!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

УНХЦР бара помош од 421 милион долари за бегалците од Африка


Женева, 18 јули, 2017 - 11:45 (META) 

Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) побара помош од 421,2 милиони долари (околу 365,3 милиони евра) за подобрување на заштитата на бегалците во Субсахарска и во Северна Африка, како и за напорите што Европа ги вложува во врска со барателите на азил, јавуваат агенциите.

Од УНХЦР навеле дека е потребен план за помош на бегалците и на другите луѓе кои го поминуваат опасниот пат кон Европа, преку Средоземно Море.

Според податоците на високиот комесаријат на ОН, во првите шест месеци од оваа година вкупно 2.171 мигрант настрадале при обидот да го преминат Средоземно Море, а се верува дека голем број луѓе загинале на патот кон Либија, од каде мигрантите преку медитеранската рута се обидуваат да стигнат до Европа.


Италија бара од европските партнери да ги отворат своите пристаништа за мигрантите


Париз, 2 јули, 2017 - 16:01 (META) 

Италијанското министерство за внатрешни работи денеска побара од европските земји да ги отворат своите пристаништа за прием на бродови со мигранти, со што би се ублажил притисокот што го трпи Италија.

Денеска во Париз се состанаа министрите за внатрешни работи на Италија, Франција и на Германија, Марко Минити, Жерар Коломб и Томас де Мезијер, кои ќе разговараат за приливот на мигранти и за начините за помош на Италија која е соочена со овој бегалски бран.

„Италија е под голем притисок“, изјавил Минити во пресрет на состанокот, додавајќи дека Италија би можела да го блокира влезот на странски бродови со мигранти спасени во Средоземното Море.

Италија повеќепати се жалеше дека сама се соочува со мигрантската криза и ги повика европските земји да покажат поголема солидарност и да ѝ помогнат.

Во Италија, од почетокот на оваа година пристигнале 83.000 мигранти, што е за 19 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

На состанокот во Париз ќе присуствува и еврокомесарот за миграција, Димитрис Аврамопулос.


Заев од Софија: Договорот за добрососедство ќе го потпишеме на Илинден во Македонија


Софија, 20 јуни, 2017 - 13:02 (META) 

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, и неговиот домаќин, бугарскиот премиер Бојко Борисов, денеска во Софија разговарале за приближувањето на ставовите на двете земји околу договорот за добрососедство, кој како што изјавил Заев по средбата, ќе биде потпишан на 2 август, односно на празникот Илинден, кој заеднички ќе биде чествуван во Македонија, пренесува бугарската агенција БГНЕС.

– Разговаравме за приближувањето на ставовите на двете земји во врска со договорот за добрососедство, останува уште многу малку и заедно ќе го чествуваме Илинден во Македонија на 2 август. Се договоривме тогаш да го потпишеме договорот за меѓусебно разбирање. Премиерот Борисов ќе ја посети Македонија и ќе се поклони пред спомениците на нашата заедничка историја. Првпат тоа ќе го направиме денеска, кога ние ќе се поклониме пред споменикот на цар Самоил во Софија – изјавил Заев.

Македонскиот премиер истакнал дека на средбата со Борисов било договорено градоначалниците на Софија и на Скопје да именуваат по една улица по имињата на покојните претседатели на двете земји, односно во Скопје да има улица што ќе го носи името на Жељу Желев, а во Софија – на Борис Трајковски.

Заев на прес-конференцијата по средбата со Борисов, нагласил дека „нашиот прв сосед има огромна желба да ѝ помогне на Македонија за интеграцијата во НАТО и во Европската Унија и дека на состанокот било разговарано за помошта и за поддршката што Бугарија може да ѝ ја даде на Македонија во процесот на интеграциите.

– Денеска Македонија затвора едно поглавје на национализам и отвора друго на европската иднина. Ние имаме потреба од помош и од поддршка и Бугарија тоа го прави – рекол Заев.

Тој додал дека Бугарија е на врвот по искористеноста на ЕУ-фондовите и дека ова искуство на истичниот сосед ќе биде од голема корист за Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

– Побаравме да ни помогне со своето искуство во оваа сфера. Искуството што го има Бугарија ќе биде од голема корист за нашите перспективи, за солидарноста во европското семејство. Посакуваме да отвориме преговори со Европската Унија и сакаме да станеме членка на НАТО. Пријателска Бугарија ќе ни биде од голема помош – нагласил Заев.


