Собранието за шест месеци ќе одлучува за одземање на мандатот на Груевски


Скопје, 14 ноември, 2018 - 13:16 (META) 

На координацијата кај претседателот на Собранието, Талат Џафери бил донесен заклучок дека пратеникот Никола Груевски, од денешниот ден се смета за неоправдано отсутен, поради неговото бегство во Унгарија.

Според Деловникот, на пратеникот кој отсуствува најмалку трипати едно по друго на седниците на Собранието, а за тоа не го известил претседателот, му се одзема 5 проценти од платата за секој ден отсуство, за што акт донесува Комисијата за прашања на избори и именувања. Од денеска овој член ќе важи за неоправданото отсуство на пратеникот Никола Груевски.

„За пратеникот Никола Груевски, Собранието не донесе одлука за одземање на мандатот, бидејќи не се изјасни минимумот од 80 пратеници. Според ова, по овој основ и за оваа казна затвор, на пратеникот не може да му биде одземен мандатот. Во Деловникот во член 59 е пропишано дека за пратеник кој неоправдано отсуствува од седниците повеќе од шест месеци, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, а одлуката за одземање на мандатот по овој основ се носи на седница на Собранието“, велат од собраниските служби.

На денешната координација, иако бил извеатен, не присуствувал координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но бил информиран за заклучоците од координацијата.


Собранието одлучи да не му го одземе пратеничкиот мандат на Груевски


Скопје, 9 ноември, 2018 - 13:06 (META) 

Собранието денеска одлучи да не му го одземе пратеничкиот мандат на поранешниот премиер и екс лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Од вкупно 87 присутни пратеници, 58 гласаа „за“ одземање на мандатот, а 28 против. За одземање на мандат на пратеник потребно е двотретинско мнозинство од вкупниот број на пратеници односно минимум 80 пратеници.

Предлогот за одземање на мандатот на пратеникот Груевски беше доставен до пратениците од Kомисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања врз основа на добиеното известување од Основен Суд Скопје 1 Скопје, за пресудата со која Груевски е осуден на казна затвор во траење од две години во случајот „Тенк“.

Комисијата во средата со мнозинство гласови препорача одземање на мандатот, но денеска не беше постигнато двотретинско мнозинство.

Одлуката на пратениците да не го му го одземат мандатот на Груевски, нема да го одложи издржувањето на затворската казна.


Со 5 гласа „за“, Комисијата му предложи на Собранието да му го одземе мандатот на Груевски


Скопје, 7 ноември, 2018 - 12:06 (META) 

Со пет гласа „за“ Комисијата за мандатно имунитетни прашања реши да му предложи на Собранието да му го одземање пратеничкиот мандат на Никола Груевски. Одлуката треба да ја донесе Собранието на пленарна седница со двотретинско мнозинство.

Груевски не се појави на седницата иако претседателот на Комисијата, Павле Богоевски рече дека бил поканет на седницата на која единствена точка на дневен ред беше известувањето од судијката Добрила Кацарска за правосилната пресуда од две години против него во случајот „Тенк“ на СЈО.

Поранешниот претседател на парламентот, Трајко Вељаноски обвини дека против Груевски се води политички монтиран процес. Вељаноски рече дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде против, по што членовите на овој табор ја напуштија комисијата.

Александар Кирацовски од СДСМ рече дека никој не смее да се крие зад пратеничкиот мандат за да избегне кривична одговорност.

Сашо Василевски од новата независна пратеничка група, кому истата Комисија лани во декември му го одзема имунитетот заради 27 април, кажа дека осумтемина пратеници ќе бидат против одземање на мандатот во духот на вчера формирано тело за помирување.


Собранието денеска ќе расправа за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски


Скопје, 7 ноември, 2018 - 10:01 (META) 

Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска со почеток од 11 часот ќе расправа за барањето од судот за одземање на пратеничкиот мандат на Никола Груевски заради издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски во петокот го доби барањето од Судот од претседателот на Собранието, Талат Џафери и имаше рок од 15 дена да ја закаже седницата.

Барањето за одземање на мандатот на Груевски е според членот 59 од Деловникот на Собранието на РМ. Со него се предвидува за пратеникот осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на пратеничката функција, известување до претседателот на Собранието да достави судот кој ја изрекол казната.

За да му биде одземен мандатот на Груевски на Собранието му е потребно двотретинско мнозинство. Неизвесно е дали за одземање на мандатот на поранешниот премиер ќе гласаат 80 пратеници, ако се знае дека пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ нема да гласаат за, а најголем дел од пратениците од независната пратеничка група предводена од поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска се изјаснија дека нема да гласаат.

Груевски најдоцна до утре овој месец треба да се јави на издржување на затворската казна. Во петокот, Кривичниот суд соопшти дека судија за извршување санкции ја одбил молбата на Груевски за одлагање на казната.


Пратеникот Сашо Василевски излегува од домашен притвор


Скопје, 16 октомври, 2018 - 13:46 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски кој е обвинет за настаните во Собранието на 27 април минатата година, излегува од куќен притвор откако Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја прифати понудената гаранција во недвижен имот.

