„Јадран филм“: Тозија нè уценуваше и бараше поткуп


Скопје, 2 февруари, 2018 - 14:09 (META) 

Хрватската куќа „Јадран филм“, продуцент на серијата „Македонија“, со која Горјан Тозија в.д. директорот на Агенцијата за филм, го раскина договорот набргу по неговото стапување на функција, го обвини Тозија дека ја уценувал и барал поткуп.

Според „Јадран филм“, тоа што на судењето по тужбата за незаконско раскинување на договорот Горјан Тозија не се појавил, а поканата за рочиштето се вратила во судот како неуредна, претставува свесно одолговлекување на постапката и негово индиректно признание на вината. Според продуцентската куќа, единствено Управниот одбор на Агенцијата за филм, а не в.д. директорот, можел да го раскине договорот.

Потегот на Тозија, според продуцентот, е предизвикан од одбивањето на предлогот на Тозија, кој барал поткуп и уценувал.

„Горјан Тозија предизвика штета од огромни размери злоупотребувајќи ја својата позиција за сопствени интереси. Дополнително тој од службените тела ја сокрил понудата со која Јадран филм нуди  гаранција на за секој денар вложен од Агенцијата за филм за серијата „Македонија“. Таа понуда и понатаму стои“, се вели во соопштението од продуцентот, кој вели дека сепак ќе ја сними серијата.

Тозија го раскина договорот со образложение дека иако за време на претходниот директор на Агенцијата за филм исплатила однапред 1,1 милиони евра за серијата, а до септември минатата година не ги доставила 14. епизоди.


Заев дојде на „Поткуп“, судењето одложено за 26 февруари, обвинителот бил на службен пат


Скопје, 29 јануари, 2018 - 10:36 (META) 

Денешното рочиште за случајот „Поткуп“ во кое обвинет е премиерот Зоран Заев, се одложи за 26 февруари, бидејќи не беше присутен обвинителот Владимир Милошевски. Тој, како што соопшти судијата Дарко Тодоров, во петокот го известил судот дека поради оправдани причини, односно службено патување, нема да може да присуствува на рочиштето.

Во Основниот суд Скопје 1 на Заев му се суди по обвинение дека како градоначалник на Општина Струмица од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира.

Изминатите три рочишта се одложуваа поради барање на одбраната видео снимките обезбедени со посебни истражни (ПИ) мерки да се отфрлат како докази во постапката затоа што веќе биле објавени на видео сервисот Јутјуб. Тоа беше одобрено од  Кривичниот суд, но потоа на 28 декември лани Апелациски суд – Скопје ја укина одлуката на Основен суд Скопје 1 снимката да биде дел од доказниот материјал и нареди предметот да се врати на повторно одлучување во првостепениот суд.

На денешното рочиште, судијата Тодоров рече дека на следното рочиште ќе биде повикан и сведокот Иван Николов Сачевалиев.

Заев за медиумите изјави дека очекува брза и транспарентно судење, бидејќи, како што рече, важно за него како политичар и за функцијата што ја извршува е да има чист образ.


Одложено рочиштето за „Поткуп“, се чека одлука од Апелација за ПИ-мерките


Скопје, 20 ноември, 2017 - 9:58 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска дојде во Основниот суд Скопје 1, каде требаше да се одржи рочиште за случајот „Поткуп“, но, како што соопшти Заев, кој е обвинет, тоа е одложено бидејќи Апелацискиот суд сè уште не одлучил по жалбата на одбраната за користењето на снимките од посебните истражни мерки како доказ во судењето.

Заев во изјава за медиуми појасни дека станува збор за видеоснимките направени со посебни истражни мерки и јавно објавени на видеосервисот „Јутуб“. Според одбраната на премиерот, поради јавното објавување на снимките, тие доставиле жалба до Апелацискиот суд против одлуката на Кривичен суд, кој претходно одлучи овие снимки да се користат во доказната постапка.

– Судот не може да работи додека не ја добие одлуката на Апелацискиот суд Скопје во врска со нашата жалба – рече Заев, додавајќи дека следното рочиште е закажано за 25 декември.

Заев во случајот „Поткуп“ е осомничен за барање и за земање поткуп во висина од околу 200.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов-Сачевалиев, во врска со легализација на земјиште.


