!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полицаец застрелал двајца малолетници во Струмица, обвинителството врши увид


Струмица, 12 август, 2017 - 12:01 (META) 

Полицаец синоќа со службениот пиштол застрелал двајца малолетници во Струмица, од кои едниот со тешки повреди бил хоспитализиран на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје (КАРИЛ), а на другиот му бил извршен оперативен зафат во струмичката болница.

Од Јавното обвинителство соопштија дека денеска надлежен јавен обвинител од ОЈО Струмица ќе продолжи со увидот во близина на Градската капела во Струмица, каде се случил инцидентот.

Според првичните информации, што ги соопшти обвинителството, до инцидентот дошло кога екипи од СВР Струмица се обиделе да го сопрат возилото во кое биле двајцата малолетници, а за кои претходно било пријавено дека се обиделе да извршат кражба на чамец во близина на браната Мантово.

Малолетниците на два пати ја избегнале полициската патрола и не застанале, а потоа биле пресретнати од друго полициско возило на споредниот пат кај Градската капела. Од обвинителството велат дека и понатаму се работи на расветлување на начинот на кој дошло до пукањето.

„Едното малолетно лице со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош уште синоќа беше префрлено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, додека над вториот малолетник е извршен оперативен зафат во болницата во Струмица и тој се наоѓа во добра општа состојба“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Во увидот се вклучени екипи од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи од Скопје, а издадени биле и наредби за анализа на биолошки траги, балистичко вештачење, како и вештачење на папиларните линии (отисоци од прсти) подигнати на местото.

Од сите инволвирани во инцидентот биле земени примероци од крв и урина и парафински ракавици, а полицаецот од чие оружје било пукано е задржан во полициската станица во Струмица.

Во текот на денот, во Основното јавно обвинителство Струмица ќе бидат сослушани сведоци на настанот.


Немири во парламентот во Венецуела, повредени неколку пратеници


Каракас, 5 јули, 2017 - 21:02 (META) 

Десетици провладини активисти упаднаа во седиштето на венецуелскиот парламент кој го контролира опозицијата.

Тие упаднале во зградата на парламентот додека траела специјалната седница по повод националниот ден на независноста.

Напаѓачите мавале со стапови, фрлале петарди и предизвикале хаос, при што повредени се неколку пратеници и новинари, од кои се појавија слики со раскрвавени лица.

Опозицијата во Венецуела планира да организира неофицијален референдум на крајот на овој месец за контроверзниот план на претседателот Николас Мадуро да го промени уставот на државата.


Во експлозија, повреден поранешниот грчки премиер Пападимос


Атина, 25 мај, 2017 - 19:51 (META) 

Поранешниот грчки премиер Лукас Пападимос е повреден во експлозија на писмо-бомба во неговиот автомобил во центарот на Атина. Поранешниот премиер е надвор од животна опасност. Експлозивниот материјал бил поставен во писмо адресирано до Пападимос и експлодирал при отворање, додека тој се возел низ градот.

Во експлозијата се повредени Пападимос, неговиот возач и еден член на неговото обезбедување од грчката Народна банка, кои биле со него во автомобилот.

Повредите не се сериозни по живот, но тројцата се префрлени во една од поголемите болници во Атина. Според информациите во Грција, Пападимос ќе биде опериран со цел, темелно да му бидат исчистени раните. Поранешниот премиер според информациите е повреден во делот на нозете, градниот кош и стомакот.

Благодарение на тоа што автомобилот бил блиндиран, експлозијата не предизвикала штети надвор од возилото.

Пападимос е поранешен заменик-претседател на Европската централна банка и поранешен технички премиер на Грција, кој за време на оваа функција беше главно воздржан од политички изјави и посветен на спроведување на мерките договорени со кредиторите.

Во Грција последнава година има зачестени напади на функционери, судии и официјални институции, а за поголемиот дел од нив одговорност презема терористичката организација „Огнени јадра“ како реакција против политиката на грчките влади во соработка со меѓународните кредитори. Неодамна писма со експлозивна содржина со грчки печат беа испратени и до неколку европски функционери.


