!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

НБРМ ја намали проекцијата за пораст на БДП од 3,5 на 2,5 отсто


Скопје, 25 мај, 2017 - 13:16 (META) 

Наспроти октомвриската проекција на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за 2017 година од 3,5 отсто, во априлската проекција на Народна банка, порастот на БДП е намален за еден отсто, односно на 2,5 отсто.

Оваа корекција, според објаснувањето на НБРМ, е направена поради политичката криза, која што продолжи и на почетокот на 2017 година, иако при октомвриската прогноза се сметаше дека таа набргу ќе заврши.

– До крајот на годината очекуваме постепено разрешување на кризата, стабилизирање на амбиентот и исцрпување на неповолните ефекти – изјави гувернерот на Народна банка, Димитар Богов.

Гувернерот додаде дека последните три години иако имавме политичка влада, немавме политичка стабилност.

– Потребна ни е политичка стабилност и намалување на неизвесноста за поголем економски пораст – додаде Богов.

Во однос на формирањето на новата влада, тој додаде дека Народна банка секогаш имала конструктивен однос и монетарната политика ќе ја прилагоди на фискалната политика на новата влада, откако ќе биде објавена новата економска програма.

Главни фактори кои ќе влијаат на економскиот пораст во 2017 година ќе бидат извозот и личната потрошувачка, како и продолжување на циклусот на јавните капитални инвестиции и пораст на странските директни инвестиции.


Министерство за здравство: Внимателно изложувајте се на повисока температура


Скопје, 13 мај, 2017 - 13:29 (META) 

Министерството за здравство препорача да се внимава со изложување на најавената висока температура на воздухот, што, како што соопшти, може да има последици по здравјето кај некои лица.

„Се препорачува граѓаните да бидат внимателни, имајќи предвид дека изложеноста на повисока температура, без претходна постепена адаптација, создава чувство на поинтензивна топлина слична на таа во летните месеци и може да предизвика здравствени проблеми кај некои лица. Воедно, се препорачува хронично болните лица редовно да ја земаат пропишаната терапија“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Според информации од Управата за хидрометеоролошки работи, од денеска до утре попладне се очекува температура повисока од вообичаената за овој период од годината на подрачјето на целата земја.


Тевдовски: Mинималната нето-плата ќе се зголеми на 12.000 денари


Скопје, 10 мај, 2017 - 15:18 (META) 

„Новата влада, веднаш по формирањето, во консултации со социјалните партнери, ќе го пушти во собраниска процедура законот за зголемување на минималната плата“, најави денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за економија на СДСМ, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека минималната нето-плата ќе се зголеми на 12.000 денари и ќе важи и за индустријата за текстил, облека и за кожа.

„Тоа значи дека околу 42.000 работници само од трите индустрии ќе носат дома по 2.410 денари повеќе секој месец. Сите други работници кои примаат минимална плата, ќе добиваат по 1.920 денари повеќе од досега. За да нема отпуштања вработени, ќе се формира Фонд за поддршка на животниот стандард за вработените во индустрија за текстил, облека и за кожа, кој на работодавците ќе им покрие дел од зголемувањето на платата“, изјави Тевдовски.

Тој најави дека за да се спречат злоупотреби, контрола за исплата на минималната плата, покрај Инспекторатот за труд, ќе ја врши и Управата за јавни приходи.


Еврото на шестмесечен максимум по победата на Макрон


Токио, 8 мај, 2017 - 12:12 (META) 

По победата на Емануел Макрон на претседателските избори во Франција, утринава еврото ја достигна највисоката вредност во последните шест месеци во однос на доларот и на јенот, јавија светските медиуми.

Причината е што инвеститорите се убедени дека ваквиот резултат, односно победата на Макрон над ултранационалистката Марин ле Пен, претседателка на крајно десничарската партија Национален фронт, ќе предизвика свеж дотек на пари во еврозоната.

Доларот во однос на еврото падна на 1,202, кога берзите во Азија реагираа оптимистички, но набргу се искачи на 1,099 кога почнаа со работа и европските берзи. Индексите на европските берзи исто така почнаа да се зголемуваат, а FTSE 100 во Лондон се искачи на самото отворање за 0,5 отсто.

На азиските берзи, исто така, едно евро се продаваше за 124,59 јени, во споредба со 124,05 јени на крајот од минатата недела и го достигна својот највисок курс кон јапонската валута по повеќе од една година.


ММФ ја намали прогнозата за пораст на економијата од 3,5 на 3,2 отсто


Вашингтон, 19 април, 2017 - 13:53 (META) 

Меѓународниот монетарен фонд ги намали проекциите за пораст на македонската економија за 2017 година.

Во најновата пролетна прогноза се предвидува пораст од 3,2 проценти, за разлика од есенската прогноза на ММФ која предвидуваше 3,5 отсто пораст.

За следната година, ММФ предвидува пораст на економијата од 3,4 проценти, а во 2021 година – 3,8 проценти.

Најновите економски прогнози за цел свет се објавени во документот „Светските економски перспективи“, кој содржи проекции на ММФ и на Светска банка, кои го одржаа традиционалното пролетно заседание.


