Порој однесе најмалку 10 животи во јужна Италија


Рим, 21 август, 2018 - 12:42 (META) 

Најмалку 10 жртви однесе порој што се појави по обилните дождови во јужниот италијански регион Калабрија. Загинатите биле туристи, главно Италијанци, кои вчера биле на планинарење и се движеле во исушената клисура, кога ненадејно надошла водата од обилните дождови.

Според италијанската цивилна заштита, 18 луѓе се спасени, а шестмина се во болница. По преживеаните и телата загинатите се трагало вчеравечер и во текот на ноќта, со големи рефлектори.

Трагедијата се случила во кањонот на Раганело во  источниот дел на националниот парк Полино. Во времето на инцидентот во кањонот имало најмалку две туристички групи.

Спасувачката операција е во тек, оти уште три лица се водат како исчезнати.

Карло Танси, раководител на Отсекот за цивилна заштита на Калабрија вели дека клисурата бргу се наполнила со вода и луѓето ги катапултирала од карпите.

Според Лука Франчезе од Горската спасителна служба во Италија водата во клисурата достигнала 2,7 метри височина, а ваквиот порој типично се случувал зиме, а никогаш на лето, поради што многу туристи се упатуваат во разгледување токму во летните месеци.

Ова е втора голема трагедија во Италија во две седмици. На 14 август се урна мост на автопат во Џенова, при што загинаа вкупно  43 лица.

 


ВМРО-ДПМНЕ Тетово: Заев ги заборави жителите на Порој


Тетово, 4 јули, 2017 - 15:05 (META) 

„Со секој поминат ден, граѓаните сè повеќе се уверуваат во несериозниот однос на Зоран Заев и на СДС. Еве, денеска се наоѓаме во селото Порој, каде што и по еден месец од поплавите што го погодија ова населено место, сè уште состојбата на патиштата и на мостовите не е нормализирана. И покрај ветувањата дека за една недела овие работи ќе се решат, чистењето е целосно запрено, а механизацијата е целосно повлечена“, обвини Александар Велјаноски од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово.

Тој посочи и на проблемот со главниот мост на патот Тетово – Јажинце, за кој, како што рече, има потврда и од Дирекцијата за заштита и спасување дека е премногу оштетен и опасен за сообраќај.

– Ветувањата што ги даваше Заев и за санација на овој мост и за изградба на неколку други, како и сите други ветувања од страна на СДС, засега се само мртва буква на хартија. Ги повикуваме Зоран Заев и СДС наместо да продаваат демагодија и лажни ветувања, веднаш да се фатат за работа и да почнат да ги реализираат ветувањата што ги дадоа пред граѓаните – рече Велјаноски во Порој денеска.


Владата одлучи патот кај Порој да се исчисти, а земјоделците да се обесштетат


Скопје, 7 јуни, 2017 - 21:05 (META) 

На вечерашната трета владина седница на која се расправаше за штетите во поплавените подрачја во Порој, било истакнато дека Дирекцијата за заштита и спасување и Општината Тетово треба веднаш да почнат постапка за расчистување на наносот на регионалниот пат Тетово – Јажинце, а Владата препорачала да помогне и Армијата.

На патот имало нанос од песок и од земја од околу 70.000 кубни метри и било неопходно бргу да биде исчистен.

„Исто така, на седницата е информирано дека од поплавите во Тетовско, зафатени се 50 хектари земјоделски површини, пред сè овошни и градинарски насади и житни култури. Владата го задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и за водостопанство да ја почне постапката на прибирање барања од земјоделците за надомест на штети, по што надлежни комисии ќе излезат на терен за увид на штетите и за утврдување на висината на средствата потребни за нивно обештетување“, се вели во соопштението на Владата.


Груевски во посета на тетовските поплавени села


Тетово, 24 август, 2015 - 15:12 (META) 

Премиерот Никола Груевски, денеска ги посети тетовските поплавени села Теарце и Порој, кaде заедно со министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски посетија санирањето и проширувањето на коритото на Поројска река. Ги посетија и поплавените домови во селото Доброште, каде ветија што поскоро обештетување на загрозените од поплавите.

Попладнево Груевски беше на почеток на реконструкција на локалниот пат во село Непроштено, кој е во должина од 1.300 метра. Тој изјави дека овој пат не бил во програмата на Владата, туку неговата реконструкција е по барање на жителите ова село. Според Груевски патот целосно ќе биде реконструиран за четири месеци, а најави и реконструкција и надградба на локалните патишта во селата Слатино и одри кој припаѓаат во општина Теарце.

За селото Непроштено, Груевски вети и ново монтажно основно училиште за учениците по македонски наставен јазик.