!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ОМД го повика Иванов да не го потпишува Законот за јазиците


Вашингтон, 12 јануари, 2018 - 9:48 (META) 

Обединетата македонска дијаспора во реакција до јавноста ги осуди пратениците кои вчера гласаа за усвојувањето на Законот за употреба на јазици и порача дека македонската заедница надвор од Македонија нема да го толерира редефинирањето на македонскиот национален идентитет, како и дека историјата ќе им суди на оние кои го изгласале законот.

„Овој закон, усвоен без демократски процес или вистинска јавна дебата, ќе ги чини македонските даночни обврзници милиони, и ќе го наруши Уставот на Република Македонија. Законот не е потврден од Венецијанската комисија на Советот на Европа и ја придвижува земјата на чекор понатаму да стане федерална држава, загрозувајќи го унитарниот територијален интегритет на Македонија. Нема историска основа или демографски причини за Македонија да има биетнички идентитет како Белгија“, се вели во соопштението од ОМД.

ОМД го повикува претседателот Ѓорге Иванов да не го потпишува законот, а САД и ЕУ веднаш да го осудат овој акт на Собранието. Од таму бараат Македонија итно да спроведе попис на населението, а опозицијата да престане да го бојкотира Собранието, да се врати на работа, претставувајќи ги интересите на нивните изборни единици.

Законот, според ОМД, е неуставен и служи за понатамошна поделба на Македонија по две етнички и религиозни линии.

„ОМД смета дека ниту едно малцинство во Македонија не треба да има преференцијален третман врз другите, а Македонија мора да престане да создава паралелни општества“, се додава во соопштението.


Ако Иванов не го потпише за седум дена, законот за јазиците ќе почека уште еден месец


Скопје, 11 јануари, 2018 - 19:31 (META) 

По денешното усвојување во Собранието, Законот за употреба на јазиците во следните седум дена е во рацете на претседателот на државата Ѓорге Иванов кој треба да го потпише указот за негово прогласување за да може законот да биде објавен во Службен весник и официјално да стапи на сила.

Надлежностите на претседателот на државата и роковите за попишување на указите за прогласување на законите се регулирани во Уставот, Деловникот на Собранието и во Законот за Собрание.

Според Законот за Собранието, претседателот на законодавниот дом, во случајов Талат Џафери уште денеска треба да го достави законот кај Иванов заради потпишување на указот.

Иванов, според истиот закон, има рок од седум дена да го потпише указот за негово прогласување.

Претседателот на државата има право да не го потпише законот, освен во случај кога е донесен со двотретинско мнозинство, за што треба писмено да го извести собранискиот спикер.

Во таков случај Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот, стои во членот 75 од Уставот.

Постапката за повторно разгледување на законот е пропишана во Деловникот и во Законот за Собрание.

„Ако претседателот на Републиката одлучи да не го потпише указот за прогласување на законот, Собранието повторно го разгледува законот согласно со Деловникот, во рок од 30 дена од денот на донесувањето на законот. По повторното разгледување на законот, амандмани можат да се поднесуваат само во врска со укажувањето на претседателот на Републиката“, стои во ставовите 3 и 4 од членот 38 од Законот за Собрание, како и во членот 173 од Деловникот на Собранието.


Утре попладне заедничка седница на владите на Македонија и на Албанија во Поградец


Скопје, 14 декември, 2017 - 18:46 (META) 

Владите на Македонија и на Албанија утре попладне ќе одржат заедничка седница во Поградец, Албанија. На седницата, како што соопштија од владината прес-служба, ќе се разговара за повеќе теми за унапредување на билатералната соработка, особено за инфраструктурното поврзување, изградбата на Коридорот 8, за олеснување и интензивирање на размената на стоки и услуги и за зајакнување на соработката во областа на безбедноста.

