Заев: Не е исто дали ќе пишува „бугарски фашистички куршум“ или „фашистички куршум“


Скопје, 29 ноември, 2018 - 14:00 (META) 

На следната владина седница помеѓу владите на Македонија и Бугарија, која најверојатно ќе се одржи во декември, заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, ќе реферира пред двете влади за прогресот и очекувањата, рече премиерот Зоран Заев како одговор на пратеничко прашање за промена на учебниците.

– Точно е дел од комисиите разговараат и за учебниците, но штом ќе има нешто договорено тоа ќе се сподели со јавноста. Во дел од учебниците пишува „бугарски фашистички куршум“ кој не е во согласност со пријателството. Она што ќе се одлучи со промена на учебниците ќе биде во духот на идно и трајно пријателство – рече Заев.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Благица Ласовска, праша што ќе се менува кога неспорен факт е дека Бугарите биле окупатори.

– Сите ние сме учеле дека Бугарите биле окупатори. Во Прилеп има музеј. Ќе го срушиме? Да не навлегуваме во нешто што е неспорен факт. Дали не е факт дека Бугарите биле окупатори? Што ќе менуваме – праша Ласовска.

Заев одговори дека историјата е таа и нема да се менува, туку ќе се менува нашето однесување.

-Не е исто дали ќе пишува „бугарски фашистички куршум“ или „фашистички куршум“. Може да избереме да бидеме скарани со соседите уште 100 години или да градиме пријателство без да ја менуваме историјата – рече Заев.


Орбан: Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Груевски


Будимпешта, 27 ноември, 2018 - 9:24 (META) 

Немам време да дишам, а не пак да се сретнам со Никола Груевски, рече вчера унгарскиот премиер Виктор Орбан, пишува унгарскиот новински сајт „Азонали“.

– Видете, нема време двапати да се вдише и издише, гледате како се натегаме тука – одговори Орбан на прашањето од „Азонали“ дали се сретнал со поранешниот македонски премиер кој преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија и таму доби азил.

Замолен да појасни дали се сретнал со Груевски кога овој пристигнал во Унгарија, Орбан одговара „Не, за жал тоа не се случи“.

– Сега сум среќен што сум жив. Не паничете, ако се случи тоа, ви ветувам дека ќе ви кажам – вели Орбан.


Ѓорчев до Заев: Ништо не преземавте за полнењето кутии за референдумот


Скопје, 31 октомври, 2018 - 15:36 (META) 

За време на референдумот на некои избирачки места за пола час „гласале“ 500 луѓе, а не се ни потпишале на избирачкиот список, а кутиите беа наполнети со 50.000 ливчиња, рече денеска пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев за време на собраниската седница за пратенички прашања.

– Ниту поддржувам ниту сакам во мојата земја од било кој човек да се случуваат вакви можни засега инсинуации кои што ги кажувате. Секогаш сум ги осудувал и ќе ги осудувам. Сè што до сега е пријавено е процесирано. Апелирам до сите институции кои не се под моја надлежност да си постапат по слово на закон. Тој што полни кутии ги полни да добие резултати. Референдумот беше консултативен, не сме имале никаква мотивација да полниме кутии. Сакавме секој кој сака да учествува, да излезе и да го даде мислење за правецот на државата – рече Заев.

Ѓорчев го праша Заев што направила оваа влада за албанските граѓани за кои потенцираше дека вршат масовен егзодус и преселба од државата. Заев потенцираше дека не ги дели граѓаните по етничка линија и работи на унапредување на условите на живот на сите граѓани и додаде дека сите подеднакво ќе ги чувствуваат придобивките.

Илија Димовски, од ВМРО-ДПМНЕ, ја искритикува владата зошто не го прифатила неговиот предлог за дебата во Собранието за локацијата на која треба да се гради Клиничкиот центар и уште еднаш го предложи Петровец како поадекватно место за овој проект.

– Министерот тврдеше дека локацијата Бардовци е перфектна, но јас имам спротивно мислење. Сакав институционално да разговараме за овој проблем но бев изигнориран. Предложив новиот клинички центар да се гради во општина Петровец затоа што е апсолутен центар во Македонија и преставува и инфраструктурен центар, а има и аеродром – смета Димовски.