Следната недела ќе биде густо: Хан во Скопје, Заев во Белград, Османи во Атина и пет судења


Скопје, 17 ноември, 2017 - 11:50 (META) 

Следната недела македонските политичари, но и судовите ќе имаат набиена агенда. Се очекува посетата на еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, посета на владина делегација во Србија и средба помеѓу вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас.

Во скопскиот Кривичен суд, за следната недела на распоредот се рочишта за случаите „Поткуп“, „Шамари“, „Труст“, „Триста“ и „Сопот“, кои предизвикуваат голем интерес во јавноста.

  • 20/21 ноември (понеделник/вторник) – Премиерот Зоран Заев ќе престојува во официјална посета на Србија, каде ќе се сретне со српската премиерка, Ана Брнабиќ, и со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
  • 20/21 ноември (понеделник/вторник) – Во официјална посета на Македонија ќе пристигне еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, откако оваа недела тој во Брисел имаше средба со вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и со шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров. „Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Скопје следната недела, со политички состаноци и со средби со граѓанското општество“, напиша Хан на „Твитер“.
  • 20 ноември (понеделник) – Во Кривичен суд е закажано рочиштето за случајот „Поткуп“ на кое треба да се појави Заев, но поради неговата посета на Србија, најверојатно рочиштето ќе биде одложено.
  • 20 ноември (понеделник) – Ќе има рочиште и за случајот на СЈО за „Шамарите“ во Центар.
  • 20 ноември (понеделник) – Во хотелот „Александар Палас“ ќе има јавна дискусија за предлог-измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, на која ќе присуствуваат министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и министерот без ресор задолжен за комуникација, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски.
  • 21 ноември (вторник) – Ќе има рочишта за предметите на СЈО, „Труст“ и „Триста“.
  • 22 ноември (среда) – На Комисија за европски прашања на второ читање ќе биде ставен законот за употреба на јазиците.
  • 22 ноември (среда) –  Ден на албанската азбука.
  • 23 ноември (четврток) – Во Кривичен суд е закажано судењето за „Сопот“.

Во текот на наредната неделa, a можеби и таа по неа, се очекува и официјалната посета на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на Грција, каде ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас.


Груевски: Вториот круг помина со масовен поткуп, системски закани и со уцени


Скопје, 29 октомври, 2017 - 19:11 (META) 

Колку што имаше нерегуларности во првиот круг на гласањето, тие уште повеќе се зајакнаа во вториот круг, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, откако гласаше во ОУ „Кузман Јосифовски-Питу“ во Општина Кисела Вода.

– Демократската атмосфера, за жал, во овој период не можеме да ја видиме. Имаше масовен поткуп на граѓаните како никогаш досега во Македонија, како и закани, притисоци и уцени врз луѓето, претежно кон наши активисти од страна на СДСМ – изјави Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека и во минатото се случувале обиди за поткуп, но биле изолирани, ретки и мали, а сега, како што рече, „станува збор за масовен поткуп што е под заштита на полицијата, контролирана од СДСМ“.

– Луѓето отворено се уценуваат со губење работно место, особено администрацијата, со кривични пријави, недобивање субвенции. Тоа е масовно, организирано, системски – рече Груевски.

Тој порача дека ВМРО-ДПМНЕ нема да биде скршена, туку нивната борба допрва почнува.


„Цивил“: Засилено дејство на партиски активисти и нарушување на изборниот молк


Скопје, 28 октомври, 2017 - 13:10 (META) 

Тимовите на невладината организација „Цивил“, кои ги надгледуваат изборите, денеска забележале засилено дејство на партиските активисти во општините, каде што утре треба да се гласа во вториот круг на локалните избори, се вели во нивното соопштение.

„Изборниот молк се крши во текот на ноќта и во текот на предизборниот молк. „Цивил“ доби неколку извештаи од изборните набљудувачи и едно аудиосведоштво за изборен поткуп во Штип. Социјалните мрежи се вистински воени зони. Се користи говор на омраза кон политичките противници, но забележливо е што се користат стравот, омразата и поделбите. Етничката и верската омраза, хомофобијата и ксенофобијата се основни алатки на дел од политичките субјекти кои се во изборната трка, како на теренот, така и на интернет“, се вели во соопштението на „Цивил“.

Во пресрет на изборниот ден утре, „Цивил“ апелира до избирачките одбори во општините да ги извршуваат своите задачи совесно и професионално.

„Бараме од избирачките одбори да бидат кооперативни со нашите набљудувачи и да не се обидуваат да ја опструираат нивната работа“, се додава во соопштението.


