Ослободени сите заложници од поштата во Харков, напаѓачот уапсен


Харков, 30 декември, 2017 - 21:11 (META) 

Сите заложници во поштата во украинскиот град Харков се ослободени, а напаѓачот е уапсен. Во инцидентот нема настрадани лица, јавуваат агенциите.

„Успешно заврши операцијата за ослободување на заложниците во поштата во Харков. Сите заложници се ослободени, а напаѓачот е уапсен. Им наложив на локалните власти да им ја обезбедат сета неопходна помош на жртвите“, напиша на „Твитер“ украинскиот претседател, Петро Порошенко.

Претходно, напаѓачот, кој денеска со експлозив околу појасот влезе во поштата и држеше во заложништво 11 лица, ослободи петмина од нив – три жени и две деца.

Според информациите на агенциите, напаѓачот влегол во поштата со намера да ја ограби.


Маж со експлозив држи 11 заложници во пошта во Харков


Харков, 30 декември, 2017 - 18:50 (META) 

Маж за кого се верува дека е вооружен со експлозив држи девет возрасни лица и две деца како заложници во пошта во градот Харков, во североисточниот дел на Украина, соопшти полицијата, јавуваат светските агенции.

Неидентификуваниот маж не изнел некакви барања. Тој, како што пренесуваат агенциите, се однесува мирно и комуницира со полицијата, која го блокираше подрачјето околу поштата.

„Мажот во поштата изрази загриженост околу неодамнешната размена на заробеници меѓу украинските власти и проруските сепаратисти и смета дека треба да се разменат уште заробеници“, изјавил началникот на регионалната полиција, Олег Бех, додавајќи дека полицијата сè уште не знае што тој бара.

Украина и проруските сепаратисти во средата, оваа недела, разменија стотици заробеници, што е најголема размена од избувнувањето на судирите во источен Донбас, во кои досега се убиени повеќе од 10.000 лица.


Го украле сефот од поштата во Вевчани и го оставиле на улица


Вевчани, 6 јануари, 2017 - 15:06 (META) 

Ноќта помеѓу 5 и 6 јануари се случил обид за кражба во локалната пошта во Вевчани.

Крадците ја скршиле решетката и ја обиле влезната врата, по што го одзеле сефот, во кој, неофицијално, имало околу 70.000 денари.

Инцидентот се случил околу 2 часот по полноќ, но, за среќа, крадците не успеале во намерата затоа што ги слушнал соседот, по што во паника го оставиле сефот на улица и избегале со возилото кое било паркирано во непосредна близина.

Полицијата направила увид и се прават напори да се откријат сторителите.


Од поштата во Миладиновци украден сеф со пари и со документи


Скопје, 17 декември, 2015 - 14:08 (META) 

Ноќта меѓу вторникот и средата неделава, непознат сторител провалил во поштата во скопското село Миладиновци и украл сеф, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, крадецот насилно ја отворил влезната врата, влегол внатре и одзел сеф во кој имало пари и документи.

Извршен е увид на местото и полицијата презема мерки за пронаоѓање на сторителот.


Украдени 104.500 денари од поштата во село Жван


Демир Хисар, 8 декември, 2015 - 16:35 (META) 

Непознато лице ја ограбило поштата во демирхисарското село Жван и од неа украло вкупно 104.500 денари, соопшти полицијата.

Кражбата била извршена во периодот меѓу 5 и 7 декември годинава. Крадецот со употреба на физичка сила и соодветен алат, насилно ја отворил влезната врата, а потоа насилно го отворил металниот сеф од каде ги одзел парите, по што го напуштил местото на настанот.

Полицијата работи на целосно расчистување на случајот.


Поштата на САД, мета на хакерски напад


Вашингтон, 11 ноември, 2014 - 11:54 (META) 

Поштата на Соединетите Американски Држави соопшти дека била на удар на сајбер-напад и дека е можно да се загрозени податоците на околу половина милион нивни вработени и на клиентите со кои контактирал повикувачкиот центар од јануари до средина на август. Поштата на САД соработува со ФБИ во истражувањето на случајот и на обемот на штетата.
Дел од податоците на вработените до кои дошле хакерите се имињата на вработените, телефонските броеви, датумите на раѓање, адресите, како и броевите на социјалното осигурување. Во нападот кој се случил во средина на септември, можно е да се загрозени телефонските броеви и електронската пошта на клиентите кои контактирале со службата на корисници на поштата преку телефон или електронска пошта.