Заев вети дека ќе се отвори поширока дебата со сите засегнати страни, откако ќе се види кои параметри ги исполнуваат трите предложени локации – Ѓорче Петров, Бардовци и Петровец.

– Вашето внимателно укажување го зедовме во предвид и до сега ги разгледуваме неколку можни локации. Не треба по секоја цена да носиме одлука за да има капитален развој. Формирана е комисија која ќе ги оценува локациите Бардовци, Ѓорче Петров и Петровец. Спремен сум кога ќе ги имаме сите параметри, да дојдеме овде во Собрание да дебатираме и да ја одредиме локацијата. Мене лично ми е попримамлива локацијата во Ѓорче Петров, за Петровец имаме податок дека земјиштето е мочурливо, но одлуката ќе ја донесеме врз основа на аргументи – рече Заев.


Владата на Србија не одговорила ниту на едно од 236 пратенички прашања


Белград, 4 октомври, 2018 - 15:37 (META) 

На седниците на Собранието на Србија, од ноември 2017 година до август 2018 година, пратениците поставиле вкупно 236 пратенички прашања до Владата, но од извршната власт не добиле одговор ни на едно, се наведува во извештајот „Состојбата на демократијата во Србија“ изработен од Центарот за современа политика.

Во тој период, претставниците на Владата на Србија, присуствувале на седниците на парламентот за да одговараат на прашањата на пратениците само два пати, во март и април 2018 година, иако Деловникот предвидува одговарање на прашања секој последен четврток во месецот.

Доминацијата на извршната власт над законодавната, се наведува во извештајот, исто така е очигледна кога ќе се земат во предвид законите затоа што од сите донесени закони во периодот на кој се однесува извештајот, Владата на Србија била директен предлагач во повеќе од 95 отсто од случаите.


Собранието со благ пад во отвореноста и отчетноста во однос на минатата година


Скопје, 27 јули, 2018 - 12:45 (META) 

Во поглед на нивото на транспарентност, односно отвореност кон јавноста, како и на отчетност, Собранието на Република Македонија според новата проценка во рамки на студијата на регионалната мрежа на граѓански организации „ACTION SEE“ годинава стои полошо отколку при претходното мерење.

Отвореноста на Собранието е проценета на 58 отсто од индикаторите за отвореност, што е за еден отсто помалку отколку во 2017 година, се вели во анализата на „ACTION SEE“, чија членка е и Фондацијата „Метаморфозис“.

Со тоа, резултатите му се исти како и со другите парламенти од земјите на Западен Балкан, односно сите забележале пад на отвореноста и отчетноста, со исклучок на Албанија. Секаде индексот е помал отколку при анализите за 2017 година, а заедничкиот индекс на сите е 61 отсто, со што македонскиот парламент котира полошо и од општиот просек. Албанскиот парламент пак е на 75 отсто исполнетост на индикаторите за отвореност и отчетност.

Како што напоменуваат авторите на студијата, и покрај целосна промена на односот на силите во македонскиот законодавен дом, нема помрднување напред во поглед на активната отвореност.

„Резултатите за 2018 покажуваат дека променетиот собраниски состав на македонското Собрание и новото владејачко мнозинство сè уште не покажува видливи резултати во поглед на активната транспарентност на оваа институција. И покрај демонстрираниот интерес да се работи на поголема отвореност, блокирањето на Собранието од страна на опозицијата има влијание врз ваквите намери. Сепак, непостоење на консензус за најголем дел од прашањата доведе до само делумен успех на процесот“, се вели во анализата.

Иако се одбележуваат добрите практики на отвореност преку редовно објавување на дневните редови за пленарните седници и за комисиските седници, како и видео и стенограмските записи од пленарните седници и резултатите од гласањата на нив, како и фактот дека се објавени контакт податоци за пратениците, во студијата се посочува како негативност тоа што не се објавуваат платите на пратениците и парите што ги добиваат за патните трошоци.

