За три години, тројно се намалени пријавите за несакани реакции од вакцини (инфографик)


Скопје, 31 октомври, 2018 - 13:54 (META) 

За три години, тројно е намален бројот на пријави од граѓани за несакани реакции од вакцините, покажува евиденцијата на Институтот за јавно здравје. Во 2015 година, регистрирани се 48 пријави за несакани ефекти од вакцини, додека во 2016 се регистрирани 16, а во 2017 само 13 пријави.

Значителното намалување на несаканите реакции може да се поврзе со воведувањето на поливалентните вакцини од пред три години. Со поливалентните вакцини компонентата на ацелуларната вакцина против голема кашлица ја замени целуларната вакцина која во минатото била причина за повеќе од 90 отсто несакани реакции после вакцинацијата, во исто време се намали и бројот на убоди, а со тоа е намалена и можноста за локална реакција на местото на апликација на вакцината.

Опфатот со вакцината против хуман папилома вирусот (ХПВ) која беше воведена во 2009 година,  досега во просек за сите години наназад, е 48 отсто. Според бројките во извештајот за имунизација, може да се заклучи дека ХПВ вакцината има најнизок опфат од сите вакцини. Вакцината е безбедна според епидемиолозите, но како и сите медицински средства може да предизвика несакани реакции кои се ретки и обично многу лесни, локални реакции како болка, црвенило и оток на местото на убодот.

Досега во Институтот не се пријавени несакани реакции предизвикани од оваа вакцина. Вакцината против ХПВ се употребува во многу земји во светот, но кај нас одзивот за вакцинација е се` уште слаб.

Ако се погледнат подетално бројките од извештајот на Институтот за јавно здравје, се забележува дека вкупниот опфат со две дози вакцина против заболувања причинети од ХПВ во државата изнесува 48 отсто. Опфатот се движи од 12,1 отсто во Битола, до 100 отсто на територијата на само неколку подрачни единици – Кавадарци, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Кратово, Дебар и Пробиштип. Опфат понизок од вкупниот опфат во земјата (48 отсто) е регистриран во Тетово, Гостивар, Струмица, Охрид, Скопје и Битола.

Maкедонија е една од првите земји во регионот кои ја имаат воведено во редовниот календар за вакцинација.


ВМРО-ДПМНЕ: Ќе има долгорочни последици ако законот за јазици се донесе без расправа


Скопје, 14 март, 2018 - 11:52 (META) 

Насилното носење на неуставниот закон за двојазичност и евентуалното одземање на пратеничкото право на амандманска расправа е сериозен удар врз демократијата и преседан, кој во иднина може да има долгорочни последици, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение до медиумите.

„Насилното туркање на законот за двојазичност не е поврзано со никакви реформи, туку е поврзано со хипотеките што Зоран Заев ги влече од предизборието и непринципиелно обезбедената поддршка само за да се дограби и задржи на власт. СДСМ го креираше овој неуставен закон. Сега истиот им е поставен како уцена за да се одржат на власт и затоа бегаат како ѓавол од темјан од амандманска расправа. Повторно се подготвени да погазат и закони, Деловник и Устав само за да задржат власт и фотелја“, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека за овој закон немало никаква дебата и додаваат дека овој закон не само што е противуставен, туку не е ниту во согласност со Рамковниот договор и директно задира во унитарниот карактер на државата и на позицијата на македонскиот јазик.

„На крајот на краиштата, никакви реформи не се загрозени во Собранието, туку напротив Собранието може секој ден да става на седница вистински реформски закони за вистинските потреби на граѓаните и за тоа ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ. Доколку СДСМ и Заев се уценети со носењето на овој закон, ВМРО-ДПМНЕ јасно им упатува порака уште еднаш дека ќе ги поддржуваме сите реформски закони и ќе дадеме поддршка владата на Заев да остане само овој неуставен закон да не биде изгласан“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.


