Кривична пријава за градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков


Кочани, 14 септември, 2018 - 13:20 (META) 

Градоначалникот на Зрновци, Блаже Станков, доби кривична пријава поради незаконско зголемување на цената на водата во 2015 година, во текот на претходниот мандат. Интересно е што МВР во истиот случај го товари и актуелниот директор на општинското комунално претпријатие поради тоа што цените ги вратил по старо.

Станков е второпријавен, а полицијата го товари за несовесно работење, поради тоа што не проверил дали е законско зголемувањето на цената на водата во март 2015 година, кое се применувало до 1 јуни годинава.

За незаконското зголемување на цената на водата од 20 на 25 денари за кубен метар и за зголемувањето на надоместокот за канализација од 4 на 6 денари по квадратен метар, Полициската станица во Кочани го товари В.Ѓ. (59) тогашен директор на ЈКП „Водна Кула“ – Зрновци. Тој тоа го направил без одлука на Управен одбор на претпријатието и без одлука на Советот на општината.

Третопријавен е Г.К. (39), актуелен директор на ова јавно комунално претпријатие. Него полицијата го товари затоа што во јуни годинава ги вратил цените на претходниот износ, без да ги провери законските прописи.


Горивата поскапуваат за два денари


Скопје, 30 април, 2018 - 18:53 (META) 

Од полноќ малопродажните цени на бензините Еуросупер 95 и Еуросупер 98, како и на Еуродизелот и на Екстра лесното масло за домаќинство се зголемуваат за два денара по литар, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).

Според РКЕ, малопродажната цена на Еуросупер 95 ќе биде 70 денари, на Еуросупер 98 71,5, на Еуродизелот 62, а на Екстра лесното масло за домаќинство 50,5 денари за литар.

Се зголемува и малопродажната цена на мазутот, за 1,317 денари, поради што килограм ќе чини 30,037 денари.