Главната забелешка за македонското Собрание е што не се објавува кој учествувал на комисиските седници, нема стенограмски и видеозаписи од овие седници, ниту резултати од гласањата на нив. Кога има видеозаписи, тие се емитуваат со задоцнување од неколку дена на Собранискиот канал, но ги нема на веб-сајтот на Собранието.

Сепак, не е се така црно, велат од  „ACTION SEE“. Односно, иако нема обврска за тоа, експерти и претставници на граѓанските организации може да учествуваат во седниците на комисиите. Но поинаку е при носењето на законите – само за 50 отсто од законите и другите акти комисиите побарале мислење од јавноста.

Во анализата се посочува дека и за разлика од 2016 година, кога од 366 донесени закони, дури 238 биле во скратена постапка, во 2017 година од 42 донесени закони, 24 биле во скратена постапка.

Собранието добро котира во поглед на неговиот надзор врз извршната власт, односно ги исполнува 83% од критериумите, што е полошо само од Црна Гора (93%) и Албанија (88%). Собраниската контрола е преку пратеничките прашања, интерпелацијата, надозорните расправи и други.

Анализите се спроведени од декември 2017 до март 2018 година, и поради тоа не е земено предвид усвојувањето на Етичкиот кодекс на пратениците, кое се случи на 11 јуни годинава.


Денеска собраниска седница за пратенички прашања


Скопје, 26 јули, 2018 - 9:17 (META) 

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 55. седница на која на дневен ред се поставување пратенички прашања.

Седница за поставување пратенички прашања се одржува секој последен четврток во месецот. Пратениците ќе им поставуваат прашања на премиерот и на министрите според вообичаената практика. Па така први за поставување пратенички прашања се пратениците од опозициските партии.


Седница за пратенички прашања денеска


Скопје, 2 јули, 2018 - 9:18 (META) 

Собранието денеска ќе одржи седница за пратенички прашања, на која ќе пратениците ќе им поставуваат прашања на премиерот и на министрите. По правило седницата се одржува секој последен четврток во месецот, но редовниот термин минатата седмица беше поместен за денеска, поради патувањето на премиерот Зоран Заев во Брисел.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска треба да одржи и редовна средба со координаторите на пратеничките групи, за да се утврди дали в четврток или в петок ќе има седница на која повторно треба да се гласа законот за ратификација на Договорот со Грција за спорот за името.

Исто така, денеска на седница на собраниската Комисија за европски прашања, австриската амбасадорка Ренате Коблер ќе ги претстави Програмата и приоритетите за работата на австриското претседателството со Советот на ЕУ.


Заев: Не преговараме веќе за Република Илинденска Македонија


Скопје, 31 мај, 2018 - 13:21 (META) 

Предлогот Република Илинденска Македонија беше одбиен и од грчката страна, и од македонската опозиција, и поради тоа не можеше да се продолжат преговорите со тоа име, рече премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието поставено од ВМРО-ДПМНЕ за предлогот за името.

– Блиску сме до можно решение во спорот за името со Грција. Треба да бидеме внимателни да не се наштети на процесот. Јас вчера кажав некои детали за процесот. Јас и премиерот Ципрас се договоривме за „Република Илинденска Македонија“. Заклучивме дека треба да го провериме дома дали е прифатлив тој предлог. Во Грција не помина. Бидејќи го одби опозицијата не разговараме понатаму за Илинденска Македонија. Важен е референдумот, треба и граѓаните да се произнесат. Чувствително е, но решение мора да се најде – рече Заев.

Заев не одговори на дополнителното прашање дали Македонија прифатила ерга омнес и за сите други предлози на медијаторот во спорот за името со Грција Метју Нимиц.


Заев: Тениските игралишта на ВМРО-ДПМНЕ сега служат за пасење крави


Скопје, 26 април, 2018 - 17:13 (META) 

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Трајчо Димков, на седницата за пратенички прашања го праша премиерот Зоран Заев дали директорот на Aгенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, ќе поднесе оставка поради низата скандали во Агенцијата меѓу кои е и збирката песни, за која рече дека има елементи на дискриминација.

– Збирката има скандалозна содржина а директорот Дарко Каевски се потпишал како уредник со што ја презел објективната одговорност. Наместо објаснување од типот „не сме знаеле“, Каевски да каже како ги разбрал стиховите – рече Димков.