Делави: Ќе има последици ако се укине специјалниот суд на Косово


Приштина, 17 јануари, 2018 - 13:37 (META) 

Амбасадорот на САД во Косово, Грег Делави денеска изјави дека пратениците во косовското собрание кои ја поддржаа иницијативата за укинување на специјалниот суд за воени злосторства извршени од припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), како и политичарите кои ја ја предводеа, ќе се соочат со последици доколку иницијативата успее.

Обраќањето на Делави во врска со специјалниот суд е одржано во очи денешниот состанок на претседателството на косовското собрание на кој треба се одреди дневниот ред за следната седница, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Барањето на пратениците за укинување на специјалниот суд за воени злосторства и понатаму е на сила.

Амбасадорот Делави изјави дека посветеноста на Косово на правосудството и на иднината е под голем ризик поради иницијативата, додавајќи дека специјалниот суд е важен за Косово и дека САД ќе направат се судот да го спроведе својот мандат.

За обидите за укинување на специјалниот суд, Делави рече дека станува збор за „ужасен пример на сопствен интерес над заедничкото добро и интересите на Косово како држава“.

– Косово не може да биде држава во која неказнивоста е норма. Прифаќањето на таква реалност значи враќање во ерата на Милошевиќ против која се бореа генерации на Косово – рече Делави.

Тој во иметот на американската амбасада изрази сочувство на семејството Ивановиќ поради убиството на Оливер Ивановиќ, еден од лидерите на косовските Срби. Делави изјави дека неговото убиство е „трагедија за Косово“ и дека „никој не треба да го користи ова злосторство за политички цели“.


Вајгл, Кукан и Флекенштајн: Очекуваме влада за две недели, одложувањето ќе има последици


Брисел, 2 мај, 2017 - 17:33 (META) 

Европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои беа посредници во постигнувањето на Договорот од Пржино во јули 2015 година, денеска во заедничка изјава повторно го повикаа претседателот Ѓорге Иванов да ја почитува волјата на парламентарното мнозинство и побараа тие што имаат политичка и криминална одговорност за насилствата да сносат соодветни последици.

„Официјалната истрага треба ефикасно да ги идентификува и да ги гони извршителите на овие неприфатливи криминални напади. Политичката одговорност исто така треба да се утврди и да има соодветни последици за да се спречат вакви недемократски активности“, се вели во изјавата.

Тројцата европратеници го поздравуваат изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, изразувајќи поддршка и очекување дека новиот спикер целосно и веднаш ќе ги преземе своите одговорности во интерес на земјата и на сите граѓани.

„Како што разбравме, новиот спикер ќе го информира претседателот Иванов дека парламентот бара од него да ја преиспита својата позиција и да прифати дека на лидерот на мнозинството треба да му биде овозможено да формира влада без понатамошно одложување. Очекуваме ова да доведе до назначување нов премиер во наредните две недели. Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на парламентот и да престане со опструкциите на демократските процеси и желбата на граѓаните на земјата за крај на кризата“, стои во изјавата на европратеничката тројка.

Тие во заедничката изјава нагласуваат дека „понатамошните одложувања на формирањето на новата влада ќе има неизбежни последици“.

„Ги споделуваме желбите на граѓаните на Македонија да го видиме крајот на актуелната криза. Неможноста за формирање влада во следните две недели ќе претставува неуспех за политичките лидери на земјата да ги исполнат желбите на своите граѓани. Уште еднаш му препорачуваме на Европскиот парламент гласањето за извештајот за земјата за 2016 година да се одложи во исчекување на развојот на настаните во наредните две недели“, велат европратениците во својата изјава.


АПМ: Блокадата на Собранието остава многу негативни последици во секојдневниот живот


Охрид, 22 април, 2017 - 10:39 (META) 

Алијансата за позитивна Македонија (АПМ) бара да прекинат „игрите без граници“ со пасивното блокирање на изборот на претседател на Собранието и мирниот трансфер на власта, што треба да ја преземе новото парламентарно мнозинство.

