!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Почнува „Самит 100“, со бизнис-лидери од ЈИЕ и со петмина премиери


Скопје, 16 октомври, 2017 - 10:11 (META) 

Шестиот „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа се одржува денеска и утре во хотел „Мериот“ во Скопје.

На самиотот ќе учествуваат 100 реномирани бизнис-лидери, но и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, и македонскиот премиер, Зоран Заев.

„Самит 100“ на бизнис-лидерите на Југоисточна Европа првпат се одржува во Скопје. Централната тема оваа година е „Поврзаност“, која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и низ панел-дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилност на луѓе и на идеи, енергија и дигитализација.

Самитот ќе го отворат Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“ АД – Скопје и претседател на управниот одбор на „Самит 100“, и претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.


„Самит 100“ ќе почне утре, ќе учествуваат бизнисмени и премиери на држави од регионот


Скопје, 15 октомври, 2017 - 18:01 (META) 

Шестиот годишен „Самит 100“ за бизнис-лидери од Југоисточна Европа ќе се одржи утре и задутре (16 и 17 октомври) во хотел „Мериот“ во Скопје.

На овој настан ќе учествуваат 100 реномирани бизнис-лидери, но и премиерите на Албанија, Еди Рама, на Црна Гора, Душко Марковиќ, претседавачот со советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, како и македонскиот премиер, Зоран Заев.

Посебно обраќање на овој исклучително значаен регионален настан ќе има и еврокомесарката за транспорт, Виолета Булц.

„Самит 100“ на бизнис-лидерите на Југоисточна Европа првпат се одржува во Скопје. Централната тема оваа година е „Поврзаност“, која ќе се разгледува низ настапи, презентации, работилници и низ панел-дебати во сферите како што се транспортот и слободната трговија, зелен Балкан, инфраструктура, брендирање и промоција на регионот, мобилност на луѓе и на идеи, енергија и дигитализација.


Акција на турската полиција за апсење на 70 војници поради поврзаност со Ѓулен


Анкара, 10 октомври, 2017 - 12:00 (META) 

Турската полиција денеска почнала акција за апсење на 70 војници обвинети за поврзаност со имамот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а кого властите во Анката го обвинуваат дека го организирал минатогодишниот обид за воен удар, јавуваат турските агенции.

Акции против приврзаници на Ѓулен во Турција се спроведуваат речиси секој ден, веќе 15 месеци, а само минатата седмица беа приведени околу 800 лица.

Ѓулен досега ги демантираше сите обвинување дека стои зад обидот за воен удар, кој се случи во јули минатата година.

Цел на денешната полициска акција, која, според агенциите, се спроведува во градот Конија, во централниор дел на Анадолија, и во уште седум провинции, се и двајца полковници, седум капетани и 36 поручници.

Шеесет и двајца од осомничените се припадници на турското воздухопловство, а некои од нив се и пилоти. Полицијата врши претреси во нивните домови и на работните места.

Повеќе од 50.000 лица во притвор го чекаат судењето против нив поради повразност со Ѓулен, а 150.000 лица се отпуштени или суспендирани од работните места во јавниот и во приватниот сектор.

Обидот за воен удар во Турција се случи на 15 јули минатата година, а во судирите загинаа 250 лица.


АВМУ: Известувањето на „ТВ Нова“ и на „Алфа“ укажува на поврзаност на уредувачките политики


Скопје, 21 септември, 2017 - 21:16 (META) 

Повеќето телевизии и радија се придржуваат кон професионалните стандарди, покажува четвртиот десетдневен извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) од мониторингот на медиумското известување за локалните избори, во периодот од 6 до 15 септември.

Сепак, велат од Агенцијата, кај дел од програмските сервиси се забележува отстапување од стандардите.

Според извештајот, начинот на известување на „ТВ Нова“ и „ТВ Алфа“ укажува на можна поврзаност на уредувачките политики, особено за одредени теми.

„Начинот на известување на ‘ТВ Алфа’ и ‘ТВ Нова’ укажува на прекршување на начелото за објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења, а се забележуваат и елементи кои индицираат можна поврзаност на уредувачките политики – особено во начинот на третирање на темата за мигрантите, за заминување на странски инвеститори од Македонија, објавувањето наводна анкета на МЦМС кој негира дека ја спровел и концентрирање на трансмисија на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од АВМУ.