Хан повторно го испраќа Прибе да помогне со реформите за владеењето на правото


Брисел, 7 јуни, 2017 - 14:27 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, денеска соопшти дека во земјава повторно ќе испрати независна група правни експерти, предводени од Рајнхард Прибе, која треба да помогне и да ја советува новата Влада околу прашањата за владеењето на правото.

Испраќањето на експертската група, вели Хан, е дел од подготвеноста на Европската Унија да работи и да ѝ помага на новата Влада во спроведувањето на реформите.

– Оваа група ги вклучува истите експерти што го подготвија извештајот со препораките повразни со прислушуваните комуникации во 2015 година. Нивната работа придонесе за реформските приоритетите што ги состави Комисијата и беа вметнати во Договорот од Пржино. Експертската група ќе ја посети земјата наскоро за да изврши анализи на актуелната ситуација, ќе се надоврзе на претходните наоди и ќе обезбеди препораки како да се одговори на проблемите поврзaни со системското владеење на правото, каде имаше назадување во изминатите неколку години – вели Хан.

Еврокомесарот додава дека побарал од шефот на Делагацијата на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, да разговара со новата Влада за пошироките реформски приоритети поврзани со Европската Унија, со конкретни рокови за спроведување и за тоа како ЕУ може да помогне во спроведувањето на реформите.

– Ние сме посветени да работиме со новата Влада, како и со опозицијата, на враќањето на земјата на патот на интеграциите во ЕУ, што граѓаните го посакуваат и го заслужуваат – стои во изјавата на Хан.


Швајцарска стратегија за поддршка, предвидува 76 милиони франци за Македонија


Скопје, 26 мај, 2017 - 13:59 (META) 

Швајцарија е еден од најголемите билатерални партнери на Македонија и со новата стратегија за соработка од 2017 до 2020 година, се предвидени финансиски обврски во висина од 76 милиони швајцарски франци, соопшти амбасадата на Швајцарија во Македонија.

„Целта на новата стратегија е да ја поддржи Македонија во нејзините реформи да ги постигне европските стандарди и вредности и да продолжи со социјално инклузивната демократија и пазарна економија, воедно обезбедувајќи ефикасно управување со природните ресурси. Стратегијата следи еден практичен пристап кој се фокусира на подобрување на условите за живот на граѓаните на Македонија. Деталите од стратегијата ќе бидат откриени на нејзиното официјалното претставување на 31 мај во Скопје,“ велат од Амбасадата на Швајцарија.


Мехмедовиќ: Сите здравствени осигуреници ќе бидат ослободени од партиципација


Скопје, 23 мај, 2017 - 12:17 (META) 

„Сите здравствени осигуреници ќе бидат ослободени од болничката партиципација. Сметаме дека оваа мерка ќе го олесни финансиското оптоварување на сите, посебно на примателите на социјална помош,“ изјави членот на Комисијата за здравство на СДСМ, Злате Мехмедовиќ на средбата со претставници на организацијата „ЛИЛ“, за заштита на правата на жени и деца и со други претставници од граѓанскиот сектор, но и од институциите.

Тој посочи дека за респираторно заболување, хронична опструктивна белодробна болест партиципацијата е некаде околу 1.800 денари. За вградување бајпас е околу 6.000 денари, и дека во услови на стресно живеење и со големо загадување на воздухот, за граѓаните кои по неколку пати завршуваат во болница, оваа мерка ќе биде големо олеснување.

Според Мехмедовиќ, и сумата од 2.000 до 6.000 денари за социјална парична помош е многу мала.


Костовски: Со исплатата на субвенциите паднаа во вода манипулациите на СДС


Скопје, 18 мај, 2017 - 15:44 (META) 

„Од денеска, со исполнувањето на законската можност, почна и исплатата на субвенциите во земјоделството“, изјави на прес-конференција Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека помагањето на земјоделството и на земјоделците секогаш било и ќе остане фокус на политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

„Земјоделците добија повеќе од една милијарда евра субвенции додека ВМРО во изминативе 10 години го имаше мнозинството и одлучуваше околу земјоделската политика, за разлика од времето на СДС кога земјоделците не добиваа ниту евро помош од државата. Со денешната исплата, паднаа во вода манипулациите кои СДС и од нив контролираните медиуми ги ширеа дека нема пари во буџетот. Буџетот е ликвиден и пари за земјоделците се обезбедени и во согласност со динамиката за исплата, ќе бидат исплаќани“, додаде Костовски.


