Политичките партии денеска ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори


Скопје, 20 ноември, 2016 - 9:41 (META) 

Согласно одредбите на Изборниот законик, политичките партии учесници во изборите на 11 декември, денеска во 14 часот ќе потпишат Кодекс за фер и демократски избори во Државната изборна комисија (ДИК), која првпат го организира овој настан.

– За таа цел, ги повикуваме претседателите на политичките партии кои ги предводат коалициите учесници на изборите, како и претседателите на политичките партии кои самостојно учествуваат на изборите, со своето лично присуство и потпис да ја реафирмира заложбата на своите коалиции и партии за фер и демократски избори – се вели во соопштението на ДИК.

На настанот е поканет и дипломатскиот кор во Македонија.


Судовите се прогласија за ненадлежни за потписите на Талески од притвор


Битола, 16 септември, 2016 - 13:57 (META) 

Апелацискиот суд Скопје вели дека е ненадлежен да даде мислење за тоа дали битолскиот градоначалник, Владимир Талески, од куќен притвор може да потпишува службени документи. Ова стои во одговорот што од судот ѝ го испратиле на советничката во Општина Битола, од ВМРО-Народна партија, Габриела Илиевска, која побара мислења од судовите и од Собранието за работењето на Талески од дома.

„Во согласност со член 33 од Законот за судовите, апелациските судови се надлежни да решаваат по жалбите против одлуките на основните судови од своето подрачје, да решаваат за судир на надлежност меѓу судовите од прв степен од своето подрачје и да вршат други работи определени со закон. Имајќи ја предвид горенаведената законска одредба Апелацискиот суд Скопје не е надлежен да дава мислење во смисла на Вашето барање“, стои во одговорот на Апелација.

Илиевска за „Мета“ вели дека е зачудена од одговорот на судот и прашува како може судот што му ја изрекол мерката на Талески да не може даде мислење дали тој смее или не смее да ја раководи Општината од дома.

– Иако овој суд му ја изрече оваа мерка на лицето В.Т., не може да даде мислење дали тој смее или не смее да работи од дома. Што друго да се каже освен дека ако е вака како што пишуваат во дописот, зошто воопшто му ја изрекле оваа мерка ако не се надлежни. Сè додека институциите во Македонија се на став дека не се мешаат во сопствените работи, ќе имаме вакви, за жал, трагикомични ситуации, како со градоначалникот Владимир Талески, кој ја води Општината од дома, од куќен притвор – вели Илиевска, која барања за мислење испрати и до Специјалното јавно обвинителство, Основниот суд Скопје 1 и до Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија.

На прашање на „Мета“ дали Талески смее да потпишува службени документи и да комуницира со вработени во Општината додека е во притвор, од Основниот суд Скопје 1, кој му го одреди куќниот притвор на битолскиот градоначалник, кон крајот на август, ни одговорија дека на судот му е јасно што значи мерката куќен притвор, но дека не е надлежен да ги толкува законите и дека тоа го прави Собранието на Република Македонија.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, вчера, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека куќниот притвор на Телески истекува наскоро и дека СЈО ќе достави соодветен предлог до судот, за кој, како што рече, не сака да прејудицира каква ќе биде неговата содржина. Ристоска додаде дека имаат увид во документите што ги потпишува Талески.

– Имаме увид во целокупната документација, нашите истражители беа во Општина Битола и ги обезбедија сите потребни докази што ни се релевантни за наше понатамошно постапување – рече Ристоска.

Талески неодамна самиот изјави дека потпишува службени документи додека е во куќен притвор.

– За жал, многу пријатно се изненадија моите соработници затоа што СЈО уште еднаш дојде да провери дали градоначалникот потпишува. Се разбира дека потпишувам и освен мерката куќен притвор, јас немам ниту една друга забрана – рече Талески, по јавната седница во Апелацискиот суд во врска со неговата жалба на продолжувањето на куќниот притвор.

Талески и уште 22 лица, осомничени во случајот „Транспортер“ што го отвори СЈО, се товарат за злоупотреби и за малверзации со тендерите за превоз на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.


