Поплавувања во горните текови на Вардар, Црна и Треска


Скопје, 5 март, 2018 - 13:29 (META) 

Поплавувања има во горните текови на реките Вардар, Црна, Треска и нивните помали притоки, соопшти УХМР.

Новите врнежи од 10 до 15 литри на квадратен метар што се најавуваат за следните 24 часа на планините Кораб и Шар Планина, ќе предизвикаат дополнителен притисок врз водотеците и суводолиците во овие региони.

Во моментов, според информација од хидролошките станици, се гледа дека насекаде водостоите се високи, но високи водостои со тенденција на покачување има на реката Вардар кај станицата Јегуновце и Радуша, хидролошката станица кај Новаци на Црна, Катлановска Бања на реката Пчиња, Брегалница кај Штип. Од последните информации се гледа дека на хидролошката станица кај Македонски Брод се забележува намалување на водостојот, велат од Управата.

Најголеми покачувања се јавија на реките Треска, Црна, Вардар, Сатеска, Радика, Пчиња и други помали реки.


Архивскиот материјал од Државниот архив не е оштетен, утврдила Владата


Скопје, 9 февруари, 2018 - 18:30 (META) 

Архивскиот материјал кој се наоѓа во зградата на Државниот архив не е оштетен, утврдила комисија составена од претставници од Влада, Државниот архив и Јавното обвинителство.

Увидот бил извршен на барање на министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска. Во увидот, како што информираат од Владата, учествувале и секретарот на Јавното обвинителство, Митко Митревски и заменик директорот на Државен Архив, Музафер Бислими со својот стручен тим.

Комисијата констатирала дека дел од архивскиот материјал од прва категорија, од најголемо национално и историско значење, освен во просториите на новото, се наоѓа и во старото депо.

„За време на увидот е констатирано дека во новата зграда на Архивот, архивскиот материјал не е оштетен од неодамнешните поплавувања на објектот, ниту пак директно е загрозен и дека е целосно заштитен во непропустливи метални сефови. Дополнително од увидот е заклучено дека има потреба да се направи дополнителна проценка на состојбата на микрофилмуваниот архивски материјал, со цел да се утврди дали има потреба од негово преместување во старото депо“, стои во владиното соопштение.

Со увидот било констатирано дека е потребна итна санација на покривот на зградата, со што ќе се спречат понатамошни поплавувања на објектот.


Водостоите на сите реки се уште се високи, информираат од УХМР


Скопје, 5 февруари, 2018 - 12:44 (META) 

Врнежите и топењето на снегот од планинските предели предизвикаа покачувања на водостоите на целата територија на земјава, информираат од УХМР.

Од таму додаваат дека и денеска, особени покачувања и излевања на водите има во сливовите на реките Вардар и притоките во горниот тек, Треска и нејзините притоки, Радика, Црн Дрим, Сатеска, Голема река, Црна река.

„Од горните сливови притисокот се префрла во рамниците и пониските делови од речните басени. Поплавени објекти и земјоделски површини има во тетовско, охридско, кичевско, демирхисарско, Македонски Брод и Самоков, а податоците се потврдени и од Центарот за управување со кризи (ЦУК)“, се додава во соопштението.

Со престанувањето на врнежите се бележи постепено намалување на водостоите на Бошков Мост – Радика, Ботун – Сатеска, Ресен – Голема, Влив – Лепенец, Јегуновце – Вардар и Доленци – Црна.

Од УХМР препорачуваат внимателно движење покрај реките и суводолиците, особено во сливовите на реките Вардар, Треска, Црна и Пчиња.


Згрижени семејствата од Кичево чии што домови беа поплавени


Кичево, 4 февруари, 2018 - 15:14 (META) 

Министерството за труд и социјална политика, Центарот за социјална работа, Кичево и Црвениот крст денеска ги посетиле поплавените населени места во Кичево и утврдиле дека, иако првичната бројка беше дека станува збор за 70-на куќи, од увидот се констатирало дека бројката ќе биде повеќе од 100 поплавени куќи.

„Во моментов ЦСР Кичево прави увид на сите поплавени куќи и по завршувањето ќе излезе со конечна и официјална бројка на поплавени. Педесетина семејства се сместени во спортската сала „Ивандол“ каде што ќе им се обезбеди се што им потребно. До сега се доделени 75 пакети храна, 75 хигиенски пакети, 100 душеци, 500 ќебиња и 100 пара обувки“, информираа од Министерството за труд и социјална политика.


Поројните дождови причинија материјална штета во Полошкиот регион


Тетово, 4 февруари, 2018 - 12:04 (META) 

Поројните дождови во Полошкиот регион поплавиле подруми од куќи и згради и предизвикале уривање на потпорен ѕид врз покрив од куќа, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

„Околу 20 часот на улицата Прохор Пчински, како последица на дождот се лизнал и урнал потпорен ограден ѕид со висина од пет до шест метри и должина од 10 метри врз покривот од куќата на И.И.(71). Од уривањето била нанесена поголема материјална штета, а немало повредени бидејќи луѓето од куќата претходно биле евакуирани и сместени кај нивни роднини. Увид на местото ќе биде извршен во текот на денот“, рече Јосифовски.

Сообраќајот на неколку патни правци бил прекинат или отежнат, поради излевање на реките.

Во 2 часот по полноќ било пријавено дека се излеала реката Лакашница над селото Србиново при што поплавени биле земјоделско обработливо земјиште како и една штала, од која сопственикот од Србиново претходно го извадил добитокот на сигурно. Утрово водата се повлекла, по што стоката била вратена назад.