Шекеринска: ОЈО да не стане соучесник во политичкото насилство


Скопје, 15 мај, 2017 - 14:41 (META) 

Во Обвинителството го раскажав настаните што се случија во Собранието и дека тој ден луѓето присутни таму, особено пратениците, беа цел на еден крвнички напад, за некои од нив и да го изгубат животот, изјави Радмила Шекеринска, заменик-претседателката на СДСМ, при излегувањето ОЈО, каде што денеска даваше исказ за насилните случувања на 27 април во Собранието.

– Ги кажав сите информации што се однесуваат на двојниот напад што го претрпев. Овие настани, мислам дека долго време ќе останат во нас, како потсетување за тоа што сè може да се случи кога насилници не сакаат да ја предадат власта. Пораката што сакам и денеска да ја упатам до Јавното обвинителство на Република Македонија е дека е неприфатливо кога група насилници ги напаѓаат нашиот живот, здравје, егзистенција, не само како пратеници, туку, пред сè како граѓани на оваа држава. Кога нè напаѓаат со тешки предмети, кога нè напаѓаат за да не убијат, не може единственото дело за кое ќе се процесираат, да биде учество во толпа – рече Шекеринска.

Според Шекеринска, доколку ОЈО продолжи да ги минимизира сериозните напади, ќе стане соучесник во политичкото насилство.


Едно лице почина во сообраќајна несреќа на регионалниот пат Скопје – Тетово


Тетово, 9 мај, 2017 - 18:52 (META) 

Попладнево, околу 18 часот, едно лице го загуби животот во сообраќајна несреќа на регионалниот пат Скопје – Тетово, на надвозникот за село Добарце.

Несреќата се случила кога, од засега непознати причини, автомобил „цитроен ц3“ со тетовски регистарски таблички излетал од патот.

Во несреќата починал 68-годишниот тетовец М.Т., кој од ударот излетал од автомобилот.

Во сообраќајната несреќа, тешки телесни повреди добил и 74-годишниот тетовец М.Д., кој поради сериозноста на повредите итно е пренесан на Ургентен центар во Скопје.

Полицијата врши увид на местото на несреќата.


Дваесетгодишно момче загина во сообраќајна несреќа во Охрид


Охрид, 7 мај, 2017 - 12:35 (META) 

Едно лице го загуби животот во тешката сообраќајна несреќа што рано утрово, во пет часот, се случи на регионалниот пат Свети Наум – Охрид, во близина на Хидро-биолошкиот завод, информира СВР-Охрид.

„Од добиените повреди, на местото на настанот животот го загуби Дејан Т. (20), додека тешки телесни повреди добил Р.Д. (25), двајцата од Охрид. Поради тешките повреди и сериозната здравствена состојба, Р.Д. е префрлен на хируршкото оделение во Општата болница во Охрид каде е задржан на понатамошно лекување. На истото одделение, но со полесни повреди се наоѓа и Ж.П. (22) од Охрид“, велат од СВР-Охрид.

Сега починатиот, заедно со двете повредени лица, се наоѓал во автомобил „опел корса“ и по регионалниот пат се движел од Рача кон Охрид. Р.Д., кој го управувал автомобилот, изгубил контрола врз возилото, излетал на десната страна надвор од коловозот, удрил во ивичник од патот, а потоа и во електричен столб. Од ударот, возилото се извртело и повторно се вратило на коловозната лента.

На местото на сообраќајната несреќа, извршен е увид во присуство на јавен обвинител и полициски екипи од СВР Охрид и подигнати се траги за вештачење. За време на увидот, сообраќајот беше пренасочен и се одвиваше по една сообраќајна лента.


Хојт Ји денеска и утре на средби со Иванов, Џафери и со лидерите на партиите


Скопје, 30 април, 2017 - 10:12 (META) 

Заменик-помошникот државен секретар за Европа и за Евроазија во Стејт департментот, Хојт Брајан Ји, денеска пристигнува во Скопје, каде во текот на денешниот и на утрешниот ден треба да се сретне со претседателот Ѓорге Иванов, лидерите на политичките партии и, како што велат од Амбасадата на САД, со „претседателот на Собранието Талат Џафери“.

Од американската амбасада информираат дека Ји освен со Иванов и со Џафери, ќе се сретне и со Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети, Билал Касами, Весел Мемеди и со Мендух Тачи, како и со претставници на граѓанското општество и на дипломатската заедница. На состаноците ќе се разговара за статусот на формирање влада, билатералните односи и за реформите потребни за евроатлантска интеграција.

