Откриени седум мигранти кај Смоквица


Гевгелија, 5 октомври, 2018 - 11:20 (META) 

Вчера во 20.30 часот на клучката во село Смоквица полициски службеници запреле автомобил „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.Р.(45) од с.Арачиново, скопско, информираат од МВР.

Притоа, во возилото биле затекнати седум мигранти, од кои шест од Авганистан и еден од Шри Ланка. Н.Р. бил приведен и предаден на полициски службеници од Полициската станица Гевгелија за понатамошна постапка.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.


МВР: Дисциплинска постапка за полицајците што ги приведоа членовите на Левица


Скопје, 1 август, 2017 - 16:33 (META) 

Одделот за внатрешна контрола на МВР утврдил дека четворица полициски службеници неосновано употребиле физичка сила врз членови на Левица, кои во саботата протестираа на плоштадот во Скопје додека се одржуваше презентација на воената опрема на САД и на АРМ.

– Утврдено е дека од страна на четворица полициски службеници врз четири лица неосновано била употребена физичка сила, а над тројца од нив без основа е употребено средство за присилба – врзување со лисици. Против полициските службеници што ги пречекориле службените овластувања и постапиле спротивно на член 83 и 85 од Законот за полиција, ќе бидат преземени дисциплински мерки во согласност со Колективниот договор на МВР и ќе биде известено надлежното јавно обвинителство во Скопје – изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Демонстрантите кога биле легитимирани од полицијата носеле транспарент на кој пишувало „Против војната за профити“.


Спасовски во СВР Тетово: Притисоците врз избирачите да се пријават во МВР


Тетово, 8 ноември, 2016 - 15:37 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при денешната посета на Секторот за внатрешни работи Тетово, апелираше секој притисок што се врши врз гласачите од страна на државните службеници во пресрет на престојните избори, навремено да се пријави во Министерството за внатрешни работи.

– Истакнав дека ниту еден полициски службеник не смее да се вклучува во политички кампањи, не смее да се злоупотребуваат ниту човечки ресурси, ниту материјални средства за престојната кампања на која било од политичките партии. Апелирам до избирачите од Полошкиот Регион, ако имаат каков било притисок или закана од полициски службеници од раководни структури во МВР или притисок од кој било, на пример, директори на центри за социјални работи, сето тоа да го пријават во Министерствотото за внатрешни работи, за да бидат преземени соодветни санкции – изјави министерот Спасовски.

Тој оцени дека безбедносната состојба во Полошкиот Регион е стабилна. Спасовски не сакаше да го коментира барањето за негова остаква од страна на дополнителниот заменик-министер во МВР, Оливер Андонов.


Во Идризово промовирани 654 кандидати за полициски службеници


Скопје, 8 октомври, 2016 - 15:00 (META) 

Во Центарот за обука во Идризово, денеска беа промовирани 654 кандидати за полициски службеници. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, истакна дека овие вработени треба да се раководат од фундаменталните принцип на професијата, легализмот и од владеењето на правото.

– Принципи, без чие што целосно почитување не е можно да се служат и да се заштитуваат граѓаните, оние заради кои воопшто и постојат институциите, вклучително и полицијата – рече министерот Спасовски.

Тој додаде дека едно неодамнешно истражување посветено на корупцијата за 2016 година, покажува дека во однос на перцепцијата на нашите граѓани за распространетоста на корупцијата во институциите, само девет проценти од анкетираните граѓани имаат целосна доверба во МВР, наспроти 29 проценти кои имаат целосна недоверба, додека остатокот речиси 60 проценти анкетирани граѓани имаат само делумна доверба или делумна недоверба во полицијата.

Како што посочи Спасовски, 63 проценти од нашите граѓани се уверени дека корупцијата не може значително да се намали.


Приведен возач на камион кој превезувал мигранти


Скопје, 2 јули, 2016 - 12:44 (META) 

Полициски службеници при контрола на товарно возило, марка „волво“ со скопски регистерски ознаки, а управувано од М.Д.(35) од Велес, на локалниот пат од селото Речица кон селото Ваксинце, пронашле 73 мигранти од Авганистан, Сирија, Пакистан и од Бангладеш, кои возачот ги превезувал за одреден паричен надомест.

Возачот е приведен и се него се врши разговор. Известен е јавен обвинител за понатамошна постапка. Како што известуваат од МВР, се работи на целосно расчистување на случајот.


Откриени 14 мигранти во куќа во Ваксинце, Кумановско


Куманово, 21 јуни, 2016 - 15:18 (META) 

Полициски служебиници во неделата, во куќа во селото Ваксинце, Кумановско, затекнале 14 илегални мигранти, информираат од МВР.

Претходно во близина на селската чешма, полицајците забележале тројца мигранти како стојат до возило, од кое М.С. (21), жител на Ваксинце, им подавал патни торби. Мигрантите веднаш штом ги забележале полицајците, влегле во куќата, сопственост на М.С.

