!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Домашното бруто-производство на струја учествува со 79,6 проценти во потрошувачката


Скопје, 25 октомври, 2017 - 13:53 (META) 

Во август годинава, потрошени се 564.426 мегават-часови електрична енергија, 22.137 милиони кубни метри природен гас, 422.280 тони јаглен и 100.127 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 79,6 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 95,7 проценти од вкупната потрошувачка на јаглен се употребени за производство на електрична енергија.


Светска банка ја намали прогнозата за пораст на БДП од 2,8 на 1,5 проценти


Вашингтон, 20 октомври, 2017 - 12:20 (META) 

Најновата октомвриска проекција на Светска банка за порастот на македонската економија во 2017 година е 1,5 проценти, што значи намалување од априлската прогноза која изнесуваше 2,8 проценти на пораст на домашниот-бруто производ (БДП).

Најголемо влијание на оваа прогноза имала имала политичката нестабилност во првата половина од годината, пиишува во извештајот на Светска банка.

Главен двигател на порастот се очекува да биде потрошувачката, поттикната од зголемувањето на вработувањата и на инвестициите.

Економијата на Западен Балкан ќе има пораст од 2,8 проценти.

 


Порастот на економијата во Кина ќе изнесува повеќе од 6,5 проценти


Пекинг, 10 октомври, 2017 - 12:02 (META) 

Порастот на економијата во Кина за оваа година ќе изнесува повеќе од 6,5 проценти, а владините мерки за сопирање на пазарот со недвижнини и понатаму ќе останат на сила.

Аналитичарите исто така проценуваат дека економскиот пораст на Кина за цела 2017 година може да ја надмине целта на владата, откако втората најголема светска економија во првата половина од оваа година остварила поголема економска експанзија од очекуваните 6,9 проценти, поттикната од силната инфраструктурна потрошувачка на државата и експанзијата на пазарот на недвижности.

Благодарение на тоа, кинескиот економски пораст би можел да забрза првпат по седум години, по минатогодишниот забавување на 6,7 проценти, што е најниска стапка во последните 26 години.


Домашниот бруто-производ лани се зголемил за 2,9 проценти во однос на 2015 година


Скопје, 29 септември, 2017 - 14:25 (META) 

Домашниот бруто-производ (БДП) во 2016 година изнесувал 598.881.000 денари и стапката на пораст изнесувала 2,9 проценти во однос на 2015 година, објави Државниот завод за статистика.

Финалната потрошувачка во 2016 година во структурата на БДП учествува со 82,1 отсто. Учеството на извозот на стоки и на услуги во структурата на БДП во 2016 година изнесува 50 проценти.

Во техничката структурата на инвестициите во основни средства, градежните работи учествуваат со 62,7 проценти, машините и опремата со 30,1 отсто, а другите инвестиции со 7,2 проценти.


Во јули биле потрошени 547.640 мегават-часови електрична енергија


Скопје, 26 септември, 2017 - 16:32 (META) 

Во јули годинава, потрошени се 547.640 мегават-часови електрична енергија, 20.319 милиони кубни метри природен гас, 385.154 тони јаглен и 97.991 тон нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 76,9 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 94,9 проценти од вкупната потрошувачка на јаглени се употребени за производство на електрична енергија.


НБРМ: Зголемено кредитирање на домаќинствата, а намалено на претпријатијата


Скопје, 22 август, 2017 - 11:52 (META) 

Кредитите на домаќинствата имаат месечен пораст од 0,8 проценти, а на годишно ниво 9,8 проценти покажуваат податоците на Народна банка. Притоа најголем дел од зголемувањето на кредитирањето се должи на порастот на денарските пласмани.

Од одобрените кредити, потрошувачките имаат месечен пораст од 1,1 процент, а станбените од 0,5 проценти. Годишниот пораст кај потрошувачките кредити е 12, а на станбените 13,7 проценти.

Кредитите на претпријатијата бележат намалување од 0,2 проценти како резултат на намалување на девизното кредитирање, кое, како што наведуваат од НБРМ, го надминува порастот на денарското кредитирање.