Дел од политичарите со кои треба да се сретне Хојт Ји се повредени при насилните инциденти во Собранието пред три дена, кога група граѓани, присутни на протестот на т.н. иницијатива „За заедничка Македонија“, упаднаа во законодавниот дом при што повредени беа пратеници, новинари, полицајци и граѓани.

На агендата на Хојт Ји не се наоѓа најтешко повредениот пратеник, лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, кој со потешки повреди прво беше хоспитализиран на КАРИЛ, а вчера беше префрлен на одделението за неврохирургија во Клиничкиот центар во Тетово. Наместо со него, Ји ќе се сретне со другиот пратеник од Алијансата за Албанците, Весел Мемеди.

Американскиот државен функционер сепак ќе се сретне со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, иако претходно беше соопштено дека таква средба нема да има. Од кабинетот на Иванов пред три дена соопштија дека претседателот поради претходно утврдени обврски е презафатен да се сретне со Хојт Ји, но по насилството во Собранието, од кабинетот на Иванов соопштија дека претходно планираните обврски од агендата на претседателот се откажани, за да може да се одржи евентуална лидерска средба, која тој ја побара ноќта за време на инцидентот во законодавниот дом.

Стејт департментот пред два дена силно го осуди нападот во Собранието и ги повика македонските власти да ја гарантираат безбедноста на сите членови на Собранието, да го испитаат темелно нападот и да ги повикаат на одговорност тие што извршиле акти на насилство.


Авион во Индија излетал од пистата, повредени 15 лица


Њу Делхи, 27 декември, 2016 - 10:11 (META) 

Авион на индиската авиокомпанија  „Џет ервејз“ се излизга од пистата на аеродромот во Гоа, на западот на Индија, а во инцидентот потешко се повредени 15 лица, соопштија индиските власти.

Сите патници биле евакуирани, јавуваат индиските медиуми.

Причината за несреќата сè уште не е позната, а во авионот кој во моментот на инцидентот се подготвувал да полета за Мумбај, се наоѓале 161 патник и членови на екипажот.

Авионот подоцна успешно полетал.

Гоа е позната по големите песочни плажи и секоја година за време на божиќните празници ја посетуваат неколку илјади туристи.


Еден загинат и еден тешко повреден во две сообраќајни несреќи кај Охрид и Струга


Охрид, 29 ноември, 2016 - 11:02 (META) 

Едно лице го загуби животот во тешка сообраќајна незгода што синоќа во 20.30 часот се случи на магистралниот пат Струга – Ќафасан во близина на селото Радолишта. Од здобиените повреди, на самото место почина Елван А.(69) од струшкото село Радолишта.

Неговата смрт, на местото на настанот била констатирана од медицинска екипа од Општа болница во Струга.

Поради неприлагодена брзина кон условите и состојбите на патот, сега починатиот изгубил контрола врз возилото, кое го управувал, преминал на спротивната страна од патот, излетал надвор од коловозот и удрил во дрво.

Во друг случај, едно лице доби тешки телесни повреди во сообраќајната незгода што синоќа во 16.45 часот се случи во близина на бензиската пумпа „Навис“ во Охрид.

Во несреќата, со тешки телесни повреди доби Г.К.(62) од Охрид, кој во критичниот момент го преминувал коловозот на место каде нема обележан пешачки премин. Притоа, врз него налетало патничко моторно возило марка „рено еспејс“ со охридски регистарски ознаки.

Поради сериозноста на повредите, пешакот Г.К. итно е префрлен во Општата болница во Охрид каде е задржан на понатамошно лекување.


Едно лице повредено при експлозија на плинска боца во Аеродром


Скопје, 27 ноември, 2016 - 14:10 (META) 

Вчера во 20.45 на булевар Јане Сандански на приземјево станбена зграда настанал пожар во стан откако експлодирала мала плинска боца за варење кафе, информираат од МВР.

Од пожарот, изгореници на нозете добила Т.З. (72) и со возило на брза помош била пренесена во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, од каде била пренесена во Ургентен центар – „Мајка Тереза“ каде ѝ биле констатирани изгореници од втор степен на долните екстремитети и била задржана на понатамошно лекување.

Во 22.30 часот, противпожарна екипа го изгаснала пожарот.

Увид ќе се изврши во текот на денешниот ден.