Најмалку 10 луѓе загинаа во поплава предизвикана од пукање на брана во Кенија


Најроби, 10 мај, 2018 - 10:24 (META) 

Најмалку десет луѓе загинаа, а илјада останаа без домови поради пукање на брана во Кенија. Несреќата која ја предизвикале обилните дождови се случила во градот Солаи, 190 километри оддалечен од претстолнината Најроби.

„Водата одзеде животи и предизвика огромна штета на имотите. Обемот на штета треба да се утврди“, соопштија локалните власти.

Кенискиот огранок на Црвен крст извести дека до сега се спасени 39 лица.


ЕЛЕМ: Нивото на Охридско Езеро не беше причина за поплава на крајбрежјето


Скопје, 21 март, 2018 - 15:04 (META) 

Водата од Охридско Езеро стигна на крајбрежјето поради брановите, а не поради разликата во сантиметри во нивото на езерото, реагираат од ЕЛЕМ на обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

„Минатите месеци се карактеризираа со големи дотоци, при што состојбата се менаџира максимално одговорно, за да не се надмине максималната кота на Охридското Езеро од 694 мнв која е одобрена со водостопанската дозвола. Да наведеме дека оваа вредност е надмината при појава на слични дотеци во 2010 и 2013 година“, се вели во соопштението.

Од компанијата додаваат дека се прават максимални напори за да не се направи штета на граѓаните на Охрид, и на Струга, како и на жителите на населените места околу акумулациите Шпилје и Глобочица.


УХМР: Вардар излеан локално, внимателно движење покрај реките


Скопје, 7 март, 2018 - 16:45 (META) 

Водостоите на реките се зголемени, а поради променливото време и честите промени на температурата, топењето на снегот продолжува со променлив интензитет, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Од таму додаваат дека во горните текови на реките, се очекуваат постепени намалувања и стагнација, а низводно по теченијата, зголемување на водостојот.

– Предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците. Треба со внимателност да се пристапува на местата каде нема насипи и каде речните брегови се ниски и без заштита. Ова се однесува на течението низводно од Скопје и Таорската клисура, низводно од Велес и Демир Капија и Гевгелиско-валандовскиот крај. На хидролошките станици Велес и Демир Капија веќе има одредени покачувања – велат од УХМР.

Во делови од горните текови на Вардар, Треска и Црна се уште постојат локални излевања и поплавени површини. Има и високи водостои на Пчиња, Сатеска и Бабуна.


Состојбата со водостите критична, можни се поплави во неколку котлини


Скопје, 6 март, 2018 - 9:52 (META) 

На седницата на Управувачкиот комитет за справување со кризи, била согледана состојбата со водостоите на реките низ целата земја, при што членовите констатирале дека ситуацијата е најкритична во Северозападниот регион, во Пелагониската котлина, како и во Градот Скопје.

Имајќи ги предвид најавите на Управата за хидрометеоролошки работи за нови врнежи од дожд, Управувачкиот комитет за справување со кризи на  седницата донел неколку препораки, меѓу кои и итно чистење на каналите.

„Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) веднаш да ги стави во функција сите водни пумпи со кои располага, со цел нивно користење и справување со настанатата ситуација на територија на општините од Полошкиот, Пелагонискиот и Скопскиот регион. Дирекцијата за заштита и спасување согласно склучените договори за ангажирање на градежна механизација од приватни фирми, доколку оцени дека е потребно, да ја ангажира оваа механизација, согласно потребите и приоритетите на погодените општини“, велат од Управувачкиот комитет.

Според податоците од надлежните институции, значително се зголемени водостоите на реките Вардар, Црна, Треска, Сатеска, Радика, како и на реката Пчиња. Поплавувања се регистрирани во горните текови на Вардар, Црна и реката Треска и нивните помали притоки.

„Во општината Јегуновце е поплавена поголема површина на земјоделско земјиште. Но ако и натаму се зголемува нивото на реката Вардар, институциите констатираа дека и дел од куќите може да бидат поплавени. Исто така, во Гостиварското село Форино, вчера биле поплавени дел од куќите и подрумските простории. Регистрирано е и клизиште на патот кај тетовското село Ново село. Дел од подрумските простории во пониските делови на градот Струга биле поплавени во текот на денот, поради високото ниво на подземни води. Исто така, поплавено е и обработливо земјоделско земјиште поради излевање на реката Црн Дрим“, се вели во соопштението од Владата.

Во Кичево, поставен е одбранбен насип со вреќи со песок и механизација по течението на реката Зајашка. Има и помали излевања на реката Вардар во Скопско.


Поплавувања во горните текови на Вардар, Црна и Треска


Скопје, 5 март, 2018 - 13:29 (META) 

Поплавувања има во горните текови на реките Вардар, Црна, Треска и нивните помали притоки, соопшти УХМР.

Новите врнежи од 10 до 15 литри на квадратен метар што се најавуваат за следните 24 часа на планините Кораб и Шар Планина, ќе предизвикаат дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците во овие региони.