ЕБРД ја намали проекцијата за порастот на домашниот БДП од 3,2 на 2,1 отсто


Лондон, 4 ноември, 2016 - 9:53 (META) 

Европската банка за реконструкција и за развој (ЕБРД) ја намали прогнозата за Македонија за порастот на домашниот бруто-производ (БДП) на 2,1 отсто од 3,2 проценти проектирани во мај, што е резултат на влијанието на политичката криза во државата.

„Во 2016 година голема е веројатноста да има значителен пад на БДП на 2,1 отсто, но веројатно ќе се врати на 3 проценти во 2017 година кога ќе се продолжи со инвестициите и со стабилната потрошувачка“, се вели во последниот регионален извештајот на ЕБРД за економски просперитет на државите.

Во мај банката прогнозираше дека порастот на БДП на земјава ќе се движи од 3,2 до 3,5 процнети.

Во извештајот, исто така, се вели дека на 11 декември ќе се одржат избори кои ќе влијаат на завршување на политичката криза, која, како што се наведува, трае од јануари 2015 година.

Вчера и Народната банка во своите октомвриски макроекономски проекции излезе со предвидување за пораст на БДП на 2,3 проценти.


БДП се зголеми за 2,2 отсто во второто тримесечје


Скопје, 9 септември, 2016 - 14:12 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за второто тримесечје годинава изнесува 2,2 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Најголем пораст е забележан во секторите градежништво, од 31 процент, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности, од 11,5 проценти, и финансиски дејности и дејности на осигурување од 4,9 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 4,2 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 6,6 проценти.


ВМРО-ДПМНЕ реагира на прес-конференцијата на Дамјан Манчевски


Скопје, 14 јуни, 2016 - 18:53 (META) 

Срамната изјава на Дамјан Манчевски е показател дека на СДСМ не само што му пречи успешна Македонија, туку му пречат и луѓето кои се едни од најважните членови на тимот што постигнува врвни економски резултати во време на економски и политички кризи, реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на денешната изјава на Манчевски.

„Ставрески беше дел од економскиот тим кој ја намали невработеноста од 38 на 24,5 отсто. Менторите на Дамјан Манчевски од СДСМ беа дел од тимот што ја спроведе срамната приватизација и ја раскрчми државата. Ставрески беше дел од економскиот тим што во Македонија донесе повеќе од 50 директни странски инвестиции, кои резултираа со илјадници работни места. Менторите на Дамјан Манчевски беа дел од економскиот тим на СДСМ што избрка 200.000 луѓе на улица, ја уништи економијата и судбините на стотици илјади Македонци. Ставрески може да се пофали со придонес кон отворање на повеќе од 150.000 нови работни места. Манчевски може да се пофали со одржување на срамна прес-конференција на која оставката од здравствени причини на досегашниот вицепремиер и министер за финансии ја искористи за презентација на нечовечноста и на ароганцијата која е потпис на СДСМ“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.


Два проценти пораст на БДП во првото тримесечје годинава


Скопје, 10 јуни, 2016 - 13:31 (META) 

Стапката на пораст на домашниот бруто-производ (БДП) за првото тримесечје од 2016 година изнесува 2 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Во првото тримесечје од годинава, најголем пораст е забележан во секторите финансиски дејности и дејности на осигурување од 13,3 проценти, стручни, научни и технички дејности, административни и помошни услужни дејности од 11,7 проценти и градежништво од 7,7 проценти.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2016 година, номинално се зголеммила за 3,2 проценти, а нејзиното учество во структурата на домашниот бруто-производ изнесува 64,3 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 12,6 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 7,4 проценти.


Грчкиот туризам полека излегува од криза


Атина, 13 јануари, 2016 - 10:09 (META) 

Грчкиот туризам и приливот на странски туристи во Грција се движел во нагорна линија изминатата година. Грчкиот завод за статистика објави дека во 2015 година имало повеќе од 26 милиони странски туристи и посетители.

Бројот на македонски туристи, стандардно, бил во пораст и минатата година. Според бројките на Заводот за статистика, од Македонија имало 2,7 милиони посетители, односно за 26,1 отсто повеќе во споредба со 2014 година.

Според анализите на заводот, во периодот од јануари до септември имало повеќе од 20 милиони посетители, за 8,6 отсто повеќе од истиот период претходната година. Голем број туристи пристигнале во Грција со автомобил, околу 7 милиони, што се смета за пораст од 13,9 отсто. Авионски, пак, пристигнале околу 13 милиони туристи. Авионскиот туризам сè уште е доминантен во Грција и според Заводот за статистика, покрива околу 63 отсто од сите пристигнувања на странски туристи во Грција.

Побројни биле македонските, германските и британските туристи, кои важат за најбројни во Грција. Во 2015 година пристигнале околу 2,3 милиони туристи од Германија, пораст за 17,8 отсто во споредба со 2014 година, и повеќе од 2,1 милиони Британци. Бројни биле и италијанските, бугарските, турските, но и американските туристи.

Во опаѓање е, пак, бројот на туристи од Русија, пазар кој грчките туристички работници подолго време се трудат да го развијат и да привлечат посетители не само кон грчките плажи, туку и преку црковниот туризам, кон грчките цркви и манастири. Во 2015 година бројот на руски туристи се преполовил, па пристигнале само 441.350 туристи, бројка која важи за драстично опаѓање од 62 отсто во споредба со 2014 година, што е можен индикатор за проблеми во грчко-руските односи.