Работната подгрупа за помирување денеска ќе продолжи со работа


Скопје, 12 декември, 2018 - 9:44 (META) 

Работната подгрупа за помирување на Интерпартиската парламентарна група за помирување, реформи и интеграција во Собранието на Република Македонија денеска во 10.30 часот ќе го продолжи вториот работен состанок.

Претходниот состанок кој се одржа во понеделникот, беше прекинат поради нови информации за кои се потребни дополнителни консултации во врска со законското решение за амнестија на дел од учесниците во настаните во Собранието на 27 април минатата година.

Работната подгрупа за помирување има задача да го подготви законското решение за помилувањата и националното помирување, додека останатите две групи формирани во рамките на Координативното тело за помирување, се за интеграција и реформи.

Минатата недела беше најавено дека до петок ќе има законско решение.


Ахмети е загрижен за опструкции на Договорот од Преспа и уставните измени


Тетово, 6 декември, 2018 - 16:43 (META) 

Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, се сретнал со евроамбасадорот Самуел Жбогар со кого разговарал за процесот на уставните измени, системските реформи и околу политичката ситуација во земјата, соопштија од ДУИ.

Ахмети пред Жбогар ја истакнал својата загриженост за постоењето на опструктивни струи во однос на Преспанскиот договор и уставните измени.

„Овие клучни моменти за земјата и регионот бараат посветеност од сите, институциите, политичките партии, граѓанското општество, медиумите и други. Овој процес е неповторлив и истиот е од апсолутна важност за обезбедување на нашиот евро-атлантски пат“, рекол Ахмети и ја истакнал одговорноста на секоја институција и на секоја индивидуа за да се обезбеди успех во овој процес.

Соговорниците дискутирале и за системските реформи и помирувањето како поврзани процеси.


Александрова: Европратениците го поддржаа процесот за помирување


Скопје, 5 декември, 2018 - 13:27 (META) 

Процесот за помирување доби силна поддршка од претседателот на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер и европратеникот Кнут Флекенштајн, информираше Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата и додаде дека добиле охрабрување и насоки за продолжвање во правецот во кој се движат.

– За нас како осум независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ тоа има големо значење и покажува дека сме на вистинскиот правец, и дека процесот кој тече во државата во однос на процесот на интеграции, на реформи и на помирување е токму вистинскиот пат по кој мора да се движи Македонија. Ова се историски моменти, препознаени од сите, и од нас осумте пратеници – рече Александрова.

Таа додаде дека од страна на нивната група било истакнато дека ова се сензитивни моменти за македонскиот народ и оти нема место за импровизации и манипулации со националните чувства на народот.

– Сите мора да бидеме искрени и да веруваме во овој процес затоа што ние немаме резервна држава, а нашата држава мора да се движи напред кон евроатлантските интеграции – посочи Александрова.

Запрашана дали ќе останат до крај поддржувачи на уставните измени, Александрова рече дека реформите, интеграциите и помирувањето одат заедно, бидејќи еден без друг нема да дадат квалитетно решение кое е потребно за државата.

– Затоа очекувам и верувам дека сите учесници во овој процес како и досега ќе останеме доследни ќе покажеме разумност и секој во својата сфера ќе си придонесе да се реализира комплетно овој процес – додаде пратеничката.


Има согласност за помирувањето, но не смеат да се поминат црвените линии, вели Заев


Скопје, 30 ноември, 2018 - 13:45 (META) 

Премиерот, Зоран Заев по средбата со координативното тело за помирување и интеграција во Собранието изјави дека е постигната согласност за процесот на помирување и за изготвување законско решение.

– Да оставиме сега на правните тимови кои под раководство на овие посебни групи ќе ги направат следните чекори. Ние денеска изразивме политичка волја. Со моето гостување на самата група јас ја потврдив мојата лична волја и волјата како премиер – рече Заев.

Премиерот кажа дека волја и желба постојат, но дека црвените линии не смеат да се поминуваат, како што рече „за да не ни падне на памет да влијаеме врз правосудниот систем“.

