Возач налета на пешаци во Лондон, пет лица се повредени


Лондон, 26 февруари, 2017 - 17:30 (META) 

Пет лица се повредени откако возач налета на пешаци во југоисточен Лондон.

Лицето што управувало со автомобилот е уапсено, јави локалната полиција.

Според надлежните, најверојатно инцидентот не претставува терористички чин.


Пијан возач влета во толпа и повреди 28 лица во Њу Орлеанс


Њу Орлеанс, 26 февруари, 2017 - 10:32 (META) 

Пијан возач влета во толпа, при што 28 лица се повредени, меѓу кои и деца, јавија американски медиуми. Луѓето ја гледале главната парада на карневалот „Марди грас“ во центарот на Њу Орлеанс.

Шефот на локалната полиција, Мајкл Харисон, изјави дека не станува збор за терористички напад, туку дека возачот бил или пијан или под дејство на дрога.

– Се сомневаме дека осомничениот бил доста интоксициран – изјави Харисон.

Во инцидентот е повредена и една припадничка на полицијата на Њу Орлеанс.


Кривична пријава за чуварот на депонијата кај Буково кој тешко повреди малолетник


Охрид, 15 февруари, 2017 - 12:23 (META) 

СВР Охрид, му поднесе кривична пријава на С.Ѓ. (40), чувар на депонијата на јавното претпријатие „Охридски комуналец“, кај преминот Буково, кој, при сечење буково дрво, тешко повредил малолетно лице на возраст од 11 години од Битола.

Го товари за основи на сомнение за сторени казнени дела „предизвикување општа опасност” и ,,тешки дела против општата сигурност”.

Малолетникот заедно со неговиот татко, престојувале во шатор на депонијата Буково каде С.Ѓ. вршел сеча на дрва. Притоа, дрвото кое тој во моментот го сечел со моторна пила, паднало врз шаторот и го удрило малолетното лице во пределот на главата, од што малолетникот се здобил со фрактура на глава.

Со возило на брза медицинска помош, момчето веднаш било пренесено во болницата во Битола, но поради сериозноста на повредите, малолетникот е префрлен во Клинички центар во Скопје.


Сечејќи дрво, тешко повредил малолетно лице од Битола


Охрид, 4 февруари, 2017 - 13:57 (META) 

С.Ѓ. (40), чувар на депонијата на ЈП „Охридски комуналец“, кај преминот Буково, при сечење буково дрво, тешко повредил малолетно лице на возраст од 11 години од Битола.

СВР од Охрид, во соработка со јавен обвинител, ги презеде сите неопходни мерки во врска со казнивото дело предизвикување општа опасност, при што полициски екипи на секторот извршиле увид на депонијата Буково, а по добиена наредба извршен е претрес во домот на С.Ѓ. (40) од охридското село Велгошти, како можен сторител на казненото дело.

Според сознанијата на полициските службеници, малолетникот заедно со неговиот татко, престојувале во шатор на депонијата Буково каде С.Ѓ. вршел сеча на дрва. Притоа, дрвото кое тој во моментот го сечел со моторна пила, паднало врз шаторот и го удрило малолетното лице во пределот на главата, од што малолетникот се здобил со фрактура на глава.

Со возило на брза медицинска помош, момчето од Ресен веднаш било пренесено во болницата во Битола, но поради сериозноста на повредите, малолетникот е префрлен во Клинички центар во Скопје.
По целосно завршување на активностите поврзани со казненото дело, СВР од Охрид против С.Ѓ. ќе поднесе соодветна кривична пријава.


Скијач на Попова Шапка загубил контрола и удрил вo ски-лифт


Тетово, 30 јануари, 2017 - 14:51 (META) 

Скијач од тетовска Шипковица, завчера, околу 13 часот, добил тешки повреди на патеката Бабин извор на Попова Шапка. Префрлајќи се од една на друга патека, тој загубил контрола и удрил во пластична ограда поставена во близина на еден од неисправните ски-лифтови, при што ја пробил и завршил во челичните сајли на лифтот.

Поради сериозните повреди, пренесен е во тетовската клиничка болница, по што итно бил префрлен на скопските клиники. Укажана му е помош и пуштен е на домашно лекување.

Полицискиот билтен викендов бележи и пожар кој избувнал во подрумски простории во зграда во населбата Блок 82 во Тетово. Опожарени биле електричен шпорет, дрвени врати, неколку телевизори, видеорекордер, мотоцикл и велосипеди. Покрај тоа, оштетени се дрвените врати од уште пет други соседни подруми, како и дел од електричната инсталација.

