ВМРО-ДПМНЕ: Со вака формулирано референдумско прашање се крши законот


Скопје, 31 јули, 2018 - 10:00 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ реагираат на соопштението на СДСМ за референдумот и велат дека „граѓаните нема да го прифатат Договорот со Грција, бидејќи е штетен.“

„Доколку договорот беше добар, Зоран Заев немаше да ја потценува јавноста и согласно закон ќе поставеа едно, јасно и недвосмислено прашање на референдум. СДСМ со вака формулираното референдумско прашање го прекрши Законот за референдум, односно членот 15 каде се вели дека „Прашањето на гласачкото ливче мора да биде прецизно формулирано и недвосмислено, така што граѓанинот на референдум да може да одговори со „за“ или „против““, се вели во соопштението.


Заев: Опозицијата да ги повика граѓаните да излезат на референдумот


Скопје, 30 јули, 2018 - 13:46 (META) 

Премиерот Зоран Заев очекува поддршка од пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието за отпочнување на иницијативата за референдумот. Од кумановско Черкези, премиерот повтори дека 30 септември е таргетираниот датум за одржување на референдумот.

– Тоа што јас го знам е дека процедурите се отпочнати во Собранието. Оттаму веројатно денеска ќе има информации. Она што јас сум информиран во консултација со пратеничката група на СДСМ, ДУИ и сите други пратенички групи и пратеници од мнозинството, огромно е мнозинството на пратеници кои со свој потпис стојат зад отпочнување на иницијативата за распишување на референдумот – изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање.

Тој ја повика опозицијата да се вклучи и да ги повика граѓаните да излезат на референдумот.

– Знам дека прашањето е тоа кое што го објавивме – Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, знам дека референдумот ќе биде консултативен и уште еднаш само ја користам приликата опозицијата навистина да се вклучи и да повика на гласање за да можат граѓаните да излезат масовно и да го кажат својот глас – изјави Заев.

Премиерот Заев нагласи дека ова е историска одлука што ја дефинира иднината на државата.
Премиерот нагласи дека сите чинители во општеството се должни да создадат услови за граѓаните доволно да бидат мотивирани да излезат и да гласаат и да дадат поддршка, со што ќе се заокружи 27- годишната аспирација на државата кон НАТО и ЕУ.

– Јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат и знам дека ќе успее референдумот – додаде Заев.


Зекири: Со или без ВМРО-ДПМНЕ референдумот ќе биде распишан


Скопје, 30 јули, 2018 - 11:35 (META) 

Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири, вели дека денес со или без ВМРО-ДПМНЕ ќе биде распишан референдумот, а потврди дека истиот ќе биде одржан на 30 септември.

Коментирајќи ја изјавата на Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ кој рече доколку овој договор не биде усвоен опозицијата ќе постигне подобар договор со Грција, Зекири вели дека е смешно да се слуша тоа.
-Имаа цели 11 години за да склучат договор. Трагично, но и смешно е да се слуша тоа. Македонија нема друга опција освен да го усвои овој договор и да биде членка на НАТО и ЕУ – изјави Зекири.

Околу тоа како ќе биде формулирано прашањето за референдумот, Зекири рече дека се уште се разгледуваат можностите, но дека имаат драфт верзија, односно посочи дека во него со сигурност ќе стои делот „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ“.


Мицкоски: Референдумското прашање мора да е поврзано со Договорот со Грција


Скопје, 23 јули, 2018 - 19:34 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ бара референдумското прашање да е поврзано со Договорот со Грција, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по завршувањето на лидерската средба во Клубот на пратеници и рече дека премиерот Зоран Заев е во паника и шири невистини.

Тој рече дека со власта има сериозно разединување за прашањето кое ќе биде поставено на референдумот. Според него, ВМРО-ДПМНЕ не може да се сложи со прашање коешто ќе биде повеќезначно, односно ќе има повеќе значења туку со прашање кое би се однесувало на Договорот со Грција.

– Нашата позиција е јасна и таа е партиски став дека референдумското прашање мора да биде еднозначно што впрочем го дефинира и самиот Закон за референдум, но и самиот Устав, односно да има едно значење, а не да биде поврзувано со повеќе значења. Имавме приближување околу ставовите дека успешен се смета оној референдум според Уставот на кои се исполнети два кумулативни услови. И тоа првиот услов да излезеноста на таквиот референдум биде поголема односно да биде 50 отсто плус еден, и минимум 50 отсто плус еден од тие што излегле на тој референдум да гласа „за“ или „против“ на евентуалното референдумско прашање – рече Мицкоски.

На новинарско прашање дали ВМРО-ДПМНЕ ќе го бојкотира референдумот доколку не постигнат договор со владејачкото мнозинство за референдумското прашање, Мицкоски рече дека не би можел да одговара на хипотетички прашања.