Во моментов, според информација од хидролошките станици, се гледа дека насекаде водостоите се високи, но високи водостои со тенденција на покачување има на реката Вардар кај станицата Јегуновце и Радуша, хидролошката станица кај Новаци на Црна, Катлановска Бања на реката Пчиња, Брегалница кај Штип. Од последните информации се гледа дека на хидролошката станица кај Македонски Брод се забележува намалување на водостојот, велат од Управата.

Најголеми покачувања се јавија на реките Треска, Црна, Вардар, Сатеска, Радика, Пчиња и други помали реки.


Почна расчистувањето на насипите во Вардар кај галиите


Скопје, 7 февруари, 2018 - 15:31 (META) 

Град Скопје денеска почна со расчистување на насипите и градежниот материјал во коритото на реката Вардар во центарот на Скопје, односно меѓу мостот Гоце Делчев и Камениот мост.

Активностите се со цел да се намали опасноста од излевање на реката Вардар при поголеми врнежи од дожд.

– Насипите и градежниот шут во Вардар ја намалуваат проточноста на водата, а со тоа сериозно се зголемува ризикот од поплави. Од тие причини, овие неколку дена екипи на ЈП „Улици и патишта“ ќе работат на расчистување на теренот, а истовремено му е наложено на градежното претпријатие „Бетон“, како изведувач на објектот „Панорамско тркало“, да го среди своето градилиште и да овозможи максимална проточност на коритото во делот на тој пешачки мост. Дождовите ја открија опасноста по безбедноста на граѓаните, нивните имоти и објектите околу Вардар која е предизвикана од проектот „Скопје 2014“. Акцијата ќе трае се до целосно расчистување на коритото – рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов.


Црна река го поплави Бараковско Поле и населени места во Демир Хисар


Демир Хисар, 5 февруари, 2018 - 10:02 (META) 

Обилните врнежи од дожд предизвикаа излевање на голем број реки, кои поплавија  населени места во Тетово, Кичево, Македонски Брод, Демир Хисар. Вчера, Црна река во демирхисарско се излеа од своето корито и го поплави Бараковско Поле.

Градоначалникот на општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски информираше дека синоќа во соработка со месното население и ЈКП „Комуналец“, го расчистиле свлечиштето што го прекрил со кал локалниот пат во село Вирово, а пружена е помош во санирање на последиците од поројните дождови и на патот за селото Мало Илино.

Водостојот на реката Црна е зголемен кај селата Долеци и Бучин каде има излевање на водата од речното корито, ново свлечиште е регистрирано во непосредна близина на селото Базерник, а внимателно треба да се вози и на патниот правец Граиште – Будаково.


Сообраќајот прекинат на два патни правци, поради излевање на реките


Тетово, 3 февруари, 2018 - 22:52 (META) 

Водата од реката Поника се излеала на главниот пат Тетово – Јажинце, при што сообраќајот се одвива по едната коловозна лента, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

На влезот за село Долно Орашје, тетовско на патниот правец кој води од село Јегуновце кон село Радуша се излеала водата од Голема река, поради што патниот правец е во целосен прекин.

Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. На Попова Шапка се бележат врнежи од снег кој наместа се задржува на коловозот, но во моментов не претставува пречка за одвивање на сообраќајот.


Во поплавите во Калифорнија загинаа 15 лица, а најмалку 25 се повредени


Лос Анѓелес, 10 јануари, 2018 - 19:50 (META) 

Во Калифорнија продолжува потрагата по настраданите во големиот одрон кој уништи десетина домови во областа Санта Барбара, каде што засега има 15 загинати и најмалку 25 повредени.

Најмалку 50 лица мораа да бидат евакуирани со хеликоптер, поради невремето а бројот на жртви може да биде поголем при проширување на истрагата.

Спасувачките екипи пребаруваат дали има преживеани во некои од оштетените градби.

Најголем дел од одроните кои се случија по обилните врнежи од дожд, се последица на пожарот „Томас“ кој минатиот месец зафати најголем дел од територијата на Калифорнија и е најголем пожар во историјата на оваа држава.


Свлечиштата и поплавите усмртија 240 лица на Филипини


Манила, 25 декември, 2017 - 9:57 (META) 

Билансот на жртвите од невремето кое предизвика свлечишта и поплави на југот на Филипини е зголемен на 240, а повеќе од 100 лица се водат за како исчезнати.

Тропската бура „Тембин“ во петокот го погоди филипинскиот остров Минданао. Спасувачките екипи и понатаму трагаат по 107 лица, а се стравува дека многу од нив се загинати во свлечиштата и поплавите кои за време на викендот уништија повеќе стотина куќи.

Околу 13.000 семејства од островот Минданао, односно најмалку 52.000 лица од Филипини го дочекаа Божик според грегоријанскиот календар во прифатилишта и кампови за евакуација.

Метеоролозите предупредија дека бурата „Тембин“ денеска може да г погоди јужниот дел на Виетнам.