Со интервенција на тетовските пожарникари, пожарот целосно е локализиран, а вкупната материјална штета се проценува на 90.000 денари. По извршениот увид вчера, се утврдува причината за пожарот и другите детали. Првично, најверојатна причина е оџакот кој поминувал низ подрумската просторија.


Руски воен авион принудно слетал при што се повредени 16 војници


Москва, 19 декември, 2016 - 11:20 (META) 

Во несреќа при принудно слетување на руски воен авион со 32 патника и седум членови на екипажот, повредени се 16 војници во областа Сибир.

„Сите патници и членови на екипажот се живи, а 16 лица се тешко повредени и се евакуирани во болница во Тикси“, соопшти руското министерство за одбрана.

Авионот полетал од аеродромот „Колцово“, а слетал 27 километри од селото Тикси.

Во спасувачката акција учествувале 100 војници и два хеликоптери, а во регионот каде што е пронајден авионот е прогласена вонредна состојба.

Комисија од министерството за одбрана се упатила кон Јакутиј за да ги испита деталите за присилното слетување на авионот.

 


Чичаковски: Излезноста на гласачите по изборни единици е околу 11 проценти


Скопје, 11 декември, 2016 - 11:20 (META) 

Гласачките места се отворени навреме, гласањето тече непречено и засега нема информации за некои поголеми нерегуларности, информираше претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски, на прес-конференција во ДИК.

Во однос на одзивот на гласачите по изборни единици до 10 часот, тој се движи околу 11 проценти. На ниво на целата држава, одзивот изнесува 9,49 проценти.

– Одзивот во изборната единица 1 е 11,05 проценти, во втората изборна единица е 9,70 проценти, во третата изборна единица изнесува 11,36 проценти, во четвртата изборна единица е 11,29 проценти, во изборната единица 5 изнесува 9,05 проценти и во шестата изборна единица изнесува 5,10 проценти – изјави Чичаковски.

Во однос на пријавите на граѓаните, за повреда на избирачкото право, кои утринава ги упатија до ДИК, Чичаковски истакна дека „овие приговори ќе се обработат во рок од четири часа и ќе се одлучи во однос на нив“, за што јавноста ќе биде информирана.

Податоците од гласањето во дијаспората сè уште се обработуваат и ќе бидат соопштени во текот на денот. Податоците од гласањето на затворениците, болните и на раселените лица ќе бидат соопштени по 19 часот.

Следната прес-конференција во ДИК е закажана за 14 часот.


Повредата на избирачкото право граѓаните да ја пријават кај Народниот правобранител


Скопје, 10 декември, 2016 - 15:49 (META) 

Граѓаните утре, на денот на изборите, ќе можат да пријават повреда на избирачкото право во седумте канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и во Штип, информираат од кабинетот на Народниот правобранител.

– Народниот правобранител истакнува дека избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање и дека никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право. Поради тоа, повредата на слободата на определувањето на избирачите, како и други повреди на избирачкото право се казниви дела – информираат од кабинетот на Народниот правобранител.

Граѓаните, повредата на избирачкото право можат да ја пријават или во канцелариите или на бесплатната телефонска линија 0800-54321.


Државјанин на САД повреден со нож во Охрид


Охрид, 20 август, 2016 - 15:33 (META) 

Охриѓанецот А.Д.(24) утрово со нож го повредил Ј.М. 25-годишен државјанин на САД кој престојува во Охрид.

До немилиот настан дошло кога Американецот, се обидел да одбрани девојка која физички била нападната од охриѓанецот. Тогаш напаѓачот извадил нож и му нанел телесна повреда на гостинот од САД.

– Напаѓачот е брзо пронајден и приведен во СВР Охрид, по што следи понатамошна постапка и поднесување на соодветна пријава – информираше портпаролот, Стефан Димоски.


Воз удри во возило кај кочанско Соколарци


Кочани, 17 август, 2016 - 12:54 (META) 

Во болница со телесни повреди, заврши дваесетичетири годишен кочанчанец во чие возило „рено лагуна“, удри воз изутрината околу четири часот.

Несреќата се случила во близина на железничката станица кај Соколарци, кога возот кој сообраќал на релација Скопје – Кочани, удрил во возилото во движење.

Железничките премини на овој дел од пругата се обележани со сигнализација, но за тоа како се случило возилото да се најде на пругата, ќе покаже истрагата.

Поради увидот, до доцна пртетпладнето железничкиот сообраќај беше во прекин.