Извештајот нотира дека првиот програмски сервис на Македонската радиотелевизија – МРТ 1, при информирањето за политичките партии, целосно бил фокусиран на двете најголеми партии – од опозицијата и од власта, и речиси и да не информирал за другите партии и независни кандидати, кои, исто така, подготвуваат кандидатски листи и имаат активности.

Општа констатација во извештајот е дека покрај редовните секојдневни информации, медиумите ја обработуваат темата за локалните избори, се повеќе применувајќи аналитички пристап.


СЈО до ВМРО-ДПМНЕ: Не сме поврзани со СДСМ, туку сме институција за која гласавте и вие


Скопје, 16 март, 2017 - 15:00 (META) 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги демантира наводите за негова поврзаност со СДСМ, во реакција на денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ за притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“.

Од СЈО потсетуваат дека тоа е независна е професионална институција, за чие формирање во Собранието на Република Македонија гласаа 111 пратеници.

– Најостро ги демантираме наводите за поврзаност на ова јавно обвинителство со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, искажани во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа пригода укажуваме дека ова јавното обвинителство, како независна и професионална институција, е формирано со Закон за кој во Собранието на Република Македонија гласаа вкупно 111 пратеници, вклучително и пратениците од партијата ВМРО-ДПМНЕ – стои во реакцијата на Специјалното јавно обвинителство.

ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение го нарече СЈО партиски разгранок на СДСМ и се закани дека „незаконското одредување притвор под притисок на СЈО, СДСМ и на Заев, на сопственикот на телевизијата „Нова“, дополнително и многу сериозно ќе ја продлабочи политичката криза во земјата“.


Уапсени 22 лица за терористичкиот напад во Анкара


Анкара, 21 февруари, 2016 - 9:57 (META) 

Турската полиција уапсила 22 лица во рамките на истрагата за терористичкиот напад во Анкара, кој се случи на 17 февруари, а во кој загинаа 28 луѓе, соопшти турскиот премиер Ахмет Давутоглу, јавуваат агенциите.

Според Давутоглу, припадниците на групата што стои зад нападот е поврзана со курдската работничка партија и силите за самоодбрана на сириските Курди.

„Во рамките на истрагата за терористичкиот напад во Анкара уапсени се 22 лица. Во текот на истрагата прецизно беа утврдени припадниците на организираната група поврзана со работничката партија на Курдистан и со силите за самоодбрана на сириските Курди. Утврдени се сите виновници, земени се податоци, а врската на главните осомничени со силите на сириските Курди е откриена“, изјавил Давутоглу.

Турскиот премиер додал дека развиениот систем на базата на отпечатоци од прсти, што ја имаат безбедносните служби, помогнал во пронаоѓањето и во апсењето на осомничените за нападот.

Лицето што го извршило нападот, според Давутоглу, во Турција влегло пред една и пол година и претходно немало кривично досие.

Експлозијата на автомобилот-бомба се случи во средата на фреквентна раскрсница во центарот на Анкара, недалеку од зградата на парламентот, генералштабот на турската армија и од воениот комплекс. Во нападот загинаа 28 лица, а 80 беа ранети.


МВР: Проверуваме дали полицајци соработувале со осомничените во „Чекан“


Скопје, 13 декември, 2014 - 17:33 (META) 

Од Министерството за внатрешни работи денеска соопштија дека ги проверуваат индициите за можна поврзаност на вработени во гостиварската полиција и во други државни институции со осомничените што беа уапсени во акцијата „Чекан“.

– МВР почна со проверки и на работењето на надлежните државни институции, вклучувајќи ја и локалната полиција. Постојат индиции дека е можно службени лица од МВР, но и од други институции, на некој начин да соработувале со членови на оваа група, односно да им прогледувале низ прсти и да не постапувале во согласност со овластувањата што ги имаат – изјави портпаролот на МВР, Иво Котевски.

МВР, во полициската акција „Чекан“, оваа недела уапси 15, од вкупно 19 лица, осомничени дека се членови и помагачи на криминална група, која од 2008 година дејствувала во Гостивар.

Осомничените членови на групата се товарат за злосторничко здружување, лихварство и за перење пари.