УСАИД и „Метаморфозис“ со нов повик до граѓанските организации


Штип, 10 октомври, 2018 - 9:54 (META) 

Граѓанските организации беа светлото, кое за време на политичката криза укажување на недостатоците, што придонесе за демократизација на процесите. Ова вчера во Штип го изјави директорот на Канцеларијата за општ развој на УСАИД, Едвард Гонзалес, кој најави дека остануваат со поддршката за овие организации, кои продолжија да ја играат улогата на контролор на власта.

-Сметам дека владата успеа да усвои инкулзивен и транспарентен дискурс, но граѓанските организации и понатаму треба да бидат поддржувани во вршењето на нивната улога на „воч дог“ или следачи на работата на власта. Затоа од таа причина, УСАИД продолжува да поддржува проекти, како тие на Платформата за спречување на корупција и на Центарот за граѓански комуникации, бидејќи тие ја играат вистинската улога на „воч дог“, бидејќи тие се оние кои ги следат постапките на владата и отчетноста во работењето – рече Гонзалес.

Во Штип Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ заедно со УСАИД – Проект за граѓанско учество, го презентираа новиот повик до граѓански организации, со кој се предвидува финансирање на седум проекти во висина до 90.000 долари. Од граѓанските организации се очекуваат идеи за одржливи заедници и градови, потоа поддршка на организации кои ќе работат во компонентата на издржливост на заедницата во Националната стратегија на Владата на Република Македонија за борба против насилниот екстремизам и социјалното претприемништво.


Објавен јавниот повик за финансирање на нискобуџетни авиокомпании


Скопје, 14 септември, 2018 - 14:22 (META) 

Министерството за транспорт и врски објави јавен повик за доставување на барања за доделување на финансиска поддршка на авиокомпании, информираат од таму.

„Финансиската поддршка се однесува за период од 2019-2021 година за воспоставување на нови линии од „Меѓународен aеродром Скопје” и аеродромот “Св. Апостол Павле” во Охрид.

Сите заинтересирани компании ќе можат да достават барање за финансиска поддршка до министерството за транспорт и врски  најдоцна до 12 октомври до 12 часот,  кога ќе се оддржи и јавното отворање. Јавниот повик е објавен во домашни и меѓународни гласила, како и на веб-страната на министерството за транспорт и врски. Нашата цел како е да обезбедиме континуиран раст на авиосообраќајот, а за граѓаните да овозможиме нови дестинации до Европа и светот“, се вели во соопштението.


Заев побара поддршка од сите за името Република Илинденска Македонија


Скопје, 19 мај, 2018 - 20:59 (META) 

Со целосна одговорност, внимателност и посветеност на државните интереси, ги информирав претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за сите детали од преговорите и известив дека владите на Република Македонија и Република Грција разговараа за опција и решение кое може да биде прифатливо за двете страни, рече во обраќањето по лидерската средба премиерот Зоран Заев.

Тој нагласи дека Република Илинденска Македонија е името за кое е можен компромис со Грција – на англиски “Republic of Ilinden Macedonia”,а на албански “Republika Ilinditase e Maqedonisë”.

Заев ги повика сите политички сили во општеството, сите групи и заедници да се приклучат за да ја искористиме оваа историска шанса за дефинитивен заеднички успех за Македонија.

– Република Илинденска Македонија е име со кое го зајакнуваме темелот на нашата Република, a Илинден значи историски континуитет на нашите стремежи, нашата државност и нашата гордост. Илинден е нашето славно минато, Илинден е и нашата светла иднина – рече Заев.

Според премиерот, со ова можно решение го чуваме достоинството, го потврдуваме и го зајакнуваме нашиот идентитет македонски.

– Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година. Уште еднаш потврдувам, и јас и мојот народ, дека немаме никакви територијални претензии и ги потврдуваме неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција. Македонија е подготвена да го потврди ова на сите потребни начини – рече Заев.

Со евентуален договор, како што нагласи, неповратно го отвораме патот кон членство во ЕУ и НАТО. Во јули добиваме покана за членство во НАТО и нема повеќе пречки за членство во ЕУ.