Хилари Клинтон формира ново политичко движење – „Заеднички напред“


Вашингтон, 16 мај, 2017 - 13:27 (META) 

Хилари Клинтон соопшти дека формирала ново политичко движење „Заеднички напред“, чија цел е да им помага на групите што ги поттикнуваат луѓето да се ангажираат во политиката и тие кои се против администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп, јавуваат светските агенции.

Како што коментираат американските медиуми, формирањето на движењето го означува враќањето на Хилари Клинтон на политичката сцена по нејзиниот пораз од Доналд Трамп на претседателските избори во САД, на кои таа беше кандидат на Демократската партија.

„Изминатите неколку месеци размислував, го поминував времето со семејството и шетав низ шума. Повеќе од кога и да било, сега верувам дека граѓанскиот ангажман е од витално значење за нашата демократија. Ме инспирираат сите што се обидуваат да се организираат и да предводат. Оваа годиа не излезе онаква каква што предвидував, но знам зошто сè уште се борам: за похумана, похрабра, инклузивна Америка. Напред!“, пишува Клинтон во серијата твитови преку кои ја објави веста.

Таа конкретно наведува пет групи кои ќе ги поддржува нејзиното движење, меѓу кои е и „Неделиви“, чија декларирана цел е да се спротистават на Трамп, потоа организацијата за расна еднаквост „Боја на промените“ и водечката демократска програма за обука на жени „Америка што никнува“.

Како што пишува „Хафингтон пост“, движењето „Заеднички напред“ е организирано како добротворна непрофитна организација врз основа на американските правила за основање такви организации.

Тоа значи дека движењето ќе може да собира парични средства од кој било извор, а да не ги објавува имињата на своите донатори, пишуваат американските медиуми.


Македонските акцијаши и волонтери на собрание и на работа во Охрид


Охрид, 13 мај, 2017 - 14:44 (META) 

Сојузот на акцијаши и на волонтери на Македонија, денеска во Охрид го оддржува првото годишно собрание. Акцијашите и волонтери го  разгледуваат извештајот за едногодишната активност. Ќе се разговара и за подготовките за меѓународен волонтерски камп – „Охрид 2017“.

По состанокот, македонските акцијаши и волонтери, организирани од охридските колеги, ќе изведат акција за расчистување на зелениот простор од Билјанини извори до хотел „Белведере“, во соработка со ЈП „Охридски комуналец“.

– Тоа се истите наши другари и пријатели од целата земја кои, заедно со своите пријатели, возрасни и млади членови од Балканот, први со својата хуманост, солидарност и акција, се вклучија и помогнаа на несреќните од поплавите во Скопје – вели за „Мета“ Зоран Стевоски, од акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ од Охрид.


„ЕУ за тебе“ утре во Штип


Штип, 25 април, 2017 - 10:50 (META) 

Утре шефот на Делегацијата не Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, ќе го посети Штип како дел од кампањата „ЕУ за тебе“.

Кампањата има цел да ја подигне свесноста и да ја информира јавноста за помошта на ЕУ во земјата. Во Штип, амбасадорот ќе се сретне со градоначалникот, Илчо Захариев.

Амбасадорот Жбогар ќе се обрати до претставниците на цивилното општество за неодамнешниот отворен повик за предлози за програмата ИПА ЦСФ 2016-2017. ИПА ЦСФ е алатка за поддршка на граѓанските организации во нивното активно учество во осигурување на демократски практики во земјите на Западен Балкан и во Турција.

Под овој проект, кој изнесува 5 милиони евра, 19 проекти добија финансиска поддршка. Овие проекти ќе бидат активни во голем број области кои се потребни во процесот на националните реформи што ќе ја доближат земјата кон ЕУ во процесот за пристапување.

Поголемиот дел од овие проекти имаат цел да придонесат во подобрување на животните услови на граѓаните.

Прашањата што ги разработуваат се: поддршка и подобрување на основните права на граѓаните, реформа на јавната администрација за да се овозможи подобар квалитет на услуги за луѓето и поддршка на инклузивноста на ранливите групи, вклучувајќи ги и Ромите, во општеството, давајќи им нови можности.