„Граѓаните на Република Македонија го чувствуваат нефункционирањето на државата во секој чекор и во секој дел од животот, со што станаа и заложници на партиската врхушка на ВМРО-ДПМНЕ во нивната замисла да ја избегнат одговорноста за криминалите за што се обвинети или ќе бидат обвинети од Специјалното јавно обвинителство“, се вели во соопштението на АПМ.

Оттаму укажуваат дека блокадата на изборот на нова влада остава многу негативни последици во реалниот живот. Конкретно, од АПМ бараат преземање итни мерки за ублажување на тешката состојбата на земјоделците и во земјоделството.

„Најновите случувања со неинтервенирањето на државата во врска со заштитата на посевите и на насадите од ниската температура, а при тоа ако се додадат и неисплаќањето на минатогодишните субвенции на земјоделците, состојбата кај земјоделците е сериозно нарушена до работ на егзистирање и на функционирање. Состојбата е битно загрозена во Преспанскиот Регион каде што овоштарите имаа големи штети и од минатогодишниот мраз“, велат од АПМ.


ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дозволиме донесување решенија спротивни на државните интереси


Скопје, 4 март, 2017 - 10:00 (META) 

Доколку СДСМ и Зоран Заев се сигурни дека прифаќањето на сеалбанската платформа е добро за иднината на Македонија и таа би била поддржана од граѓаните, нека прифатат распишување на нови избори на кои би се гласало и за платформата од Тирана, се вели во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, а по одлуката на централното претседателство на ДУИ, партијата да влезе во влада предводена од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека на декемвриските избори граѓаните не гласале за платформата од Тирана и дека таа или која било платформа подготвена во туѓа држава не може и не смее да стане услов за формирање на влада во Република Македонија.

„СДСМ е уценет за да ја прифати платформата и да работи на наоѓање начини истата да се реализира. Помалку е важно со што е уценет Зоран Заев и СДСМ. Многу поважно е да се спречат последиците од уцената и спроведувањето на платформата. Тие ќе значат редефинирање на Македонија и носат ризик за да предизвикаат тензии. Доколку Зоран Заев не е сигурен во сопствениот рејтинг и во поддршката, сметаме дека СДСМ треба да ја отфрли платформата и да се откаже од реализацијата на сите елементи од неа кои водат кон формирање на бинационална држава. Во таков случај ВМРО-ДПМНЕ ќе му ги даде своите гласови на СДСМ за да формира влада, каква што сака, но без уцени и прифаќање платформи кои предизвикуваат далекусежни штети“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата нагласуваат дека таа чувствува обврска „да ја почитува волјата на мнозинството граѓани кои гласаа за Коалицијата за подобра Македонија“ и дека „заради почитта кон нив и стратешката определба, ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се донесат никакви решенија што се спротивни на државните и национални интереси“.


Кристин Лагард прогласена за виновна за невнимателна одлука за трошење јавни пари


Париз, 19 декември, 2016 - 16:18 (META) 

Шефицата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард, е прогласена за виновна поради невнимателност во периодот додека сè уште била министерка за финансии на Франција. Таа, како што пишува „Њујорк тајмс“, можеби ќе биде принудена да се повлече од својата функција.

На директорката на ММФ ѝ се судеше поради последиците од спорот што во 2008 година го водеше францускиот бизнисмен Бернард Тапие против банката „Кредит Лион“, во врска со продажбата на компанијата „Адидас“, чиј сопственик беше Тапие од 1989 година.

Тапие во 2007 година продажбата на компанијата ја довери на банката, но потоа ја тужеше бидејќи, како што тврдеше, го оштетила во продажбата.

Кристин Лагард, која во тоа време беше министерка за финансии на Франција, одобри судскиот спор да се реши со арбитража, по што државата на Тапие во 2008 година му исплати отштета од 400 милиони евра.

Лагард е обвинета дека не направила доволно за да се спречи исплатата на Тапие, односно обвинета е за невнимание во користењето јавни средства. Ова обвинение ретко се користи и тоа во случаи кога доказите укажуваат на тоа дека обвинетите несвесно учествувале во активностите за да се изигра државата.