– Со можниот договор добиваме финална потврда – јазик македонски, language Macedonian. Идентитетот гарантиран. И меѓународните кодови МК и МКД ќе бидат обезбедени – истакна премиерот и додаде дека заради овие историски придобивки, заради ваквата гаранција за развој на Македонија, заради гаранцијата за влез во НАТО и ЕУ, заради гаранцијата за идентитетот македонски – ќе прифатиме севкупна употреба на името Република Илинденска Македонија како и заради зајакнување на меѓуетничката кохезија.

Премиерот рече и дека сроведувањето на употребата на новото име за внатрешна употреба би се реализирало во фази, етапно, онака како што ќе напредуваме низ преговорите за членство во ЕУ, а ќе се обезбеди преку референдум и преку уставни амандмани.

– Јас донесов одлука и стојам стопроцентно позади стремежот да успееме како народ, како држава, како идеја! Верувам во ова решение, подготвен сум да водам и ќе водам напред – рече Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците во Скопје рече дека предлогот – Република Илинденска Македонија за севкупна употреба за него е неприфатливо и повтори дека тие нема да поддржат промена на Уставот за промена на името.

Шефот на државата Ѓорѓе Иванов побара на писмено да го добие она што досега е разговарано во преговорите со Грција, а потоа ќе се изнесе во однос на предлогот.

– Првпат сме информирани за некои работи. Првпат ги слушнавме, усно се пренесни и очекувам за сите предлози да добиеме писмен документ. На овој состанок не изградивме став, само ги добивме информациите. Очекуваме во иднина да не бидеме селективно информирани, туку целосно да имаме увид за да знаеме за кои прашања се разговара. Досега сум бил принципиелен и останувам доследно да се придржувам на изградените ставови од претходните претседатели на Република Македонија, а тоа е дека процесот мора да се води во рамка утврдена од ОН – рече Иванов.


Објавен повикот за доделување три милиони евра за мали и средни претпријатија


Скопје, 28 април, 2018 - 17:51 (META) 

Распишан е првиот јавен повик на Фондот за иновации и технолошки развој, на кој малите и средни претпријатија ќе може да аплицираат со предлог проекти, а за кој од буџетот се издвоени 185 милиони денари или околу 3 милиони евра.

На прес конференцијата на која беше извршена промоцијата на јавниот повик, вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека денес практично започнува реализацијата на мерките од третиот столб од Планот за економски раст, со кои се овозможува поддршка за малите и средните претпријатија.

Парите се за техничка помош и за развивање на организациските способности на компаниите, со кои се овозможува поддршка во набавка на опрема, градење на хали и создавање на нови производи.

-Преку овие мерки се овозможува поддршка до 30% на инвестициите на брзорастечките мали и средни компании и на микро компаниите, додека се овозможува до 70% поврат на инвестиции на компаниите за развој на нови иновативни производи – посочи вицепремиерот Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски во детали ги презентираше информациите во врска со повикот, при што истакна дека во повикот се опфатени четири инструменти: поддршка на малите и средни компании со тенденција на брз пораст – „газели“, поддршка на микро претпријатија, поддршка на подобрување на иновативноста и поддршка за стручно усовршување и пракса на нововработение млади лица до 29 години. Станува збор за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија, кадешто државата станува партнер, преку директна финансиска поддршка во инвестициските проекти на компаниите.

Првиот јавен повик за поддршка на мали и средни претпријатија е отворен до 11 јуни 2018 година.

Наредните два повици се планира да се објават во јули и во последниот квартал од 2018 година.


Граѓански организации побараа департизација и професионализација на Антикорупциска


Скопје, 12 март, 2018 - 15:12 (META) 

Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата денеска со писмо упатено до Собранието и Владата, како и до Државна комисија за спречување на корупција (ДКСК) и до политичките партии, побара воспоставување професионално тело за антикорупција, кое ефективно, независно и со висок интегритет ќе ги спроведува постапките за спречување на корупцијата во Република Македонија.