„Цивил“: Нема потврда за наводите на ВМРО-ДПМНЕ за поткуп на гласачи


Скопје, 27 октомври, 2017 - 13:11 (META) 

Набљудувачите на „Цивил“ не откриле ниту еден случај што би ги потврдил како основани наводите на ВМРО-ДПМНЕ за поткуп на гласачи, изнесени пред првиот круг од локалните избори, што се одржа на 15 октомври.

Како што пишува „Цивил медиа“, ваквите наводи на ВМРО-ДПМНЕ, со навестувања за поткуп на гласачи, биле дел од документ што лидерот на партијата, Никола Груевски, им го доставил на претставници на меѓународната заедница, во деновите пред првиот круг од локалните избори.

„Цивил“, поради тоа, го доставил документот и до своите набљудувачи, од кои било побарано да посветат особено внимание на овие наводи и да побараат потврда за каков било случај што би можел да ја потврди вистинитоста на овој документ.

„Заклучокот од оваа активност на набљудувачите е дека тие не открија ниедна потврда за наводите на ВМРО-ДПМНЕ за поткуп на гласачите“, пишува „Цивил медиа“.

Според документот на ВМРО-ДПМНЕ, станувало збор за поткуп на гласачи во повеќе градови во земјава, а во него биле наведени и лица кои, наводно, ги вршеле незаконските активности.

Многу од наведените случаи на поткуп на гласачи во документот на ВМРО-ДПМНЕ, според извештаите на набљудувачите на „Цивил“, се неосновани бидејќи дел од споменатите лица не постојат, а за другите се утврдило дека се далеку од тоа да ги извршат изборните нерегуларности за кои се говори во документот.

Според извештаите на „Цивил“ од локалните избори на 15 октомври, а во пресрет на вториот круг на 29 октомври, регистрирани се четири обиди за поткуп на гласачи. Ниеден од тие случаи не е во релација со локациите или лицата наведени во документот на ВМРО-ДПМНЕ.


Кривична пријава за жител на Корешница кој нудел поткуп за глас во Демир Капија


Неготино, 14 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

М.С. од село Корешница, Демир Капија, во Полициската станица Неготино пријавил дека С.Б. (43) од село Корешница му понудил пари за да гласа за еден од кандидатите за градоначалник на Демир Капија.

Во Полициска станица Неготино во врска со настанот повикани биле неколку лица, а бил известен и јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Кавадарци и од Основно јавно обвинителство Велес, по што пријавениот добил кривична пријава.


ВМРО-ДПМНЕ: Дали Владата дала милион евра на невладините за да купува гласови?


Скопје, 4 октомври, 2017 - 17:02 (META) 

„Веќе пет дена Владата не дава одговор на кои невладини организации се префрлени еден милион евра во предизборниот период и за каква намена ќе бидат користени. Повторно го прашуваме СДС, дали се врши масовен поткуп за гласови и дали се прави нов инженеринг за претстојните локални избори“, рече Соња Гелова-Стојановска на партиска прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Таа рече дека во четири дена во август на сметка на невладини организации се префрлени 264.000 евра, а трансферите продолжиле и во септември. Според неа, на 20 септември биле префрлени 85.500 евра, на 26 септември – 267.000 евра, а на 27 септември на сметките на невладините организации се префрлени 214.450 евра, односно вкупно 831.000 евра.


Рочиштето за „Поткуп“ oдложено, судот одби да ги изземе снимките објавени на „Јутјуб“


Скопје, 27 септември, 2017 - 10:58 (META) 

Рочиштето за случајот „Поткуп“, во кој првообвинет е премиерот Зоран Заев, денеска беше одложено поради боледување на судијката Дијана Груевска-Илиевска. Следното рочиште е закажано за 20 ноември.

Судијката Ленка Давиткова на одбраната ѝ го врачи решението од Основниот суд Скопје 1 дека одбиено им е барањето од предметот да бидат изземени доказите од посебните истражни мерки (ПИМ), односно снимките што беа објавени на „Јутјуб“ пред две години.

Адвокатот на Заев, Филип Медарски, најави жалба на ова решение.

Според обвинението, Заев се товари дека во својство на службено лице, како градоначалник на Струмица, од бизнисменот Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар, за градежно земјиште во Струмица кое бизнисменот бил заинтересиран да го приватизира.