На шефицата на ММФ ѝ се заканува затворска казна од една година и парична казна од 15.000 евра.

Сепак, судијата напоменал дека Кристин Лагард, на која во февруари ѝ почна вториот петгодишен мандат на чело на ММФ, нема да оди во затвор.

Но, оваа пресуда ќе му нанесе голема штета на нејзиниот углед, а воедно ќе го дестабилизира ММФ, во момент кога организацијата се соочува со големи предизвици, пишува „Њујорк тајмс“.


Шилегов: Власта нема да избегне одговорност за последиците од поплавите


Скопје, 16 септември, 2016 - 17:19 (META) 

Раководните кадри на власта на ВМРО-ДПМНЕ во институциите, нема да избегнат одговорност за ужасните последици од поплавите, колку и да се обидуваат да бегаат. Тоа што цел ден се обидуваат да ја блокираат Надзорната расправа покажува до каде оди неодговорноста на овие луѓе, изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Тој додаде дека поплавите на Скопје му се случија, бидејќи во 21 век делови од главниот град немаат канализација.

„Најголем дел од каналите се неисчистени. Институциите потфрлија. Не реагираа на време. Груевски беше 10 години премиер, негови кадри раководат со сите надлежни институции. Тие треба да им ги дадат одговорите на граѓаните за катастрофата од поплавите,“ додаде Шилегов.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ сака политички да ја злоупотреби поплавата


Скопје, 23 август, 2016 - 14:35 (META) 

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ е секогаш за дебата во Собранието, затоа поддржува одржување на надзорна расправа за поплавите што ја погодија Македонија, одговори владејачката партија на барањето од СДСМ.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како досега, така и сега, поддржува дебата и ќе направи сè што е во нејзина можност, преку дебата и преку постапки во Собранието да им помогне на граѓаните во погодените подрачја, иако сме свесни дека СДСМ, како и на пленарната седница, така и сега, единствено сака политички да ја злоупотреби оваа тема“, пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партијата, во недостиг од идеи, програма, кадровски капацитет и поради нискиот рејтинг, СДСМ се обидува преку поплавата да добие евтини политички поени.


Во септември странците ќе завршат со процената за штетата од поплавите


Скопје, 23 август, 2016 - 13:53 (META) 

Процената што треба да ја направи тимот на Европска Унија, Обединети нации и на Светска банка за штетите од катастрофалните поплави што се случија на почетокот на месецов, ќе биде завршена на крајот на септември, се вели во заедничката изјава на ЕУ, ООН и на Светска банка.

Стратегијата за обнова треба да ги идентификува приоритетите и да даде детална процена на трошоците, обезбедувајќи рамка за донаторска поддршка.

„Анализата на тимот ќе се заснова врз принципите на одржливиот развој. Тоа вклучува обнова и подобрување на оштетената инфраструктура заради зајакнување на нејзината отпорност и зголемување на нејзината улога во спречувањето на вакви слични катастрофи во иднина“, пишува во изјавата.

Постојаниот координатор на ООН во земјата, Луиза Винтон, вели дека помошта треба да се осврне на недостатоците во инфраструктурата за заштита, како што се одводните канали и системи.

„Треба да се смени однесувањето на населението, да се спречи депонирањето отпаден материјал во одводните канали и коритата и да не се градат објекти во делови каде постои висок ризик од поплави. Ова значи и воспоставување системи за рано предупредување кои можат да алармираат брзо за опасност од поплави од пороен дожд“, смета Винтон.

Според директорот на Светска банка, Марко Мантованели, итното преземање на активности за намалување на постојниот ризик од природни непогоди, избегнувањето креирање на нови фактори на ризик и поефикасната реакција на катастрофи се неопходни за да се минимизираат последиците од овие настани врз населението и врз економијата во иднина.

Мартин Клауке, раководител за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, смета дека во ваква ситуација треба да се согледа и коренот на причините за поплавите.