„Дали сте за ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот за името“, е можното референдумско прашање


Скопје, 19 јули, 2018 - 9:30 (META) 

Премиерот Зоран Заев по лидерската средба синоќа, информираше дека можното прашање на референдумот ќе биде – „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“. Tој рече дека референдумот ќе биде консултативен и за денеска попладне најави нова лидерска средба.

Заев посочи дека разговарал со лидерите на сите партии освен на ВМРО-ДПМНЕ, чиј лидер Христијан Мицкоски ја напушти средбата по околу еден час од нејзиниот почеток. Тој потенцираше дека сите што останале на лидерската средба се за влез во ЕУ и во НАТО и за успешен референдум како процес.

– Разговаравме и за насоката на која не упатува членот 27 од Законот за референдум, според кој во услови кога Собранието допрва треба да донесе некоја исклучителна важна одлука за иднината потребно е референдумот да биде консултативен со цел граѓаните на Република Македонија да бидат консултирани за вака важно прашање пред да биде донесена одлуката, а согласно договорот со Грција тоа е одлуката за уставни промени – рече Заев.

Одлуката, додаде Заев, се смета за конечна, доколку на референдумот излезат најмалку 50 проценти од вкупниот број на запишани избирачи во Избирачкиот список и таа ќе биде обврзувачка за сите политички чинители во Собранието.

Во однос на датумот кога ќе се одржи референдумот, Заев повтори дека треба да биде распишан 60 до 90 дена пред одржувањето, но додаде дека планот е некаде кон средината на јануари да се заврши со сите постапки при успешен референдум, со што ќе се овозможи Парламентот во Грција да гласа за Договорот.

На прашањето за предвремени избори рече дека изборите се секогаш опција, но додаде дека тие во моментов не се поволност.

-Сите знаеме што значат изборите, неколкумесечно уназадување, а трендот е одличен во Македонија заради тоа што во овој момент имаме покана за НАТО, добиваме датум за преговори со ЕУ и треба да бидеме паметни сето ова да го искористиме за економскиот стандард на граѓаните, за инвестиции, за придвижување, охрабрување на институциите – изјави Заев и појасни дека според него, треба да се оди на редовни избори.


„Дали сте за ЕУ и НАТО поддржувајќи го името Северна Македонија“, e можно прашање вели Заев


Атина, 6 јули, 2018 - 10:42 (META) 

Заев во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ истакна дека три датуми се во игра за референдумот– 23 септември, 30 септември или 7 октомври.

Тој изрази уверување дека референдумот ќе биде успешен и дека граѓаните ќе се изјаснат позитивно, а бидејќи тој ќе има обврзувачки карактер, ќе мора да биде прифатен од сите, па дури и од претседателот Ѓорге Иванов Иванов.

– Народот убеден сум дека ќе биде „за“ договорот со Грција заради тоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за Европската Унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“. Веројатно во тој правец ќе биде заради тоа што едно со друго кај нас е поврзано и од таков аспект граѓаните кога ќе го дадат својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или можеби прашањето ќе биде „Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни – изјави Заев во интервју за грчката телевизија.

Македонскиот премиер вели дека доказ дека договорот е фер и правичен е што двете опозиции и во Македонија и во Грција се критички кон решението, а тоа значи дека двете страни подеднакво отстапиле или подеднакво добиле.


Заев: Референдумското прашање ќе се знае по поканата за НАТО


Прилеп, 3 јули, 2018 - 14:27 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека референдумското прашање сè уште не се знае и додаде дека со партиите и со граѓанскиот сектор ќе се утврди дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но дека во секој случај резултатот ќе биде задолжителен.

– За ова прашање немаме разговарано. Веројатно, чекаме да завршат интеграциите, односно 11 и 12 јули кога се нашите очекувања за поканата во НАТО алијансата. Веднаш потоа државата ќе ја отвори дебатата, ќе го утврдиме веројатно и терминот за одржување на референдумот, референдумското прашање и стилот на самиот референдум – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање во Прилеп.

Најверојатно, како што додаде, ќе останат роковите, крајот на септември и почетокот на октомври за референдумот и во тоа ќе помогнат Државната изборна комисија и експертите во Парламентот.

– Заедно со сите политички чинители и со граѓанскиот сектор ќе одлучиме дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но она што треба сите да го знаат е дека резултатот ќе биде задолжителен. Тоа значи, ако референдумот помине ќе треба да ја почитуваме волјата на граѓаните, да гласаме во Парламентот и да работиме, особено на реформите и на процесите кои следуваат – рече Заев.

Премиерот нагласи дека во прашањето ќе бидат Договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО.

Според него, најверојатно до крајот на неделата собраниската Комисија за избори и именувања ќе ги именува членовите на ДИК.

– Она што го слушнав вчера, додека беа пратеничките прашања, е дека чекаме на одлука на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ги утврди своите претставници, како и ДУИ. Веројатно помалата опозициска партија го има тоа направено и како што ме информираа координаторите на пратеничките групи, тоа ќе се заврши – рече Заев.