Заев рече дека директорот на Агенцијата за млади и спорт, Каевски е одличен кадар и дека ќе остане на таа функција, а за содржината на збирката ја обвини комисијата за која рече не си ја завршила работата.

– Сме имале можност и приватно и водејќи јавни институции да поддржиме одредени изданија. Не е должност ниту имаме време сето тоа да го читаме. Добро е што се поддржуваат млади и добро е што се формирала Комисија но таа не си ја завршила работата. Ова не е причина за одговорност на директорот, кој што е одличен кадар и добро си ја врши работата. Сметам дека Дарко Каевски треба да остане на функцијата. Ако има минимум сомневања за Каевски или за било кој друг, органите да отворат истрага. Не можеме да почнеме со работа од сите бандитски работи кои што се случувале во Македонија, само читајте ги извештаите на државните ревизии и ќе видите – вели Заев.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ не се грижела за младите и за спортот во Македонија и дека дел од тениските игралишта се граделе заради само заради бизнис интереси и провизии, а сега служат пасење на кравите и овците во Македонија. Според него, благодарејќи на стопирањето на забеганите криминални проекти на ВМРО-ДПМНЕ, сега има повеќе пари за спортот.


Заев за „Монструм“: Немав право да објавам податоци, но ги покажав на родител кој изгубил дете


Скопје, 26 април, 2018 - 13:14 (META) 

Во прислушуваните материјали имаше сериозни индиции за случајот „Монструм“ и јас сите материјали ги предадов во СЈО, рече премиерот Зоран Заев во Собранието како одговор на прашање од пратеникот Зоран Илиевски кој го праша дали чувствува морална одговорност што ги манипулирал родителите на загинатите деца.

– Правото и правната држава се подобрени во државата. Во овие 10 месеци немало договарање пресуди, судски интервенции и уништување фамилии. Тоа веќе нема да се случи. Прашањето е зошто претходната влада криеше убиства. Власта договарала апсење на луѓе без докази, спакувала агенда за да има добра приказна за јавноста. За Смилковско езеро ако имаше конкретни докази верувајте, како секоја „бомба“ така и таа „бомба“ ќе ја објавев до крај. Но, таму има сериозни индиции и сите материјали ги предадов во СЈО. Таткото на едно од загинатите момчиња имаше можност да види разговор помеѓу обвинетиот Фејзи Азири и Невзат Бејта кој беше за субвенции. Тој тоа го виде и ги виде телефоните кои што наводно беа скриени. Немав право јавно да објавувам такви податоци, но имав право да ги покажам на родител кој што изгубил дете. Има и дополнителни докази кои што треба да се истражат, апсолутно нема криење на ништо – рече Заев.

Пратеникот Илиоски го праша премиерот и за работењето на „Фени“ како и за индициите за корупција кои се појавија во изминатиот период а кои се поврзуваат со вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

– Во ваше време некој го препокривал работењето во „Фени“, во ваше време некој премижувал дека се испумпуваат пари во странство, две години немало завршна сметка, а тоа се најважните причини зошто „Фени“ беше пред ликвидација. Корупцијата била здружена со власта. Бивш министер организирал превоз, а бивши директор на УБК бил главен за рудата и за се. Сега ситуацијата со „Фени“ е многу подобрена, исплатени се обврските кон банките, во најголем дел и обврските во однос на државата – рече Заев.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев побара 15 минути пауза затоа што, како што рече во Собранието имало само 13 претставници на власта. На ова спикерот Џафери му рече дека грешка е ако мисли дека тој како претседател на Собранието ќе биде курир и дополни дека некои од министрите оправдано се отсутни поради работни обврски а некои од замениците министри се во оставки и не можат да дојдат.

– Вие имате право да поставите прашање писмено до секој отсутен функционер. Премиерот за разлика од порано, е тука на време. Ако некој се има навикнато да се чека по саат време овде тоа е друга работа. Јас ве разбирам дека можеби немате што да прашувате, па си давате можност мене да ми реплицирате. Имате легитимно право да се откажете од поставување прашање ако немате што да прашате – додаде Џафери.