Околу 16 часот вчера, било пријавено дека одрон од два до три кубни метри нанос, го блокирал патот Велебрдо – Требиште. Со интервенција со механизација, одронот од камења и земја бил отстранет и околу 20 часот сообраќајот бил нормализиран.

Од Центарот за управување со кризи информираа дека во Кичево, на улица Прилепска се излеала реката Темница, и биле поплавени околу 50 куќи. Во текот на ноќта биле евакуирани една жена и дете.

Во Охрид се има излеала Коселаска река во село Опеница при што, се поплавиле куќи и земјоделско земјиште.


Поплава на меѓународниот терминал на ЏФК во Њујорк, одложени повеќе летови


Њујорк, 8 јануари, 2018 - 11:30 (META) 

На аеродромот ЏФК во Њујорк се случила поплава во одделението за багаж при што поплавени биле багажите на патниците.

Неколку меѓународни летови од Терминалот 4 се одложени на неодредено.

Терминалот бил делумно евакуиран, откако голема количина вода се слеала низ ѕидот на терминалот.
Засега нема пријавно повредени, а се уште не е позната причината за истекувањето на водата.

Терминалот 4 е главен терминал за пристигнување на меѓународен воздушен сообраќај.


Владата ќе испрати хуманитарна помош за поплавите во Албанија


Скопје, 5 декември, 2017 - 20:54 (META) 

Владата ја разгледала информација доставена од македонската амбасада во Тирана за состојбите во Република Албанија по големите поплави и одлучи да испрати хуманитарна помош.

„Владата ги задолжи Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за надворешни работи и другите надлежни институции во рок од три дена да достават предлог-решение за испраќање хуманитарна помош кон регионите во Албанија кои се зафатени со поплавите“, се вели во соопштението.

Поројните дождови кои изминатите денови ја зафатија соседна Албанија предизвикаа поплави во повеќе региони. Под вода е територија од 15.000 хектари. Албанските власти наведуваат дека се нанесени штети врз 41 фирма, 177 училишта, 78 мостови, 26 електростаници и други инфраструктурни објекти.


Бројот на загинати во поплавите во Грција достигна 19 лица


Атина, 18 ноември, 2017 - 15:15 (META) 

Грчките власти соопштија дека се пронајдени тела на уште три жртви во поплавите што ја погодија Атина и дека бројот на загинати достигнал 19 лица.

Пожарникарната служба наведе дека телото на еден човек било пронајдено денеска на земјиште во сопственост на фабрика.

Крајбрежната служба објави дека патролен брод пронашол тела на две лица во морето.

Сè уште не се знае дали тие тела се од некои од шесте лица што се водат како исчезнати за време на поплавите.


Интензивните дождови поплавиле театри, музеи, библиотеки и културни центри


Скопје, 16 ноември, 2017 - 16:01 (META) 

Министерството за култура констатирало дека при поинтензивни дождови, неколку културни установи во државата се соочуваат со прокиснување на покривите, поплави и со сериозни последици.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, денеска направил увид во Музејот на современа уметност во Скопје, а заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски, ги посетил објектите на Драмскиот театар и на Музејот на Македонија.

„Во Драмскиот театар уште денеска ќе се преземат мерки за локално санирање на покривот, а во координација со министерот за финансии, Драган Тевдовски, ќе се спроведе ургентна постапка и ќе се алоцираат средства за покривот да се санира и да се создадат елементарни услови за работата на театарот. Во Музејот на Македонија потребни се посериозни реконструктивни зафати на покривот, за кои ќе се обезбедат дополнителни средства од буџетот. Музејот на современата уметност – Скопје се соочува со протекување во објектот на повеќе локации, од кои голем дел се ургентни бидејќи веќе имаат предизвикано штета и бараат итна интервенција. Најургентните состојби ќе се санираат веднаш, но и за овој репрезентативен објект се потребни посериозни реконструктивни зафати“, велат од Министерството.

Од таму информираат дека протекување на покривот и оштетувања од дождот се предизвикани и во објектот на НУ Театар „Комедија“ во Скопје, Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, Центар за култура – Дебар, Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани, НУ Конзерваторски центар во Гостивар, Музеј „Западна Македонија во НОВ“ – Кичево, археолошкиот локалитет Стоби каде постои опасност од изливање на Црна Река, како и во други објекти.


Сè поголем бројот на загинати во поплавите во Атина


Атина, 15 ноември, 2017 - 19:59 (META) 

Најмалку 14 лица загинаа во големите поплави кои се случија во близина на Атина, пренесуваат грчките медиуми.

Спасувачките екипи во текот на денот пронашле 12 тела – осум мажи и четири жени во атинско предградие Мандра, додека двајца мажи биле пронајдени мртви во морето.

Според грчките власти, во поплавите повредени се најмалку 13 лица, кои се пренесени во болница, а дека уште неколкумина се водат како исчезнати. Најголемиот број од загинатите се повозрасни лица, чии тела биле пронајдени во нивните полавени домови.

После силната бура која минатата ноќ ја зафати Атина, водата навлегла во домовите, а патиштата ги претоворила во реки од кал и ѓубре. Сообраќајот беше потполно во прекин на делот од автопатот помеѓу Атина и Коринт.

За вечерва се предвидени нови временски непогоди во атинската област.

Грчката пожарникарска служба наведе дека примила повеќе до 600 повици за помош за испумпување на вода од домовите и дека спасила 86 лица заробени во атомобилите или куќите. Во спасувачките акции учествувале повеќе од 190 пожарникари и 55 возила.