Потсети дека реформите и независноста на судството се многу важен императив во евроинтеграциските процеси за влез во НАТО и во ЕУ.

Заев вели дека треба да се разграничи што е насилство, а што не е насилство, што е физичко насилство, што е тоа реализација и осмислување и што е тоа некој да учествува во толпата, да биде заведен или понесен.

– Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам како пример дека имаме потреба да направиме јасна дистинкција и разграничување. Секако, пораката на помирување и подадена рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои – вели Заев.

Тој рече дека очекува да бидат запазени роковите за уставните измени и целиот процес да заврши до средината на јануари, а во финалната фаза да биде поддржан од дополнителен број пратеници во Собранието.

–Во следната фаза верувам дека постои можност и многу други пратеници да ги поддржат конечните амандмани, затоа што некои најавија дека еден дел од тоа е прифатливо.


Се формираше телото за помирување, ќе го предводат Ременски и Александрова


Скопје, 6 ноември, 2018 - 14:11 (META) 

Во Собранието се формираше меѓупартиското парламентарно тело за помирување во кое ќе членуваат потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи, како и пратеници кои не се во пратеничка група, а претставник треба да одредат поголемите пратенички групи, оние на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со коалициите.

Со телото ќе претседаваат двајца копретседавачи, потпретседателката на Собранието Фросина Ременски и Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

– На наредната седница ќе се одлучува за методологијата на работа, кои се надлежностите на телото и за темите за кои ќе се разговара. Немаше пречки јас да претседавам со телото, но поради моите обврски како претседател и како пратеник подобро е јас да не го водам телото – изјави Џафери по координацијата.

Прашан за уставните амандмани, Џафери рече дека ВМРО-ДПМНЕ не може да опструира бидејќи има строго определени процедури во собранискиот деловник.

Веднаш на почетокот средбата ја напушти Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците, кој смета дека ова е отворање на мала врата за амнестијата за настаните во Собранието на 27 април минатата година. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски не присуствуваше на денешната координацијата, бидејќи партијата не го признава Џафери за претседател на Собранието.


Координација кај Џафери за формирањето на телото за помирување


Скопје, 6 ноември, 2018 - 10:49 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска ќе одржи координација со потпретседателите на Собранието, координаторите на пратеничките групи и претставниците на политичките партии што не се организирани во пратенички групи. Тема на координацијата е формирањето интерпартиско парламентарно тело за помирување и интеграција, на барање на независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Координацијата требаше да се одржи вчера, но на состанокот кај Џафери не присуствуваа подносителите на иницијативата, поради обврски поврзани со посетата на претседателот на австрискиот Национален совет на Австрија, Волфганг Соботка, кој вчера се обрати пред пратениците во Собранието.

Новиот кординатор на ВМРПО ДПМНЕ Никола Мицевски пак рече оти нема да учествуваат во работата на ова тело бидејќи тоа само по себе ќе значи селективна правда, а најголемата опозициска партија тоа нема да го поддржи.

„Во координативното тело, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува, од причина што со истото ќе претседава човекот кој на срамен начин беше избран на местото во Собранието со кршење на деловникот и процедурите. Тоа координативно тело кое ќе работи на помирување доколку донесе одлуки и ставови, а тоа значи неселективна правда и можност за учество и праведност кон сите учесници и кои ќе бидат прифатливи за партијата, ќе ги подржи одлуките од истотот тело.“ – изјави Никола Мицески.

Формирањето на телото за помирување беше еден од условите на осумте опозициски пратеници да гласаат за отворање на Уставот. Нивните очекувања се дека сите пратенички групи ќе се вклучат во работата на интерпартиската комисија, која првенствено ќе се фокусира на настаните од 27 април, а не ја исклучуваат можноста да се продолжи мандатот и истото работно тело да функционира и во иднина за други политички прашања.


