еден е пратеник на Социјалистичката пратија.

– Верувам во силна опозиција, во силно ВМРО-ДПМНЕ, тоа е добро и за државата, тоа е добро и за СДСМ, затоа што само тогаш државата ќе има бенефит – нагласи премиерот.

Тој рече дека случувањата во опозицијата се нивна внатрепартиска работа, но смета дека доминантна е вербата во опозициската пратеничка група дека ова е единствениот пат и правец по кој Македонија треба да се движи.

– Впрочем, истите тие луѓе не може да замислат што доколку пропадне договорот и не се реализира. Дајте да бидеме државнички ориентирани, со државна одговорност, а партиите да ги ставиме на второ место. Јас ќе продолжам да бидам внимателен во целиот овој процес, заради тоа што верувам дека можеме сите заедно да се сплотиме и да ја истуркаме оваа работа до крај на еден достоинствен начин, онака како што личи на земја, со доминантна определба за членство во НАТО и ЕУ, со доминантна определба да обезбеди иднина за сегашните и идните генерации – рече Заев.


Обвинувања за „грчки платеници“ во Албанија, новинарите демантираат


Тирана, 24 октомври, 2018 - 14:14 (META) 

Неколку онлајн-медиуми предизвикаа контроверзи во Албанија, откако објавија список со наводни платеници кои добивале пари од грчката влада, главно за да се цензурираат и потиснуваат какви било пишувања за Чамите, односно етничките Албанци од северозападна Грција. Дел од прозваните, меѓу кои има и новинари и поранешни пратеници, веднаш ги демантираа ваквите тврдења, велејќи дека станува збор за груба клевета.

„Скандал: Список со имиња/портали, важни личности и албански политичари што земале евра од Грција“ беше насловот во еден портал, кој изнесе тврдења дека грчката влада наводно дала еден милион евра за да се заташка прашањето на Чамите. На списокот се имињата на еден професор, актер, еден поранешен парламентарец, претседателот на најголемата партија на Чамите во Албанија, Шпетим Идризи, но и познати новинари, како Мустафа Нано и Ени Васили.

Се тврди дека зеле хонорари во износ од 12.000 до 340.000 евра.

Статијата како извор го наведуваше грчкиот новински сајт „Елефтери ора“ .

Друг сајт излезе со тврдења дека парите стигнувале преку поглаварот на Албанската православна црква (АПЦ), Анастасиос Јанулатос“. Во оваа статија се тврдеше дека ваквите тврдења биле „демантирани пред еден месец, но времето ја потврдило нивната основаност“.

Ени Васили, една од новинарите посочени во статијата, на нејзиниот Фејсбук-профил ги отфрли наводите како дезинформација.

„До сите мои пријатели што ме прашуваат во доверба за овој лажен список: Нема никакви вистина во ова ниско озборување, чија цел е да се привлече вниманието на јавноста и таа да се заблуди, но исто така е далеку од вистинскиот список на имиња вклучени во овој случај“, напиша Васили, која вети дека темелно ќе испита кои се изворите на оваа вест.

Грчките медиуми, по оставката на Коѕиас и наводите за тамошни тајни фондови, паралелно со информациите за наводни „црни пари“ во Албанија, пишуваа, без конкретни докази, дека тајните фондови биле користени и за медиуми во Македонија.