Платформата повикува на промена на актуелниот модел за избор на членовите на ДКСК, кој ќе се базира на компетентност и интегритет, без партиски влијанија, преку јавен распит на кандидатите во Собранието.

„Бараме претставници на граѓанското општество активно да учествуваат во распитот и да влијаат на одлуката за избор на членовите на ДКСК. Исто така бараме како приоритет да се поведе постапка за преиспитување на моделот на институција за борба против корупцијата, и формирање на институција која ќе ги задоволи меѓународните стандарди за независност, ефикасност и неселективност во работењето“, се вели во повикот.

Граѓанските организации посочуваат дека „во изминатите десет години ДКСК наместо да се занимава со корупцијата на високо ниво, помеѓу носителите на политички функции, своите активности ги насочуваше кон одредени случаи на „ниска“ корупција на администрација“.

Тие реагираа и затоа што оваа комисија учествувала во притисокот што тогашната власт го почна кон крајот на 2016 година врз организациите што беа критички настроени кон неа.

„Наместо да ги испитува центрите на моќ кои ја заробија државата, ДКСК кон крајот на 2016 година, поттикната од лидерот на политичката партија на власт, побара од Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи (УЈП) и Управата за финансиско разузнавање врз 21 здружение и фондација да вршат долготрајни детални контроли на финансиско-материјалното работење. Оваа активност претставена како контрола на наводно незаконско работење всушност претставуваше притисок над оние кои ја остваруваат својата улога на коректив на власта“, се вели во повикот.


„Тврдокорни“ повикуваат на граѓанска непослушност


Скопје, 9 јануари, 2018 - 10:20 (META) 

Граѓанските здруженија „Тврдокорни“, Светскиот македонски конгрес, „Преродба“ и Македонски обединети сили објавија повик за граѓанска непослушност како средство за спротивставување на „политичкото насилство врз македонскиот народ“.

„Во услови на сеопшти напади за разграбување на македонската државност ги повикуваме сите Македонци и пријатели на македонскиот народ на секое место низ разни облици на граѓанска непослушност да го одбраниме својот дом и да ја одбраниме скапо платената македонска државност“, стои во соопштението.

Кампањата за граѓанска непослушност, како што се посочува во соопштението, „се води против внатрешните сили, како партии, организации, така и поединци кои вршат дејства во спроведување на плановите за разнебитување на македонската нација“.

„Сите оние кои во таканареченото Собрание ќе гласаат за навестените антимакедонски закони ќе бидат сметани за непријатели на македонскиот народ. Посебно родените како Македонци кои ќе гласаат за законите како: Законот за јазиците со кој се воведува франкештајнска досега невидена двонационална држава. Договорот за добрососедство со Република Бугарија со кој македонската историја, а со тоа и македонската нација се третираат како бугарски. Планот 3-6-9 со кој се напаѓаат моралот и здравата духовна култура на македонскиот народ. И на крај договарањата за името со кој македонското име во меѓународните односи му се предаваат во сопственост на јужниот сосед. Сите пратеници кои ќе учествуваат во гласањето на овие антимакедонски закони ќе бидат сметани како изроди од македонскиот народ“, стои во повикот.

Од здруженијата велат дека во наредните денови, недели, месеци на пошироката јавност ќе и даваат насоки за начините на изразување на граѓанската непослушност.


Иранските власти ги повикаа граѓаните да не учествуваат во „илегалните собири“


Техеран, 30 декември, 2017 - 14:49 (META) 

Иранскиот министер за внатрешни работи, Абдолреза Рахмани Фазли денеска ги повика граѓаните на земјата да не учествуваат во „илегалните собири“, откако изминатите два дена во десетина градови во земјата се одржаа антивладини протести, јавуваат светските медиуми.

Тој порача дека доколку луѓето сакаат да организираат собири треба да поднесат барање и да добијат дозвола, додавјќи оти добил информации дека имало повици преку социјалните мрежи за организирање и учество на собирите.