НБРМ: БДП стагнира наспроти очекувањата за умерено зголемување


Скопје, 27 јули, 2017 - 13:31 (META) 

Домашниот бруто-производ (БДП) стагнира, наспроти очекувањата за умерен економски пораст во априлскиот циклус на проекции, велат од Народна банка.

Надолен ефект врз БДП имал послабиот пораст на личната потрошувачка од очекуваниот, како и негативниот придонес на нето-извозот кон порастот, наспроти очекувањата за негов позитивен придонес во првиот квартал од годината.

„Од друга страна, динамиката на инвестициската активност беше нешто подобра од очекуваната. Од аспект на структурата, извозот и понатаму има највисок индивидуален позитивен придонес кон годишната промена на БДП, главно како резултат на активноста на новите индустриски капацитети, но закрепнување се забележува и кај дел од традиционалните сектори“, се вели во кварталниот извештај на Народна банка.


Во мај биле потрошени 549.074 мегават-часови електрична енергија


Скопје, 25 јули, 2017 - 13:07 (META) 

Во мај годинава, потрошени се 549.074 мегават-часови електрична енергија, 4.120 милиони кубни метри природен гас, 442.930 тони јаглен и 85.513 тони нафтени продукти, објави Државниот завод за статистика.

Домашното бруто-производство на електрична енергија учествува со 66,7 проценти во домашната бруто-потрошувачка, додека 92,7 проценти од вкупната потрошувачка на јаглени се употребени за производство на електрична енергија.


ЕК: Македонија треба да развие конкретна фискална стратегија


Брисел, 23 мај, 2017 - 16:36 (META) 

На годишниот економски и финансиски дијалог на ЕУ со земјите на Западен Балкан и Турција во Брисел државите се согласиле да ги забрзаат економските и социјалните реформи, со цел зајакнување на макроекономската стабилност, зголемување на конкурентноста и инклузивен пораст.

Како што е наведено во заедничките заклучоци, Македонија се согласила да развие конкретна стратегија за фискална консолидација, да ги заштити инвестициите, да ја зголеми транспарентноста на јавниот сектор, да ги зајакне капацитетите на планирање на буџетот и да се усвои програма за управување со јавните финансиски реформи.

Во заклучоците на Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ е побарано и подобрување на ефикасноста на јавната потрошувачка, како и рационализација на трансферот на плаќања.

За да се помогне во финансиската стабилност, властите треба да развијат сеопфатна стратегија за решавање на лоши кредити и да се поттикне употребата на домашната валута во финансиски трансакции.

„Денес сите седум земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ се обврзаа да ги забрзаат економските и социјалните реформи со крајна цел, зголемување на конкурентноста. Фокусот сега е имплементација на реформите, така што на луѓето во тој регион ќе им се обезбедат подобри работни места“, изјави еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан.


„Империал тобако“: Поскапувањето на цигарите беше интерна одлука


Скопје, 19 април, 2017 - 13:14 (META) 

„Врз последното поскапување на цигарите влијаеше пристапот на нашата компанија кон пазарот, нејзино позиционирање и градењето на портфолиото. Во овој случај акцизата не беше фактор кој влијаеше на промената на цената“, одговори директорот за корпоративни и за правни работи на „Империал тобако“, Стеван Вранеш, на новинарско прашање во врска со последното поскапување на дел од цигарите за пет денари.

Тој не одговори дали ќе има ново поскапување на цигарите во јуни, кога според календарот на зголемување на акцизите, повторно треба да поскапат за четири денари.

Вранеш додаде дека кога ќе има зголемување на акцизата, тоа не значи дека цигарите нужно ќе поскапат веднаш, туку поскапувањето може да биде одложено и зависи од одлуките на секоја компанијата.

„Формирањето на малопродажната цена на цигарите е комплексен процес врз кој влијаат повеќе фактори. Освен акцизата, влијаат и цената на тутунот, на материјалите, запазувањето на регулаторна рамка која подразбира приближување кон законите на ЕУ“, изјави Вранеш.