Oсуммина загинати во пожар во зграда во Португалија


Лисабон, 14 јануари, 2018 - 10:35 (META) 

Во пожар што вчеравечер зафатил еден кат од зградата на Граѓанскиот дом во Вила Нова да Раиња, приградска населба на Тондела, околу 250 километри северно од Лисабон, загинаа најмалку осум лица, а најмалку 35 се повредени, објавија локалните власти.

Пожарот избувнал откако експлодирал котел за парно греење, а во тој момент во Граѓанскиот дом имало околу 60 луѓе, кои учествувале на аматерски турнир во картање или гледале фудбал на телевизија. Огнот веднаш по експлозијата го зафатил покривот и почнал бргу да се шири, предизвикувајќи паника.

Според градоначалникот на Тондела, Жосе Антонио Жесус, во зградата многу бргу се насобрал јаглероден моноксид. Според еден весник, стаклената волна во покривот веројатно го засилила ширењето на пожарот.  Во објектот имало многу чад, па луѓето биле дезориентирани, а некои од нив паѓале едни врз други при обидот да избегаат по скалите.

Пожарот бил изгаснат за еден час, а во интервенцијта учествувале повеќе од 170 пожарникари и три хеликоптери со кои повредените биле транспортирани во блиската болница.


Високите температури предизвикаа пожари во Грција, Португалија и на Корзика


Лисабон, 14 август, 2017 - 12:13 (META) 

Високите температури и сувиот воздух предизвикаа нови пожари на југот на Европа, а најмногу во Грција, Португалија и на Корзика.

Пожарот што изби во село кај Атина, уништи неколку куќи и го примора локалното население да ги напуштат домовите.

На францускиот остров Корзика поради пожари евакуирани се околу 1.000 луѓе. Пожарите избувнале во четвртокот, пренесуваат локалните медиуми.

Повеќе од 4.000 пожарникари се борат со 250 шумски пожари низ цела Португалија, која побарала помош од Европската Унија во совладување на огнената стихија.

Портпаролката на агенцијата за цивилна заштита, Патрисија Гаспар, изјавила дека во саботата во Португалија избиле 268 пожари, што е најголем број на пожари во еден ден.

Поради топлото лето, во Португалија ова лето се случија најлошите пожари во Европа. Животите ги загубија 64 лица.

 


Осумгодишно девојче и маж прегазени од мал авион на плажа во Португалија


Лисабон, 3 август, 2017 - 10:44 (META) 

Осумгодишно девојче и 56-годишен маж вчера ги загубија животите откако биле удрени од мал авион од марката „цесна“, кој слетувал на плажата Капарика, близу главниот град на Португалија, Лисабон.

Малата „цесна“, која е на пилотска школа од Тореш Ведраш, поради технички проблеми принудно слетала на плажата на околу 30 километри јужно од Лисабон.

Повеќето капачи, кога виделе дека авионот слетува на плажата, се затрчале кон морето.

– Сè се случи многу бргу, немаше шанси да се подготвиш, да бегаш – раскажува Енрике Коелјо, кој играл со синот на плажата подалеку од местото каде авионот удрил во двајцата загинати.

Претходно авионот се движел неурамнотежено веднаш над капачите.

Инструкторот и ученикот кој се обучувал за пилот се неповредени, а по инцидентот биле приведени.

Загинатото девојче било со двајцата родители, кои поминале без повреди.


Вкупно 2.300 пожарникари се борат со новите пожари во Португалија


Лисабон, 24 јули, 2017 - 11:04 (META) 

По краткото затишје, во Португалија избија серија шумски пожари во централниот дел на земјата, поради што се ангажирани 2.300 пожарникари, соопштија денеска властите во Лисабон.

– Силниот ветар ја отежнува борбата против пожарот, кој би можел да се прошири – велат од португалската служба за цивилна заштита.

Најголем пожар изби во околината на Серта, на подрачјето Кастело Бранко, каде се испратени 800 пожарникари. Во гаснењето е вклучено и локалното население.

Околу 600 војници се испратени во другите подрачја, каде пожарите се помали.

Во големиот пожар кој изби на средината на јуни во околината на Педрогао Гранде настрадаа 64 лица, а повеќе од 200 беа повредени.


Се урна „канадер“ гасејќи го катастрофалниот пожар во Португалија


Лисабон, 20 јуни, 2017 - 20:54 (META) 

„Канадер“ кој го гасел катастрофалниот пожар во Португалија денеска се урна во областа Педрогао Гранде, јавуваат светските агенции. Засега нема информации за евентуални жртви.

Како што пренесува ХРТ, екипажот на „канадерот“ го сочинувале две лица.

Во пожарот, кој избувна во саботата во централниот дел на Португалија, животите ги загубија 64 лица, а повеќе од 150 се повредени. Голем дел од жртвите настрадале во своите автомобили, додека се обидувале да побегнат од огнената стихија.

Повеќе од 1.000 пожарникари и „канадери“ од неколку земји учествуваат во гаснењето на големиот пожар.


Бројката загинати во шумските пожари во Португалија достигна 62 лица


Лисабон, 18 јуни, 2017 - 16:47 (META) 

Неконтролираниот шумски пожар што го погоди централното подрачје на Португалија од вчеравечер досега одзеде 62 човечки живота и повреди десетици луѓе. Стихијата медиумите од Европа ја нарекоа најголемата трагедија од шумски пожари во последните години.

Владата на Португалија веќе прогласи тридневна жалост.