Како што пренесува „Би-би-си“ повеќемина луѓе биле уапсени за време на протести, и дека помали групи продолжуваат со собирите во Техеран и во други градови.

Иранските власти ги обвинуваат „контрареволуционерите“ и агенти на странски сили за избувнувањето на антивладините протести.

Администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп синоќа го предупреди Иран дека светот го гледа одговорот на властите на протестите.

Во Техеран и во другите ирански градови денеска се одржуваат провладини собири, на кои се насобрани повеќе илјади луѓе.


ДИК на седница го разгледува извештајот за состојбата во избирачкиот список


Скопје, 20 август, 2017 - 14:20 (META) 

Државната изборна комисија денеска ја одржува 128. седница на која треба да го разгледа и усвои извештајот за утврдување на состојбата во избирачкиот список, за ставање на јавен увид а по повод одржувањето на локалните избори на 15 октомври, информираат од таму.

На седницата исто така треба да се разгледа и усвои предлогот за јавен повик за сите граѓани, за вршење на јавен увид во избирачкиот список.

На дневен ред и е разгледување и освојување на предлог-одлука за отворање на канцеларии на ДИК во седиштата на единиците на локалната самоуправа каде ќе се спроведува јавниот увид и собирањето на потписи за поддршка на листи на кандидати.


Катар ги повика арапските земји на дијалог


Доха, 6 јуни, 2017 - 10:52 (META) 

Шефот на катарската дипломатија, Мухамед бин Абдул Рахман, денеска ги повика на дијалог арапските земји кои ги прекинаа дипломатските односи со неговата земја, уверувајќи дека врските на Катар со Соединетите Американски Држави ќе останат цврсти, јавуваат светските агенции.

Помалку од 24 часа од одлуката на Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Јемен, Египет и на Либија да ги прекинат дипломатските односи со Катар и да ја изолираат земјата економски, финансиски и сообраќајно, шефот на катарската дипломатија ги повика овие земји на „отворен и искрен дијалог“ за решавање на кризата.

Овие земји во понеделникот соопштија дека ќе ги повлечат своите дипломати од Катар и дека ќе ги протераат катарските дипломати од своите територии, поради, како што е наведено, поддршката на оваа земја на исламистички групи и односите со Иран.

Американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изрази очекување дека ова нема да влијае на единството во борбата против исламистичките екстремисти.

„Нашите односи со САД остануваат стратешки“, изјавил министерот за надворешни работи на Катар.

Инаку, катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани на 27 мај му ја честиташе победата на изборите на иранскиот претседател Хасан Рохани. Саудуска Арабија, која е мнозински сунитска земја, го смета Иран, каде на власт се шиитските муслимани, за најголем непријател и закана за стабилноста на регионот.

Засега е нејасно како одлуката на арапските земји за прекинување на дипломатските односи ќе влијае на воените операции на САД, кои во Катар имаат стационирано околу 10.000 војници и седиштето на централната команда за Блискиот Исток.

Катар неколкупати ги демантираше обвинувањата дека поддржува екстремистички групи во регионот.


Германското МНР го повика на разговор македонскиот амбасадор во Берлин


Берлин, 28 април, 2017 - 17:05 (META) 

Министерството за надворешни работи на Германија денеска претпладне го повикало на разговор македонскиот амбасадор во Берлин и му упатило остра порака дека одговорните во Скопје мора да ги прифатат резултатите од изборите, пишува „Дојче Веле на македонски јазик“.

Како што информира официјален Берлин, во просториите на министерството за надворешни бил повикан амбасадорот Сашо Марковски, коmu му било порачано дека „одговорните во Скопје треба на дело да ги потврдат заложбите за Европа и да ги прифатат и спроведат изборните резултати“.

Германското Министерство за надворешни работи попладнево му го честиташе изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и повика на брзо формирање влада согласно резултатите од парламентарните избори во декември.

Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, претходно денеска изјави дека е „неприфатливо поранешната владејачка партија да не ги прифаќа изборните резултати и да ги испраќа своите поддржувачи да вршат упад во Собранието и да напаѓаат пратеници“.