„На седницата е планирано да се потпишат неколку документи за соработка, вклучувајќи план за консултации помеѓу министерствата за надворешни работи на двете држави, меморандум помеѓу министерствата за внатрешни работи за соработка во областа на внатрешна контрола, како и формирањето на мешовит комитет за економска соработка. Од ресорот на образование и наука, ќе се потпише и меморандум за интензивирана билатерална соработка преку Институтот за културно и духовно наследство на Албанците од Република Македонија. Дополнително ќе се потпише меморандум за соработка во борбата против насилен екстремизам и радикализам, како и договор за соработка во спречување на кризи“, стои во соопштението за средбата.

Заедничката седница на владите на двете земји ќе се одржи во хотелот „Химети Палас“ во Поградец. Македонската владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев е планирано да пристигне во 14.30 часот и ќе биде свечено пречекана од неговиот албански колега, Еди Рама и претставници на владата на Албанија.

По завршување на седницата, во 16.30 часот предвидена е заедничка прес-конференција на премиерите на Македонија и на Албанија.

В сабота, премиерите Заев и Рама во придружба на владини претставници ќе одат во Пустец каде ќе се сретнат со претставници на локалната самоуправа и ќе го посетат училиштето каде ќе донираат опрема за учениците.


Заедничка седница на македонската и на бугарската влада, ќе се потпишат 9 документи


Струмица, 23 ноември, 2017 - 10:09 (META) 

Владите на Македонија и на Бугарија денеска во Домот на АРМ во Струмица ќе одржат заедничка седница.

Средбата помеѓу двете делегации почнува во 10 часот, кога премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов ќе положат цвеќе на споменикот на загинатиот македонски претседател Борис Трајковски.

Владината седница ќе почне во 11 часот и на неа министрите ќе потпишат девет документи за билатерална соработка во областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната, туризмот, телекомуникациите, инфраструктурата и реакцијата при катастрофи. Договорите се дел од Договорот за пријателство, соработка и соседство, потпишан на 1 август оваа година.

Во 12.20 часот делегациите ќе имаат заедничка прес-конференција, по што бугарската владина делегација ќе ѝ предаде донација на Општина Струмица.


Изградбата на автопатиштата продолжува, Владата потпиша анекс-договор со „Синохидро“


Скопје, 3 октомври, 2017 - 14:35 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, вршителот на должност директор на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов, и претставникот на „Синохидро“ во Македонија, Фан Јанг, денеска го потпишаа анексот на договорот за изградба на автопатската делница Миладиновци – Свети Николе – Штип.

Потпишувањето на овој анекс-договор следува по донесениот закон за изменување и за дополнување на законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и на Кичево – Охрид, со кој рокот за завршување на автопатот Миладиновци – Штип наместо до први мај 2017 година се продолжува до 30 септември 2018 година.

– Автопатот Миладиновци – Штип, во согласност со претходниот договор, требаше да биде завршен до 1 мај 2017 година, но, за жал, не беше завршен во предвидениот рок. Наша цел е да се заврши оваа делница во легална процедура, Собранието ги донесе неопходните законски измени и дополнувања, а денеска го потпишавме и анекс-договорот со кој се продолжува изградбата на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип до 30 септември 2018 година, односно рокот за завршување на работите се пролонгира за 517 дена – изјави Анѓушев.

Потпишувањето на анекс-договорот помеѓу Владата и „Синохидро“ е во согласност со законските измени и дополнувања донесени од Собранието.


Македонија и БИХ потпишаа договор за заемно признавање на возачките дозволи


Скопје, 13 септември, 2017 - 14:42 (META) 

Владите на Македонија и на Босна и Херцеговина денеска потпишаа договор за заемно признавање на возачките дозволи помеѓу двете земји. Во име на Владата на Република Македонија, договорот го потпиша министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а во име на Советот на министри на Босна и Херцеговина, договорот го потпиша министерот за комуникации и транспорт, Исмир Јуско.

Спасовски по потпишувањето на договорот рече дека надлежните органи на двете држави реципрочно ги признаваат возачките дозволи на возачите кои како туристи или комерцијални возачи управуваат со возило на територијата на едната или другата држава.