Судот за Талески: Нам ни е јасно што е куќен притвор, за другото не сме надлежни


Скопје, 31 август, 2016 - 12:58 (META) 

Советничката во Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од ВМРО-Народна партија, до денеска нема добиено одговор од четирите инситуции од кои бара правно толкување дали Талески од куќен притвор смее да ја води Општина Битола и да потпишува службени документи.

– Моето барање до надележните институции е уредно доставено и очекувам да се произнесат по него. Се надевам дека ќе ги испочитуваат законските рокови и ќе добијам одговор на она што е приоритетно во овој момент за функционирањето на Општина Битола – вели Илиевска.

На нашето прашање дали Талески смее да потпишува службени документи и да комуницира со вработени во Општината додека е во притвор, од Основниот суд Скопје 1, кој му го одреди куќниот притвор на битолскиот градоначалник, ни одговорија дека на судот му јасно што значи мерката куќен притвор, но дека не е надлежен да ги толкува законите и дека тоа го прави Собранието на Република Македонија.

Во однос на Вашето прашање, Основен суд Скопје 1 – Скопје не ги толкува законите, тоа го прави Собранието на РМ и затоа слободно можете за одговор да се обратите токму таму бидејќи согласно Законот за кривичната постапка, на судот му е јасно што значи мерката куќен притвор, а сите други прашања не се во надлежност на судот“, се вели во одговорот од Кривичниот суд за „Мета“.

Советниците од опозицијата во Советот на Општина Битола на вчерашната седница повторно побараа одговор дали градоначалникот Владимир Талески, кој е првооосомничен во случајот „Транспортер“, смее да потпишува службени документи додека е во куќен притвор.

Илиевска вчера побара кварталниот извештај за извршување на буџетот за 2016 година, потпишан од Талески, да биде повлечен од дневниот ред сè додека не се разјасни дали градоначалникот смее од куќен притвор да потпишува службени документи. Таа, во врска со ова прашање, побарала мислење од Специјалното јавно обвинителство, Основниот суд Скопје 1, Апелацискиот суд во Скопје и од Законодавно-правната комисија во Собранието.

Талески неодамна самиот изјави дека потпишува службени документи додека е во куќен притвор.

– За жал, многу пријатно се изненадија моите соработници затоа што СЈО уште еднаш дојде да провери дали градоначалникот потпишува. Се разбира дека потпишувам и освен мерката куќен притвор, јас немам ниту една друга забрана – рече Талески, по јавната седница во Апелацискиот суд во врска со неговата жалба на продолжувањето на куќниот притвор.

Според ставот 3 од членот 163 на Законот за кривична постапка (ЗКП), „во решението со кое се определува куќен притвор, покрај забраната за оддалечување од домот или од друг простор, судот може да определи забрана за комуникација со лица или забрана за употреба на средствата за комуникација, односно обврска за почитување на мерките на видео и електронски надзор, или да нареди примена на други мерки согласно со членот 146 од овој закон“.

Во членот 146, во кој се уредени мерките на претпазливост што може да ги одреди судот, меѓу другите е наведено дека судот може да донесе  забрана за посетување на определено место или подрачје, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

„Ако лицето против кое е определен куќниот притвор се оддалечи од домот или од друг простор спротивно на забраната на судот или во определено време не се врати во домот или другиот определен простор или не се придржува на забраната за комуникација со лицата или забраната за употреба на средствата за комуникација или го избегнува или попречува спроведувањето на мерките на видео и електронски надзор, против тоа лице ќе се одреди притвор. Лицето за тоа ќе се опомене со решението за куќен притвор“, стои во ставот 4 од членот 163 од ЗКП.

 


Кучи: Примена на швајцарски искуства за развој на туризмот во Македонија


Скопје, 19 август, 2016 - 13:21 (META) 

Искористување на туристичкиот потенцијал на Македонија преку примена на швајцарска експертиза во областа на туризмот, најави министерот за економија Дритон Кучи, по потпишувањето на меморандумот за разбирање и соработка во областа на туризмот, со директорката на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ), Розанди Лоу.

Со потпишувањето на овој меморандум, Македонија ќе добие поддршка од Швајцарија во развојот на туризмот и угостителството преку воспоставување на соработка со реномирани образовни институции од Швајцарија.

На овој начин ќе се развиваат вештините кај работниците во областа на туризмот и угостителството преку заедничко изготвување на одржливи решенија за зајакнување на капацитетите на чинителите во туризмот.