Најмалку 54 луѓе се повредени во пожарот, вклучувајчи осуммина пожарникари и едно дете. Четворица од пожарникарите се во критична состојба денеска, според Пауло Сантош, одговорно лице од Националната команда за заштита во Лисабон.

Како што е наведено, повеќето луѓе изгореле живи во своите автомобили додека се обидувале да избегаат од местото Педрогау Гранде, каде пожарот изби синоќа.

Многу куќи се зафатени, голем дел изгореа, а пожарникарите и денеска се борат со огнената стихија. Се претпоставува дека нивната бројка изнесува повеќе од 700.

Властите очекуваат бројката на жртви да се зголемува.

– Се соочуваме со ужасна трагедија. Можно е оваа бројка да се зголемува. Ова е најголемата трагедија во последно време во поглед на шумските пожари – изјави  португалскиот премиер Антонио Коста во седиштето на португалската цивилна заштита во Лисабон.

Температурата во многу области на Португалија вчера надмина 40 Целзиусови степени, а во земјата ноќеска избувнале 60 шумски пожари.

Соседна Шпанија испрати два пожарникарски авиони напомош утрово.


Загинаа најмалку 43 лица во шумски пожар во Португалија


Лисабон, 18 јуни, 2017 - 10:57 (META) 

Најмалку 43 лица загинаа синоќа во шумски пожар во околината на португалскиот град Леириа, во центарот на земјата.

– Се соочуваме со ужасна трагедија. Можно е оваа бројка да се зголемува. Ова е најголемата трагедија во последно време во поглед на шумските пожари – изјави  португалскиот премиер Антонио Коста, во седиштето на португалската цивилна заштита во Лисабон.

Најмалку 59 лица се повредени, од кои шестмина се пожарникари. Уништени се голем број куќи.

Пожарот избувнал во близина на Педрогау Гранде, на околу 200 километри од главниот град Лисабон, околу 15 часот по локално време, по што биле ангажирани неколку стотици пожарникари и 160 пожарникарски возила. Од загинатите, 22 изгореле до смрт во нивните автомобили, кога бегајќи се нашле опколени од огнот на патот меѓу Фигуеиро дош Винхош и Кастанхеира де Пера. Најмалку тројца загинале од задушување.

Температурата во многу области на Португалија вчера надминуваше 40 Целзиусови степени, а во земјата ноќеска избувнале 60 шумски пожари.

Соседна Шпанија испрати два пожарникарски авиони напомош утрово.


Пет лица загинаа во експлозија во фабрика во Португалија


Лисабон, 5 април, 2017 - 11:07 (META) 

Во експлозија во фабрика за пиротехнички материјали на северот на Португалија загинаа пет лица, а три се сметаат за исчезнати, соопшти португалскиот државен секретар за внатрешни работи, Хорхе Гомез.

Повеќе од сто пожарникари се вклучени во гаснењето на пожарот, кој предизвикал експлозија што се случила кон крајот на денот во фабриката, која се наоѓа на подрачјето на Ламега.

Како што јавуваат локалните медиуми, сопственикот на фабриката и неговата ќерка се меѓу жртвите.


Четворица загинати и илјадници евакуирани во пожарите во Франција и во Португалија


Париз, 11 август, 2016 - 11:42 (META) 

Најмалку четири лица загинаа, повеќе десетина куќи се уништени, а повеќе илјади се евакуирани поради пожарите кои ги зафатија јужните делови на Франција и Португалија.

Во Франција, пожар поради силниот ветер се шири кон Марсеј. Мобилизирани се 1.500 пожарникари, а повеќе од 1.000 лица биле принудени да ги напуштат домовите.

Локалните власти велат дека пожарот е со помал интензитет, но оти засега се уште не е под контрола.

Пожари има повеќе локации на југот на Франција, вклучувајќи ја и индустриската зона во близина на Марсеј, во која се наоѓаат складишта со нафта и гас.

Францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казнев изјави дека при гаснењето на пожарот во округот Еро се повредени четири пожарникари, од кои тројца потешко.

Повеќе стотини возрасни и деца поради опасност од пожар се евакуирани од рекреативните центри и куќи во градот Витрол, северно од Марсеј.

Како што јавуваат локалните медиуми, најмалку 2.700 хектари земја се уништени, а аеродромот во Марсеј поради канадерите го пренасочи патничките авиони кон другите аеродроми во земјата.

Во Португалија, на островот Мадеира загинаа три постари лица и еден шумар, а повеќе од 300 се добиле по полесни изгореници или имаат проблеми со респираторните органи поради вдишениот чад.
Како што јавуваат португалските медиуми, во земјата беснеат вкупно 186 шумски пожари.


ЕУ им даде нов рок на Шпанија и на Португалија да се справат со буџетскиот дефицит


Брисел, 9 август, 2016 - 14:13 (META) 

Европската унија денеска им постави нов рок на Шпанија и на Португалија за да ги усогласат дефицитите со буџетските правила на ЕУ, соопштија европски претставници.

Португалија мора да го коригира дефицитот до следната, а Шпанија најдоцна до 2018 година. Новите рокови ги одобрија сите членки на ЕУ.

Шпанија и Португалија мораат до 15 октомври да поднесат извештај и план за намалување на дефицитот на пропишаните три отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Португалија минатата година имаше дефицит од 4,4 отсто од БДП, а годинава ќе мора да го намали на 2,2 отсто. Буџетскиот дефицит на Шпанија, која со месеци е во политичка криза, изнесува 5,1 отсто.
Двете земји избегнаа финансиска казна од ЕУ поради пробивање на дефицитот и кршењето на европските буџетски правила.