– Граѓаните кои имаат регулирано престој во согласност со националното законодавство на двете држави, можат без да има потреба од полагање теоретски и практичен испит, да ја заменат својата возачка дозвола за возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на другата држава. При исполнување на ова свое право, граѓаните ќе треба да ја почитуваат административната процедура што ќе им го овозможи ова право – рече Спасовски.

Тој додаде дека во тек е процедурата за потпишување договор за признавање и за замена на возачки дозволи и со Косово, Турција, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и со Сојузна Република Германија и дека тие ќе бидат приоритет на МВР затоа што има голем број македонски државјани што живеат и работат во тие земји.

Министерот за комуникации и транспорт на БИХ, Исмир Јуско, нагласи дека овој договор е потпишан меѓу две пријателски земји, кои и понатаму ќе ја унапредуваат соработката.


Германија: По години безуспешни преговори, Бугарија и Македонија најдоа решение


Берлин, 1 август, 2017 - 15:23 (META) 

„Денеска Бугарија и поранешната југословенска Република Македонија потпишаа историски договор за добрососедство во Скопје. Го поздравувам многу тоа што по многу години безуспешни преговори, се најде консензуално решение на отворените прашања. Со тоа двете држави испраќаат важен сигнал за успешна билатерална, но и регионална соработка на Балканот и за понатамошната евро-атлантска интеграција на ПЈР Македонија“, порача германскиот министер за надворешни работи, Зигмар Габриел, по повод потпишувањето на Договорот за добрососедство помеѓу Бугарија и Македонија.

Во изјавата што ја пренесе германското министерство за надворешни работи, Габриел посебно го нагласува фактот дека потписот на договорот се става помалку од два месеца од стапувањето на функција на новата македонска влада.

– Убеден сум дека новата влада во Скопје ќе продолжи да го спроведува овој вид конструктивна соработка консеквентно со сите соседи. Исто така, ги поздравувам напорите на новата влада, по долгогодишна стагнација, сега конечно да почне со итно потребните реформи за приближување кон ЕУ – вели шефот на германската дипломатија.


Потпишан Договорот со Бугарија – Борисов и Заев го опишаа како историски чекор


Скопје, 1 август, 2017 - 14:45 (META) 

Бугарија од денеска е уште поголем пријател на Македонија и наш сојузник во евроатланската перспектива, изјави премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со бугарскиот премиер Бојко Борисов, по потпишувањето на Договорот за добрососедство и за пријателство помеѓу Македонија и Бугарија.

– Потпишувањето на Договорот за добрососедство и за пријателство со Бугарија покажува дека таму каде што има политичка волја, прашањата ќе се решат. Македонија и Бугарија направија историски чекор напред и заедно го поставивме минатото како темел за иднината и отворивме пат за стабилност и за развој за двете држави. Овој договор е заемен успех и придонес кон политичка стабилизација и во државите и во регионот. Македонија и Бугарија покажаа одговорност кон своите граѓани. Нашето пријателство и добрососедтво се пример за тоа како сопирачката може да се претвори во мотор на соработка – изјави Заев.

Македонскиот премиер истакна дека договорот е и значајна порака до ЕУ и до НАТО дека земјите од регионот имаат политички раководства кои градат мостови поддржани од демократски граѓани.

Бугарскиот премер Бојко Борисов рече дека терминот заедничка историја е термин што дава перспективи и обединува, а не разделува.

– Ќе ја видите реакцијата во ЕУ, ќе биде позитивна, не знам дали е првпат, без посредници, без упатства од страна, да се дојде до сознанија дека дружбата и добрососедството се важни. Тоа ќе ја подигне конкурентноста, ќе нè направи силни, значителни и независни. Ние решивме да гледаме напред и убеден сум дека по 10 години резултатите од средбата ќе бидат видни за двете држави – изјави Борисов.