Заев: Нацрт-спогодбата со Грција содржи само технички аспекти, за деталите ќе разговараме


Скопје, 20 март, 2018 - 16:21 (META) 

Премиерот Зоран Заев, за посетата на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас изјави дека ваквите билатерални средби може да бидат само од помош на преговарачкиот процес кој се води под водство на ОН со Метју Нимиц.

Тој додаде дека средбата е возвратна на посетата на нашиот министер Никола Димитров кој ја направи летово во Солун.

– Оваа средба е важна затоа што имаме слетување на нашиот аеродром од страна на министерот за надворешни работи на Грција. Тоа за мене е и мерка на градење на доверба. Тоа е исчекор за пријателството кое го создаваме. Знам дека ќе има и работна вечера заедно со министерот и тимовите на двете страни, ќе има билатерални состаноци и на работни групи во МНР, но ќе има состанок со мене и со други високи политички претставници во државата – одговори Заев на новинарско прашање.

Премиерот додаде дека формулациите за името, употребата, широчината, идентитетските прашања, кодовите се уште се на маса за преговори и тие се оставени како празни полиња, како што се оставени и од грчка страна.

– Деталите нема да ги кажам заради тоа што, деталите се од технички аспект на организирање на структура на меѓународен договор. Знаете дека нема ништо ново од последната средба од Виена, односно нема помрднување во позициите, а согласно тоа, не може да биде ништо ставено во какви било документи кои се на маса за разгледување – додаде Заев.

Тој објасни дека во однос на името „Горна Македонија“ со Грција немаат зборувано за која точно географска одредница се работи.

– Немаме разговарано за конкретно име ниту од наша ниту од нивна страна – додаде Заев.


ВМРО-ДПМНЕ го осуди обидот за замолкнување на медиумите


Скопје, 2 февруари, 2018 - 17:04 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение „најостро го осуди однесувањето на МНР“ и „обидот за замолкнување на медиумите професионално да си ја вршат својата новинарска работа“ во врска со вчерашниот настан кога службеник од МНР се обидел да го спречи новинарот на „ТВ 21“ да постави прашање на прес-конференцијата со Метју Нимиц.

„Упатените закани за одземање на акредитација се несфатливи и недозволиви за една државна институција. Денешното извинување не е доволно. Одговорност мора да има, а ваквите постапки соодветно да се санкционираат за да не се повторуваат во иднина. Новинарите мораат да бидат ослободени од секакви закани и притисоци кои ќе влијаат врз нивната работа. Темите кои се од прашање од интерес на јавноста не смеат да бидат вака грубо замолчувани од страна на власта“, велат од опозициската партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ апелираат во иднина да им биде дозволено на новинарите непречено да си ја извршуваат својата работа, а институциите да се стават во заштита на слободата на изразувањето.


МНР се извини за „несоодветниот однос“ кон новинарот на „ТВ 21“


Скопје, 2 февруари, 2018 - 15:01 (META) 

На прес-конференциите во МНР, особено кога има меѓународни претставници каде нивната агенда го ограничува времето на настанот, објективно немаме можност да обезбедиме простор сите прашања да се постават на лице место, велат од Министерството за надворешни работи за вчерашниот настан кога службеник од МНР се обидел да го спречи новинарот на „ТВ 21“ да постави прашање на прес-конференцијата со Метју Нимиц.

„Вработените во службата за односи со јавност се задолжени за водење на прес-конференциите, што понекогаш подразбира адекватно одредување приоритет на редоследот на прашањата согласно праксата на МНР. Жалиме доколку тоа понекогаш предизвикува непријатности за домашните редакции, а особено се извинуваме што за време на последната прес-конференција, некој од вработените во службата за односи со јавност постапил несоодветно и предизвикал новинар да се чувствува непријатно при вршењето на своите задачи. Тоа не е наша намера, напротив, сакаме новинарите да го чувствуваат МНР како институција – партнер, која ги обезбедува најсоодветните услови за нивна работа. Во конкретниот случај, новинарот од редакцијата постави прашање на кое што му беше одговорено, при тоа, земајќи збор на новинар од странски медиум кој што веќе поставуваше прашање, што во секој случај не е оправдување за нашата грешка“, велат од Министерството.

Во соопштението се вели дека од МНР се обратиле до главниот и одговорен уредник на редакцијата за да се извинат за ситуацијата.

Од таму додаваат дека ја разгледуваат можноста да го ревидираат системот на давање збор на прес-конфренции, за како што велат, поефикасно искористување на времето поставено за прашања.

„Во комуникација сме со редакциите како и со релевантните новинарски здруженија, со кои работиме на тоа да овозможиме уште подобра работна атмосфера. Тоа е процес во кој сите предлози се добредојдени и бараат професионализам и посветеност од сите засегнати страни“, додаваат од МНР.