Полициските службеници извршиле преглед на куќата и во една од просториите, која била отворена, затекнале 14 мигранти.

Сопственикот на куќата е приведен во СВР Куманово и се работи на целосно документирање на случајот, додаваат од МВР.


Кривични пријави за напаѓачите на полициските службеници во Тетово


Тетово, 11 јуни, 2016 - 12:46 (META) 

Секторот за внатрешни работи Тетово поднесе кривични пријави до Основното јавно обвинителство против четири лица осомничени за нападот врз полициските службеници во Тетово.

За обид за убиство осомничен е 69-годишниот А.И, а неговиот син, 40-годишниот И.И е осомничен за напад на службено лице, кој го извршил при обид да биде уапсен за издржување едногодишна затворска казна.

Другите две лица, 17-годишниот син на лицето со иницијали И.И. и 37-годишниот Е.Ј., се сомничат за напад на службено лице при вршење работи на безбедност.

За сите осомничени е определена мерка притвор од 30 дена. Во притвор се наоѓа само 37-годишниот Е.Ј, додека другите три лица сè уште се во бегство.

Во нападот врз полициските службеници двајца полицајци добија тешки телесни повреди. Едниот од нив е во животно загрозувачка состојба. Тој од лицето А.И., осомничен за обид за убиство, бил нападнат со железна прачка.


Министерот Спасовски им го честиташе 7 Мај на припадниците на полицијата


Скопје, 5 мај, 2016 - 13:44 (META) 

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на припадниците на безбедносните сили им го честиташе 7 Мај – Денот на македонската полиција, изразувајќи благодарност за нивната „посветеност и пожртвуваност“ во секојдневната работа.

„Како министер за внатрешни работи, ми претставува особена чест и задоволство на сите припадници на Министерството за внатрешни работи да им го честитам 7 Мај -Денот на полицијата и да им заблагодарам за посветеноста и за пожртвуваноста што ја манифестираат во своето секојдневно ангажирање, изразувајќи ја својата човечност и хуманост во справување со кризните состојби. Вашата заложба и професионалноста што ја покажувате е пример како полицијата треба да биде гарант за безбедноста на сите граѓани на Република Македонија. Од вас се очекува да бидете на висина на задачата, истрајни и професионални и да постапувате во согласност со Уставот и со законите. Свесни дека во овој момент да бидеш припадник на македонската полиција е тешка и макотрпна задача, вие останавте на браникот на татковината и покажавте како се чува и се сака Република Македонија. Затоа, јас верувам во вашиот капацитет дека и во иднина ќе истраете во справувањето со безбедносните предизвици, борејќи се за добробитта и за напредокот на македонското општество и на граѓаните на Република Македонија. На сите припадници на Министерството за внатрешни работи им честитам за професионализмот во извршување на одговорните задачи и за лојалноста кон Република Македонија. Честит 7 Мај, Денот на полицијата на Република Македонија“, стои во честитката на министерот Спасовски до припадниците на полицијата.


Кривична за осуденик од штипскиот затвор бидејќи нудел поткуп на полицајци


Штип, 8 април, 2016 - 14:49 (META) 

Секторот за внатрешни работи Штип поднел кривична пријава против осуденик во штипскиот затвор, кој се товари дека на двајца полициски службеници им нудел поткуп, информира МВР.

Според полициските информации, 41-годишниот В.Е. од Кочани на 17 март оваа година, двапати на двајца полициски службеници им понудил сума од 50 евра за да му го вратат мобилниот телефон, кој претходно му бил одземен при личен претрес.

Полицајците го одбиле осуденикот, а случајот бил пријавен.


Сослушани четворица заштитени сведоци на рочиштето за „Диво Насеље“


Скопје, 7 април, 2016 - 17:09 (META) 

На денешното рочиште од продолжението на судскиот процес за настаните во Диво Насеље од 9 и од 10 мај минатата година, сведочеа четворица припадници на полицијата кои беа ранети во борбите со терористичката група во Куманово.

Рочиштето, како и претходните, две се одржа зад затворени врати, односно јавноста беше исклучена, бидејќи овие сведоци се во својство на оштетени, а и професијата бара нивниот идентитет да биде непознат за јавноста, поради што го имаат статусот на заштитени сведоци.

Според Обвиителството за организиран криминал и корупција, вкупниот број на полициски службеници што треба да сведочат е 42. Досега исказ пред судот дадоа деветмина.

Од судот велат дека истата динамика на сослушување на заштитените сведоци ќе продолжи и на наредните рочишта.

За настаните во Диво Насеље се обвинети 29 лица, од кои дел се косовски државјани, кои се товарат за кривичните дела тероризам и терористичка организација.

Во борбите во Диво Насеље загинаа осум припадници на специјалните полициски сили, а 37 беа ранети. Во акцијата на полицијата беа убиени и 10 припадници на вооружената група.