Заев како одговор на новинарско прашање рече дека претходната влада имала сериозен придонес во изработката на Договорот и тој заедно со Борисов ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи Договорот. Борисов рече дека „една сабота работите биле многу блиску до потпишување договор меѓу владата на Никола Груевски и влада на ГЕРБ“ и за вечерва најави средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Прашан за отстапките што ги направиле двете држави за да дојдат до Договорот, Заев рече дека одлучиле да гледаат на чашата како да е полуполна, а не полупразна за да може земјите да одат напред.

На прашањето од бугарска новинарка каква порака се испраќа со денешната средба и со потпишувањето на договорите до ЕУ, Русија и до САД, Борисов рече дека Договорот не треба никого да плаши, оти е насочен само на градењето перспектива за двете држави. Тој рече дека ни Србија ни Бугарија не треба да се почувствуваат загрозени од договорот и ја пофали храброста на Заев да го потпише Договорот.

На новинарско прашање зошто одлучиле заеднички да го славата утрешниот празник, бидејќи не сме иста држава, Борисов рече дека празникот е заеднички и дека тој и Заев сакаат да се движат напред и да ги достигнат развиените европски земји.

– Зашто празниците се заеднички. Што треба да правиме, да се тепаме? Многу пати сме го правеле тоа и сите сме големи – Голема Бугарија, Голема Србија, Голема Албанија, Голема Македонија … И поради војните го доведовме Балканот да биде најсиромашно и најзаостанато место во Европа. Ние сакаме да одиме напред и да ги стигнеме Германија, Австрија, Франција… Тоа е празник кој и ние го сакаме. Извинете што го празнуваме – рече Борисов.


ВМРО-ДПМНЕ бара од МАНУ да се изјасни за договорот со Бугарија


Скопје, 5 јули, 2017 - 10:20 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во редовното утринско соопштение ја повика Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) да се изјасни за договорот за добрососедство што, како што велат, премиерот Зоран Заев има намера да го потпише со Бугарија.

„МАНУ мора да излезе со став околу договорот кој Заев има намера да го склучи со Бугарија. Молкот на МАНУ за вакви суштински прашања отвора простор за нови напади и за нови омаловажувања. ВМРО-ДПМНЕ го повикува и Министерството за надворешни работи да реагира бидејќи станува збор за угледот на државата и на врвната научна институција“, стои во соопштението.

Од партијата повторно обвинија дека на помалку од еден месец од потпишувањето на договорот со Бугарија, „македонскиот народ нема никаква информација за тоа што содржи тој договор“.

„Македонскиот народ има право да знае какви отстапки направил Заев, бидејќи експертите од Бугарија протолкуваа дека со договорот се става крај на македонизмот, а сиот овој атак не само што не беше демантиран, туку беше премолчан од институциите предводени од СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


Усвоена Римската декларација за иднината на ЕУ


Рим, 25 март, 2017 - 16:23 (META) 

Шефовите на државите и на владите на земјите членки на Европската Унија во Рим ја усвоија Декларацијата за иднината на Унијата во која се нагласува дека ЕУ ќе остане неподелена.

Освен тоа, во Декларацијата се вели дека ЕУ ќе напредува со различни брзини и сили во ист правец и дека ќе биде отворена за оние европски земји што ги почитуваат и вложуваат напори да ги уважат европските вредности.

Римската декларација е усвоена на 60-годишнината од потпишување на договорот за основање на Унијата во Рим. Новиот документ дава политички и програмски насоки за утврдување на идните неопходни промени.

Во Декларацијата се укажува дека ЕУ е соочена со невидени предизвици како на светската така и на домашната сцена, дека постојат регионални конфликти, тероризам, миграционен притисок, протекционизам и социјална и економска нееднаквост.

„Унијата ќе ја направиме посилна и отпорна низ уште поголемо единство и солидарност помеѓу нас и со почитување на заедничките права“, се вели во Декларацијата.

Лидерите на државите нагласија дека во следната деценија сакаат Унија која ќе биде безбедна, напредна, конкурентна, одржлива и социјално одговорна со волја и со способност да одигра клучна улога во светот и да се соочи со глобализацијата.