– Кривичниот совет на одделението за Организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по предлог на одбраната С.В., обвинет во предметот  КОК бр. 40/18 поврзан со настаните од 27.04.2017 година во Собранието на Р.М., по претходно дадено позитивно мислење од надлежното обвинителство, донесе решение со кое ја уважи понудената гаранција во недвижен имот и ја укина мерката куќен притвор, а заради обезбедување присуство во текот на постапката му определи мерки за претпазливост и тоа Обврска на обвинетиот повремено да се јавува на овластено службено лице во судот во Охрид и привремено одземање на патната исправа како и забрана за издавање нова – соопшти Кривичниот суд.

Со пуштањето од домашен притвор, Василевски ќе може да присуствува на пленарните седници во Собранието каде во тек е расправата за измени на Уставот.

Во куќен притвор и натаму се пратениците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, кои исто така имаат поднесено барање за укинување на оваа мерка


Протестите во Тирана против син на пратеник не биле проследени од националните медуми


Тирана, 3 октомври, 2018 - 11:40 (META) 

Неколку стотици луѓе протестираa во Тирана, бидејќи еден од синовите на пратениците извршил насилство врз неговата девојка, но кон него не било покренато обвинение, и покрај обидите на девојката тоа да го стори, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Сепак, медиумите на албански јазик во повеќето случаи или ја цензурирале веста или пак манипулирале со информациите, како и со бројката на демонстранти.

Протестите биле цензурирани од сите национални телевизии вклучително и националната телевизија „РТШ“. Протестот единствено бил прикажан од страна на „Факс њус“, нов медиум кој бил основан пред една година.

Националниот „Визион плус“ не го пренесувал протестот во живо, но во централните вести информирал дека „само десетина луѓе протестирале и дека повеќе луѓе протестираат кога политичките партии ги организираат.“

Протестите биле организирани од страна на невладините организации.


Снежана Калеска-Ванчева седна во пратеничката фотелја на Петар Атанасов


Скопје, 29 август, 2018 - 15:52 (META) 

Собранието го верификува мандатот на пратеничката Снежана Калеска – Ванчева од СДСМ, која доаѓа на местото на пратеникот Петар Атанасов.

Атанасов на 23 овој месец поднесе оставка на функцијата, која денеска беше констатирана. Се очекува тој да биде избран за заменик-министер за образование и наука.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски изјави дека го известиле наредниот кандидат, Снежана Калеска-Ванчева од листата на кандидати за пратеници за ИЕ 1 од СДСМ и коалиција. Во законскиот рок Калеска-Ванчева ја известила Државната изборна комисија дека го прифаќа мандатот за пратеник во Собранието по што и е издадено уверение.

На седницата не беа присутни пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.


Запален автомобилот на таткото на пратеникот Хари Локвенец


Прилеп, 18 јуни, 2018 - 10:43 (META) 

Засега непознат сторител вчеравечер го опожарил автомобилот „мини купер“ со прилепски регистарски таблички, кој бил во сопственост на таткото на пратеникот Хари Локвенец.

Според билтенот на МВР, случајот во полиција вчера во 23.05 часот го пријавил пратеникот, кој вчера беше на потпишувањето на Спогодбата со Грција за решавање на спорот за името на брегот на Преспанското Езеро.


Новаковски: Со притворот на Василевски, притворени се 60.000 лица кои гласале за него


Скопје, 12 јануари, 2018 - 13:49 (META) 

Одбраната на притворениот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски на јавната седница во Апелацискиот суд побара укинување на притворот и одредување на друга мерка или предметот да се врати на повторно одлучување во Кривичниот суд.

На седницата не беше присутен пратеникот Василевски кој е во притвор за учество во насилствата во Собранието на 27 април минатата година. Судот испратил наредба Василевски да биде доведен на јавната седница, но од Истражниот затвор во Шуто Оризари стигнало известување дека Василевски не сакал да дојде.

Претставникот на вишото обвинителство, Наталија Тасевска побара притворот на Василевски да биде потврден и рече дека жалбата на Василевски треба да се одбие како неоснована бидејќи се уште постојат околностите поради кои притворот и му бил првично одреден.

Бранителот на Василевски, Александар Новаковски, истакна дека е прекршена постапката за одземање на имунитетот и дека судот мора да ја исправи таа грешка. Тој посочи дека Василевски бил во Бугарија дента кога му било кажано дека ќе биде приведен за тероризам и тој веднаш доброволно се вратил во државата.

Новаковски наведе дека претресот во домот на Василевски бил извршен незаконски и воопшто не се внимавало на пресумпцијата на невиност. Адвокатот рече дека Василевски воопшто нема намера да бега и дека ако тоа го сакал ќе го сторел во изминатите седум месеци. Како гаранција рече тој Василевски е подготвен да ги депонира обичниот и дипломатскиот пасош.

Тој рече дека со Василевски во притвор се ставени 60.000 граѓани кои гласале за него како пратеник, а обвинителката Тасевска ваквото тврдење го оцени како несериозно.


Потпретседателот на Беса, Зекирија Ибрахими, поднесе оставка на функцијата


Скопје, 5 јануари, 2018 - 20:18 (META) 

Потпретседателот на Беса, Зекирија Ибрахими, денеска информираше дека поднесува оставка на функцијата, јави Алсат-М.

Тој исто така вели и дека нема да се кандидира за лидер на Беса на партискиот конгрес кој треба да се одржи во февруари. Оваа негова одлука доаѓа на само еден ден пред утрешниот состанок на Централниот одбор.

Зекирија Ибрахими беше градоначалнички кандидат на Беса за општина Чаир.