!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Комуналната инфраструктура ќе се зголемува од 18 на 40 проценти


Скопје, 20 октомври, 2017 - 15:31 (META) 

Mинистерството за транспорт и врски почна со реализација на проектот за подобрување на водоводната и канализационата мрежа во општините во Македонија, информираат од таму.

За подигнување на квалитетот на комуналаната инфраструктура, министерството за транспорт и врски распиша осум јавни повици за изгрaдба или реконструкција на водоводните мрежи во повеќе места меѓу кои и во Гостивар, Ресен и во Виница.

Од таму информираат дека средствата за реализација на сите овие проекти веќе се обезбедени.

„Целта на Владата е во наредниот период ,од 18 отсто покриеност на територија на Макеоднија со комунална инфраструктура, таа да се зголеми на 40 проценти што е во функција на обезбедување на рамномерен регионален развој и баланс меѓу урбаните центри и руралните средини“, се вели во соопштението на Министерство за транспорт и врски.


Битолски средношколци со неписмени соопштенија се повикуваат на протести


Битола, 20 март, 2017 - 13:56 (META) 

„Бојкотираме за да учиме на македонски јазик, не бојкотираме за партија!“ Вака гласи повикот на социјалните мрежи со кои средношколци од повеќе училишта во Битола ги организираат своите соученици да ја прекинат наставата и да излезат на протести.

Притоа, се повикуваат претседателите на класовите да прават списоци и да бележат кој сè излегол на протестите. Протестот кој беше најавен за денеска во 11.30 часот, ги вознемири дел од родителите на ученици во гимназијата „Јосип Броз Тито“, особено зашто ученици од други училишта дошле да ги повикаат на протест гимназијалците, со зурли и со тапани, скандирајќи „Македонија“ и читајќи соопштение „како треба да се сака татковината“.

– Децата ни јавуваат дека други ученици со зурли и со тапани се во училишниот двор и ги повикуваат на протести. Само оваа гимназија досега не ја има прекинато наставата и не го има поддржано бојкот, освен поединци – вели еден од родителите.

Во техничкото училиште, пак, ученик од втора година читал соопштение по училниците зошто треба да се излезе на протестите. Ученикот пред професорите што не го дозволувале ваквиот чин, се правдал дека за сè знае директорот. Директорот, меѓутоа, не одговара на нашите телефонски повици и пораки.

Ученици од повеќе средни училишта денеска, сепак, излегоа на протест.


СДСМ Прилеп: Просториите на комуналните претпријатија, злоупотребени за партиски цели


Прилеп, 12 март, 2017 - 16:11 (META) 

Наплатните центри на ЈКП „Комуналец“ и на ЈКП „Водовод и канализација“, кои се наоѓаат во центарот на Прилеп, се излепени со повици за протести и тоа од внатрешната страна на прозорците од двата објекти. Тоа значи дека повиците се излепени со дозвола или со знаење на вработените и на директорите Златко Ристески и Сашо Николоски, обвини денеска општинската организација на СДСМ во Прилеп.

„Сите што прават злоупотреби во обид да го спасат криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, ќе понесат одговорност. Ниту една злоупотреба нема да ги спречи демократските процеси и промените во Македонија“, се вели во соопштението.


Кирицис: Насилството врз бегалците е за осуда


Атина, 10 април, 2016 - 15:56 (META) 

Портпаролот на координативното тело за справување со бегалската криза, Јоргос Кирицис, остро реагираше на инцидентите на Идомени.

Кирицис испрати порака до македонските власти да се воздржат од употреба на сила со бегалците, а апелираше и до бегалците да не веруваат во лажните информации за отворање на границата и на повиците за протести.

„Употребата на солзавец, гумени куршуми и шок-бомби врз ранливи категории и тоа без да е вклучена виша сила е опасна практика за осуда. Ги повикуваме властите на БЈРМ да ги разберат потенцијалните ризици од употребата на насилство против бегалците и мигрантите. Исто така, ги повикуваме бегалците да не веруваат во лажните гласини и информации што со криминална неодговорност ги шират непознати и да соработуваат со грчките власти кои гарантираат безбеден транспорт кон организираните простори за привремено сместување“, се вели во соопштението од Кирицис.


Топлото време ги зголеми интервенциите на Брза помош во Тетово


Тетово, 18 јули, 2015 - 17:52 (META) 

Зголемени се телефонските јавувања во Брза помош во Тетово, каде граѓаните бараат помош за нарушеното здравје, како последица на топлотниот бран.

Оттаму велат дека здравствена помош бараат пациенти со нарушен кардиоваскуларен систем, но и со нервни болести. Се интервенира и кај здрави пациенти, кои поради работни обврски, се изложени на жешкото сонце во ударните термини од 10 до 18 часот.

– Кај здравите пациенти дури се јавуваат и потешки дијагнози, како мозочен удар, крвавење на мозокот, колабирање и слично. Тие мора да носат светла и лесна облека ако работаат на отворено, да пијат повеќе течности, а колку што има дозволуваат обврските, да се кријат под сенка – изјави лекарот Гзим Нуредини, началник на Брза помош во Тетово.

Особено внимание за време на голема горештина треба да обрнат луѓето со пекумерна тежина и тие кои не се кондициски подготвени.

– Не сме регистрирале пациент кој е кондиционо подготвен, односно спортист, да се пожали на некој здравствен проблем, предизвикан од топлото време – додаде Нуредини.

Граѓаните се жалат дека лошата урбанизација во градот, каде нема зелени површини, а големите згради го спречуваат слободното циркулирање на воздухот, дополнително ја вжештуваат и задушуваат градската средина.

– Тука, во Тетово, сме како во бункер. Порано дуваше ветер од Шара, а сега целиот град е ограден од големите згради, па човек не може да земе воздух. Градските власти за овој проблем не размислуваат, ниту преземаат нешто – изјави еден тетовец.

Во градот под Шара ретко може да се забележат јавни чешми кои се потребни за разладување и за пиење вода за време на летниот период. Не постојат ниту фонтани и паркови.