Груевски: Посакувам силно, обединето ВМРО ДПМНЕ, кое ќе го урне ова зло


Скопје, 24 октомври, 2018 - 14:20 (META) 

Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска рече дека не ги знае аргументите и доказите за разрешувањата од партијата, и дека се воздржува од коментар за тоа. Тој додаде дека посакува силно, обединето ВМРО-ДПМНЕ кое, како што рече, „што ќе го урне ова зло“, бидејќи кога ВМРО ДПМНЕ е силно, силна е и Македонија.

– Добив покана, но не можев да одам на прославата на ВМРО-ДПМНЕ. За помирувањето Зоран Заев нека одговори – изјави тој одговарајќи на новинарски прашања денеска пред судот.

Тој додаде дека ќе ги искористи сите правни можности за одлагање на казната, но додаде „живееме во ненормално време“.

– Не сум изненаден од одлуката. Само се присетувам на лицата на моите адвокати кога ми ја соопштија одлуката. Јас знаев. Тие не веруваа дека политички се одлуките – вели Груевски.


Потребно ни е помирување и толеранција, порача Мицкоски од црква во Струмица


Струмица, 24 декември, 2017 - 14:22 (META) 

Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска беше во посета на црквата свети Петнаесет Тивериополски маченици во Струмица и порача дека на граѓаните им треба помирување.

-Луѓето во текот на нивниот животен пат носат многу одлуки, дел од тие одлуки некогаш знаат да бидат и погрешни, најголемиот дел се исправни. Како луѓе и како христијани треба да научиме на простување да посочуваме на грешките и истите да ги разбираме, а оние кои што грешат треба да научат да извлечат поука од грешките и истите да не ги повторуваат. Како народ и како граѓани на оваа држава ни е потребно помирување, толеранција и разбирање за сите останати – вели Мицкоски.

Тој рече дека одлучил мандатот како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да го започне во црква и да побара спокој за себе и сите граѓани.


Скот: САД се против промените на границите на Балканот


Белград, 10 мај, 2017 - 23:20 (META) 

Американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, изјавил дека Соединетите Американски Држави се против промените на границите на Балканот, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Прашан за ставовите на поранешниот шеф на верификационата комисија на ОБСЕ на Косово, Вилијам Вокер, дека има проект за обединување на Албанците на Косово, на Албанија и во дијаспората, Скот изјавил дека Вокер приватно може да има свое мислење, но дека тоа не е став на САД.

„Ставот на САД е дека се противат на промената на границите на Балканот, се противат на создавање голема Албанија, голема Србија и слично“, изјавил Скот.

Тој нагласил дека американската влада се залага за стабилност и за помирување помеѓу народите во регионот.


Синодот на МПЦ е загрижен, бара да се зачува унитарноста на државата и да се направи попис


Скопје, 23 февруари, 2017 - 16:27 (META) 

Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА изразува голема загриженост за актуелната ситуација во која се наоѓа македонското општество и повикува на меѓусебно почитување, проштевање, помирување и на одговорност.

Синодот на МПЦ преку соопштението од денешната седница, апелира до политичките лидери да ја зачуваат уставната позиција на македонскиот јазик на територијата на Македонија во согласност со Уставот, како и унитарниот карактер на државата.

„Сегашноста и иднината на Македонија ја гледаме преку сочувувањето на унитарниот карактер на Македонија, а за сето ова ни е потребно меѓусебно помирување и национално единство. Стремејќи се кон тоа, нашиот верен народ треба да се раководи и од евангелските христијански вредности. Македонските национални државни и стратешки интереси можат да се сочуваат само преку личната одговорност на секој од нас, што подразбира живеење по Божјите заповеди, запазување на државните институции и националните права загарантирани со Уставот на РМ“, се наведува во соопштението од Синодот на МПЦ-ОА.

Според Синодот, на Македонија ѝ е потребен попис на населението кој треба да биде спроведен не заради одземање нечии права, туку за остварување на придобивките на сите граѓани што живеат во земјата.