„Швајцарија е една од земјите со најразвиен и најдобро организиран туристички сектор. Се надеваме дека со поврзување на македонските чинители во областа на туризмот со реномирани швајцарски образовни институции и пренесување на швајцарските искуства во развој на туризмот ќе дадеме поттик туристичкиот потенцијал на Македонија во потполност да се исполни,“ изјави министерот за економија Кучи.

Покрај во секторот туризам и угостителство ИМЕ програмата е активно вклучена и во развојот на секторите креативни индустрии и зелена економија. Главни цели на програмата се преку зајакнување на бизнис сектор да се создаде поволна клима за развој на трите сектори и да се овозможат услови за пристојни вработувања и зголемување на приходот на малите и средни претпријатија.


Спасовски и Безак потпишаа меморандум за заеднички патроли на јужната граница


Скопје, 20 април, 2016 - 15:49 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и амбасадорот на Словачка во земјава, Мартин Безак, денеска потпишале меморандум за разбирање меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји, во врска со заедничките патроли на македонско-грчката граница поради мигрантската криза, соопшти МВР.

„Со потпишување на овој меморандум за разбирање, се утврдува постапката за испраќање словачки полициски службеници на територија на Република Македонија за поддршка на македонските полициски службеници во насока на поуспешен надзор на македонско-грчката граница“, стои во соопштението од Министерството.

Оттаму додаваат дека на средбата, Спасовски и Безак разговарале и за продлабочувањето на политичката криза во Македонија „со незаконската одлука на Владата за одземање на надлежностите на министрите Спасовски и Ременски и одлуката на претседателот државата, Ѓорге Иванов, за општо помилување на сите политичари, која предизвика огромно незадоволство меѓу граѓаните“.


САД и Кина потврдија дека ќе го потпишат договорот за климатските промени од Париз


Вашингтон, 31 март, 2016 - 21:09 (META) 

Соединетите Американски Држави (САД) и Кина издадоа заедничка изјава со која двете земји потврдуваат дека следниот месец ќе го потпишат договорот за климатските примени постигнат на конференцијата во Париз во декември, минатата година.

Како што пренесува „Би-би-си“, двете земји се обврзале да преземат мерки, неопходни за приклучување кон договорот што е можно поскоро.

Истовремено САД и Кина ги охрабриле и другите земји да го потпишат документот во седиштетот на Обединетите нации, следниот месец.

За договорот да стапи на сила потребна е поддршката, односно документот треба да го потпишат најмалку 55 земји, кои учествуваат со 55 отсто во вкупната емисија на јаглеродни гасови.

Присуството и поддршката на претседалот на САД, Барак Обама и на претседателот на Кина Кси Џинпинг на париската конференција за климатските промени, минатата година беше од круцијално значење за обезбедување на сеопфатен и долгорочен договор со кој се предвидува до крајот на векот порастот на просечните глобални температури да биде под 2 Целзиусови степени.


Полициите на Македонија, Црна Гора, Албанија и на Косово потпишаа меморандум за соработка


Охрид, 29 октомври, 2015 - 13:33 (META) 

Полициите на Македонија, Црна Гора, Албанија и на Косово денеска во Охрид потпишаа меморандум за соработка, со кој се предвидува воспоставување експертска група за справување со нелегалната трговија со оружје во Југоисточна Европа, како и регулирање на начинот за заемна соработка, соопшти МВР.

„Во изминативе неколку години, овој регион не е само крстопат за меѓународни канали на нелегална трговија со оружје, туку и регион на потекло и крајна дестинација на нелегалното оружје. Токму во оваа насока, денешното официјализирање на воспоставувањето експертска група за недозволена трговија со оружје ќе ги подигне на едно повисоко рамниште превенцијата, ефикасноста, оперативноста и соработката во справувањето со овој вид криминал“, изјавил директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Горанче Савовски, стои во соопштението на МВР.

Како што посочил Савовски, воспоставувањето на експертската група ќе овозможи „брза размена на криминалистички и на разузнавачки информации, стандардизирање на начинот на собирање и на обработка на статистички податоци и подготвување анализи што се однесуваат на производство, складирање и на трговија со огнено оружје и со муниција“.